логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Преку постот ја храниме душата

На човек не му треба многу јадење, многу поважна е духовната храна што секојдневно треба да ја зема,а преку постот се учиме токму на тоа,вели отец Дамаскин, игумен на Лесновскиот манастир

lesnovo.crnica.hram1.jpg
Лесновскиот манастир оддава слика на организам кој функционира беспрекорно

Вистинскиот пост претставува оддалечување од злото, воздржување на јазикот, задушување на гневот во себе, очистување од страстите, од озборувањето и од лагите. Постот не' учи како преку воздржување и преку молитви да се доближиме до Бога. Ова се само некои од пораките што можете да ги слушнете од осумтемина монаси што го сочинуваат братството на Лесновскиот манастир крај Злетово, кога ќе ги посетите во деновите пред почетокот на божикниот пост. Тие велат дека се радуваат заради угодноста што им ја носи божикниот пост во духовна смисла, иако со него живеат речиси постојано применувајќи го трипати неделно - во понеделник, среда и во петок.

Така е тоа во манастирот кој веднаш оддава слика на организам кој функционира беспрекорно и во кој секоја секунда од денот е детаљно испланирана. Точно се знае кога е време за литургија, молитва или за работа на манастирската економија. Секој од осумтемина браќа по Христа си ја знае својата обврска. Манастирскиот имот, добиен со денационализацијата, бара многу работа од нив. Одгледуваат пченица, грав, грашок, лук, кромид, пиперки, домати, зелка... потребни за нив и за добитокот на фармата за крави и за стадото овци. Годинава беше родна, задоволни се што обезбедија храна за добитокот, што подготвија зимница, што успеваат да го продадат млекото, но и што во манастирот секоја година нешто се доградува. Се знае кој постојано пече леб, кој е готвач, кој се грижи за црквата... но, сепак, најголемиот дел од сите работи се прават заеднички. Отец Дамаскин, кој е монах веќе десет години, а од пред две е игумен на манастирот, вели дека улогата на храната не е толку важна во животот на монасите.

- На човекот не му треба многу храна. Се разбира, не треба да се оди во крајности, да се живее на пример само од леб и вода или да се јаде неодмерено. Битна е умереноста преку која всушност ќе се види колку малку храна му е потребно на човекот за нормално да живее и да работи. Многу побитна е духовната храна што човекот треба да ја зема, а преку постот се учиме токму на тоа, вели тој.

НАЈУБАВ ПЕРИОД ВО ИСХРАНАТА

Во манастирските визби има доволно храна за цела зима, за нив и за сите верници што доаѓаат тука на празничните трпези на љубовта. Зимницата што ја подготвиле монасите ќе им биде и најчестото јадење за време на божикниот пост. Манастирските правила предвидуваат монасите да стануваат рано. Се будат изутрина уште во 3 часот и 15 минути, а првата богослужба ја исполнуваат во 4 часот. Првиот оброк им е околу 9.30 часот. Монахот Атанасиј секој ден се грижи за подготвување на јадењата. Никогаш досега немало забелешки. Се руча околу 16.30 часот по попладневната литургија и тоа е последниот дневен оброк. Во меѓувреме можно е некогаш да се испие чај или некоја слична „маренда“. Правилата бараат монасите да не чуваат храна во своите ќелии и по 20 часот да не се јаде ништо.

- За појадок најчесто јадеме сува храна, сухојадение. Тоа се домати, туршија, печени везени пиперки, испечен или варен компир. За ручек најчесто готвам манџа, гравче за кое немам некој посебен рецепт, а и ориз, грашок, леќа, кои сега ќе бидат посни. Има и благи работи, алва, домашно слатко. Се пие вода, сок, чај - вели отец Атанасиј, кој веќе пет години подготвува храна во манастирот иако пред да стане монах воопшто немал кулинарско искуство.


Монахот Атанасиј се грижи за подготвување на јадењата

Монахот Паисиј, пак, е задолжен за печење на лебот и на просфорите кои се користат во богослужбите. Најчесто се печат по дваесетина килограми леб тешки по 2-3 килограми кои потоа се јадат наредните денови. Брашното го добиваат преку размена на пченицата со околните мелници.

Правилата што се применуваат во текот на божикниот пост се исти како за петровденските пости. Разликата постои во однос на велигденските за кои се предвидени и посебни великопосни богослужби како подготовка за нив. Пред божикните пости, пак, не се држат посебни литургии, ниту пак има некој специфичен режим на исхрана. Овој пост, всушност, е продолжување на постите на кои монасите се придржуваат трипати неделно. Тоа значи дека за време на постот во исхраната веќе не е застапено млеко и млечни производи. Во понеделник, среда и во петок се пости строго, без масло, додека во вторник, четврток, сабота и во недела се дозволува употреба на масло. Рибата може да се јаде во саботите и во неделите, како и на празниците Воведение на Пресвета Богородица, на Свети Климент Охридски, на Свети Никола, кои паѓаат во овој период.

- Постот, всушност, ни е најубав период во исхраната. Интересно е дека немаме проблеми кога треба да почнеме со него, туку подоцна кога ќе заврши и кога треба да се навикнеме на мрсната храна. Инаку, воопшто не ни е проблем да ги извршуваме секојдневните задолженија и во времето на постот. За нив имаме доволно сили бидејќи постот не не' исцрпува - вели отец Атанасиј.

НАЈВАЖНА Е ДУХОВНАТА СМИСЛА

Во овој манастир посветен на свети архангел Михаил и на пустиножителот Гаврил Лесновски, подигнат во 1341 година на темелите на некогашната црква од 11 век и во кој има импозантен иконостас направен од копаничарската тајфа на Петре Филиповски-Гарката, потенцираат дека телесниот пост е неразделно поврзан со духовниот. Односно, дека нема вистински пост без покајание, без смирение, молитва, трпение, љубов, милост...

- Телесниот пост е само мал дел од поимот постење. Тој претставува едно зрнце од тоа што е постот. Многу поважен е духовниот пост кој подразбира воздржување од злото и од гревот, а правење милостина и добродетелства. Не треба да се заборави дека човекот поради тоа што го прекршил постот излегол од рајот и дека преку постот таму треба да се вратиме - порачува игуменот Дамаскин.Тој потенцира дека е погрешно убедувањето кај луѓето дека може да се пости независно од одењето во црквите, без молитвите, без консултациите со духовен отец.

- Постот што се врши надвор од литургискиот живот, без молитва, не е вистински пост. Преку постот се учиме на воздржување и ја јакнеме сопствената волја во скротувањето на страстите. Тој треба да се спроведува во консултација со духовен отец. Погрешно е мислењето дека постот претставува некаков вид диета, па некои во незнаење не јадат ништо, па потоа се чуствуваат лошо, вели тој.

Во една од просториите на манастирот стои и написот со мислата на свети Василиј Велики посветена на постот. Во неа се наведува дека вистинскиот пост претставува оддалечување од злото, воздржување на јазикот, задушување на гневот во себе, отстранување на страстите, озборувањето и лагите. Монашкото братство на Лесновскиот манастир со својот начин на живот ја потврдува суштината на оваа мудрост.

 Monah.Lesnovo1.jpg

Зачеток на еремитското монаштво

Лесновскиот манастир зазема значајно место во македонската црковна, национална и културна историја. Според житието на свети Гаврил Лесновски, напишано од Станислав Граматик во 1330 година, тој во 11 век се населил во Лесновската гора и го основал манастир посветен на свети архангел Михаил. Свети Гаврил е еден од четворицата македонски пустиножители, заедно со свети Јован Рилски, свети Јоаким Осоговски и свети Прохор Пчињски кои се сметаат за зачетници на еремитското монаштво во Македонија во кое монасите доброволно живеат оддалечени од околниот свет.

Некогаш тука престојувале 300 монаси, но имало периоди кога манастирот бил запустуван, па пак возобновуван. До втората светска војна постоело братство со 20 монаси. По војната монасите биле протерани, имотот и стоката одземени. Манастирот бил запустен се' до 1975 година кога за игумен дошол велешкиот епископ Гаврил, кого го викале отец Гаврил Светогорец поради неговото осумгодишно престојување на Света Гора. До својата смрт во 1990 година многу направил за да се сочува манастирот, а по неговото упокоение до 1997 година немало никој. Благодарение на тогашниот архимандрит Иларион повторно се возобновило монашкото братство.

Бранко Ѓорѓевски
Фото: Слободан Ѓуриќ
 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 3012
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 2261
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…