логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Триумфот на Православието

Денес, во Неделата на Православието, во која го празнуваме триумфот на православната вера, воопшто немам намера да зборуваме за историскиот аспект на овој празник, зашто верувам дека сите го знаеме тоа.

Триумфот на православната вера нема потреба да се афирмира и да се потенцира од никој од нас, особено не агресивно и наметливо, поради тоа што Православието е вистина, а вистината секогаш е апсолутна и секогаш е триумфална по самата своја природа. Вистината за нас, православните, не е концепт на идеи, догми и строго утврдени правила и одредби. Секако дека постои и таков пристап, но само како двиг кон чување на вистината во овој свет на лага и измама. Пред сѐ и над сѐ, за нас православните, вистината е личност. Личност која ни се открива како Богочовек; но и како Вистина: „Јас сум Патот, Вистина и Живот“ (Јован 14, 6). Кога зборуваме за личност секогаш се подразбира и личносниот однос, а личносниот однос ни овозможува заедничарење, но и познание. Оној што заедничари со Бог во светопреданиска, светоотечка, аскетско-исихастичка смисла, поседува познание на вистината. Наметливоста, презирот кон другите, агресивноста да се наметне својата „вистина“ е состојба на длабока несигурност и колебливост и на уште подлабоко непознавање на Вистината.

Триумфот на Православието е факт самиот по себе, и сега вистинското прашање е како ние, православните христијани, стануваме учесници во тој триумф на православната вера. Дали со тоа што сме крстени во Православната Црква или, пак, само поради тоа што се нарекуваме православни?

Какво значење има победата на Православието ако ние во вистинска смисла на зборот не сме станале православни!? Каква врска има победата на Православието над сите ереси и лаги со нас самите, кога ние секој ден доживуваме пораз на духовен план и сме раководени од таткото на лагата, а не од Светото Православие? Сигурно не само поради тоа што напамет го знаеме Симболот на верата! Нема никакво значење за нас и за нашето лично спасение, па дури и за нашето лично сведоштво како христијани во овој свет, тоа што Православието триумфира над сѐ друго ако во нашиот живот, во нашето срце, во нашата душа беснеат или, подобро кажано, нѐ раководат страстите, а преку страстите од кои сме заробени нѐ раководи самиот ѓавол, противникот Божји, „таткото на лагата“ (Јован 8, 44).

Православен христијанин е оној што Го сведочи Христос со самото свое присуство каде и да се појави, така што сите други луѓе, и овој свет, во него не гледаат ништо друго, освен ликот Христов. Во победата на Православието учествуваат оние што зачекориле и одат по патот светоотечки и кои проникнале во сржта на православната вера, на православното Предание, а свети апостол Павле вели дека тука нема импровизација.

„А ако, пак, некој војува, сепак венец не добива, бидејќи не се борел според правилата“ (2 Тим. 2, 5).

Не барајте го триумфот на Православието во историски приказни, во соборите и во царските повелби на царевите и цариците, кои почесто биле гонители отколку заштитници на Православието. Триумфот на Православието барајте го во сите овие обожени луѓе, кои живееле низ историјата овде на земјата. Нивното постоење е пројава на Православието во сила, нивното постоење и нивната светост се гаранција за светоста и православноста на соборите. Пред нивната светост и бестрашност се посрамувале царевите. Нивното постоење и денес е причина зошто постои светот и зошто, и покрај сѐ, Бог сѐ уште нѐ трпи. Православието не е вистина само поради тоа што ни дава можност да бидеме добри луѓе, да бидеме морални, етични, хумани итн. Сите познаваме многу добри луѓе, морални и хумани, а не се членови на Православната Црква, па дури ни религиозните луѓе не се. Сето ова го нудат сите религии, и секако дека е возможно и надвор од Црквата да бидеш добар човек.

Единственото нешто што не можете да го најдете и да го добиете на ниедно друго место освен во Православната Црква е обожението на човековата личност, на целиот човек, и на душата и на телото. Почитувањето на светите икони не може да го разбере оној што не ја живее тајната на воплотувањето Христово. Тој Самиот стана Човек за ние да можеме да станеме богови по благодат, единствено во Црквата Негова. Православната вера во некоја догматска смисла можеме да ја научиме и треба да ја знаеме и правилно да ја исповедаме, но мораме да живееме во духот на православното Предание, на аскетско-исихастичкото Предание, за да ја имаме и да ја сведочиме православната вера.

Гледате, по Неделата на Православието, наредната недела Црквата ја посветила на великиот и свет отец Григориј Палама, којшто подобро од кој било друг човек зборува за тоа како се станува учесник во триумфот на Православието преку нашето лично учество во Несоздадените енергии Божји.

Потоа следи Крстопоклоната недела. Триумфот на Православието секогаш се пројавува во овој свет преку нашето лично учество во Крстот Христов, преку нашето лично распнување во подвигот. Неделата потоа е посветена на свети Јован Лествичник, којшто како никој друг зборува за скалилата на добродетелите и за важноста на аскетскиот, но и на благодатниот подвиг, оти аскетскиот подвиг нема никакво значење, нема никаква смисла ако не стане благодатен, и тоа благодатен во смисла на лично усвојување на непрестајната благодат.

Ако некој се сомнева или очајува и вели дека обожението е невозможно за грешниот човек, Црквата, на крајот, пред Цветната недела, ни ја предочува Неделата на света Марија Египетска. Секој од нас има можност во примерот на оваа чудесна жена да види како грешниот човек во подвигот на покајание може да стане бог по благодат и во својот живот, во сила да го види триумфот на Православието.

Како што рековме на почетокот, овде нема импровизирање. Патот се состои во тоа што, најпрвин, треба да си најдеме духовен отец, и волно и љубовно да се одречеме од својата огревовена волја за да оставиме простор во нашиот живот да се пројави Божествената волја. Да му објавиме апсолутна и бескомпромисна војна на ѓаволот и на гревот. Да си освестиме дека злото е во нас, не е надвор од нас, дека гревот и несовршеноста се во нас, не во ближниот наш. Да заплачеме над таа наша кутра состојба и со собраност на умот во зборовите на Исусовата молитва да повикаме: „Господи Исусе Христе, помилуј ме, грешниот“, или како свети Григориј Палама: „Просветли ја темнината на срцето мое, Господи“. Самиот Ти влези во срцето мое, Светлино на светот, и просветли го мојот ум за да можам да чекорам и одам во темнината на овој свет, не сопнувајќи се. Сѐ додека трае овој процес на очистување, нашиот ум мора да остане во послушание или, како што вели нашиот Владика, во процес на исцеление. За сето ова е потребно големо трпение и големо аскетско смирение. Кога човек ќе се смири во доволна мера и кога доброволно ќе го заземе последното место, тогаш му се открива и местото на срцето, а умот како од магнет бива привлечен од благодатта не Крштението, којашто се пројавува таму и го просветлува. Само тогаш и само така човек се уверува и станува учесник и сведок на победата на православната вера. И, само тогаш и само таквиот човек може да се јави и како вистински бранител на верата и чувар и носител на православното учење. Учесник во победата, затоа што неговиот ум веќе не се расејува и насладува со овој свет, сѐ додека како цар седи на престолот на срцето и управува со сите сили на душата, непрестајно повикувајќи Го Царот да дојде, и така од срцето свое прави Царство Небесно (види: Лука 17, 21), а бранител затоа што е веќе вешт бранител и чувар на сопственото срце. Како може да ја брани и чува верата и да се жртвува за неа некој што не го брани и чува срцето свое од гревот и демонот, и што не го жртвувал својот егоизам на крстот на послушанието!? Со тоа што наизуст ги знае каноните и правилата на Црквата? Секако дека не. Сето тоа и ѓаволот го знае, па не ѝ мисли добро на Црквата...

Уште неколку збора за претходно опишаната состојба. Не е ваквата состојба, драги мои, ниту совршенство, ниту обожение. Ваквата состојба е само добар почеток, велат светите Отци. Е, сега, да видиме, ако ваквата духовна состојба е само добар почеток и сигурен пат кон обожение на личноста, тогаш каде сме ние, грешните, во каква состојба е нашиот ум и чие е сѐ уште нашето срце, па дури потоа да зборуваме за триумф и за победа.

Сѐ дотогаш смирено да Му благодариме на Бог што сме родени како православни и што сме крстени во Православната Црква, во која со сите сили треба да останеме до крајот на животот, но и да и бидеме послушни преку послушанието кон својот Епископ, затоа што надвор од тоа благословено послушание нема Црква, нема Православна вера и нема никаков триумф и никаква победа.

Викарен Епископ г. Јаков Стобиски

 

 


Божествена Литургија во Струмица (22.03.2021 14:43)

Во Неделата на Православието, викарниот Епископ г. Јаков Стобиски отслужи Божествена Литургија во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, Струмица.

 

 

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1528
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1919
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1719
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…