логоFacebookTwitterYouTubeeMail

10 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 21:00 ч.

Специјална проекција на најдобриот долгометражен филм според жирито на 9 Филозофски Филмски Фестивал и
Q&A со режисерот Осман Наил Доган (бесплатен влез)

КРАДЦИ НА ГУЛАБИ
(The Pigeon Thieves / Güvercin Hırsızlar)

Игран филм, Турција
2018, 82 мин., колор, ХД
Режија: Осман Наил Доган (Osman Nail Doğan)
Сценарио:Осман Наил Доган, Самет Доган (Osman Nail Doğan, Samet Doğan)

Животот на 16-годишниот Махмут се состои од хранењето на гулабите и заработување од крадењето туѓи гулаби. Најголемиот сон му е да ги има најдобрите гулаби. Еден ден, еден од гулабите ќе избега и не се враќа повеќе. Кога Махмут наоѓа гулаб вгнезден на еден покрив, го запознава Исмаил, осумгодишно детенце кое живее во куќата. Оваа средба станува една од најважните пресвртници којашто ќе влијае на животите на двете деца.

КРАДЦИ НА ГУЛАБИ, прв игран филм на режисерот кој беше дел од Официјалната селекција на 24-тиот Сараевски филмски фестивал, е филм за растењето, за созревањето и за вивнувањето во животот. Топла приказна за пријателството и младешките страсти, погледната низ специфичната призма на културата на живеење во Анадолија. И како што Доган прашува, зборувајќи за филмот, дилемата е пред нас: „Што е добро, a што лошо? Дали можеш да бидеш добар со лошо однесување?“ Или, пак, како може еден човек да биде добар ако животот е беспоштеден и суров, луѓето се немилосрдни и себични, а светот е студен и туѓ?

Трејлер: https://vimeo.com/291397212
 

11 ЈУНИ (ВТОРНИК), 21:00 ч.

Специјална проекција на најдобриот долгометражен филм според публиката на 9 Филозофски Филмски Фестивал (бесплатен влез)

8 МИНУТИ И 19 СЕКУНДИ
(8’19’’ / 8 минути и 19 секунди)

Игран филм, Бугарија
2018, 85 мин., колор, ДСП
Режија: Петaр Валчанов, Љубомир Младенов, Теодор Ушев, Надежда Косева, Владимир Љуцканов, Кристина Грозева (Петър Вълчанов, Любомир Младенов, Teодор Ушев, Надежда Косева, Владимир Люцканов, Кристина Грозевa)
Сценарио: Георги Господинов

Омнибус филм базиран на кратките раскази на најпреведуваниот современ бугарски писател Георги Господинов, режиран од шест различни режисери од Бугарија.

Во оној момент кога ќе почнете да го гледате овој филм, сонцето можеби веќе згаснало, но вие сè уште нема да го знаете тоа бидејќи 8 минути и 19 секунди е времето за кое ќе пристигне веста за неговата смрт. Тоа е времето што ѝ е потребно на светлината да стигне дотука, а потоа ќе настапи темнината…

Темата на апокалипсата не мора да биде прикажувана преку глобална катаклизма, коњаници на апокалипсата, ангели на смртта, оган и деструкција. Крајот на светот може да биде многу лична работа, интимно и безмалку нечујно човечко искуство.

Наративниот мозаик на 8 МИНУТИ И 19 СЕКУНДИ ќе ги постави стожерните точки на овој исклучителен омнибус филм: чувството на смртноста, миговите пред самиот крај, нашето неизвесно постоење и стравот што доаѓа од сознанието за сето тоа.

Трејлер: https://youtu.be/HdKVHzkkuog



Поуки од Светите Отци

krusevoexport