логоFacebookTwitterYouTubeeMail


   3.angeli.so.truba  

Кажи само збор (04.07.2020 15:46)

А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи: „Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда“. Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го излекувам“. А стотникот одговори и рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави“ (Матеј 8, 5–8).

Римскиот стотник вели дека не е достоен. Но, неговото смирение, во овој случај, е само изговор за да не Го заморува и за да Го заштити Христос. Тоа е љубов на дело. Знае дека Он оди, проповеда, исцелува од болести, зафатен е, и за да Го поштеди од дополнителен напор, едноставно Му вели: кажи само збор.

Римскиот стотник е извонреден пример како треба да го заштитуваме нашиот духовен отец од непотребен труд, како да му оставиме време и сила да им помогне и на другите што страдаат. Човек треба да си го каже својот проблем накратко, но исто така, ако веќе верува во Бог, во силата на благословот на духовниот отец, треба тоа да го покаже и во можноста што ја остава за пристап до него и на другите што страдаат и имаат потреба.

Дека има вистинска вера и љубов во стотникот, препознаваме не само од љубовта кон Богочовекот Исус Христос, туку и од љубовта што ја покажува и кон својот ближен – тој не моли за себе, туку за својот слуга. Истото го покажува и со сочувството и осетот кон другите што страдаат.

Целото погореопишано однесување е сосема спротивно од болното врзување за духовниот отец, од несовесното трошење на неговото време, од љубоморното чување на него само за себе, како и од непријателството кон секој што ни се чини дека ни ја загрозува нашата позиција кај него.

Рековме: побожниот однос кон духовниот отец подразбира врзување за неговото слово, а не за него самиот. Преку неговото слово (послушание), пак, постојано ја градиме заедницата со Господ, а кога нашиот личносен однос со Господ ќе стане доволно непоколеблив, тогаш, преку Него, ќе можеме да градиме духовен личносен однос и со духовниот отец и со нашите блиски. Доволно непоколеблив однос се достигнува на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот, кога Христос ни е пред сѐ, и ни е критериум за сѐ. Од друга страна, пак, таму каде што нема слово во сила, вообичаено доаѓа до, најблаго речено – душевно врзување за „духовникот“. Разликата е како од небо до земја.

Секој што, како стотникот, го заштитува и штеди својот духовен отец, ќе биде прославен од Самиот Христос: „Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера“.

И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, како што си поверувал, нека ти биде!“ И слугата негов во истиот час оздраве (Матеј 8, 10; 13).

Еве што значи збор (слово) во сила. Богочовекот Христос кажа само збор и слугата на стотникот во истиот час оздравува. Божјиот збор, т.е. зборот во сила е извршен: тоа го гледаме и при создавањето на светот и човекот од ни од што претходно постоечко; тоа го гледаме и при многуте исцелувања на болни; и при умножувањето на лебот и рибите; и при управувањето со природните стихии; и при изгонувањето на демоните; и при претворањето на водата во вино; и при воскреснувањето на мртвите; итн...

Исто така, извршен e и Литургискиот (Евхаристиски) збор, и тој е збор во сила; извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот; затоа што Христос е Тој што принесува и Се принесува, Кој прима и Се раздава. Епископот вели: „ангел на мирот, чувар на нашите души и тела“, и секој човек е посетен, а секој демон отстапува – додека повторно не биде повикан. „Простување и разрешување“, и секој грев е простен – додека повторно не биде направен. „Сѐ што е добро и полезно за нашите души и тела“, и сѐ на добро се менува – додека ние не го промениме, по наше. „И направи го овој леб чесно Тело Христово, а што е во оваа чаша чесна Крв Христова“, и цел свет се осветува.

3.angeli.so.truba

Божји збор, Литургиски збор, збор во сила има веќе и оној што го просветлува својот ум преку дарот на умно-срдечната молитва; оној чиј ум невидливо богослужи пред олтарот на неговото срце. Гледате ли зошто ви велам дека прво треба преку умно-срдечната молитва да допреме до своето срце, па потоа преку преобразената и просветлена мисла, преточена во слово со сила, да допреме и до срцето на другиот? Во присуство на човек удостоен со дарот на внатрешното и есхатолошко свештенство илузијата исчезнува, колективните несвесни шеми стануваат смешни, страстите се парализираат, демонот бега далеку, а неговото слово внесува несоздадена светлина, сила и надеж во срцето на ближниот.

Просветленоста не е голо знаење што гордее; таа е, пред сè, ум, слово и дела со сила и власт; значи, сила и власт на севкупното присуство. Словото во сила на просветлениот е извршно за добронамерниот човек. Секој добронамерен го слуша словото, го прифаќа во своето срце со смиреност и го исполнува. И, јасно е зошто постоењето и присуството на човек со власт и сила на слово ги распаметува славољубивите; и демоните и луѓето.

Но, ако правилно не веруваме и ако правилно не живееме, нашето слово ќе остане без сила и ќе ни се случи истото што и на некои од Јудејците скитници, заколнувачи, кои почнале да го изговараат името на Господ Исус над оние што имале зли духови. Еве го тој евангелски извадок: ...И велеа: „Ве заколнуваме во Исус, Кого Го проповеда Павле!“ Тоа го правеа седумте синови на јудејскиот првосвештеник Скева. А лошиот дух одговори и рече: „Исус Го познавам и Павле го знам; но кои сте вие?“ И скокна на нив човекот во кого имаше лош дух, и откако ги совлада, покажа против нив таква сила што тие, голи и ранети, побегнаа од таа куќа. За тоа разбраа сите Јудејци и Елини кои живееја во Ефес и сите нив ги спопадна страв; и името на Господ Исус се величаше (Дела 19, 13–17). Истото им се случува и на оние што некого мразат, а се обидуваат да се молат со името на Исус Христос.

Знаејќи го ова, треба да се покаеме, а не да се исчудуваме зошто светот не го прима безрезервно нашето сведоштво или слово; па дури и зошто не ни верува во потполност; зошто се случува да нѐ исмева, зошто често нѐ маргинализира и зошто дури понекогаш и нѐ прогонува. Не дека сме свети, туку напротив − затоа што немаме слово што го поткрепуваат дела, затоа што немаме преобразено слово, односно немаме слово во сила, а немаме ни послушание.

Кога ова се случува на некои од нас, како пастири, чиј глас, словесното наше стадо, барем, го познава, го очекува и го разбира, на што ли се надеваат оние што со својот збор им служат на туѓи интереси – само човечки, односно демонски? Отсекогаш сум се чудел... каква религиозна социопатија... каква бесчувствителност...?

3.angeli.so.truba

Пресвета Богородице, спаси нѐ сите!

P.S. Ви благодарам на сите што ми го честитавте именденот! Пресвета Богородица да е со сите вас!



Митрополит Струмички Наум

 

http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7298

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1127
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1067
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…