Дедо Наум -
ЗОШТО СЕ ШИРАТ ДУШЕВНИТЕ БОЛЕСТИ

Во претходната беседа заклучивме дека, ништо добро не произлегло од безмерното седењето пред разните екрани и автопромоцијата на социјалните мрежи,
од таа зависност и болест на новото време, освен, најчесто, растројство на човековата личност,
со сериозни - до опасни, когнитивни и емоционални дисторзии и девијантни однесувања.
Сега ќе се обидеме да дообјасниме уште некои феномени од ваквото исполнување на демонската волја.
Ги опфаќаме само психолошките димензии на проблемот,
не и физиолошките – кои, исто така, отпосле стануваат многу важни.
Пред сѐ, треба да сме свесни дека сите гревовни појави на социјалните мрежи се должат на нашата душевна болест и следствено – на демонското влијание во такви услови.
Нели, и светиот Игнатиј Брјанчанинов вели дека сите сме во прелест – кој во помала кој во поголема;
затоа што многу е различна прелеста на оние што не одат на црква и не водат православен духовен живот,
од оние што одат и водат;
и многу е различна прелеста во зависност од тоа – на кое ниво од духовниот развој се наоѓаме:
дали сме на ниво од чистење на срцето од страстите или сме на ниво од просветлување на умот.
Јасно е дека колку ние напредуваме во духовниот развој, толку помалку простор за прелеста оставаме.
Душевна болест значи,
срце неочистено од страстите и од демоните поврзани со тие страсти, и како резултат на тоа, ум кој е непросветлен – поради неможноста на енергијата на нашиот ум молитвено да се соедини со својата суштина во нашето срце,
а преку неа со Бог.
Не е можно постојано да ги исполнуваме нашите страсти на славољубие, среброљубие и сластољубие,
а да очекуваме срцето да ни е отворено за умно-срдечната молитва;
следствено, ќе отсуствува и дарот што од таквата молитва произлегува – просветленоста на умот, како и слободата од доминантното влијание на демонската прелест.
Значи, за постоење на расцепеност, поделба, во нашиот ум доволна е само мала прелест,
односно прифатената демонска лага и разликата што се создава меѓу лагата и Божјата вистина во нашиот ум;
на пример, за едно нешто имаме оформено и прифатено мислење, а тоа не е вистина, туку е лага;
што може да му се случи дури и на човек со просветлен ум.
А да не зборуваме каква расцепеност е отсуството на умно-срдечната молитва, што значи, дека нема достап енергијата на нашиот ум до својата суштина во срцето;
што е показател дека нашето срце не е очистено од страстите,
како и од демонското влијание поврзано со истите;
што е, пак, показател дека нашиот ум се наоѓа во одреден степен на лага, и ако е уште и надвор од послушание на Божјите заповеди, сигурно и живее во лага;
тоа е одлика на сите оние кои што немаат просветленост на умот – што произлегува од дарот на умно-срдечната молитва.
Кога веќе знаеме колку сме болни и колку нашиот разум не може објективно да перципира,
а со тоа и правилно да размислува, како и да донесува заклучоци, не би требало толку да се чудиме кога на социјалните мрежи, и во секојдневниот живот, се среќаваме со толку многу емоционални реакции, селективна перцепција, дезинформации, големо искривување или погрешно толкување на фактите,
заземање на страни и самоубиствени поделби, генерализирање, поттикнување и ширење на гласини, масовна хистерија и што ти ли не.
На социјалните мрежи многу полесно се изнесуваат самоуверени категорични ставови,
кои најчесто се судења и осудувања, засновани на усвоената лага, прелест; и кои, најчесто, се само проекција.
Тоа го прават и луѓе кои ги штити позицијата,
но најчесто луѓе кои немаат никаква позиција – што на тој начин мислат дека ќе ја остварат,
поддржани од популизмот на масата – од усвоените наративи и задскриени позади вистинските и лажните профили,
што им создава чувство на недопирливост, неказнивост и избегнување на личната одговорност; како да нема Бог Кој секогаш гледа какви штети ние правиме со нашето однесување.
Како што е убаво речено:
„колку побезначаен фактор, толку повеќе врева крева“.
Погоре опишаното однесување претставува когнитивна и емоционална деформација - длабоко душевно растројство.
Тука нема збор за оптимално психолошки, емоционален и интелектуален напор,
а камоли духовен, да се дојде до вистината.
Со тоа, во голема мера, отсуствува правилна перцепција, анализирање и расудување.
Имено, повеќе се работи за когнитивни дисторзии – предрасуди, илузии, делузии, проекции, отколку за нормално размислување, што резултира од севкупно пореметен до отсутен тест на реалноста.
Полесна е емоционалната реакција – заснована на заробеноста од страстите, како и лекомисленоста во проценките на нештата што се случуваат околу нас,
отколку правилното резонирање и донесување издржани заклучоци.
Затоа когнитивната и емоционалната деформација станале добра основа за влијание врз масите и насочување на нивниот начин на гледање и прифаќање на случувањата – за формирање на наратив, за создавање на информациски хаос – преку изобилство и противречност на информации,
како и за подметнување, во такви услови,
на божем нови, напредни и спасителни идеи.
Со еден збор - добра основа за манипулација со луѓето, т.е. за остварување на начелото
подели и владеј.
Ваквата состојба е своевидно анестезирање на здравиот ум, која од друга страна, пак, постојано се потхранува преку социјалните мрежи и другите медиуми, за – на крај, да можат да ја користат за своите цели некои тајни и јавни здруженија и наднационални корпорации,
кои, пак, своите планови ги спроведуваат преку разните политички, религиозни и невладини организации.
Јасно е дека самите се ставаме во ваква бедна ситуација, затоа што сѐ уште болни и неподготвени, превидувајќи го целиот светоотечки ред на православниот духовен живот, крајно се изложуваме на штетното влијание на социјалните мрежи.
Ние, како духовно неподготвени, ем се самораководиме духовно, ем не знаеме како правилно да ги селектираме и процесуираме примените информации,
ем сами шириме дезинформации - и на крај ѓаволот ни бил крив.
Православниот духовен подвиг, не е само уметност над уметностите,
туку, Светите отци го нарекуваат и наука над науките
- би додал, поегзактна наука од него и нема,
а ние се однесуваме како воопшто да не постои светоотечкото Предание.

































