логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Го знаете настанот со учениците на св. Макариј и паганскиот жрец. Тој ги покажува двете духовни состојби – совршениот и несовршениот човек во Христа. Несовршениот, злобниот, незадоволниот човек е агресивен и затоа чувствува несигурност, чувствува дека верата му е во опасност. Зошто твојата вера да е во опасност? Ти дали си Му адвокат на Бога? Ти ли ќе Го заштитуваш Бога? Од кого се плаши Бог и има ли потреба да Му стануваме адвокати? Тоа што на таков начин ќе ги нападнеш другите, покажува дека и ти самиот имаш проблем со верата. Покажува дека ти сѐ уште не си ја открил таа полнота, тоа благовестие, таа категорична вест дека Христос е вистинит и дека нема дури ни најмала веројатност Он да биде невистинит во нешто. Како може да биде лага она што го живеам внатре во себе, во целото свое суштество? Не го живеам само јас, па да се самозаблудувам, туку го гледам илјадалетниот опит на Црквата. Гледам како Светиот Дух живо дејствува во пространството на Црквата и прави чудеса и покажува знаменија на Христовото присуство. Според тоа, не чувствувам никаков сомнеж, ниту страв. Човекот којшто е агресивен и се однесува така што хули, осудува и испраќа други во вечниот оган, има проблем. Како што биле и учениците на Ава Макариј. Тие биле несовршени и кога го виделе паганскиот жрец, наместо да му кажат еден добар збор, едно „добар ден“, како што кажал нивниот Старец, тие го навредиле. Ќе ми кажеш:

– Ама, зарем не биле во право? Тој не бил ли жрец на сатаната?

– Да, бил, бидејќи бил пагански жрец, на кого друг да биде? Но не можеш да му зборуваш на другиот човек на таков начин. Божјите луѓе зборувале на друг начин. Дури и оние Светии кои биле строги во зборовите кон другите, тие го правеле тоа без некаква страст во себеси и силно љубејќи го другиот. Со други зборови, кога некој човек ќе се онесвести, или е пијан и треба да го освестиш, неопходно е да му удриш шамар. Ако некој се онесвести, тој нема да си дојде на себеси само од галење, туку треба да го удриш благо по лицето, а понекогаш дури и малку повеќе од обично. Тоа не значи, сепак, дека го тепаш другиот човек. Само му удираш шамар за да се разбуди, за да се освести. Не го тепам, не го мразам, а го правам тоа зашто треба да го освестам. Или ако имаш потреба од некаква посебна лекарска интервенција, доаѓаат лекарите, ти ги фаќаат нозете и рацете, ти ставаат инјекција, те сечат, те шијат. Лекарот нема ништо против тебе, не сака да ти ја испие крвта од злоба, но ако не дејствува на таков начин нема да те спаси. Исто се случува и при исповедта. Доаѓа некој човек и гледаш дека не разбира. Срцето му е бесчувствително, како камен. Затоа духовникот му удира еден шамар, без страст, без некаква злоба и го крши тој камен, зашто тој треба да се скрши, за другиот да може најпосле да си го отвори срцето. Да го извади од себе тоа што го има внатре. Тоа е една хируршка интервенција, еден електрошок што човек го прави од исклучителна љубов, за да му помогне на другиот. Затоа кога Отците користеле строги зборови, како и Самиот Христос и св. Јован Крстител, тие секогаш постапувале не со страст и со дух на осудување кон другиот, туку со човекољубив дух, имајќи го за цел спасението на човекот.

Затоа не треба да следиме некаква формула за тоа што ќе му кажеме на другиот човек. Едноставно треба да станеме слободни луѓе во Христа, да имаме благородност, да не се плашиме. Православната Црква никогаш не се плашела. На Запад ги гореле научниците, католиците едноставно ги подложувале на маки научниците, зашто се плашеле некој од нив да не каже нешто и да Го одрече Бога. Постоело тоа неверие, таа несигурност, зашто верата се крепела не на опитот, туку на разумот. Таму каде што верата се потпира на разумот, таму чувствуваш страв, зашто може да дојде некој друг со поразумни аргументи од твоите, да е поумен и да те демантира. Да, добро, таму каде што верата се држи на патериците на разумот може да има проблем, но кога таа вера не се држи на разумот туку на опитот, што ти можат? Што би можело да ти каже другиот кога не постои ништо што би можело да ти го одземе тој опит на Бога?

Св. апостол Павле вели: „Кој ќе нѐ одвои од Христовата љубов?“ Има ли нешто што може да нѐ раздели од неа? И гледате, тој зборува не за верата во Христа, туку за Христовата љубов. Зашто во Црквата, правилната врска не е врска на вера, верата ќе помине, таа е времена и надежта е времена, а тоа кое вечно ќе пребива е љубовта. Православната Црква нѐ исцелува и ни помага не да поверуваме во Бога, туку да Го возљубиме Бога. Затоа што ако Го засакам Бога и живеам, и пребивам во Божјата љубов, тогаш што би можело да ме оддели од Христовата љубов? Ништо. Ниту сегашноста, ниту иднината, ниту ангелите, ниту архангелите, апсолутно ништо.

(Продолжува…)

Извор: Бигорски манастир

 

 

Друго:



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1129
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1070
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…