логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Уште еден проект од колекцијата во Мала станица, Надреализам и фантастика
Надреализам и фантастика
20 ноември, 20 часот
Мала станица


Наслов на проектот:
Надреализам и фантастика (рефлексии)
- Избор на дела од колекцијата на Националната галерија -


Ве известуваме дека на 20.11.2019 година (среда), со почеток во 20 часот, во објектот Мала станица, ќе биде отворена групна тематска изложба со наслов „Надреализам и фантастика (рефлексии) - избор од колекцијата на Националната галерија“. „Со оваа изложба го заокружуваме овогодинешниот циклус на проекти преку кои ги претставивме делата од колекцијата на галеријата пред широката јавност низ разни концептуални пристапи“, вели директорката д-р Дита Старова Ќерими која воедно ќе се обрати на отворањето.
Целта на проектот е да се истражи и претстави развојот и влијанијата на овие правци во современата македонска ликовна уметност преку избор на репрезентативни дела на македонските ликовни уметници кои се наоѓаат во колекцијата. Потребата да се претстават делата и авторите кои припаѓаат на овој правец и/или во кои се воочливи влијанија од истиот се должи на фактот дека само мал дел од нив се претставени во Постојаната поставка на Националната галерија на Македонија, изложена во Даут-пашиниот амам. Воедно, овој проект се надоврзува на претходните со различни теми кои произлегуваат од богатиот фундус на дела во сопственост на Галеријата, се наоѓаат во депоата и се ретко изложувани. Со ваквото претставување пошироката јавност и публика посеопфатно ќе се запознаат со овој период од развојот на современата македонска уметност, односно проектот има и едукативен карактер.

Како што укажува и самиот наслов изложбата „Надреализам и фантастика (рефлексии) од колекцијата на Националната галерија“ се осврнува на влијанијата кои надреализмот и фантастиката го извршиле врз развојот на современата македонска уметност во минатото, како и рефлексиите кои можат да се согледаат се до денешните остварувања.

Во светски рамки, почетоците на надреализмот како авангардно двожење се иницирани од дадаизмот, и во него како движење кое делувало помеѓу 1924 и 1966 година и во кое се собрани во Париз, а понатаму и пошироко, поетите и сликарите: Бретон, Елијар, Ернст, Пикабија, Миро, Масон, Танги, Дали, Џакомети, Магрит и др. Во 1924 и подоцна во 1929 година Бретон објавил два манифеста на надреализмот во кои ги изразил основните ставови и дефиницијата на движењето. Според него, „надреализмот е чист психички автоматизам преку кој се сака да се изрази, усно, пишано, или на кој било друг начин, вистинското функционирање на мислата.“ Така се откриени нови извори во потсвеста, сонот, халуцинациите, случајот, фантастиката, што го приближува надреализмот до психоанализата на Фројд и Јунг. Постнадреализмот е назив за еволуцијата на надреализмот и неговите влијанија по Втората светска војна.
Стремежите за претставувањето на поинаквото доживување на реалноста и за откривање на метафизичката страна на светот во Македонија се воочува во 6-та деценија на 20 век (но и веќе од средината на 50те години натака). Надреализмот, измешан со повеќе елементи на магичниот и метафизичкиот реализам, јасно се дефинира во сликите не Спасе Куноски, каде се среќаваме со сеќавања за изминатата војна и општ егзистенцијален страв. Овој момент е нагласен и во повеќе творби на Мазев чиј посткубизам е здружен со симболично-надреална атмосфера. Карактеристични остварувања постојат и кај Иван Велков, Томо Шијак, специфичен деформиран амбиент се среќава во делата на Богољуб Ивковиќ Вообичаено, значителен дел од остварувањата носат и влијанија со ликовната традиција на поднебјето (Шијак, Мазев и др.) со многу елементи на симболична и метафизичка атмосфера кои продлабочено ќе ги развијат во наредните децении.
Зачнати со некои примери од групата „ДЕНЕС“, овие тенденции продолжуваат и по 1960 година, во оставрувањата на членовите на групата „Мугри“ и стремежот кон фигуративни, надреално-симболични али асоцијативни решенија. Иако со сложен состав на групата, настапите на групата „Мугри“ не поминуваат незабележани од тогашната југословенска критика. Така, според Павле Васиќ, изложбата во Белград и Скопје во 1961 година, се гледа во знакот на апстрактното сликарство, експресионизмот и надреализмот. Лазар Трифуновиќ, пак, укажува дека надреализмот во оваа група се јавува во неколку видови: класичен (Спасе Куноски), монументален (Томо Шијак, Богољуб Ивковиќ); специфична форма проникната со апстракција (Петар Мазев), присутен е во атмосферата (Ивковиќ) итн. Овие надреалистички моменти и понатаму се развиваат во метафизичкото сликарство на Куновски, како и во традиционално-фолклорно и симболично-легендарните моменти кај Шијак. Од оваа деценија, спој на понагласен минуциозно разработен цртеж, широк колористички спектар и спој на фантастично и биолошки еротски елементи има во творештвото на Вангел Наумовски, стилизирани декоративни елементи во атмосферата на магичниот реализам на Трајче Јанчевски итн.
Различните видови надреализам и целата зона на ликовно изразување, засилено се развива од средината на шеесеттите години (и по Скопскиот земјотрес), со присуство на елементи на надреализам, метафизичко сликарство и магичен реализам. Освен најзначајниот претставник Куноски, различни влијанија има и кај К. Ефремов, М.Петровски - Моцо, В.Ѓорѓиев и др.
Надреализмот комбиниран со научна фантастика се истакнува во апокалиптичните вселенски визии на Васко Ташковски. Митското, легендарното, драматичното продолжува да егзистира во делата на Шијак, но и во остварувања на Ана Темкова (носталгично), Велков и други.
Најзначајни остварувања во доменот на надреализмот и фантастиката во осмата деценија во колекцијата на Националната галерија секако се делата на Васко Ташковски, Спасе Куноски, Кирил Ефремов, а од другите автори се издвојуваат остварувања на Миле Корубин, Трајче Јанчевски, Милош Коџоман, Рубенс Корубин, Владимир Величковски, Иван Велков и др. Од скулпторите кај кои се евидентни овие тенденции се фантастичните етнолошко-митолошки композиции на Анета Светиева. Во колекцијата со остварувања од деветтата и десеттата деценија на XX век (и почетокот на ХХI век) се издвојуваат сликарите Владимир Георгиевски, Вана Урошевиќ, Илија Пенушлиски, Благоја Николовски, Атанас Ботев, графичарите Доне Миљановски, Виолета Чауле, Дијана Томиќ Радевска, Славица Јанешлиева, скулпторите Томе Аџиевски, Димче Димески и др.



Поуки од Светите Отци

krusevoexport