логоFacebookTwitterYouTubeeMail


„Созерцание“

Рефлексии на оп и поп уметноста врз македонските уметници во периодот 1960 до 1990 година, од колекцијата на Националната галерија на Република Северна Македонија

Како продолжение на истражувачките проекти на стручниот тим на
Националната галерија на Република Северна Македонија, црпејки инспирација од сопствената ризница, посебно да нагласиме од македонската збирка, со особено задоволство на широката публика ќе се претставиме со нов проект од циклусот на проекти од Колекцијата на нашата институција со наслов „Созерцание“, на 12 септември (четврток) 2019 година, во Мала станица, во 20 часот.   

Честопати при класифицирање и валоризирање на уметничките збирки во музеите, покрај хронолошки, технички, тематски, вредносни категоризации, се вршат обиди и за стилска класификација и детерминирање на одредени влијанија на светот и регионот, при што целата локална слика се гради мошне полесно и посистематски. Истата потреба се случувала и сеуште се случува и во Националната галерија на Република Северна Македонија и на југословенската, но пред се на македонската колекција. Ниеден обид за организација не е дефинитивен и конечен, туку е понудена варијанта и истражување кое може и треба да биде поткрепено со факти и анализи, но не значи дека и друга класификација би била погрешна, бидејќи уметноста е зона на слободно толкување и изразување.

Годинава тимот на галеријата се одлучи да спроведе две истражувачки изложби на тема рефлексии на светски познати стилови и тенденции и тоа: влијанието на оп и поп уметноста, како и влијанието на надреализмот и фантастичната уметност. Оваа публикација се поврзува со првата изложба и првите идеосинкразии, т.е. Оп и Поп рефлексиите. Постои ли такво нешто во македонската уметност на 20 век и дали можеме да говориме за македонски оп и поп арт? На ова прашање треба да одговори овој краток преглед и ќе понуди алтернативна и послободна класификација на делата и уметниците од збирката на Националната галерија.

    Кон крајот на шестата деценија (1958 година) започнуваат обидите за вклучување на македонската уметност во водите на апстракцијата, која пак од друга страна значела ослободување на уметникот од дотогашните морално-општествени стеги, а и обид за вклучување во модерните текови на уметноста. Во почетокот, пак, на седмата овие тенденции се вмножуваат и голем број македонски уметници се впуштаат во експериментирање со различните видови на апстракција, најчесто повлијаена од светскиот и југословенски енформел, користејќи се со вокабуларот на ташизмот, сликарството на материја, акционото сликарство, асоцијативното сликарство, лирската апстракција итн, или пак од втората половина на деценијата стремејќи кон геометриска и системска апстракција, оп-арт варијанти и др. Во државата се создале поволни општествени услови за равивање на оваа клима, при што автономијата на уметноста и нејзината идеологија биле ставани во прв план. Секако дека ваквиот „слободен“ однос кон безформната уметност не траел долго, бидејки кон 1963 година почнала силна политичка хајка против енформелот, кој бил сметан како декаденција и дегенерација и уметност која не се адресира кон на широкиот народ.

Напоредно со овој замав на разните видови на апстракција се создава и фигуративна уметност, која до средината на седумдесеттите е во согласност со досега споменуваните фигуративни стилови. Но, веќе од средината на деценијата, се создава плодна почва за иницирање на разни видови на обновена фигурација, која особено била поттикната благодарение на една нова генерација на тогаш млади ликовни уметници.

Новите визуелни и естетски концепти на фигуративната експресија се појавиле во форма на поп-арт, нов експресионизам, ново фигуративна уметност, наративна фигурација, интимистичка фигурација, хиперреализам, нео-романтизам и други форми. Од веќе познатите форми на развој, остануваат надреализмот и фантастичната уметност.

Проектот е труд на кураторорот Ана Франговска, виш кустос со подршка на соработник кустос Александра Зиновски – Вилиќ, подржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и нашиот редовен помагател, Винарската визба „Тиквеш“.

Поставката ќе биде изложена до 1 октомври 2019 година. 



Поуки од Светите Отци

krusevoexport