логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

презвитер Горан Стојчевски
ЛИТУРГИЈАТА – ДВИЖЕЧКАТА СИЛА НА СВЕТОТ


„Овој свет се движи и живее благодарение на нејзината чудесна, исцелителна моќ. Кога не би постоела, кога би престанала да се служи, нашиот страшен и грешен свет, од нечистотија, болест и беззаконија би се срушил, би пропаднал ако не се осетува преку тие Големи Тајни. Зошто е тоа така? Затоа што на Светиот Престол на Божествената Литургија лежи основната потреба на секое човечко битие – Светиот Агнец, Исус Христос Синот Божји„-

св. Јован Кронштадски


„Благодарење. Тајна што не требаше да остане толку тајна. Непроценлив дар, незаслужен. Дело Христово во кое постојано се учествува иако само еднаш се случи. Соборно сведоштво во личен подвиг подготвено. Принос пред олтарот во храмот и состојба на умот пред олтарот од своето срце. Извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот„ („Тајната вечера„)
Можеби ќе го повторам воведот од минатиот текст, дека навистина е тешко да се напише, да се каже нешто за многупочитуваните подвижници на Православната Црква, светила на светот и пример за луѓето како се реализира образот Божји во подобие, како се останува верен Христов војник и како се остварува дадената улога на човекот од својот Создател, да биде свештеник, да благодари за сите и за сé и да ја пренесе Вистината дека: Љубовта е самиот живот на Света Троица, како што вели св. Григориј Ниски. Чувствувам особена потреба да се заблагодарам, пак и пак, одново на сите оние кои по Божја Промисла го возобновија светотаинскиот живот во нашата Света Црква, далеку од тоа дека тој прекинал, никогаш тоа не се случило, бидејќи духовниот континуитет никогаш не престанал на овие македонски простори, секогаш кога Му благодариме за Литургијата, нашиот Господ Исус Христос нé слуша од Неговото свето живеалиште, од престолот на Неговото Царство, доаѓа и нè осветува со благодатта, престојувајќи горе со Отецот, невидливо престојува со нас и од Својата рака ни Го дава Своето пречисто Тело и чесната Крв. Непрестајното благодарење е непрестајна молитва, разговор лице в лице со Творецот, причестување и единство со Него, остварување на улогата што ни е дадена, а која се одигрува низ тоа постојано богослужење, а Литругија е токму тоа, иако можеби временски завршува во овој свет, или поточно завршува во вечни векови...и Неговото Царство не ќе има крај, времето и просторот не го опфаќаат присуството на Царството на вечниот живот откриено во Светата Литургија, тие контури се преобразуваат, како и самите ние во Христа Исуса сведочејќи дека овде и сега во Црквата се стекнуваме со мирисот на Животот, предвкусот на Царството кое со нетрпение го очекуваме, да дојди Господи Исусе...


Запрев, кај потребата да заблагодарам (а, тоа се случува кога не богослужам)...да, на сите оние и кој преку нивните животи вклучени во Литургијата нè запознаа со овие великани образувани и воспитани од Светата Литургија, токму и затоа како студенти по теологија (сеуште за мене недоспеан поим) се заинтересиравме за свети Јован Кронштадски и неговиот опис на благодатта кога ја чини, како што велат Американците (оттаму доаѓа и барањето за канонизација на отец Јован), најдобрата работа во животот, за која светиот Силуан Атонски вели, само кога би можеле да видиме во каква слава свештеникот ја служи Божествената Литургија никогаш не би посакале да ја напуштиме. Ете, токму за таков светител станува збор, за духовниот отец на Русија, светител кој посведочил дека се додека служиме Литургија сме живи. Секој збор, секој поим на било кој јазик во светов имаат своја смисла и значење („по своите зборови ќе бидеш оправдан и по зборовите свои ќе бидеш суден„  Мт.12,37), и тие слова зборуваат за нашето движење, а во Литургијата на Црквата, во тоа наше движење кон Бога сè си добива полнота. Светата Литургија не е само една од светите тајни или богослужба во спомен на сè што направи Христос за нас, крстот, гробот, тридневното Воскресение, уште и Второто и славно доаѓање, туку тоа е света тајна на Црквата, присуство на Царството Божјо во овој свет, како што вели о. А. Шмеман, залог за неговото откривање во времето кое се исполнува со нетрпение во очекување на славата Христова која сме ја вкусиле во причестувањето. Затоа, Литургијата е единствена која може да ни го даде насушното образование и воспитание, таа нè поучува да ги разбереме евангелските проповеди, всадува благоговејност пред Божествените заповеди, нè обучува да ги надминеме телесните страсти, раѓа духовен живот во кој треба да размислуваме и правиме сè што е угодно пред Бога. Можеби во еден час или час и половина наше време, но сепак ја насетуваме вечноста, во молитвите ги откриваме вистинските зборови, во влегувањата и излегувањата можеме да ги видиме нашите потребни движења, во она простум првпат откриваме како треба да стоиме пред Живиот Бог, а понатаму можеме да се послужиме само со зборовите на светилото Христово од Кронштад, кое го осветлува сето православие кое треба да биде светлината и солта во овој свет, а во кој светотаински и премудро се открива идниот век и дека Литургијата нè исполнува со нашата примарна функција - благодарење, кое вака е благодатно е доловено: „...во каква меѓусебна блискост се наоѓаат жителите на Небото и жителите на земјата, и Божјата Мајка, и сите Светии, и сите ние, православните христијани, кога се служи Божествената, вселенска, наднебесна, сèсоединувачка Литургија! Боже мој! Какво прерадосно, животворно општење! Користа од Литургијата, кога таа се служи со трепетно внимание е неизмерна, не само за целата Православна Црква, но и за целата вселена: за сите луѓе од сите вероисповеди; зашто бескрвната Жртва и молитвите се принесуваат кон Господа и за целиот свет: заради служењето Литургија, Господ долготрпеливо и милостиво го поднесува сиот свет, дарувајќи му ги изобилно земните плодови, успесите во науките, во уметноста, во земјоделството, во домашните работи; милувајќи ги не само луѓето, туку и животните коишто му служат на човекот. О чудесна Литургијо, вселенска Литургијо, Божествена и боготворна Литургијо! О знамение и пројавување на Божјата бесконечна љубов кон грешниот свет, кој пропаѓа во гревовите! Прекрасна, величествена, Божествена е таа служба – Литургија, која на земјата се совршува!..., зашто од неа имаат корист и нашите упокоени, и оние кои се под земјата, умилна и трогателна е молитвата на Црквата кон Агнецот Божји за сите починати која се принесува кон Бога за упокојување на онамупочинатите каде што достига светлината на Божјото Лице. Православни верници! Кога се молите за време на службите и кога се вознесуваат молитви за здравје и спасение на живите и за упокоените - вие општите, на Проскомидијата и Литургијата со Господ, Богомајката, Јован Претеча, пророците и со сите светии,  благородност Христијанска! О среќа и блаженство!”.


Каква е ползата сега било што да допишам, во што ќе биде смислата да заглавам со толкување на Литургијата, колку е непотребно да ги барам сите старозаветни праобрази и нозаветни образи на ова големо таинство кое не им е дадено на ангелите, а во кое тие самите ни сослужуваат и сославословуваат, колку е срамно да се зборува за литургиски симболи кога ја имаме сета реалност преку Христос Кој ни се дарува за да Го вкусиме и блажено да се радуваме како деца на нашиот Небесен Отец воспитани во благодатта на Светиот Дух. И сега кога имаме вакво благодатно сведоштво на светиот отец какво ли промашување правиме кога нема да отидеме на овој час по благодарење, на овој час на вечноста, на овој час на мирот кој треба да го предадеме на ближниот и сиот свет. И молитвата која ни ја дава Бог сведочи дека бараме непрестајно излевање на Неговата милост и љубов за да ги очисти нашите гревови и прегрешенија направени со збор дело или помисла за да бидеме подготвени за непрестајно благодарење. Пак, ќе повторам секој збор, секое движење на Светата Литургија е во вистинско време и на свое вистинско место, постојана будност оти се соединуваме со Оној, Кој нашите гревови заради кои сме изморени и обременети ги зема на Себе и сме успокени во Неговиот мир... Мили мои, сакајте ја Божествената Литургија. Оној ден кога сте можеле, а не сте присуствувате на Литургија, сметајте го за себе како изгубен ден од животот.
Ете го, нашиот терен за дејствување во овој свет, како што свето вели еден наш владика, Евхаристијата, Литургијата на Црквата во која можеме да се погледнем со Христови очи, да проговориме со Христови зборови, да ги имаме дури и Христовите мисли и чувства, како што вели, старец Софрониј. Зошто не ни врви работата? Бидејќи сè во нашите животи доведовме во раскол со Литургијата, ете затоа.
Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот е нашата непрестајна анамнеза за да ја стекнеме благодатта на Светиот Дух – непрестајната епиклеза, која ја умилно ја измолуваме за служење Литургија и ништо друго. Да не заборавиме: Христос ја извршува Литургијата, а Пресвета Богородица ни покажува како да земе учество во неа, а ние да исповедаме како разбојникот: спомни си за мене, Господи во Твоето царство. Небо на земјата, тоа е вистинскиот служашти израз за Светата Литургија, испишан со живот од свети Јован.


П.С. Да не бегаме од литургискиот час на кој навистина живееме.



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јануари 17, 2021
3.angeli.so.truba

Црковнословенски јазик- Вовед; со Улјана Романенко, Парагвај (19.01.2021)

Црковнословенскиот јазик е најголемато наследство на нашиот словенски народ, што ни го пренесоа нашите предци.Благодарение на овој јазик Русите, на пример, наоѓајќи се во Србија, Македонија, Бугарија и обратно, жителите на овие држави, но и другите словенски…
Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 1738
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1260
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1460
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…