логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 Image may contain: sky, house and outdoor

 Двете најголеми евангелски заповеди за љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот (Матеј 22,37-40) го изразуваат православното богословско разбирање на меѓусебниот однос меѓу религијата и општеството. Човекот е истовремено религиозно битие (homo religious) и заедничарско битие (ζώον κοινωνικόν) и како таков тој се реализира на сите планови од своето битисување. Соединувачката сила која го помирува дезинтегрираното човештво не е некаква надворешна норма или пишан закон, туку Христовата љубов која е доволна да ги исцели сите рани на страдалниот човек на сите времиња и епохи, вклучително и на нашата. „Да се возљубиме еден со друг и единомислено да исповедаме“ се литургиските зборови од почетокот на евхаристискиот канон, кои не подготвуваат за најголемата тајна на соединувањето на потомството Адамово во Телото Христово, Црквата. Воспитно-образовниот процес втемелен врз начелата на литургиското благодарење го разбира воспитанието како хранење со Словото Божјо (од црковнословенскиот збор „питание“, што значи храна) и востановување на образот Божји во личноста на ученикот, т.е. воспитаникот. Есхатолошкото обединување на целокупната стварност во Христа е крајната цел и смисла на постоењето на човекот и светот. Затоа, верата и општеството (заедницата) не само што не претставуваат спротиставени начела, туку дејствуваат како фактори на ова обединување.

Наспроти тоа, секуларниот карактер на современото македонско општество веќе се смета за очигледен и непроменлив факт. Секуларноста се гледа како фактор на стабилноста и прогресот, кој ја гарантира самостојноста и независноста како на општеството, така и на религијата. Истовремено, овие две димензии на општественото сопостоење и содејствување взаемно се проникнуваат и се оформуват до тој степен што е невозможно да се набљудуваат како паралелни и меѓусебно изолирани стварности. Од една страна, религијата постои во историското време и го гради своето сведоштво во релација со него. Од друга страна, општеството и неговите институции постојат во светот од Бога создаден и благословен: Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора – се зборовите кои Господ Исус Христос ги упатува кон римскиот префект Понтиј Пилат (Јован 19,11). Овие две перспективи нужно не се исклучуваат, туку дејствуваат како комплементарни фактори во оформувањето на множеството модели на регулирање на односот меѓу религијата и општеството во современите европски демократии. Југоисточна Европа претставува уникатен регион не само поради традиционалното сопостоење на христијанството и исламот нетипично за остатокот од континентот, туку и со оглед на милениумското наследство на високата византиска култура и цивилизација длабоко втиснати во хабитусот на народите кои денес живеат на територијата на некогашната империја. Актуелните проблеми за секуларизацијата на религијата, верскиот и идеолошкиот екстремизам, еколошката криза, како и демографските и социјалните предизвици остануваат симптоми на страданието на поделеното и осамено човештво. Не е добро за човекот да биде сам (1. Мој. 2,18). Овие зборови не се само израз на разумно човечко расудување, туку претставуваат егзистенцијална вистина која светотроичниот Бог ја впишува во самата природа на човекот.

*

Со почит,

Проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан

Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје Ве поканува на Вториот Светиклиментов научен собир по повод 1000-годишнината од Охридската Архиепископија и 60-годишнината од Македонската Православна Црква на тема

„Вера и општество“.

Собирот ќе се одржи во свечената сала на Факултетот на 06.12.2018, со почеток во 10:00 часот.



Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје
Православен богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје

НАУЧЕН СОБИР

по повод 1000-годишнината од Охридската Архиепископија и 60-годишнината од
Македонската Православна Црква на тема:

ВЕРА И ОПШТЕСТВО

Свечена сала на Факултетот, 06.12.2018, 10:00 часот

П Р О Г Р А М А
10:00
Отворање на научниот собир

Прв блок

10:10
Прва работна сесија (Работно претседателство: Милан Ѓорѓевиќ, Кирче Трајанов)

Ратомир Грозданоски
Богатите и сиромасите – библиски поглед

Ѓоко Ѓорѓевски
Грижата за животната средина низ призмата на Библијата и на Црквата

Анета Јовковска
Современи проблеми на православното христијанско образование и воспитание

Виктор Недески
Кој е свети Григориј Охридски?

Марија Тодоровска
Така постапувале Светите Предци: перформативната улога на митот во одржувањето на заедницата

11:00
Дискусија

11:15
Втора работна сесија (Работно претседателство: Ратомир Грозданоски, Виктор Недески)

Дејан Борисов
Современи предизвици на МПЦ

Тони Филипоски

Црковното стопанство во Охрид и околината во време на архиепископот Теофилакт (крај
на XI - почеток на XII век)

Драган Зајковски

Почетоците на христијанизацијата на Словените во византиска Македонија (VII
– IX век): византиска политика за интеграција

Сашо Цветковски
Нови прилози за познавањето на фреско- живописот на црквата Свети Ѓорѓи – Кнежински манастир,
Кичевско

Ангелина Поповска

Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони

12:05
Дискусија

12:20
Пауза

Втор блок

12:50
Трета работна сесија
(Работно председателство: Дејан Борисов, Анета Јовковска)


Кирче Трајанов

Современото општество и традиционалната религиозност

Бошко Караџов

Христијанската венерација во средновековната графичка литература

Борче Грамбозов
Црквата, човекот и заедницата

Калистрат Санџакоски
Дали самооткажувањето како елемент на аскетскиот идеал е штетно за општествениот напредок за
индивидуата?

13:30
Дискусија

13:45
Четврта работна сесија (Работно председателство: Ѓоко Ѓорѓевски, Борче Грамбозов)

Цане Мојаноски

Верските субјекти и граѓанското општество, состојби, односи и перспективи

Метин Изети
Религијата (Исламот) како метасоцијален капитал на општеството на Македонија

Ристо Солунчев

Универзализмот на цариградската класична музика и култура на живеење

Коста Милков

Теологија за живот: визијата на раноцрковните мислители за верата, културата и
општеството

Милан Ѓорѓевиќ
Од другиот до ближниот – современата дијалектика на индивидуалното и колективното од перспектива на
византиската философија

14:35
Дискусија
14:50
Затворање на научниот собир

 

 Извор: Православен богословски факултет

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie