ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ
ГЛАВА ТРИНАЕСЕТТА

За напредувањето во длабочина
Сè што започнува да се забележува надворешно на нас, води кон внатрешните движења што се случуваат длабоко во нас — како кога се лупи кромид и се отстранува слој по слој, сè додека не се стигне до самата срцевина, до срцето од кое кон светлината се пробива нов изданок.
Таму, во највнатрешната одаја на твоето битие, ќе ја здогледаш небесната одаја; според свети Исак Сирин, тие две одаи се всушност една.

Сега, кога се трудиш да слезеш во најдлабокиот дел од себеси, ќе станеш свесен — покрај своето вистинско лице — и за она што свети Исихиј Ерусалимски го нарекува темни ликови на „замислените Етиопјани“, за она што свети Макариј Египетски го споредува со змија што се вгнездила таму и со својот убод го ранила најважниот, животворен дел на твојата душа.
Ако успеал човек да ја усмрти таа змија — вели светиот отец — може да се фали со својата чистота пред Бога; но ако не успее, тогаш нека се поклони со смирение, како грешник што има потреба од милост, и нека се помоли за сè она што се крие длабоко во него.
Како тогаш ние, кои никогаш не го запознале сопственото срце, воопшто да го започнеме овој труд? Стоиме надвор — но да потропаме, како што Господ заповеда, со пост и молитва: „Тропајте, и ќе ви се отвори“ (Мт. 7:7).

Да тропаме значи да дејствуваме. Ако стоиме цврсто во словото Господово, во сиромаштво и смирение, во сè што го налага Евангелието, и ако дење и ноќе удираме на духовните врати на нашиот Бог, ќе го добиеме она што го бараме.
Кој сака, може да избега од мракот и заточеништвото и да излезе на слобода преку тие врати.
Тогаш пред себе го има патот што води кон духовната слобода — можноста да достигне до Самиот Христос, Царот Небесен, како што нè поучува свети Макариј.
Тит Колиандер
Подготвил С.Стефковски


























