логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Денес, Светиот Апостол и Евангелист Јован Богослов, којшто во црковното предание е нарекуван уште и „Апостолот на љубовта“ и чијшто спомен го славиме, си избра еден нов апостол на љубовта Христова, удостојувајќи го нашиот Старец и игумен, Архимандрит Партениј, да биде едногласно изгласан од страна на светите архиереи од Свештениот Синод на МПЦ – Охридска Архиепископија и да го прими благословот на највозвишниот и свет, апостолски архиерејски чин. Оваа синодска одлука доаѓа во денот кога го славиме уште и споменот на Преподобниот Арсениј Велики, патрониот светител на славниот бигорски игумен од преродбенскиот 19 век, Архимандритот Арсениј.

Светиот Синод му го возложи на нашиот Старец ова ново послушание, овој голем крст во служењето на народот Божји, усвојувајќи го барањето на многупочитуваниот и возљубен ни владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој го предложи за викарен епископ на богочуваната Дебарско-кичевска епархија. Новата владичка титула на Старецот ќе му биде Епископ Антаниски и игумен на Свештената Бигорска Обител. Насловот на оваа епископската титула доаѓа од древниот град Антанија, чијашто местоположба била кај денешниот Чебренски манастир и кој во доцното римско доба бил епископско седиште.

Наречението на Старецот за епископ ќе се одржи Претечевиот храм на Бигорската Обител, на 11 јули, во навечерието на празникот Собор на Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле, а хиротонијата е предвидена за следниот ден, односно на самиот апостолски празник, во древниот и прекрасен храм на Премудроста Божја, „Света Софија“ во Охрид.

На монашкиот синаксис пред неколку дена, на кој Старецот, нам, неговите браќа, ни ја соопшти веста за неговиот избор за епископ, тој, меѓу другото, уште еднаш ја посочи својата главна животна цел – духовниот напредок на монашката заедница и спасението на што повеќе луѓе:


Старец и игумен, Архимандрит Партениј

„Чеда мои, вие добро знаете колку сум чувствителен за секого од вас, колку многу секој од вас поединечно ми значи; зашто, сите вас со многу маки и со големо трпение сум ве раѓал во монашкиот живот, пролевајќи обилна духовна крв. Затоа пак ќе ви повторам: сите вие сте ми неопходни, бесценети. Потребни ми сте, бидејќи сте мои деца. Без вас не можам и не сакам со ништо да продолжам. Ние сме меѓусебно поврзани со врската на совршенството – љубовта во Христа (сп. Колос. 3,14), во едно тело, во еден духовен организам. Вие сте сведоци дека вашиот пад, бил и мој пад; вашата тага е и моја тага, вашата радост – моја радост. Преку благодатта Божја и по молитвеното покровителство на нашата заедничка Мајка Богородица и на нашиот закрилник Свети Јован Крстител, тоа така и ќе остане докрај! Мене ништо друго не ми е поскапоцено од моите монаси, монахињи и духовните чеда. За ништо од овој живот не би ве оставил и не би ве менувал. За мене нема ништо поскапо и попосакувано од вас. Па дури и ако би ме удостоил Бог со Рајот, а да треба да останам без некои од вас, јас, ви кажувам отворено, нема да одам. Или сите заедно, макар какви и да биле некои, или ниту јас. Сакам ова добро да го запаметите. Да имате секогаш на ум колку многу ми значите и колку ве љубам. Без вас животот навистина не можам да го замислам. Затоа, ве замолувам да бидете внимателни и трезвени. Со вашите молитви и со вашиот подвиг да ми помагате во носењето на крстот. Оти, архиерејската служба во правилна смисла значи постојано распетие за словесното стадо Христово. Неутешениот свет, во вас гледа голема утеха, гледа Христови ученици. Да не ги разочараме жедните за Бога души. Низ целата историја, најголемата утеха и просвета доаѓала токму од Црквата, особено од манастирите… И немојте да мислите дека некој е безначаен. Сетете се на зборовите што ги кажа Спасителот, дека само една душа човечка е поскапоцена во Неговиот очи од целиот свет (сп. Матеј 16,26). Вие сте виделе како сум се натажувал кога ќе разберев дека некому му се случило нешто лошо, или има некаков проблем, или паднал во грев, или, не – дај Боже – сосема отстапил. Кој изнемоштува, без да изнемоштам и јас? Кој се соблазнува, без да се распалам и јас? – вели Апостолот Павле (2. Кор. 11,29) Колку пати сме ги оставале 99-те овци, за да ја побараме загубената? Колку загубени души го нашле патот и се исправиле во нашите манастири, пронаоѓајќи се себеси и Бога?! Сме се труделе, сме тргале, сме влечеле нагоре, многупати и онаму каде што ни се чинело дека е непоправливо… Колку солзи, молитви, зборување – сè додека заблудената овца не влезе во стадото. Ова го говорам не само за монасите, туку, пред сѐ, за духовните чеда во светот, коишто никако не смееме да ги оставаме без Божјата утеха. Зашто, како што сум секогаш тука за вас, така сум и за духовните чеда и тоа нема да се промени никогаш. И во нашево време, значи, ние сме тие што треба да се молиме за нашиот род, деца, да бараме милост и спасение. Во овој наш, 21 век, вие сте, всушност, Христовите апостоли. Вие треба да им ја пренесувате на светот пораката дека Исус Назареецот, Распнатиот, – воскресна (Марко 16,6). А како ќе ја пренесувате оваа порака? Со тоа што, преку подвигот на љубовта и служењето на ближните, ќе станете сведоци по духот на Неговото славно Воскресение, ќе станете, на некој начин, живи евангелија… Срцето, значи, на нашата мисија, на нашиот призив, на нашиот живот, е спасението на душите на што повеќе ближни. Силата, пак, на таа мисија – сте вие монасите и сестрите монахињи, тие нови жени мироносици, коишто, исто така, премногу се трудат. Наскоро ќе станам владика, ќе го примам свештениот архиерејски чин, но тоа за мене преставува залог за уште повеќе да се трудам, секако, заедно со вас, во духовната работа со луѓето – да ги слушаме нивните исповеди, маки, таги, радости… и да ги приведуваме нив и сите заедно да се упатуваме кон тивкото пристаниште на Христовата утеха и љубов. Па така, деца мои, како ваш духовен родител, ве замолувам да го сфатите овој призив сериозно, да бидете силни и да барате од Господ благодатна помош, за да излеземе од овој свет како достојни Христови ученици. Во која смисла велам достојни? Во тоа што докрај ќе останеме во Неговата љубов. Оти, љубејќи Го Него, ќе се љубиме и повеќе меѓу нас и полесно ќе ги победуваме сите искушенија…“



А ние, последните и најнедостојните синови на нашиот Старец и духовен татко, со нашите срца ќе му одговориме преку зборовите на големиот монашки учител, Преподобниот Јован Лествичник:

„Душата која се приврзала заради Христа со пастирот со љубов и доверба, останува до крв и не се оддалечува од него, особено ако има добиено од него исцеление на душевните рани, според зборовите на оној кој рече: Ни ангелите, ни властите, ни силите, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да не оддели од љубовта Божја во Христа Исуса (Рим. 8,38-39)“.

Да се молите, татко наш во Христа, овие божествени слова да се остварат и со нас, та да Ви останеме верни во послушанието, љубовта, и во служењето за спасение на мнозина. Оти, и да имаме десетици илјади наставници во Христа, татковци многу немаме, бидејќи Вие нѐ родивте во Исуса Христа преку Евангелието (сп. 1. Кор. 4,15).

Молитвите на Пречистата наша Богородица, на Чесниот Претеча, на Свети Партениј Лампсакиски, чиешто име достојно го носите, и на сите Светии нека бидат со Вас, Владико и татко наш, како и молитвите на предците од славниот мијачко-рекански крај, за чиешто севкупно воскресение Вие се вложивте како доброволна жртва сепаленица!



На многаја и благаја лета, наш духовен татко во Христа!

Би сакале тука да им ја изразиме и нашата неизмерна благодарност на нашиот возљубен Митрополит и архипастир на нашата Дебарско-кичевска епархија, г. Тимотеј, како и на сите архиереи од Светиот Синод, што денес го удостоија нашиот Старец со ова големо достоинство, за слава на Црквата Христова! На многаја лета!

 3.angeli.so.truba

 

 

Извор:

https://bigorski.org.mk/vesti/nastani/nashiot-starec-arhimandrit-partenij-izbran-za-episkop/

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Беседи

Митрополит Европски Пимен: "Од ближниот ни доаѓа и животот и смртта.“, Плаошник (09.08.2020)

Митрополит Европски Пимен: "Од ближниот ни доаѓа и животот и смртта.“, Плаошник (09.08.2020)

Ако го избереме животот треба да се трудиме да бидеме семилостиви кон сите и кон сé. Семилостиви како оној кој го носел тоа име, како светиот Пантелејмон. Човекот кој ги...

Митрополит Струмички Наум: Ниту популизам, ниту индиферентност; туку пастирска грижа (08.08.2020)

Митрополит Струмички Наум: Ниту популизам, ниту индиферентност; туку пастирска грижа (08.08.2020)

Тоа, секако, зависи и од односот на луѓето кон Него: прво, Неговите ученици се во однос на послушание кон Него – тие се отворени кон Него и подготвени да прифатат...

БEСEДА  за лажнитe учитeли

БEСEДА за лажнитe учитeли

Чoвeкoт на oвoј свeт e вo вoјна. Бoрбата e нeпрeстајна, а нeпријатeлитe сe мнoгубрoјни. Пoмeѓу најoпаснитe нeпријатeли спаѓаат лажнитe учитeли. Самo акo чoвeчкиoт ум e впeрeн вo Бoга, чoвeкoт ќe...

Митрополит Струмички Наум: Екстремно одрекување – екстремни дарови (01.08.2020)

Митрополит Струмички Наум: Екстремно одрекување – екстремни дарови (01.08.2020)

Спомнатите и ветени од Бог екстремни дарови, не се однесуваат толку на материјалното колку на духовното. Тоа се даровите на умно-срдечната молитва, на суштинско просветлување на умот, на расудување, на...

Митрополит Кумановско-осоговски д-р Григориј:Ние сме возљубени Божји созданија, кои имаат можност да создадат сопствен начин на постоење...“

Митрополит Кумановско-осоговски д-р Григориј:Ние сме возљубени Божји созданија, кои имаат можност да создадат сопствен начин на постоење...“

Епископскиот чин што денеска преку вас го примам, го разбирам како служење, што во себе ги обединува и најголемата чест и свеста за сопственaтa немоќ. Има ли поголема чест и...

Митрополит Струмички Наум: Бесчувствителност (25.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Бесчувствителност (25.07.2020)

Инаку, ако дозволиме прелеста да навлезе во нас, дали преку страстите на срцето (сластољубие и среброљубие) или преку страста на паднатиот ум (славољубие), таа потоа станува сеопфатна состојба која ги...

Викарен Епископ Јаков Стобиски:„Не плашете се да страдате...“

Викарен Епископ Јаков Стобиски:„Не плашете се да страдате...“

Се одрекуваме од Крстот Христов ако на прекорот враќаме со гнев и бунт, праведен или неправеден, без разлика. Се одрекуваат од Крстот Христов децата кои се непослушни кон родителите, оти...

БEСEДА  за спасeниe на душата какo крај на вeрата

БEСEДА за спасeниe на душата какo крај на вeрата

Никoј нe патува заради патoт туку заради нeкoј или заради нeштo, штo гo oчeкува на крајoт на тoј пат. Никoј нe гo фрла јажeтo вo вoдата вo кoја нeкoј сe...

Митрополит Струмички Наум: Прелест на умот и прелест на срцето (18.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Прелест на умот и прелест на срцето (18.07.2020)

Како што рековме, има лажна состојба (прелест) на умот, но има и прелест на срцето. Првата прелест настанува поради прифаќање и усвојување лажни мисли, а втората од прифаќање и усвојување...

« »