логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

(Обновено)

Црквата го возвестува приближувањето на Великиот пост и нè повикува да се подготвиме за него, многу пред неговиот вистински почеток. Карактеристичната црта на православната литургиска традиција е, за секое од поважните собитија од црковниот годишен круг, за главните празници, за Великиот пост, да нè подготви со претпразнувања или со подготвителни недели пред постот. Зошто? Затоа што Црквата има длабок психолошки увид во човековата природа. Познавајќи го нашиот недостаток на внимание и ужаснувачката „световност“ на нашиот живот, Црквата знае дека не сме во состојба брзо да се промениме, да прејдеме од една духовна (или ментална) состојба на друга. Затоа, уште долго пред почетокот на Великиот пост, Црквата го свртува нашето внимание кон неговата важност и нè повикува на размислување за неговата значајност. До почетокот на вистинскиот подвиг на постот, нам ни се објаснува неговото значење.

Таа подготовка продолжува во текот на петте недели коишто му претходат на постот и секое од неделните евангелски четива им е посветено на основните страни на покајанието. Првата најава на Великиот пост е во неделата во којашто се чита евангелската порака за Закхеј (Лк 19,1-10). Тоа е приказ за човекот којшто бил со премногу мал раст, за да може да Го види Исуса, но бидејќи многу сакал да Го види, се искачил на едно дрво. Христос ја задоволил неговата желба и отишол во неговиот дом. Така, тема на оваа прва објава е желбата. Човекот ја следи својата желба. Би можело дури и да се рече дека самиот човек е желба, а оваа фундаментална психолошка вистина за човековата природа се признава во Евангелието: Каде што е сокровиштето ваше – вели Христос – таму ќе биде и срцето ваше (Лк 12,34). Силната желба ја победува природната ограниченост на човекот. Кога страсно посакува нешто, тој прави нешта за коишто вообичаено не е способен. Имајќи „мал раст“ Закхеј самиот се искачува. Затоа, единственото прашање се состои во тоа дали ние го посакуваме вистинското нешто, дали силата на желбата што е во нас е насочена кон вистинската цел или пак, според зборовите на егзистенцијалистот-атеист Жан Пол Сартр – човекот е само една бескрајна желба и страст.

Желбата на Закхеј била насочена кон вистинското, тој сакал да Го види и да Му се приближи на Христа. Во Закхеј ние го гледаме првиот симбол на покајанието затоа што покајанието почнува со повторното пронаоѓање на длабоката природа на секоја желба: желбата за Бога, за Неговата праведност, желбата за вистински Живот. Закхеј е „мал“, ситен, грешен и ограничен, но неговата желба го надминува и го победува сето тоа. Тој во напор го привлекува вниманието на Христа, Го доведува Него во својот дом.

Ете каков е првиот призив на Црквата: ние сме должни да го посакуваме она што е најдлабоко и највистинито во нас, она што е втиснато во најголемата длабочина на нашата душа – да ја признаеме жедта за Апсолутното во нас, без оглед на тоа дали го знаеме или не, и коешто, кога ќе ја одвратиме нашата желба од него, нè преобратува во „бесполезна страст“. А ако сакаме доволно длабоко и доволно силно, Христос ќе одговори на нашите желби.

протопрезвитер Александар Шмеман

Извор: Великиот пост, Скопје 2004.

 

Извор: Мистагогија

13.02.2016 год.



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1123
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1062
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…