логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 3.angeli.so.truba

Кога станува збор за комплексноста на феноменот на модернизација

Верата во современото општество кога станува збор за комплексноста на феноменот на модернизација, не можат да се пронајдат шеми, или предвидливи формулации за премин од традиционалното кон модерното, чија крајна цел е замена на стариот етос, во нов, посовремен. Човекот се соочува со две конфликтни цели: да остане присебен, и да е во тек со современите трендови. Модерниот менталитет има нов став кон феноменот на промени, прифаќајќи го либерализмот како вистинско ослободување. Но, во тој хаотичен премин, човекот почна да го губи чувството за идентитет. Губејќи го внатрешниот идентитет, кој всушност е достигнување на Адамовата состојба пред падот, се повеќе се наметнува концептот на научната методолошка скепса во секојдневното живеење.

Тоа значи, човекот почнува да се сомнева во одреден систем на апсолутни вистини, и почнува да трага по свои сопствени одговори на универзалните прашања. Исто така, човек се повеќе се наслонува на сопствената индивидуалност, независност и достоинство, а ги напушта чувството за заедничарење, духовниот авторитет и послушанието како средства за познание на Бог. Ова пак, нужно води, во постепено потпирање претежно на своите чувства, мисли и убедувања, без претходна проверка со духовниот авторитет (духновниот отец). Така, доаѓаме до релативизација на апсолутната вистина, бидејќи своето лично убедување човекот почнува да го доживува како објективно, како стандардна мерка за вистина. Со тоа добиваме „приватизација“ на верата („Си верувам во Бог, но не верувам во попови и не одам на црква“; „Постои некоја виша сила“; „Нека се симне од Крстот – па ќе поверуваме“ (Мар 15:32) ; и тн.). Живеејќи во ваков духовен хедонизам, постојано бараме Црквата да се приспособува кон нашите лични потреби. Но, ако тоа се случи, Црквата никогаш нема да не промени, бидејќи би создале црква според наш лик и подобие. Тогаш нашиот живот не би бил: „живееме во светот, но не сме од овој свет“, туку би бил: „ние сме од светот, но не живееме во светот“. Христовото доаѓање во овој свет беше проследен со повикот за покајание (преумување, промена на мислење) и наша внатрешна преобразба. Црквата не може да го следи светот (нас и нашите потреби – читај страсти), но да го приведе кон Царството Небесно. Само на овој начин доаѓа до промена (очистување), па стануваме повеќе слични на Бог, Кој е Апсолутен и Непроменлив. Верата и технологијата Технологијата го менува односот на човекот кон тварта, но не може да го менува односот на човекот кон Бог. Технологијата ја приспособува тварта кон потребите на човекот. Недостатокот е, секако, кога самата технологија ќе прерасне во наш идол на кој би му принесувале жртви. Еден од начините на идолатрија кон технологијата е, кога, некое технолошко достигнување, ќе го сврти нашето внимание од постојаното трагање на универзалните вистини, и би го втурнал нашиот светоглед кон прагматични грижи и предизвици. Бидејќи технологијата е само алатка, за да создадеме релација меѓу верата и технологијата треба да се разгледа етиката во технологијата.

Технологијата не би можела да содржи морални или етички квалитети, но сепак е поврзана со етичките обврски на оние кои создале одредено технолошко достигнување, а исто е поврзана и со етичките обврски и на оние кои одлучуваат во кој правец би се користело истото. Не помалку битно е и како се одредуваат етичките стандарди за она што е исправно, а што не е, и дали тие би биле подлежни на релативизација. А тоа доведува до прашањето: „Што е морално однесување“. Да го земеме пример клонирањето. Научникот од оваа област се соочува со морална дилема, бидејќи се руши човечкото достоинство, со тоа што се врши експеримент врз човек. Институтите кадешто се вршат истражувањата од оваа област, најчесто се соочени со моралните предизвици во врска со злоупотребата на оваа технологија. Клонирањето може да се користи за отстранување на генетски наследна болест која ја имаат и двајцата родители, но, може да се искористи, да се клонираат луѓе, кои подоцна би се користеле како фарма за продажба на органи (или како војска). Во врска со релативизацијата, се разгледуваат етичките стандарди до каде треба да се оди: дали е добро клонирањето на животни, но не и на луѓе? Дали е исправно да се клонираат само одредени органи или ткива за да се спаси нечиј живот? И на крај, ентитетите (владите и разните организации) кои се поборници ова да се легализира, секако, не следат никаква етичка норма во врска со ова прашање, но се во морална дилема дали човештвото е подготвено или не е за да се протурка технологијата во пракса, без да наиде на осудување. Мета етиката се обидува да ја разбере природата на етичките својства. Мета етиката бара одговор на прашањето: „Што е добро“. Исто така, се обидува да пронајде дали моралните закони се апсолутни или релативни, и на крај, прави обид да разбере како човекот може да го разликува доброто од лошото. Во православната Црква, пак, етиката се разгледува од перспектива на спасението на човекот, и градењето личносни односи во заедницата и со Бог. (Ефесјаните, глава 4). Така, ние престануваме да бараме правда и морални норми надвор од Телото Христово, а внатре во него се стремиме да станеме свети (1 Петар, 1:13-23). На овој начин, етиката во православната Црква прераснува во аскетика. Не се трудиме да станеме доволно добри за Бог, но да бидеме слични на Бог во Неговата Добрина. Живеејќи со ваков дух, се преобразува и разрешува секоја морална и етичка дилема поврзана со технологијата. Технологијата и современото општество Технолошкиот детерменизам е идејата дека ефектите од технологијата имаат огромно влијание врз животот на човекот, и влијаат врз промената на општествените вредности.

Технологијата ја гради културата на едно општество, и го одредува однесувањето на луѓето. Поборниците на оваа теорија сметаат дека самото општеството е немоќно и не доволно свесно да ги согледа сопствените слабости и немоќи, па дозволува технологијата да одредува општествени промени. На пример, Интернетот од корен ги смени економијата и општествените вредности. Начинот на однесување на луѓето драстично се смени со појавата на паметните телефони. Се промени начинот на стекнување на нови знаења: од читање книги, резонорање и поврзување на факти; во барање одговор на Интернет пребарувач. Општествениот детерминизам означува дека самото општество ја одредува и дефинира технологија. Културните вредности одредуваат промени и развој во технологијата. Начините на кои би се практикувала технологијата не можат да се разберат, ако немаат општествен контекст. На пример, проекти за технолошки иновации финансирани од влади или институции за одредени цели (развој на лекови, оружје, вселенски програми и тн.). Одредување рамки во кои би се користела технологијата (Интернетот порано се користел само за воени цели, денеска се користи во секоја сфера од општеството). Сепак, двете горенаведени теории се ограничени. Технологијата и општеството взаемно се изменуваат на еден недетерминистички начин. Ефектите од одредена технологија врз општеството (технолошко детерминирање на општеството), зависат од тоа како ќе се имплементира технологијата во пракса, што е пак, општествено детерминирање. Православниот христијанин единствено може да опстане во вакви сложени системи, ако самиот постане крст. Хоризонталата е љубовта на раширените раце која го прегрнува секој наш ближен, а вертикалата е познание на Љубовта која доаѓа одозгора. Ако отфрлиме барем една компонента, тогаш се симнуваме од крстот, а во раката ни останува еден обичен стап. Местото на совршено вкрстување на хоризонталата и вертикалата во идеален крст се случува на Светата Литургија. Верата во Апсолутната Вистина Едно од суштинските прашања по кои трага човекот е она за апсолутната вистина. Дали постои вистина, т.е. дали објективната стварност е идентична за секој човек (постои независно од човекот), и ако постои вистината дали таа е апсолутна, т.е. дали восприемањето е објективно? Во математичката логика постои метод наречен reductio ad absurdum. Овој метод ја докажува вистинитоста на одреден исказ, со тоа што, од претпоставката дека негацијата на исказот е точна, се доаѓа до одредена контрадикција, или апсурд. Да претпоставиме дека исказот p: „Не постои апсолутна вистина“ е вистинит. Тоа значи дека се е релативно. Од ова пак следува дека и исказот p: „Не постои апсолутна вистина“ е релативен, односно можеби и не е точен исказ. Штом не е точен, тогаш неговата негација: „Постои апсолутна вистина“ е точна. Така, од претпоставената вистина на исказот p дојдовме до контрадикторност дека и неговата негација е вистина. Па, според гореспоменатиов метод, следува заклучокот дека исказот p не е точен исказ, а од ова следува дека негацијата на исказот p е точна: „Постои апсолутна вистина“. И философски гледано, исказот не е издржан, затоа што како апсолутна вистина се тврди дека не постои апсолутна вистина. Гледаме дека доволен е човечкиот рационален дел од умот – разумот, за да познаеме дека постои апсолутната вистина.

Понатаму, се надминува рационалното, и ја земаме верата како средство за да познаеме дека таа Совршена Вистина е Бог, Кој е Еден, во Три Лица. Вистината ја сфаќаат само оние кои опитно ја доживеале во својот живот. Оние пак, кои сакаат да ја познаат преку мудрувања, светиот апостол Павле ги нарекува душевни: „Душевниот човек не го прима она, што е од Божјиот Дух; за него тоа е безумство; и не може да го разбере, оти треба духовно да се испита.“ (1 Кор. 2:14). Верата, технологијата и општеството во пракса Во денешново современо општество почнавме да живееме подвоен живот: секојдневниот живот кој го имаме – дома, на работа, во околината; и православниот живот кој се сведува на неделна Литургија, и ако имаме време (обично вечерта пред да си легнеме) за молитва. Притоа, често забораваме, дека целото време од нашиот живот треба да прерасне во света Литургија, а целиот простор во свет храм. Вака подвоени, многу тешко се вклопуваме и во двата амбиенти, и во светот, и во духовниот живот. Родителите најчесто погрешно ги воспитуваат своите деца. Што и да посака детето, родителите се трудат да ја задоволат неговата желба, без да размислат за штетните последици од претераното снисходење. На тој начин, прерано се стимулира гордоста. Денеска децата се опкружени со секакви играчки, вклучително и телефони, таблети, и секакви други удобности. Изобилуваат со најразноврсна храна, имаат на дофат што и да посакаат. Кога детето ќе порасне, и покрај тоа што било воспитувано во христијански дух, би го одбрал животот на постојано задоволување на своите страсти (тоа веќе му преминало во навика), затоа што таквиот живот е премногу атрактивен.

Погрешно е, од друга страна, целосно да се изолира детето од современото општество и технологија, бидејќи „живееме во светот“. Добро би било, со личен пример да им покажеме на нашите деца дека „не сме од овој свет“. Потребна е жртва. Не е решението телефон, за купен попладневен мир. На децата треба да им ја даваме онаа љубов, која ние самите (за нас) ја бараме од нашиот Отец Небесен. Вака одгледаните деца влегуваат неподготвени во реалната суровост на светот. Не се научени дека не секогаш мора (и треба) да е по нивна волја. Се прашувам, како ќе ги одгледаат сопствените деца, децата на нашата генерација? Ова можеби е суштинскиот проблем за големиот пад во нашево време. Премногу станавме навикнати на уживањата. Во која општествена сфера и да погледнеме, ќе го видиме истото: пад, поради немањето желба за херојска саможртва. Младите многу доцна стапуваат во брак – бидејќи бракот претставува огромна жртва кон сопружникот. Патем, на самата венчавка се пее тропарот за маченици, а на главата се ставаат маченички венци (кои забораваме дека стануваат царски венци на славата). Деца – уште поголема жртва. Ние го отфрливме Божјиот благослов (1 Мој 9:1), и полека почнуваме да ги чувствуваме последиците (1. Мој. 3, 16; Дела 18:6). Се поголем број социолози и психолози сметаат дека Интернетот, а особено социјалните мрежи се причина за се поголемата отуѓеност на луѓето. На фејсбук (се сеќава некој на mIRC?), ние најчесто се продаваме себеси. Стануваме како оние најуспешните промотори на некој продукт, само што сега, продуктот сме ние, а го промовираме сопственото високо мислење за себеси. Секогаш се претставуваме во најидеален можен начин: одбираме зборови, одбираме фотографии, мисли, цитати, песни, се – за да се продадеме себеси. А пазарот е целиот свет. Вака идеализирани, оние другите што не гледаат и читаат почнуваат да не идолизираат. Бидејќи и тие се западнати во истата схема, не можат да ја видат нашата лажна претстава. Си формираат најсовршена слика за нас, бидејќи им стануваме предмет на обожение. Оттука и следува големото разочарување кога (евентуално) ќе не сретнат во реалноста. Ќе видат дека нашата појава на социјалната мрежа било илузија.

Всушност, со тоа покажуваме колку ние не градиме личносни односи со останатите луѓе. Ние се разочаруваме ако некој не се вклопува во претставата која ние сме си ја замислиле за него зашто отстапува од нашиот идол, модел. Личносниот однос подразбира љубовно прифаќање на другиот заедно со неговите страсти, слабости и (особено) падови, трудејќи се некако (ако е можно) да ги промениме. Значи, препознавањето на страстите во другиот е причината за нашето разочарување, но би требало да биде и огледало во кое би виделе дека и ние сме западнати токму во истите страсти. А ако не сме, понекогаш Бог допушта да западнеме, бидејќи сме го осудиле другиот. Не сакајќи да ја прифатиме сострадалната болка, ние пополека се оддалечуваме од останатите, создавајќи си виртуелен свет околу себе. А денешниов реален свет постојано го стимулира тој наш виртуелен свет на забава (entertainment). Та и смислата на самиот збор (со латинско потекло) е таа: да држи, да одржува, да окупира, т.е. да не држи внатре во виртуелноста, отуѓеноста и страстите. Нова, а сепак доста застапена појава денеска е неверството преку социјалните мрежи, за кое во социјалните науки е воведен и термин – дигитално (или кибер) неверство. Тоа настанува од, како што рековме, илузијата која ја создаваме за другиот, во овој контекст, таа илузија се нарекува виртуелна платонизација. Ова неверство вообичаено (но не и секогаш) се појавува ако претходно сопружникот се почувствувал недоволно среќен во бракот. Незнаејќи духовно да го надмине проблемот, прибегува кон утеха која не е одозгора, па ја наоѓа кај оној од спротивниот пол за кој имал претходно создадено идеална слика. Од другата страна наидува на утеха и разбирање, а тоа е вистинскиот момент демоните да дојдат со својот предлог: мојот сопружник нe ме разбира, како што ме разбира интернет – пријателот.

И пак, поради немање духовен опит, предлогот станува желба која извира од срцето. Дигиталното неверство не мора да прерасне во телесно, може да остане само емоционално (душевно). Социолозите сметаат дека душевното неверство е дури и потешко за простување отколку телесното. Какво и да е, сепак е неверство (Мат 5:28). Но, сопружникот не смее да стане параноичен и постојано да се сомнева во својот брачен другар. Ниту пак значи, дека треба да се затвори и да нема контакти со луѓе од спротивниот пол. Неверството не е нешто ново, но социјалните мрежи (како и секоја една страст) го направија многу лесно достапно. И лекот е истиот како и отсекогаш: покајанието на едниот, и простувањето на другиот. Духот на христијаните во општеството Видовме дека денешниов современ свет, со мноштвото технологии, е многу сложен. Од погоре кажаното, не смееме да заклучиме дека „светот е зло“, затоа што „светот лежи во зло“ (1 Јов. 5:19), но не е зло. Таков е светот, кој е непреобразен и подложен на распаѓање. Но, ние треба да постанеме победници (1 Јов 5:4). Не можејќи да се снајдат во општественото опкружување, многумина почнуваат да се радикализираат, односно, погрешно запаѓаат во другата екстремала – претеран зилотизам и нездрава побожност. Причината е поради немањето (или слабиот) духовен опит од една страна, и отфрлањето на оние кои го имаат тој опит, од друга страна. Се поставува прашањето, како да го живееме духот на православните христијани, пребивајќи во комплексноста на денешницава? Можеби најдобар одговор би пронашле ако погледнеме наназад, и видиме каков бил духот на православните христијани од раната Црква.

Свети Јустин Философ во неговото послание до Диогнет (незнабожец кој се интересирал за христијанската вера) дава многу убав одговор за тоа што значи да си христијанин во овој свет: „Зашто, христијаните од другите луѓе не се разликуваат ниту според татковината, ниту според јазикот, ниту според облекувањето. Зашто, ниту живеат во посебни градови, ниту употребуваат некој посебен дијалект во говорот, ниту водат некаков посебно означен живот. Нивното учење не е пронајдено преку измислувањата на љубопитните луѓе, ниту се тие, како некои други, приврзаници на некоја човечка наука. Тие живеат во елинските и во варварските градови, според тоа како секому му паднало во дел, и во своето облекување и храна и во останатиот живот ги следат локалните обичаи, но пројавуваат восхитувачка и навистина чудесна состојба на својот живот. Живеат во своите татковини, но како минувачи. Како граѓани учествуваат во се`, но се` поднесуваат како туѓинци. Секоја туѓина за нив е татковина, и секоја татковина – туѓина. Во брак стапуваат како и сите, раѓаат и деца, но родените деца не ги фрлаат. Престојуваат во тело, но не живеат според телото. Деновите ги поминуваат на земјата, но живеењето им е на небото. Се покоруваат на постоечките закони, но со својот живот ги надминуваат законите. Ги сакаат сите луѓе, а се прогонувани од сите. Ги презираат и осудуваат; ги убиваат, а тие оживуваат. Сиромашни се, а мнозина збогатуваат. Од се се лишени, а во се изобилуваат. Ги понижуваат, а тие во понижувањето се прославуваат. Ги клеветат, а тие се покажуваат праведни. Ги исмејуваат, а тие благословуваат. Ги навредуваат, а тие сите ги почитуваат. Кога прават добро, ги казнуваат како злосторници. А кога ги мачат, се радуваат како да добиваат живот повторно. Од Јудеите се напаѓани како туѓинци, и од Елините прогонети, но причина за непријателството на оние што ги мразат, не можам да наведам. Просто кажано, христијаните во светот, се она што е душата во телото. […] Нив Бог ги поставил на толку големо место, така што не можат да си дозволат да се одречат од тоа.“

3.angeli.so.truba

Игумен Григориј

манастир Свети Четириесет Севастиски маченици,

Банско, Струмица

 

Избор од фб профил на

Simeon Stefkovski

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 730
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Митрополит Струмички Наум:  Умно-срдечната молитва – критериум на вистинско богословие (07.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум на вистинско богословие (07.07.2020)

Теологија без умно-срдечна молитва е повеќе технологија, т.е. умешност, односно техника на составување и вообликување на мислата и на зборот, отколку богословие, отколку Божјо слово; повеќе знаење што произлегува од...

 Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Во духовната пустина на овој суетен свет, на ова место на нашето исконско туѓинување, огромна е човечката жед за љубов. Дури и се навикнуваме да живееме без внимание кон себе...

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Да си споменеме за да поверуваме во она дека сė што е соединето со Бога е спасено, та освестеното да го примениме во нашите животи. Да престанеме да ги распнуваме...

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Исто така, извршен e и Литургискиот (Евхаристиски) збор, и тој е збор во сила; извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот; затоа што Христос е...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥  (03.07.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥ (03.07.2020)

Свети Наум бил мудар учител, единствен раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Тој постојано работел на преводи на светото Писмо и другите богослужбени книги од грчки на...

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Кој им е проблемот на фарисеите, тогашни, денешни и на сите времиња? Тоа што постојано бараат грешка; но не баш кај секој, туку посебно кај оној на кого се фиксирани....

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

И најважно од сѐ е – на секое зло да враќаме со добро, со љубов. За да ни биде дозволено да ја кажуваме оваа молитва треба и во мислите и...

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

Важно е да напомнеме дека и покрај големите и епохални откритија на науката, животот на денешните луѓе не ѐ подобар. Напаротив создаден ѐ кај луѓето страв и немир, наместо радост...

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

И така, не оди да се причестуваш со Светите Тајни Христови ако не си побарал прошка од братот свој, ако не си му одговорил со љубов или ако не си...

« »