
„Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“
Малкумина оставиле толку длабока трага во историјата на човештвото како светиот апостол Павле.
Од прогонител на првите христијани, тој станал најголемиот проповедник на Евангелието, покажувајќи дека средбата на човекот со Бога може целосно да го преобрази неговиот живот.
Обраќањето на свети Павле е, можеби, најголемата порака на надеж што човештвото некогаш ја примило. Тоа нè учи дека ниту еден човек не е засекогаш заробен во своето минато. Божјата благодат може да го преобрази и најжестокиот прогонител во светител. Таму каде што човекот гледа безизлез, Бог гледа можност. Таму каде што владее вината, Бог дарува нов почеток.
Така и Павле, од човек на Законот, станал човек на Благодаттa.
Самиот светител не проповедал само со своите зборови, туку пред сè со својот живот. „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“, пишува тој, сведочејќи дека вистинската вера не е само учење или теорија, туку целосно преобразување на човековото битие.
„Кога сум немоќен, тогаш сум силен.“ Во свет што ја велича моќта и самодоволноста, свети Павле открива дека вистинската сила се раѓа тогаш кога човекот ќе ги признае своите слабости и ќе Му се довери на Бога. Немоќта не е пораз – таа е местото каде што дејствува Божјата благодат.
Тој ни ја откри и љубовта како начин на живот – љубов што долго трпи, простува, се надева, истрајува и не ја бара својата корист.
Тешко е да се најде подлабока духовна и животна вистина од оваа: човекот не се исполнува кога владее над другите, туку кога љуби.
Апостол Павле не ѝ припаѓа само на историјата на Црквата. Тој припаѓа и на историјата на целото човештво. Неговиот живот сведочи дека вистината не се наметнува со сила, туку се посведочува со љубов; дека мудроста не е во натрупувањето знаење, туку во преобразувањето на срцето; и дека најголемото чудо не е промената на надворешните околности, туку обновувањето на самиот човек.
Тоа е неговото вечно наследство – во секое време да нè повикува да одиме од темнината кон светлината, од стравот кон слободата и од себичноста кон Божјата љубов, која обновува сè.
Свет апостоле Павле, моли Го Бога за нас!
Архим. Павел Пападопулос
Подготви С. Стефковски


























