логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 
 

 

Слегувањето на Светиот Дух – фреска во Марков манастир


ПЕДЕСЕТНИЦА


Христос пред да се вознесе на Небесата им даде заповед на Своите Ученици по Неговото Вознесение да се вратат во Ерусалим и да останат даму додека не се облечат со сила од Небото. Така, значи, им го даде ветувањето дека ќе Го примат Светиот Дух, за Кого зборуваше за време на Својот живот.
Ова Христово ветување се оствари кај Учениците педесет дена по Пасха и десет дена по Неговото Вознесение на Небесата. Така, во Црквата го празнуваме празникот Педесетница, кога ја чествуваме Светата Троица, а следниот ден Го прославуваме и славословиме Светиот Дух. Значи, празникот Педесетница е празник на Светата Троица.
Нема детално да се осврнеме на третата Личност на Светата Троица, т.е. на Светиот Дух, туку ќе ги нагласиме само оние факти и оние учења на Светото Писмо и на светите Отци кои се однесуваат на Христа. Следствено, ќе ги нагласиме повеќе христолошките факти во однос на Светиот Дух. Бидејќи Христологијата е незамислива надвор од Тријадологијата, затоа ќе се осврнеме и на догмата за тајната на Светата Троица.
Во таканаречениот од Црквата Додекаеортион (дванаесетпразничие) е содржан и празникот Педесетница, затоа што е последниот празник на Божјиот Домострој. Христовото вочовечување за цел ја имаше победата над смртта и доаѓањето на Пресветиот Дух во срцето на луѓето. Впрочем, познато е дека цел на црковниот и духовниот живот е да станеме членови на Телото Христово и да Го примиме Светиот Дух. Овие две нешта се меѓусебно нераскинливо поврзани.
Свештениот химнограф ја нарекува Педесетницата последен празник од аспект на повторното создавање и обновувањето на човекот. Така, ако Благовештението на Пресветата Богородица е почетокот на воплотувањето на Логосот и на Божјиот Домострој, тогаш Педесетницата е крајот, бидејќи тогаш, преку Светиот Дух, човекот станува член на воскреснатото Тело Христово.
Во оваа рамка можеме да ја сместиме и Педесетницата, а исто така и она што е во врска со Светиот Дух и со Христа, бидејќи не може да се замисли Христологијата надвор од Пневматологијата, ниту Пневматологијата надвор од Христологијата.

А

Слегувањето на Светиот Дух се случило во Недела. И во ова се гледа значењето на Неделата, бидејќи во тој ден се случиле големите Господови настани. Според светиот Никодим Светогорец, во првиот ден, т.е. во Недела, започна создавањето на тварта, бидејќи тогаш беше создадена светлината, во Недела започна обновувањето на тварта со Христовото Воскресение, и во Недела се случи восовршувањето на тварта со слегувањето на Светиот Дух. Создавањето на тварта се случи од Отецот со содејство на Синот и на Светиот Дух, обновувањето се случи од Синот со благоволение на Отецот и со содејство на Светиот Дух, а восовршувањето на тварта се случи од Светиот Дух, Кој исходи од Отецот и се испраќа преку Синот.
Секако, кажувајќи го ова им даваме значение на Личностите кои биле претстатели во создавањето, обновувањето и во восовршувањето на тварта, но, како што сме научени и како што веруваме, заедничко е дејството на Троичниот Бога и никогаш не може да се оддели и да се изолира една Личност од другите Личности на Светата Троица.
Христијанската Педесетница во која го празнуваме слегувањето на Светиот Дух совпаѓа со Јудејската Педесетница. Значи, во денот кога Јудејците ја празнувале Педесетницата слезе Светиот Дух врз Апостолите и ги направи членови на Воскреснатото Тело Христово.
Педесетницата е втор по важност празник на Јудејците после Пасха, и според преданието, го празнувале предавањето на Божјиот закон на Мојсеја. Значи, четириесет дена од првиот празник на Пасхата, Мојсеј се искачил на Синајската гора и го примал Божјиот закон. Меѓутоа, истовремено Јудејската Педесетница била израз на благодарност на Јудејците заради собирањето на плодовите. Бидејќи совпаѓал со периодот на жетвата бил наречен празник на жетвата и Јудејците во Храмот ги принесувале првините од плодовите. Празникот Педесетница, кој Јудејците многу блескаво го празнувале, се нарекувал празник на седмиците (види Исход. 34, 22; Левит. 24, 15, 16, 17; Броеви. 28, 26, 31; Повт. Зак. 16, 9 - 10).
Краткиот осврт на Јудејската Педесетница покажува дека таа била образ на Новозаветната Педесетница. Ако Мојсеј го примал Старозаветниот закон, тогаш во денот на Христијанската Педесетница Учениците Го примиле Светиот Дух и така го доживеале Новозаветниот закон, односно законот на Божјата благодат. Ако во Стариот Завет невоплотениот Логос го дал законот на Синај, тогаш во Новиот Завет Воскреснатиот воплотен Логос им Го испратил Светиот Дух на Учениците, кои се наоѓале во горната соба, и тие станале членови на Неговото прославено Тело. Ако на Педесетница во Стариот Завет ги принесувале првините од плодовите на жетвата, тогаш на Педесетница во Новиот Завет биле принесени првините на словесните плодови од жетвата што ја направил Самиот Христос, т.е. Му биле принесени Апостолите на Бога.
Секако, постои јасна разлика помеѓу Божјото откровение на Синај и Божјото откровение во горната соба во Ерусалим. Синајската гора целата беше во дим, затоа што Господ беше слегол над неа во оган; и дим се креваше од неа, како дим од печка, и се уплаши сиот народ (2. Мој. 19, 18). Беше дадена заповед никој да не се доближи кон гората, затоа што ќе умре: Секој кој ќе се допре до гората, ќе биде предаден на смрт (2. Мој. 19, 12). Меѓутоа не се случило истото на денот на слегувањето на Светиот Дух во горната соба. Учениците се исполниле со радост и се преобразиле и од плашливи станале неустрашливи, и од смртни луѓе станале богови по благодат.
Разликата помеѓу Синај и горната соба во Ерусалим се гледа во разликата помеѓу Старозаветниот закон и Новозаветниот закон. Тогаш беше даден законот на камени плочки, а сега законот се запишува во срцата на Апостолите. Апостолот Павле вели: вие се јавувате како Христово писмо, составено преку нашата служба, напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку врз телесни плочки на срцето (2. Кор. 3, 3). Со слегувањето на Светиот Дух се исполни пророштвото на Пророкот Еремија, како што го опишува Апостолот Павле: ќе ги вложам законите Свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ (Евр. 8, 10).


Б

Празникот Педесетница е празник на Светата Троица, бидејќи со слегувањето на Светиот Дух учиме дека Бог е Троичен. И претходно како во Стариот Завет, во сенка, така и во Христовото учење луѓето учеле за Троичноста на Бога, но опитно искуство на Неговите три Ипостаси стекнале на Педесетница. Така, Педесетницата е празник на православната Теологија.
Зборувајќи за православна Теологија велиме дека едно е словото за Бога (Богословие-Теологија), а друго е словото за воплотувањето (Домострој - икономија). Следствено, на денот на Педесетницата богословствуваме православно, затоа што учиме дека Бог е Троичен: Отец, Син и Свети Дух. Согласно со православното богооткриено учење Отецот е беспочетен, без причина и нероден, т.е. од никого ја нема причината за Своето постоење. Синот произлегува од Отецот со раѓање, а Светиот Дух произлегува од Отецот со исходење. Термините нероденост, раѓање и исходење ни се откриени од Христа и не можеме да ги сфатиме логички (со разумот), затоа пак остануваат тајна. Факт е дека Синот и Духот произлегуваат од Отецот на различен начин, т.е. имаат посебно ипостасно својство, односно начин на постоење, но ја имаат истата суштина со Него.
Покрај овие нивни посебни својства, Отецот и Синот и Светиот Дух сепак ја имаат истата природа (суштина) и слава (енергија). И трите Личности на Светата Троица се единосуштни, единославни, единосилни, и ниедна не е поголема од другата. Значи, Синот и Светиот Дух не се со помало значење и вредност од Отецот. А кога зборуваме за Прва, Втора и Трета Личност на Светата Троица, тогаш не ги вреднуваме според значењето, возвишеноста и силата, туку според начинот на нивното постоење (св. Василиј Велики). На крај, логиката (разумот) на човекот, но и човечките поими и зборови се немоќни да ја формулираат тајната на Троичниот Бог.
Светите Отци ја живееле оваа тајна, колку што било возможно, при богооткриениот опит. Светиот Григориј Богослов зборува за три светлини кои го озариле при откровението што го имал. Тој пишува: Не стигам едното да го појмам, а веќе сум озарен од трите...
Тајната на Светата Троица ни ја откри Самиот Христос, Кој зборувајќи им на Своите Ученици рече дека Светиот Дух исходи од Отецот и се испраќа од Него Самиот (Јован. 15, 26). Тоа значи дека Синот Божји не учествува во исходењето на Светиот Дух, туку учествува во Неговото испраќање во светот, а тоа испраќање е објавувањето на Светиот Дух по енергија. Така, како што објаснува светиот Григориј Палама, Духот Свети исходи од Отецот, но можеме да кажеме дека се испраќа преку и од Синот, само според енергијата и според Неговото објавување во светот, а не според Неговото суштинско постоење. Едно е постоењето на Светиот Дух, а друго е Неговото објавување по енергија.
Отецот пред сите векови, беспочетно, Го раѓа Синот еднаков со Себе Бог, и Го исходи Светиот Дух еднаков со Себе Бог, без да се подели Божеството со поделбата на Личностите, туку е неслиено соединето со избројувањето на Троицата. Тоа што Синот е роден од Отецот, а Светиот Дух исходи од Отецот не значи дека се помлади од Него, бидејќи не се вметнува време помеѓу нероденоста на Отецот и раѓањето на Синот, како и исходењето на Светиот Дух. Личностите на Светата Троица се предвечни, собеспочетни и единочестни (Леон Мудри).

В

Создавањето и пресоздавањето на светот е заедничко дејство на Троичниот Бог. Токму оваа богословска вистина нé доведува до тоа да кажеме дека не е едно делото на Христа, а друго делото на Светиот Дух. Го велиме ова затоа што постои веројатна и сериозна опасност да зборуваме за Христов домострој, како да се случува независно од Светиот Дух, и за домострој на Светиот Дух, како да се случува независно и автономно од Христа.
Логосот Божји стана човек со благоволението на Отецот и со содејството на Светиот Дух. Христос беше зачнат во утробата на Пресветата Богородица од Духот Свети. Потоа Христос, по Неговото Воскресение, а секако на денот на Педесетницата Го испрати Светиот Дух, затоа што Светиот Дух се испраќа преку Синот. И Он (Светиот Дух) кога дојде во Апостолите Го изобрази Христа во нивните срца, т.е. ги направи членови на воскреснатото Тело Христово. Поради таа причина не можеме да зборуваме за разлика помеѓу делото на Синот и делото на Светиот Дух.
Тоа се гледа јасно во Светото Писмо. Христос за време на Својот живот ги исцели и ги очисти срцата на Апостолите со Неговото учење, со откровенијата на Неговите тајни, со Неговите чуда, па затоа на крај рече: Веќе сте чисти преку словото што ви го кажав (Јован. 15, 3). Во друга прилика кажа дека ако некој Го љуби и го пази Неговото слово, тогаш него ќе го возљуби и Неговиот (на Синот) Отец, при што како што кажа: при него ќе дојдеме и живеалиште во него ќе направиме (Јован. 14, 23).
Тоа што Отецот и Синот ќе живеат во очистениот и осветен човек не значи дека ќе бидат лишени од присуството на Светиот Дух или дека Светиот Дух се оттуѓува од делото на осветувањето. Затоа што во друг момент Христос им вети на Учениците дека ќе Го испрати Светиот Дух, Кој исходи од Отецот, Кој е во вас и во вас ќе биде (Јован. 14, 17). Човекот кој ја прима благодатта на Троичниот Бог станува член на воскреснатото Тело Христово,  живеалиште на Бога Отецот и храм на Светиот Дух, односно живеалиште на Троичниот Бог.
Светиот Јован Дамаскин во еден тропар од Канонот на Педесетница ја употребува фразата Духот е признак на од Отца родениот Логос. Светиот Дух се нарекува признак на Логосот, бидејќи Он Го открива и Го објавува Логосот Божји, затоа што без Духот Единородниот Син е непоимлив (св. Григориј Ниски). Впрочем, Апостолот Павле вели дека никој не може да Го нарече Исуса Господ освен преку Светиот Дух (1. Кор. 12, 3). Исто така, Светиот Дух се нарекува признак на Логосот, затоа што Он ги научи Учениците согласно со она што беа поучеи и ги потсети за сé што им кажал Христос. Затоа и стана признак, т.е. преку Него се објави дека Христос е вистински Син и Логос Божји, а од општото учење се докажа единосуштноста и единославноста на Синот со Светиот Дух (св. Никодим Светогорец).
Синот и Логос Божји со Своето вочовечување Го прослави Отецот. На денот на Педесетницата Светиот Дух слезе врз Апостолите, и така и Он Го прослави Синот (Лав Мудриот). Со овој повод можеме да кажеме дека Отецот Го прослави Синот со тоа што Го нарече возљубен Син; Синот се прослави со сзето она што го направи со содејството на Светиот Дух. Синот Го прослави Отецот со целото дело на спасението на човечкиот род. Истовремено Синот Го прослави Светиот Дух, затоа што им Го објави и им Го откри на Учениците, но и Светиот Дух, Кој богато дејствува во Црквата, Го прославува Отецот од Кого произлегува, и Го прославува и Синот, бидејќи оние кои Го примаат стануваат членови на Телото Христово.
Од сето ова се гледа дека не е едно делото на Синот, а друго на Светиот Дух. Спасението на човекот е заедничко дејство на Троичниот Бог. Токму ова важно прашање, оваа голема богословска вистина, ќе се покаже подобро со она што ќе го кажеме во продолжение.

ГPedesetnica.Markov.jpg

Многу имиња Му се дадени на Светиот Дух. Едно од нив, кое го покажува делото што го врши во Црквата, но и во животот на луѓето, е името Утешител. Со овој збор Самиот Христос Го нарече Светиот Дух, кога им кажа на Своите Ученици малку време пред Своето Страдање: Јас ќе Го помолам Отецот и ќе ви даде друг Утешител,Духот на вистината, Кој ќе биде со вас довека (Јован. 14, 16 - 17). И малку подолу Христос Го нарекува Светиот Дух Утешител, Кој ќе ги научи Учениците и ќе им напомни за сé она што Самиот им го кажал за време на Својот живот. Утешителот, пак, Духот Свети Кого што Отецот ќе ви Го испрати во Моето име, Он ќе ве научи на сé и ќе ви напомни за сé што Сум ви кажал (Јован. 14, 25). Имајќи сигурност дека Светиот Дух е Утешител, Му се молиме: Цару Небесен, Утешителу, Духу на вистината...
Светиот Дух го утешува човекот кој се бори против гревот, трудејќи се да ги запази Христовите заповеди во својот живот. Таа борба е сурова, затоа што битката е против лукавите духови. Затоа, Светиот Дух е Утешител. Бидејќи утешувањето на луѓето е особен карактеристичен признак Божји, затоа со овој термин Светиот Дух се карактеризира како Бог.
Она што има значение во христолошките проучувања што ги правиме овде е дека Светиот Дух од страна на Христа се нарекува Утешител, но истовремено се вели дека е друг Утешител. Он е другиот Утешител, затоа што и Христос е Утешител Кој ги утешува луѓето. Евангелистот Јован Богослов, во неговото соборно послание им советува на Христијаните да не грешат. Меѓутоа во продолжение вели дека ако направат грев не треба да очајуваат, затоа што кај Отецот имаме застапник (утешител), Исуса Христа, праведникот (1. Јов. 2, 1 - 2). Така, Христос и Светиот Дух се двајцата Утешители во светот. Секако, и Бог Отецот е Утешител на луѓето, бидејќи утешувањето е заедничка енергија (дејство) на Троичниот Бог.
Фразата друг Утешител  укажува дека Христос и Светиот Дух се различни Ипостаси (Личности), но имаат заедничка природа, суштина и енергија. Светиот Григориј Богослов, толкувајќи ја фразата друг Утешител, вели дека тоа го претставува и го карактеризира совладетелството и единосуштноста на двете Ипостаси. Тоа што Христос вели дека ќе испрати друг Утешител, значи дека и Он е Утешител. На тој начин можеме да ја видиме еднаквата чест на Христа и на Светиот Дух.

Д

Светиот Дух е единосуштен со Синот и со Отецот, затоа што и трите Личности на Светата Троиица имаат заедничка суштина (природа) и заедничка енергија или слава. Затоа каде што е Христос таму е и Духот, и каде што е Духот таму е и Христос.
Претходно нагласивме дека Личностите на Светата Троица не се разделуваат, ниту нивното дело се автономизира. Светиот Максим Исповедник вели дека во сите дејствува Светиот Дух, но на различен начин во секого. Дејствува без исклучок во сите луѓе, бидејќи се Божји созданија, како одржител, промислител и обновител на природните семиња. Во оние кои се наоѓаат во периодот на законот дејствува како укажувач на престапувањето на заповедите и како просветлител на Христовото ветување. Во оние кои живеат во Христа дејствува восиновувачки, бидејќи со дејството на Светиот Дух стануваат синови Божји. Во обожените, т.е. во оние кои станале достојни за божественото живеење и за вселувањето на Неговата обожителна сила, дејствува творејќи мудрост. Така, во сите дејствува Светиот Дух, но различно во секого, аналогно со духовната состојба во која се наоѓа.
Со оваа перспектива разбираме дека Светиот Дух дејствувал и во Стариот Завет, во Пророците, бидејќи со Неговите сила и дејство Пророците Го гледале невоплотениот Логос и пророкувале за воплотениот Логос, односно за Христа. Од православната теологија многу добро знаеме дека сите Божји откровенија во Стариот Завет биле откровенија на Втората Личност на Светата Троица, односно на Невоплотениот Логос. Бидејќи присуството на Логосот не се случува независно од Светиот Дух, затоа Светиот Дух на Пророците им Го објавувал невоплотениот Логос и преку Него им се откривале идните тајни.
Светиот Василиј Велики вели дека Светиот Дух доаѓал во умот на Пророците и тие ги пророкувале идните блага. Карактеристичен пример е случајот на Јован Крстител, кој се исполнил со Свети Дух, додека се наоѓал како шестмесечен ембрион во утробата на неговата мајка, и, како што вели светиот Григориј Палама, со Светиот Дух го прима совршенството на идниот век во утробата на својата мајка и богословствува за Христа. И, секако, како што видовме на празникот Сретение, праведниот Симеон со Светиот Дух Го препозна Христа.
Следствено, Светиот Дух дејствува и во Стариот Завет на различен начин од она како дејствува во Новиот Завет, односно во Црквата. Затоа што, како што рековме претходно, во Стариот Завет на Пророците им укажувал на престапот на заповедите и им го откривал Христовото доаѓање, а во Новиот Завет ги прави луѓето синови Божји и енови на Телото Христово, и ги воид во обожување.

Ѓ

Вочовечувањето на Синот и Логос Божји и целото дело на Божјиот Домострој не се случува независно од Светиот Дух. Светиот Василиј Велики во однос на ова е многу изразителен. Тој вели дека, кога Христос доаѓа во светот, Светиот Дух претходи, бидејќи Он го објавува Неговото доаѓање и го открива Неговото присуство. Со воплотеното присуство на Христа во светот и Духот Свети е неразделен. Дејствата на силите и даровите на исцеленијата се случуваат со дејството на Светиот Дух. Демоните излегуваат од луѓето преку Духот Божји. Ѓаволот се отфрла со соприсуството на Светиот Дух. Отпуштањето на гревовите се случува со благодатта на Светиот Дух. Воскреснувањето на мртвите се случува со дејството на Духот.
Ако Светиот Дух дејствувал во Пророците и во старозаветните праведници укажувајќи им и објавувајќи им Го Христа, тогаш многу повеќе дејствувал и во Христовите Апостоли и Ученици. Меѓутоа, бидејќи Светиот Дух дејствува аналогно со состојбата на човекот и во соодветно време, затоа дејствувал во нив на три начини и во три времиња. Дејствувал нејасно пред Христос да се прослави во Страдањето, дејствувал појасно по Неговото Воскресение, и дејствувал посовршено по Неговото Вознесение на Небесата (св. Григориј Богослов). Впрочем, Светиот Дух ги усовршува и ги осветува луѓето, а Самиот не се усовршува, бидејќи Он е совршен Бог. Светиот Дух е Оној Кој усовршува, а не се усовршува (св. Григориј Богослов). Затоа, и Апостолите кои биле несовршени ги усовршил.
Невоплотениот Логос, Синот и Логос Божји, преку Пророкот Јоил, кажал: И, ете, по тоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа (Јоил. 2, 28). Овде јасно станува збор за доаѓањето на Светиот Дух и за дарувањето на пророчкиот дар, кој беше даден на денот на Педесетницата. Според светиот Кирил Александриски, пророштвото се однесува на настаните кои се случиле на Педесетница, бидејќи тогаш Учениците зборувале пророкувајќи, т.е. ги проповедале тајните Христови кои беа пророкувани од страна на Пророците. Значи, тогаш Учениците со силата на Светиот Дух разбрале дека сите пророштва кои постојат во Стариот Завет се однесуваат на Христовата Личност. На тој начин се усовршиле во познанието и во откровението.
Со силата и дејството на Светиот Дух човечката природа се враќа во претходната и древна состојба, бидејќи го стекнува пророчкиот дар што го имал Адам во Рајот (св. Никодим Светогорец). Навистина, гледајќи го животот на Адам во Рајот, пред падот, сфаќаме дека имал чист ум и пророкувал. Бог ја создал Ева од неговото ребро, додека Адам спиел. Меѓутоа кога се разбудил од сонот и ја видел Ева се просветлил, со дејството на Светиот Дух, и исповедал дека таа произлегла од неговото тело: Еве сега коска од моите коски, и плот од мојата плот (1. Мој. 2, 23).
Тоа значи дека оние кои Го примаат Светиот Дух и се членови на Црквата не само што се воспоставуваат во претходната состојба во која се наоѓал Адам, туку се издигаат уште повисоко, соединувајќи се со Христа. Имајќи Го Светиот Дух стануваме пророци, стекнуваме пророчки дар, како што го гледаме тоа во животот на светителите, ги познаваме тајните Христови, го гледаме и го доживуваме Царството Божјо. Со силата и дејството на Светиот Дух пророчкиот дар станува природна состојба во човекот. Умствената молитва е индикација на тој дар и на дејството на Светиот Дух.

Е

Начинот на кој дејствувал Светиот Дух како во Стариот така и во Новиот Завет јасно се гледа во темата на Црквата. Проучувајќи ја оваа тема можеме да видиме неколку интересни страни, кои ја покажуваат тесната врска и поврзаност на Христологијата со Пневматологијата.
Според светите Отци Црквата постоела и пред Христовото вочовечување, бидејќи создавањето на ангелите и на луѓето го сочинува почетокот на Црквата. Со падот на Адам го имаме падот на Црквата, но Црквата се сочуввува во личностите на Пророците и општо во личностите на Старозаветните праведни мажи. Покрај постоењето на Црквата, сеуште има сила моќта на смртта, па затоа, иако Старозаветните праведници достигнале во обожување и Го спознале невоплотениот Логос, сепак врз нив имала власт моќта на смртта. Така праведниците слегувале во Адот.
Христос со Неговото вочовечување, кое се случи преку Духот Свет, го зеде телото на Црквата (св. Јован Златоуст), односно ја зеде чистата и неизвалкана човечка природа и ја соедини со Божјата природа во Својата Личност. На тој начин Црквата сега прима Глава и станува Тело Христово. Климент Римски ќе рече дека во почетокот Црквата беше духовно и беше создадена со јавувањето на ангелите, но подоцна со Христовото вочовечување се јави во Христовото тело, т.е. стана телесна, односно Тело Христово. Бидејќи воплотувањето на Логосот Божји се случи и со содејството на Светиот Дух, и сé што се случува во Црквата се случува со дејството на Светиот Дух, затоа Педесетницата е поврзана со Црквата.
Христос во една прилика му рекол на Апостолот Петар: Ти си Петар, и на тој камен ќе ја изградам Мојата Црква, и вратите на адот нема да ја надвладеат (Мат. 16, 18). Тоа се оствари со Христовата смрт на Крстот и со Неговото слегување во Адот. Христовата душа заедно со Божјата природа слезе во Адот, а Неговото Тело заедно со Божјата природа остана во гробот. На тој начин беше победена моќта на адот, односно на смртта. Така, значи, смртта не завладеа ниту може да завладее над Црквата, која е Тело Христово.
На денот на Педесетницата се востанови Црквата, од аспект дека Апостолите станаа членови на Телото Христово. Така, иако претходно имаа заедница со Христа, сега со силата и дејството на Светиот Дух стануваат членови на Телото Христово. Црквата од духовна станува телесна. Светителите, обожените, немаат однос и заедница само со невоплотениот Логос, туку со воплотениот Логос, односно со Богочовекот Христос. Теологијата дека Црквата е Тело Христово, а светителите се членовите на Телото Христово ја развива Апостолот Павле (1. Кор. 12, 1 - 31). Значи, се вели дека Црквата не е религиозна организација, туку таа е Телото Христово. Уште се вели дека поделбите на даровите се вршат со дејството на Светиот Дух. За да дојде до следниов заклучок Апостолот Павле: Вие сте тело Христово, а поодделно членови (1. Кор. 12, 27).
Треба да се додаде дека во учењето на светите Отци се забележуваат две вистини кои го покажуваат заедничкото дејство на Личностите на Светата Троица. Христијаните се членови на Телото Христово (1. Кор. 12, 27), но истовремено се и храмови на Светиот Дух (1. Кор. 6, 19). Едното не го одзема другото.

Ж

Слегувањето на Светиот Дух на денот на Педесетницата не значи дека претходно отсуствувал од земјата и од луѓето, туку дека, како што наведовме претходно, дејствува на различен начин. Можеме да прикажеме два моменти кои го толкуваат слегувањето на Светиот Дух и Неговото различно дејство.
Првиот момент е дека на денот на Педесетницата Апостолите разбрале дека Светиот Дух е една посебна Ипостас (Личност), а не обична Божја енергија. Светиот Дух, Кој во Стариот Завет се објавувал нејасно како вдахнување, како глас, како глас на ветрец, како вдахновение на Пророците, на Педесетница се објавува како посебна Ипостас. Така, кога завршиле настаните кои ја објавувале Личноста на Синот, почнале да се извршуваат настаните кои ја објавуваат Личноста на Светиот Дух (св. Григориј Палама).
Вториот момент со кој може да се протолкуваат фактите во врска со слегувањето на Светиот Дух на денот на Педесетницата е дека Светиот Дух ги направи Учениците членови на Телото Христово и им ја даде силата да учествуваат во Христовата победа над смртта.
Светиот Никодим Светогорец, толкувајќи ги фактите во врска со слегувањето на Светиот Дух, употребува цитати од преподобниот Никита Ститат и од светиот Василиј Велики, согласно со кои Светиот Дух не слегол како слуга, туку како владика и самовласно. Како што Синот и Логос Божји со Својата волја, доброволно, се вочовечи, така и Светиот Дух со Својата волја ги направи Апостолите членови на Телото Христово. Впрочем, волјата на Отецот е и волја на Синот и на Светиот Дух, и обратно. Заедничко е дејството и волјата на Троичниот Бог.
Самовласноста (слободата) се употребува различно за Бога, за ангелите и за луѓето. Бог не може да се спореди со човечките дадености. Ангелите ја имаат природно самовласноста, но ја употребуваат непречено, т.е. она што го сакаат веднаш го реализираат, затоа што немаат пречки во реализирањето, бидејќи не ги попречува телото ниту некоја друга спротивставена сила. Луѓето се самовласни и имаат слобода, но нивната самовласност е ранета и не можат лесно да го реализираат тоа што го посакуваат. Тоа се должи на нападите на ѓаволот, на тежината на телото и на страстите под кои доброволно се потчинија. Затоа и треба волјата и самовласноста да ги зајакне Бог. Апостолот Павле пишува: Бидејќи Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговото благоволение (Фил. 2, 13).
Тоа значи дека Светиот Дух слегол во срцата на Апостолите и дејствува во луѓето со Неговата волја, а не како слуга. Но луѓето треба да одговорат на дејството на Светиот Дух со својата волја, бидејќи Бог не ја прегазува нивната слобода. Меѓутоа волјата и самовласноста треба да ги зајакне Бог, затоа што во состојбата на падот човекот е заробен и е едно зависно битие.
Општо, кога зборуваме за слегувањето на Светиот Дух на денот на Педесетницата, не можеме да го подразбираме како вочовечување, бидејќи само Синот и Логос Божји се вочовечи, туку како Негово ипостасно објавување во светот кое ги преобрази Учениците и од смртни луѓе ги направи живи членови на Телото Христово.

З

Со светото Крштение човекот станува член на Црквата, односно член на Телото Христово. Токму денот на Педесетницата за Апостолите беше ден на крштение, затоа што станаа членови на Телото Христово. Така, Христос не е само учител, туку е нивна Глава.
Христос им кажа на Своите Ученици веднаш по Неговото Воскресение: Бидејќи Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес ќе бидете крстени со Светиот Дух (Дела. 1, 5). Кога слезе Светиот Дух во Учениците ги крсти и затоа целата куќа каде што се наоѓаа очекувајќи го ветувањето на Отецот, се исполни со Светиот Дух Кој куќата ја направи духовен Купел (св. Григориј Палама).
Доаѓањето на Светиот Дух во горната соба се случи со силен ветар. Евангелистот Лука пишува: И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа каде што седеа (Дела. 2, 2). Овој силен ветар беше предобразен и предвезтен во Стариот Завет во многу случаи. Тоа е гласот за кој мајката на Пророкот Самуил рече: дека Господ се вознесе на небесата и загрме. Тој глас го предвозвести Пророкот Илија, кога Го видел Бога со глас на тивок ветрец. На тој глас укажа Христос кога извика: кој е жеден нека дојде при Мене и да пие, бидејќи со овие силни зборови мислеше на Светиот Дух, Кого ќе треба да Го примат оние кои ќе поверуваат во Него. Исто така се предукажува со Христовото дување во Учениците по Неговото Воскресение, давајќи им Свети Дух да простуваат гревови.
Јавувањето на Светиот Дух како силен ветар има значење, затоа што покажува дека Светиот Дух победува сé, ги надминува ѕидовите на лукавиот, ги уништува градовите и секоја крепост на непријателот. Истовремено ги смирува гордите, ги издигнува смирените по срце, го поврзува она што не треба да биде одврзано, ги раскинува врските на гревовите и ги уништува задржаните (св. Григориј Палама). Со силата на Светиот Дух човекот може да стане жив член на Црквата и да ги победи сите сили на непријателот, да ја надмине и самата смрт.

Ѕ

Тоа дека делото Христово не е различно од делото на Светиот Дух и обратно, се гледа и од начинот на кој се јави Светиот Дух на денот на Педесетницата. Евангелистот Лука, кој е и писателот на Делата Апостолски, пишува: И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив. И сите се исполнија со Дух Свети (Дела. 2, 3 - 4).
Светиот Григориј Палама, анализирајќи го овој настан, прави прекрасни богословски забелешки кои треба да ги забележиме овде, затоа што ги покажуваат единочесноста и единославноста на Светиот Дух со Христа.
Најпрво, видното објавување на Светиот Дух се случи во вид на јазици за да се покаже соприродноста со Логосот Божји, затоа што ништо не е посродно со словото од јазикот. Така со тоа покажа дека Светиот Дух не врши различно дело од она што го изврши Логосот Божји. Истовремено, се објавува видливо со јазик, за да покаже дека учителот на вистината има потреба од облагодатен јазик.
Јазиците со кои се објави Светиот Дух беа огнени. И тоа има големо значение. Ја покажува единосуштноста на Светиот Дух со Отецот и со Синот, бидејќи Бог е оган кој гори. Со ова јавување покажува дека Светиот Дух ги има истата природа и дејство со Отецот и со Синот. Огнените јазици уште го покажуваат и двојниот начин на дејство на Апостолската проповед. Огнот осветлува  и изгорува. Исто и Христовото учење ги просветлува оние кои се послушни, а ги изгорува оние кои не веруваат. Секако, тој оган со кој Светиот Дух се јави не беше тварен, туку нетварен, па затоа светиот Евангелист не кажал огнени јазици, туку како огнени јазици.
Огнените јазици се расподелија врз главите на Апостолите. И тоа си има свое значение, затоа што сака да покаже дека само Христос ја има целокупната Божја сила и енергија, бидејќи Он ја има истата природа со Отецот и со Светиот Дух. Благодатта што ја примаат светителите не е природата, туку енергијата Божја, која на секој човек му дава различни дарови. Никој друг ја нема целокупната Божја благодат освен Христос, Кој телесно ја има сета полнота на Божјата благодат.
Тоа што огнените јазици седнаа врз главите на Апостолите го објавува владичкото достоинство, но и единственоста на Божествениот Дух. Не станува збор за некое тварно дејство, туку за Божјата нетварна енергија, па затоа и се прикажува како да седи, што е показател на царска слава. Истовремено, иако благодатта и дејството на Светиот Дух се разделува, сепак останува единствено. Навистина, Светиот Дух се наоѓа и дејствувва неразделно разделувајќи се и сите учествуваат во него, според образот на сончевиот зрак. Значи, додека сите го примаат сончевиот зрак, истовремено ја примаат и сончевата енергија, без да се поделува. Кога човекот се причестува со пречистите Тајни, т.е. со Телото и Крвта Христови, не се причестува со дел од Владичкото Тело, туку со целокупното Тело Христово. На Божествената Литургија свештеникот вели: се раздробува и се разделува Агнецот Божји, Кој се дели и не се разделува...
Следствено, дејството на Светиот Дух е дејство и на Логосот и на Отецот, односно тоа е дејство на Троичниот Бог. Спасението на човекот е учество во нетварните енергии на Светата Троица.

И

Христос, ветувајќи им на Своите Ученици дека ќе Го испрати Светиот Дух, им даде јасна заповед: вие останете во градот Ерусалим додека не се облечете со сила одозгора (Лука. 24, 49). Учениците ја запазија оваа заповед и останаа единодушно во горната соба во Ерусалуим со тихување (исихија) и молитва, очекувајќи го излевањето на дарот на Светиот Дух. Затоа, светиот Евангелист Лука потврдува: и беа постојано во храмот фалејќи Го и благословувајќи Го Бога (Лука. 24, 53).
Ќе треба овде малку да ја прокоментираме фразата додека не се облечете со сила одозгора, затоа што е доволно карактеристична. Христос не зборува за тоа дека само ќе Го примат Светиот Дух, туку дека ќе се облечат со Него, како со некакво духовно сеоружие, за да војуваат со непријателот. Не станува збор за просветлување на интелектот (разумот), туку за преобразување на нивното целокупно битие. Нема да постои ниту една точка на телото и ниту едно дејство на душата што би останале непокриени од дејството на Светиот Дух.
Познато е дека со Светото Крштение, кое се смета за воведна Света Тајна затоа што преку него се воведуваме во Црквата и стануваме членови на Телото Христово, се облекуваме со Самиот Христос: вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте (Гал. 3, 27). Меѓутоа, истовремено се облекуваме и со Светиот Дух, според Христовото изречено ветување. Впрочем, таа цел ја имаат двете Свети Тајни на Крштението и Миропомазанието, кои се меѓусебно поврзани.
Облекувањето на Христијанинот со Светиот Дух не е надворешно и површно, туку е внатрешно, според примерот на соединувањето на железото со огнот. Вжештеното железо се зажарува целото, а не еден негов мал дел. Така, оние кои Го примаат Светиот Дух Го чувствуваат како го исполнува нивното срце, ги просветлува очите, го осветува слухот, ги смирува помислите, ги извира поимите (смислата), дарува мудрост, ги исполнува со благодат лицата. Се случува истото како и со архиѓаконот и првомаченик Стефан, кој во Синедрионот прво го покажа благословот што Светиот Дух му го подари во душата, а потоа ја објави и славата на лицето (Макариј Хрисокефалос). Така, дејството на Светиот Дух го осветува, просветлува и озарува целокупното битие на човекот.
Сите дарови кои им се даваат на членовите на Црквата се дарови на Светиот Дух. Пророчкото видение, апостолскиот живот и маченичкиот крај се дарови  на Светиот Дух. Тоа значи дека видението на Пророците не е интелектуален ни фантазерски производ, Апостолскиот живот не е човекоцентрична мисија, мачеништвото на светителите не е реализирање на силната волја, туку сите тие се дарови на Пресветиот Дух.
Помеѓу даровите во кои се облекува оној кој го прима дарот на Светиот Дух се и преподобниот живот, кога човекот се бори да ги запази во крајност Божјиоте заповеди и да ја живее чистотата на душата и на телото, брачниот во Христа живот во општествените услови, во Христа пастирското служење со многу грижи итн., т.е. сите дарови кои ги дава Светиот Дух. Така, Светиот Дух го устројува целото устројство на Црквата, која Црква е Телото Христово.

Ј

Апостолите штом се испониле со Светиот Дух се исполниле со голема радост. Тоа бил нов опит за нив. Додека претходно биле само добри луѓе, сега стануваат членови на воскреснатото Тело Христово. Не се само поклоници на Христа, туку се нераскинливо соединети со Него. Оние кои ги гледале биле во недоумица, а некои со иронија велеле дека се опиени од ново вино (Дела. 2, 13).
Доаѓањето на Светиот Дух во срцето на човекот Отците на Црквата го нарекуваат трезвена опиеност (св. Дионисиј Ареопагит). Светиот Исаак Сирин, осврнувајќи се на такви состојби, зборува за тоа дека сите сили на човекот се вдлабочуваат во длабока опиеност. Се нарекува опиеност затоа што станува збор за голема радост и веселие, а се нарекува трезвено, затоа што тогаш човекот не ги губи своите сетила, ниту својот разум. Кога човекот бива обземен од Светиот Дух пребива слободен, или да се изразиме подобро, тогаш ја стекнува вистинската слобода, која не функционира како можност на избор (како што вели философската етика), туку како природна волја, како надминување на смртта. Апостолот Павле ќе запише карактеристично: И пророчките духови им се покоруваат на пророците (1. Кор. 14, 32). Тоа значи дека не му се потчинува човекот - пророк на дарот, туку дарот му се потчинува на Пророкот, односно не се поништува слободата на човекот, ниту се потиштуваат неговите интелектуални и душевни енергии.
Светиот Никодим Светогорец вели дека постојат три вида на опиеност. Прво, она што се случува од природното вино и кое е предизвикувач на многу зла. Второ, опиеноста која дејствува од страстите. На таа опиеност мислел Пророкот Исаија кога вели: тешко на опиените без вино (Ис. 28, 1). И на друго место истиот Пророк, осврнувајќи се на Ерусалим, вели: Слушај, понижен и опиен не од вино (Ис. 51, 21). Трето, опиеноста што се предизвикува од Светиот Дух. Ја среќаваме кај мајката на Пророкот Самуил, која се молела во храмот со големо расположение и нејзината молитва била умствена, во таков степен што детето на свештеникот Илија ја сметало за опиена и сакало да ја избрка од храмот. А таа одговорила дека не е опиена, туку го излева своето срце пред Господа (1. Цар. 1, 14 - 15).
Од оваа треат опиеност биле опиени Апостолите на денот на Педесетницата, затоа што тогаш Го примиле Светиот Дух, го откриле просторот на срцето, Го познале Христа подобро, станале членови на Телото Христово, се развила во нив голема љубов и жар за Христа, и тоа се изразило, како што објаснуваат Отците, со молитва.

К

Празникот на Педесетницата е последниот празник на Божјиот Домострој, како што веќе забележавме. За да се спаси човечкиот род и да се врати во претходната состојба, но и за да се издигне повозвишено, таму каде што би требало да достигне Адам но не успеа, Бог Го испрати Својот Единороден и возљубен Син. Христос Го објави Својот Отец, го откри Неговото постоење, а потоа Го испрати Светиот Дух, Кој исходи од Отецот и се испраќа преку Него (преку Синот). А Светиот Дух ги прави луѓето членови на Телото Христово и ги просветлува за да Ги познаваат Христа и Отецот.
Следствено, поредокот на Божјиот домострој и на спасението на човечкиот род е: Отец, Син и Свети Дух, бидејќи Отецот Го испраќа Синот а Синот Светиот Дух. Меѓутоа поредокот на обожувањето на човекот го следи обратното движење, односно од Духот човекот се издигнува до Синот и преку Синот Го познава Отецот.
Светиот Василиј Велики, анализирајќи го овој факт, а особено последниот кој го опишува движењето на човекот кон Богпознанието, вели дека кога ги примаме даровите што ги разделува Светиот Дух најпрво Го среќаваме Оној Кој разделува, односно Светиот Дух, потоа Го поимаме Оној Кој испраќа, односно Синот, и во продолжение се издигнуваме кон изворот и кон причината на добрата, Кој е Отецот.
Истото учење го среќаваме кај многу светители на Црквата. Ќе треба да се наведе учењето на светиот Симеон Нов Богослов, кој вели дека ако Христос е вратата, тогаш Светиот Дух е клучот преку кого ја отварама вратата и така стигаме во домот на Отецот.
Во оваа перспектива постојат посебни молитви кон Светиот Дух, како што е молитвата: Цару Небесен, Утешителу, Духу на вистината, Кој Си насекаде и сé исполнуваш, ризницо на добрата и животподателу. Дојди и всели се во нас и очисти нé од секаква нечистотија и спаси ги, Благи, нашите души.
Овде се гледа поредокот на Богопознанието. Преку Светиот Дух се очистува срцето на човекот, Го познава Христа и потоа се издигнува кон Отецот.
Како што кажавме и на други места, заедничко е дејството на Троичниот Бог, но тоа не значи дека се поништуваат Личностите, бидејќи Божјата благодат дејствува преку Личностите, затоа што во православната Теологија зборуваме за воипостасна благодат и енергија. Тоа го гледаме за време на Божествената Литургија. Целата молитва на анафората (на приносот) е молитва кон Отецот за да Го испрати Светиот Дух  да ги претвори лебот и виното во Тело и Крв Христови. Навистина, Светиот Дух ги претвара даровите во Тело и Крв Христови, а ние се причестуваме со чесните дарови и стануваме живеалишта на Троичниот Бог.

Л

Отците учат дека, иако Светиот Дух дејствува во целокупната твар и во сите луѓе, сепак секој човек учествува учествува во Неговите енергии аналогно со својата приемчивост. Треба да имаме приемчив орган за да ги примиме разновидните дарови на Светиот Дух.
Светиот Максим Исповедник, осврнувајќи се на оваа тема, вели дека светителите стекнуваат различни дарови не од својата природна сила, туку од Божјата сила. Значи, сите дарови ги дава Светиот Дух, но тоа се случува аналогно со приемчивоста. Светиот Дух не дејствува мудрост кај светителите, без умот кој ја прима мудроста, ниту знаење ако не постои силата на разумот, ниту вера, без информирањето на умот и на разумот за идните добра, ниту дарови на исцелувања, без природното човекољубие. Тоа значи дека светителите го примаат дарот на богословие, дарот на знаењето, дарот на исцелувањата, ако не постои приемчив орган за примање на тој дар.
Тоа не се случува само за даровите на богословие, туку и за други дарови. Се нарекуваат дарови затоа што ги дарува Бог, но аналогно со духовната состојба на секој човек. Светиот Максим пак нагласува дека секој верник го прима дејството на Светиот Дух аналогно со верата и со состојбата на неговата душа.
Светиот Никодим Светогорец по толкувањето на канонот на секој Господов празник прави егзистенцијални проекции, натгласувајќи го начинот на кој Христијанинот ќе се удостои да го живее тој настан во својот личен живот. Обично употребува една карактеристична фраза: Како и на кој начин. Оваа фраза ја сметам за многу значајна, затоа што проповедта на Црквата ја прави конкретна, а не апстрактна. Го велиме ова затоа што е можно да зборуваме за богословски прашања на теоретски начин, кои не ја допираат нашата душа. Еден таков приод и осврт не е православен. Кога ги читаме беседите на светите Отци на Црквата констатираме дека ги анализираат настаните низ перспективата како и на кој начин.
Така и на крајот од ерминевтичките анализи на каноните на Педесетница, светиот Никодим Светогорец прикажува како и ние можеме осетливо да Го стекнеме Светиот Дух во нашето срце. Употребувајќи го примерот на Апостолите, кои бивајќи послушни на Христовата заповед се вратија во Ерусалим и пребиваа постојано таму додека не Го примија Светиот Дух, вели дека тој е начинот преку кој можеме да станеме учесници во дејството на Светиот Дух. Ќе треба да презреме сé световно, и откако нашиот ум ќе се врати во срцето, како во олтар, да се молиме постојано според зборовите на Апостолот Павле молете се непрестано (1. Сол. 5, 17). Значи, ќе треба да станеме над земното, над секое сластољубие, среброљубие и славољубие и над секоја друга страст, и да се наоѓаме постојано во горната соба, односно во чистиот ум. Тогаш, срцето ќе биде ослободено од страстите, а душата мирна од хулни, лукави и срамни помисли. Светиот Василиј Велики ќе рече дека е невозможно да станеме сместливи за Божјата благодат, ако не ги извадиме од нашата душа сите страсти на злобата.
Светиот Дијадох Фотички учи дека со светото Крштение сме Го примиле Светиот Дух во срцето и сме станале членови на Телото Христово. Меѓутоа, со страстите сме ја покриле таа благодат, која не се губи целосно, туку тие ја покриваат. Треба, од една страна да ја извадиме пепелта на страстите, а од друга страна да го ставиме како дрва извршувањето на заповедите. Но, за да се запалат дрвата од искрата на Божјата благодат треба да дувнеме силно со молитвата Господи Исусе Христе, Сине и Логосу Божји, помилуј ме, со враќањето на нашиот ум во срцето. Оваа молитва се нарекува умствена и света молитва.
Анализирајќи ја својата мисла светиот Дијадох Фотички вели дека кога таа молитва пребива подолго време во срцето, тогаш не само што го очистува од страстите, туку наоѓајќи ја искрата на Божјата благодат развива еден стран и чудесен оган, кој ги изгорува нападите на лукавите помисли, го засладува срцето и целиот внатрешен свет и го просветлува умот. И светиот Григориј Палама вели дека оној кој го собира својот ум во срцето и го издигнува кон Бога трпи добра измена.
Навистина, со дејството на Светиот Дух, кога човекот ќе стане сместлив сад, во срцето се развива огнот на Божјата благодат. Светиот Василиј Велики вели дека постои вистинско пламнување на Духот и разгорување на срцето. И тврди дека тој оган што ги просветлува душите и ги уништува трската и трњето, дејствувал во Апостолите кои зборувале со огнени јазици; тој оган го озарил Апостолот Павле, тој оган ги стоплил срцата на Клеопа и на тие со него, од тој оган бегат демоните, но е и сила на воскресение, дејство на бесмртност, просветлување на светите души, составување на логосните сили.
Според тоа, Педесетницата се случала историски еднаш, но се повторува во животот на светителите. Кога обожените достигнуваат во една состојба на духовен живот, тогаш учествуваат во Педесетницата и стануваат апостолиц на Исуса Христа. Педесетницата е врвната точка на прославувањето и на обожувањето. Оние кои го следат истиот пат со Учениците се издигнуваат во тоа созерцание и учествуваат во благодатта и дејството на Педесетницата.

Немаше цел да се проанализираат сите моменти во врска со Личноста на Светиот Дух и со Неговите енергии. Секако постојат многу и интересни страин, но целта беше да се покаже дека христологијата не може да се одврзе од пневматологијата, ниту пневматологијата од христологијата. Воглавно ги нагласивме христолошките факти на празникот Педесетница, кои се тесно поврзани со Светиот Дух.
Апостолот Павле е јасен кога вели: Сите оние кои се управуваат по Духот Божји, се синови Божји (Рим. 8, 14). Деца Божји не се сите луѓе кои се создадени од Бога, туку оние кои се водени од Светиот Дух. Восиновувањето се поврзува со внатрешната умствена молитва: преку Кого викаме: Ава, Оче (Рим. 8, 15). Духот Божји Кој ше биде во срцето на човекот му сведочи на нашиот дух дека сме деца Божји (Рим. 8, 16). Значи, син Божји е оној кој во себе Го има Светиот Дух, Кој сведочи и потврдува дека човекот е Божјо дете. Меѓутоа, постоењето на Светиот Дух во срцето се потврдува од внатрешната срдечна молитва која се случува со извик.
Ако некој човек Го нема Светиот Дух во себе, тогаш не Му припаѓа на Христа, а тоа значи дека не е жив член на Телото Христово. Дури и ако некогаш се има крстено, благодатта на Крштението останува недејствителна, а човекот е мртов член на Црквата. Тоа го вели Апостолот Павле во еден значаен и Богооткриен цитат: ако некој Го нема Духот Христов, тој не е Негов (Рим. 8, 9). Никој не Му припаѓа на Христа ако Го нема Светиот Дух, со претпоставките што ги видовме претходно. Напротив, ако некој Го има во себе Светиот Дух, тој е вистински член на Телото Христово не живеејќи по тело, туку по дух (Рим. 8, 8 - 9). И од овој цитат се гледа колку тесно е поврзана Христологијата со Пневматологијата.
Цел на вочовечувањето на Логосот Божји е луѓето да Го примат Светиот Дух и да станат членови на Телото Христово, и така да станат живеалиште на Троичниот Бог. Затоа и цел на духовниот живот е учеството во Светиот Дух, преку Кого стануваме живи членови на Црквата, живи членови на Телото Христово и имаме заедница со Троичниот Бог.
Христологијата која не води кон учество во Пресветиот Дух, во реалното Тело Христово, е теоретска и не е полезна. Треба да се прави анализа на христолошките термини, токму за да се обезбедува начинот на исцелување и за да се укажува на патот за очистување, просветлување и обожување. Меѓутоа, кога не води кон лично учество во осветувањето, тогаш е бесполезна.
Во овие рамки се движеа и претходните анализи. Треба да чувствуваме голема чест и благослов, бидејќи ñ припаѓаме на Православната Црква и ја имаме можноста да учествуваме во Светиот Дух и да станеме земни поклоници на Светата Троица. Секако, треба да одговориме на овој голем благослов.

 

Извор:

Скопска православна епархија

Јеротеј Влахос: ГОСПОДОВИТЕ ПРАЗНИЦИ

Превод од грчки:

јеромонах Атанасиј Арсоски


 Вовед

 Христос е единствената глава на нашето спасение од многу причини. Он е Синот Божји, “икона на невидливиот Бог” (Кол. 1, 15), прототипот на човекот, Создателот на светот и Глава на Црквата. Според тоа, ние и како созданија и како луѓе и како членови на Црквата многу сме поврзани со Христа и многу сме Му должни.
 Во светоотечките текстови може да се сретнат многу изрази коишто ги прикажуваат Личноста и делото Христово, а секој од тие изрази покажува еден од белезите Христови, додека, пак, и сите заедно не можат да го искажат тое што е Христос. Он е животот на сите, патот, вистината и животот”, како што објави Самиот (Јован, 14, 6).
 Помеѓу изразите коишто ги употребуват светите отци за Христа се и следните: Он е “тајната на надспознатливото молчание”, “резиме на се сетилно и умно”, “Украсител на сите твари”, “славно скончание на законските установи”, “почеток на средината и на крајот” на човекот, “висина и длабочина, должина и ширина на познанието”.
 Еден значаен дел во православното учење зазема и Христологијата, т.е. словото за Христа. Овој дел од православната вера е премногу важен, затоа што Христос е толкувањето на сите нешта, бидејќи преку Него разбравме за Троичноста на Бога, преку Него беше создаден и пресоздаден светот. Он е главата на Црквата, преку светите Тајни ние стануваме Негови членови, членови на Неговото прославено Тело. Поради тоа Христологијата е клучот на православната вера и на вистинскиот живот.
 Светите Отци му дале големо значение на учењето за Христа, затоа што ако се искриви тоа учење, тогаш се менува и Тријадологијата, бидејќи Христос е “Еден од Троица”. Тогаш немаме ниту правилна нтрополгија, бидејќи Он е прототипот на создавањето на човекот. Тогаш не ја живееме ниту вистинската еклисиологија, бидејќи Христос е главта на Црквата и Црквата е Неговото славно воскреснато Тело. И тогаш, се разбира, не можеме да го постигнеме спасението, бидејќи надвор од Него е невозможно спасението на човекот.
 Затоа што врз тајната на Богочовекот Христос “се сопна” целата јудејска и елинско - философска мисла која што ја употребуваа нагласено еретиците, затоа светите отци широко го развиле Христолошкото учење. Ако внимателно забележиме, ќе се увериме дека сите Вселенски Собори се занимавале со тајнта на Богочовекот Христос. Само Вториот Вселенски Собор повеќе проникна во Личноста на Светиот Дух, но и тоа е најтесно поврзано со Христологијата на другите Вселенски Собори, од една страна затоа што учењето на Вториот Вселенски Собор е продолжение на Првиот, од друга страна, пак, затоа што Христос Го испраќа Светиот Дух.
 Целото учење на Црквата за Христа на убав и индуктивен начин е распоредено во Господовите празници, коишто се празници на божјиот домострој. Кога зборуваме за Божјиот Домострој мислиме на вочовечувањето на Синот и Логосот Божји за спасението на човечкиот род. Божјиот Домострој, којшто е единствената надеж за живот, се поставува наспроти човечкиот домострој, или подобро Богочовекоцентричноста се поставува наспроти современата, еретичка и погрешна човекоцентричност. Навистина, денес денес центарот е некако преместен. Од Божјата Икономија (Домострој) одиме кон економски системи, а од Богочовекот Христос одиме кон човекобогот, што е најголемиот проблем на нашево време.
 На Семинарот на Катихетите којшто се одржа во Атинската Архиепископија во 1994 - 1995 година ја развивме Христологијата на Господовите празници, коишто се празници на Богојавлението и на Божјата љубов, но и на обожувањео на човекот. Се обидовме да ја видиме целата оваа тајна на Божјото вочовечување и на обожувањето на човекот. И верувам дека беше посебен Божји благослов колку за мене што ги изложив овие реферати, толку и за слушателите, затоа што ни се даде можност, но и прилика повеѓе да Го возљубиме Христа, Којшто е “непотрошлива ризница на сите блага”, “веселие на срцето”, и “сладост на јазикот”.
 Оваа книга е поделена на два основни дела. Во првиот дел се објавени рефератите за Господовите празници коишто беа искажани на Семинарот за којшто спомнавме претходно, и коишто празници ги сочинуваат Дванаесетте празници. Во нив се прикажани, главно, Христолошките теми на тие големи Господови празници. Како што ќе се увери читателот, употребувам цитати од многу свети отци на Црквата, но најмногу ми послужија во развивањето на овие теми св. Јован Дамаскин, св. Григориј Палама и св. Никодим Агиорит, и се разбира, ми послужија и беседи од други светители коишто ги изговориле за овие Господови празници. Во вториот дел се вметнати некои текстови коишто порано беа објавено во разни списанија, и повеѓе анализираат некои Христолошки страни, коишто се прикажани во првиот дел. Мислам дека имаше потреба да се вметнат и овие текстови во ова издание.
 Признавам, се разбира, дека теолошките теми, а пред се Христолошките се многу суптилни и бараат особена работа и особено внимание. Оној којшто се занимава со такви сериозни прашања нагласено ги увствува зборовите на свети Григориј Богослов дека “да се богословствува е исто како да се оди на јаже”. Треба секој постојано да оди по јаже, да внимава, да не падне во погрешни теории. Впрочем, формулацијата на догматските термини барала многу време и го барала присуството на големите отци на Црквата, коишто имале опит - Откровение, но и познание на претпоставките, врз основа на коишто богословствувале еретиците. Токму поради тоа, ако и покрај мојата волја и покрај мојата лична вера, во некои моменти формулацијата не е прецизна, молам да ми се укаже за да ја исправам, затоа што и покрај моето лично несовршенство, сакам да останам во вистината, во учењето и во животот на Црквата.
 За појаснување треба да се нгласио дека тајната Христова, тајната на Божјиот Домострој е единтвена и не може а се дели, т.е. не може апсолутно да се подели во различни празници. На пример, ког некој зборува за тајнта на Божјото вочовечување, секако треба да се осврне на Христовото смирение (с). Но тоа Божјо смирение најизразно се гледа за време на Христовите Страдања. Исто така не може целосно да се оддели Крстот од Христовото Воскресение. Така, поделбата на Господовите празници е спогодбена, но и нужна, поради човечката слабост. Црквата ги празнува одделно тие Господови собитија, а востановила да им претходи пост и молитва, за да му се даде можност на човекот да ги доживее стадиумите на Божјиот Домострој во својот личен живот. Покрај ова значение, Црквата со распределувањето на Господовите празници во целата црковна година го осветува времето, го преобразува и го возведува во вечноста. Всушност го преобразува човекот којшто живее во времето и го води во вечноста.
 Сите собитија и сите т. н. стадиуми на Божјиот Домострој се доживуваат на секоја Литургија, каде што го живееме Христовото воплотување, она што го кажа и што го направи Христос, Неговите страдања и Крст, Воскресението, Вознесението и Педесетницата. Затоа и светите Отци велат дека “секогаш е Божиќ” и “секогаш е Педесетница”. Со други зборови, во Литургијата на денот на Христовото раѓање го доживуваме и Христовото Воскресение, и во Литургијата на празникот на Воскресението или на Вознесението го доживуваме и настанот на Божјото воплотување.
 Уште треба да се забележи дека стадиумите на Божјиот Домострој тесно се поврзани со стадиумите на духовниот живот. Христијаните аналогно на степенот на својата духовна состојба ги доживуваат Господовите собитија. Според тоа, не се работи за едно надворешно сообразување, т.е. не се работи за еден формален празник, туку за духовно доживување, и за да бидеме попрецизни, за светотаинско и аскетско подражавање на Христа.
 Секако, терминот “подражавање на Христа” има попримено едно еретичко фалсификување, затоа што од другите конфесии на овој термин му е дадено етичко значение и поимање. Но сепак терминот “подражавање на Христа” е библиски и светоотечки и го содржи целиот двиг на човекот кон обожувањето, што е неговата најдлабока цел.
 Свети Григориј Палама учи дека оние коишто живеат според Христа го подражаваат Христовото живеење во тело. Како што објаснува карактеристично св. Григориј Палама, “пожеток” на подражавањето е светото Крштение коешто е образ на Гробот и на Воскресението Христови, “средина” е добродетелниот живот и живеењето согласно со Евангелието, а “крај” е победата над страстите преку духовната борба. Таа победа го предизвикува безболезниот и небесен живот. И св. Григориј Палама продолжува велејќи дека и светителите коишто се поврзани со Христа, ќе умрат кога ќе дојде нивното време, како што впрочем се случи и со Христа, но ќе воскреснат со Него, прославени и нетрулежни, и ќе се вознесат за да го пресретнат Христа кога ќе дојде при Второто Пришествие.
 Св. Максим Исповедник, осврнувајќи се на подражавањето на собитијата од Божјиот Домострој и на нивното лично доживување, јасно вели дека Христос се зачнува во душата на човекот со вистинската и неосквернета во дух вера, се воплотува со вршење на заповедите, се распнува со трудот на практичната философија којшто труд е борба за преобазувањето на страстите, и воскреснува во срцето на човекот со духовните созерцанија. Така, аналогно со степените на духовниот живот, ги доживуваме Господовите празници, ги живееме воплотувањето, Богојавлението, Преображението, Крстот, Воскресението и Вознеснието на Христа. Според тоа, степените на духовниот живот, како што ги анализира св. Максим Исповедник, и коишто се практичната философија, природното созерцание и мистичната Теологија, најтесно се поврзани со личното учество во собитијата на Божјото вочовечување.
 Според светите отци Христос им се случува и принесува на луѓето аналогно на нивнта духовна состојба. Он е очистувањето на оние коишто се очистуваат, Он е просветелението на просветлените и Он е созерцанието на обожените (св. Максим Исповедник). Он им станува на луѓето постојана и бесмртна храна и пиење. На оние коишто се младенци и цицаат им станува светлосна дојка, на тие коишто се оддоени им се нуди како грижлив татко којшто ги воспитува, а на тие коишто пораснале им се нуди како најсладок леб (св. Симеон Нов Богослов). Аналогно со духовната состојба на човекот Христос се принесува како брат, пријател, татко, мајка и младоженец (св. Григориј Палама). На оној којшто му студи му станува облека, на тој на којшто е гладен му станува леб, на тој кој што е жеден му станува пиење. Затоа и Отците на Црквата ни советуватда врвиме неосудено преку сите “возрасти и сили Христови” (св. Григориј Богослов).
 На ова степенување на духовниот живот се осврнува и Апостолот Павле кога зборува за разликата помеѓу животот на духовниот младенец и на духовно зрелиот маж. “Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детинското” (1. Кор. 13, 11). Токму за таа цел даде Бог пастири и учители во Црквата, та да пораснеме “во маж совршен, во мерата на возраста на полнотата Христова, за да не бидеме веќе мали деца” (Еф. 4, 11 - 13).
 Според тоа, Господовите празници од Црквата ни се принесуваат за нашето духовно усовршување и созревање, за духовното растење. Тие не се прости “фолклорни” пројави, туку извори на живот и спасение. Според степенот на учеството во тие празници изразуваме дали сме младенци или зрели духовно. И, се разбира, на тој начин го изразуваме и нашиот црковен начин на мислење.
 Христос, според пророштвото на праведниот Симеон Богопримец, “лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот и е знак против Кого ќе се зборува” (Лука 2, 34). Он е “владетел на сите, судија на сите, цар на сите, творец на светлината и на животот Господ” (св. Симеон Нов Богослов). Он “е спокој на сета твар” (Исихиј Ерусалимски), но истовремено е големиот камен “и кој ќе падне врз тој камен ќе се разбие, а тој врз кого падне, ќе го здроби” (Мат. 21, 44).


Го напишав овој вовед во Атина на 25 Март 1995 година, на празникот на Благовештението на Богородица, коешто е објавување на тајната од вековите


  Архимандрит Јеротеј С. Влахос

 

Друго:

http://www.youtube.com/watch?v=805SREX88HU&feature=share

 


 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5763
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6581
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6364
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5560
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Беседи

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

 Спознанието на вистината, на лично ниво, не е интелектуално човечко достигнување, туку, пред сè, е Божји дар на просветленост на умот и обожение на личноста; дар Божји кој се добива...

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

Таму, на нeбoтo, e вистинскoтo Христoвo царствo и вистинскиoт Христoв живoт бeз примeси на грeв и смрт. Нo љубoвта на Синoт Бoжји кoн луѓeтo нашла дeка e пoпoтрeбнo да бидe...

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

Милoстињата штo сe прави oд цeлиoт ум, гo чисти чoвeкoвиoт ум. Сo eдeн збoр внатрeшната милoстиња гo исчистува цeлиoт чoвeк. Акo e милoстињата самo oд рака, таа нe ја чисти...

Месопусна недела: Страшниот суд

Месопусна недела: Страшниот суд

Христијанската љубов е „возможна невозможност“ да се види Христос во секој човек, кој и да е, човекот што Бог, по Својата вечна и тајна промисла, решил да го воведе во...

 Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Што се случува со оние кои Страшниот суд ги затекнува во грев и пад? Тоа што Богочовекот Христос воопшто стапува во дијалог со нив, колку и да звучи тоа страшно...

Митрополит Тимотеј: † БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА ЦАРИНИКОТ И ФАРИСЕЈОТ

Митрополит Тимотеј: † БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА ЦАРИНИКОТ И ФАРИСЕЈОТ

Параболата за цариникот и фарисејот претставува длабоко проникнување во човековата душа, и за нас е многу важно да го задржиме нашето внимание врз ова кажување. Оваа парабола нема во предвид...

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Каква умилна слика ни претставува Сретението Господово! Старецот Симеон во раце Го држи Младенецот, спроти него – праведниот Јосиф и Пресветата Дева Богородица; во близина – пророчицата Ана, постничка и...

Дејан Трајков: Оддалечување од Христа и од христијанските идеали

Дејан Трајков: Оддалечување од Христа и од христијанските идеали

Современиот човек брза по светските суети, бега од скромниот живот и во празните и лажни авантури бара да ја заборави душевната горчина, која му ја создава свеста за безбожните дела....

Беседа на денешното Евангелие, посветена на Преподобна Ксенија Римјанка

Беседа на денешното Евангелие, посветена на Преподобна Ксенија Римјанка

Да се потсетиме на еден збор што го слушнавме од светиот Апостол, он спомна „посиновување“. Он спомна нешто што е навистина пресвртница во човековиот живот. Во човековиот живот, покрај тоа...

« »

Најново од духовност

Православен календар

 

16/04/2024 - вторник

Велигденски пости; (строг пост)

Преподобен Тит Чудотворец; Светите маченици Амфијан и Едесија;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Славен и прославен е Господ од целиот род човечки,што изнедри таква фиданка како тебе о, Јосифе,рако продолжена на Духот Свети,поттикнат...

Тропар на светиот Христов исповедник преподобен Никита 3 април / 16 април 2024

Тропар на светиот Христов исповедник преподобен Никита 3 април / 16 април 2024

Исповедниче на православието,пастиру на овците словесни,велик молитвенику, од Никифора преподобниотдуховно роден, од Тарасие Патријархотсо оклопот на свештенство облечен,

 Тропар на преподобниот отец наш Тит чудотворец 2 април / 15 април 2024

Тропар на преподобниот отец наш Тит чудотворец 2 април / 15 април 2024

Небесата сведочат за твоите подвизи,преподобен оче наш Тите,земјата те восфалува со сведоштво на твоите ученици,кои по делата на верата твоја...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная