логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Митрополит Амфилохиј Радовиќ

 


amfilohie.jpgСведоци сме на еден необичен феномен: денес се повеќе се буди интересот за т.н. мистика и, воопшто, за мистични и таинствени појави. Ова е очигледен знак на преориентација на човековите интересирања. Зашто, речиси сета човекова активност во последниве неколку векови, особено активноста на европскиот и на американскиот човек, била насочена кон освојување на космосот и на материјата, кон освојување на надворешниот простор. Оваа едностраност предизвикала отуѓување на човекот од неговите внатрешни простори и довела до раздор меѓу човековото битие и неговото дејствување: површините на надворешниот свет како да ја проголтале длабочината на човековото битие. Но, штом човековото битие ќе ја изгуби својата длабочина на сметка на зголемувањето на површината, светот му станува тесен. Тоа е сосема природно. Човекот по своја природа е подлабок и поширок од космосот во кој пребива, и оттаму и неговиот глад за длабочина и за широчина не може да се насити со длабочините и со широчините на оваа материјална реалност.

Дека тие подлабоки барања се јавуваат и кај нас, сведочи интересирањето што се пробудило во последниве децении во Црквата и надвор од неа за духовното движење наречено „исихазам“ или „паламизам“. Тоа движење, коешто дошло до израз особено во XIV век и кое органски е поврзано со личноста на св. Григориј Палама (мошне важно е да се нагласи дека нему Црквата му ја посветила втората недела од Чесниот пост), кај нас долго време било заборавено, а некои поединци, под влијание на западната литература, на него гледале со презир. Што е „исихазам“? Дали тој навистина, како што некои скаат да го прикажат – е „болен“ мистицизам на минатото или е нешто сосема друго?

Исихазам – срце на духовниот живот

Прво, да видиме што всушност значи зборот „ИСИХИЈА“? Буквално, значи: МИР, МИРУВАЊЕ, ТИШИНА. Меѓутоа, кај православните подвижници исихијата одамна значела нешто многу повеќе и имала многу подлабока смисла. Она што го карактеризира човекот и светот во кој живее е постојаниот немир и променливоста. Оттука човекот постојано се стреми кон спокојство. И како што ни сведочи искуството дека мирното море не се познава на неговата површина туку во неговата длабочина, така, според искуството на светите подвижници, и внатрешниот мир на материјата и на човекот треба да се бара во длабочините на човекот и на материјата, и од „онаа страна“ на тие длабочини. ИСИХИЈА е токму тоа: барање на тој или на таков внатрешен мир кој го „надвишува секој ум“. Таа не е просто спокојство, наоѓање на мирно место за живеење и за пребивање, туку битијно собирање на човековото битие и живеење во својот центар („срце“); а преку него и собирање во Бога и со Бога, како единствен извор на секој вистински мир. Оттука најдобар превод на зборот „ИСИХИЈА“ е оној што го дал о. Јустин Поповиќ: МОЛИТВЕНО ТИХУВАЊЕ. Зашто, тоа собирање може да се постигне само преку вера, покајание, пост и молитва. Тихување не значи пасивност. Тоа претпоставува огромен духовен напор и борба против страстите што се праизвор на севкупната човекова расеаност и разбиеност. Додека пророкот Мијсеј молчел, вели св. Григориј Палама објаснувајќи го тој мир, се слушнал гласот Божји: „Зошто викаш кон мене“ (2 Мојсеева 14:15). Тоа е молчење погласно од говорење, тишина којашто преминува во длабински крик на битието. Кој ќе се здобие со такво молитвено тихување, тој ја запознал длабочината на тајните. „Исихија“ од таков вид и исихазмот воопшто обично се врзуваат за спомнатото духовно светогорско движење од XIV век. Но, ако нештата се разгледуваат малку подлабоко, тој е карактеритичен за севкупниот православен духовен живот. Доволно е да се погледне, на пр., во древниот „Отечник“, збирка изреки на египетските отци, па човек да се увери дека исихазмот не е некој нов изум, туку дека отсекогаш постоел како начин на живеење и пат кон спасение. Тоа е, всушност, служењето на Марија пред нозете на Исуса, постојано присутно во животот на Црквата. Така, во Отечникот може да прочитаме дека, кога ава Арсениј го прашал Бога како да се спаси, се слушнал глас: „Арсениј, бегај, молитвено тихувај“. Тој повик упатен до ава Арсениј всушност е призив на духовно дејствување на душата, без кое сиот духовен живот е како лисје без плод.

За исихастите зборуваат и отците и старохристијанските цркви. Во V век се спомнува во палестинскиот манастир на Свети Сава некој пустиник Јован кој животот го минувал во „молитвено тихување“. За исихастите се зборува и во Јустинијановото законодавство, ги спомнува и 41. канон на Трулскиот собор. Големиот подвижник на VI век, преп. Јован Лествичник, 27 Слово од својата Лествица, која извршила огромно влијание и на Исток и на Запад, го посветува на „Свештеното тихување на телото и на душата“ и на „разликата и на разликувањето на мирувањето“. Исихијата за него, како и за многумина пред него, е идеал. Тој, меѓутоа, е свесен за опасностите што исихијата ги крие во себе. Затоа препорачува постојана внимателност и смирение коешто го чува подвижникот од прелест и од паѓање во гордост, во таа „сеопфатна смрт“. Лествичник го советува оној што вистински го бара духовниот живот: „Непрестајно спомнување и помисла на Исус нека се соедини со твоето дишење и дури тогаш ќе ја почувствуваш ползата од молитвеното тихување“. Тука, значи, се работи за непрестајно љубовно општење со Христос, кое има за цел соединување со Бога и со неговиот „свет небесен оган“ кој неочистените ги согорува а другите ги осветлува „според мерата на совршенството“ (Слово 28).

Сети Григориј Ниски во толкувањето на Псалмите зборува како Мојсеј минал четириесет години оддалечен од луѓето, пребивајќи во „молитвено тихување“, созерецувајќи ги невидливите нешта. И според преподобниот Исак Сириски, „исихијата“ е врв на совршенството и „мајка на покајанието“. Тој ја нарекува и „почеток на очистувањето“. Според истиот светител, зборовите се орган на овој свет; молитвеното тихување, коешто бара радикално одрекување од светот како желби на телото, похота на очите и гордост на животот, го користи органот на молчењето во кое е тајната на идниот век. Молитвеното тихување како постојано чекорење на човекот пред лицето Божјо е органски поврзано со извршувањето на сите евангелски заповеди. Извршувањето на заповедта е подготовка за повисоки степени на духовниот живот. Затоа оној што сака молитвено да тихува, а не се ослободил – преку доблесно живеење – од духовните страсти и болести, личи на човек кој скокнува од брод во море, сметајќи дека на штица ќе стаса до брегот (преп. Јован Лествичник). 

Законот на животот, според св. Григориј Богослов, се состои во следново: „Бог треба да го спомнуваме почесто одошто дишеме“. Само така може да се реализира целта на христијанскиот живот: постигнување на заедничарење и причестување со Бога и гледање на Бога. Ова е основна идеја на исихастите од сите времиња, богословски потврдена и озаконета во Црквата, прво преку списите на Дионисиј Ареопагит а потоа и во делата на преп. Максим Исповедник. Тоа се, заедно со Евагриј, Исак Сириски и, особено, преп. Симеон Нов Богослов, духовни родоначалници на светогорските исихасти.

Да се задржиме само на преп. Симеон. И за него и за светогорските исихасти Бог е светлина и пребива во неискажлива светлина. Затоа оној кој ја стекнува Божјата заедница, се причестува со Неговата вечна светлина, станувајќи притоа и самиот светлина. Тоа се постигнува преку вера и доблести, од кои, според него, ИСИХИЈАТА е најсовршена; другите доблести се пат кој води до исихијата. Оној кој тихува молитвено, вели светителот, треба, како блудницата, да ги обгрне и да ги бакнува на духовен начин и со солзи да ги облева нозете на Исуса. Или, како слугите чии очи биле свртени кон рацете на нивните господари (Псалм 122:2), така и тој треба да гледа на рацете на својот Господ Бог. Треба да биде како невеста која, соединета со Господ Исус Христос, легнува и се буди во вечниот живот, или како учениците на Тавор коишто ја виделе славата Негова и го слушнале гласот на Отецот: „Овој е Мојот возљубен Син“, и паднале ничкум на земјата говорејќи, како Петар: „добро ни е да бидеме овде“. Оној што молитвено тихува уште треба да биде и како Мојсеј на врвот на Синајската гора, да пребива таму сам и да влегува во облак, сокривајќи се од очите на другите. Ако постапува така, не само што ќе го види „грбот“ на Бога, туку јасно ќе му се открие и лицето Божјо. И само во Бога гледајќи и само од Бога гледан, и слушајќи го Неговиот глас, ќе му се откријат прво нему, на таинствен начин, тајните на Царството Божјо, а потоа тој на другите ќе им даде закон; се разврзува од врската со злото, а потоа самиот ги разврзува и другите. Незаситната жед и глад за Бога и за вечната Божествена светлина е основна движечка сила на радикалното одрекување од светот коешто го бара Симеон. Тука не се работи за некаков апстрактен философски или религиозен мистицизам, туку за искуствен светотаински светодоблесен реализам. Тоа е жед на крстената и во светлината на Трисончевото Божество навиена душа, за општење со историскиот Христос Богочовек, во Црквата на живиот Бог, со силата на Светиот Дух, преку очистување и преку духовна борба.

Дека таа жед не е само својство на монасите или на пустиниците, туку дека е во природата на секој христијанин, сведочи преп. Петар Дамаскин 200 години пред Симеон Богослов. „Тоа е подвиг, вели тој, кој им е потребен на сите луѓе, без оглед дали е делумен или целосен. Без него е невозможно да се стекне духовно знаење и смиреноумие; на оној што го бара, му стануваат – преку тој подвиг – јасни скриените тајни во Божествените Писма и во сета твар.“ Без молитвено тихување, тврди истиот светител, не можеме да се очистиме ниту да ја препознаеме нашата слабост и демонското лукавство; нема да бидеме во состојба ниту да ја сфатиме Божествената сила и Промисла од Божествените зборови што ги читаме или што ги пееме.

 

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

Посети: {moshits}



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1603
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 2059
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1813
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…