логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 


ПОХВАЛНО СЛОВО НАПИШАНО ОД  СВ. КЛИМЕНТ ЗА СПОМЕН НА БЛАЖЕНИОТ ПРОРОК 3АХАРИЈА И ЗА РАЃАЊЕТО НА СВ. ЈОВАН КРСТИТЕЛ


sv.kliment.f1.jpgСветлост му огреа на праведникот и веселост на праведното срце, како што кажа пророкот: „Праведникот ќе процути како палма, ќе се умножи како кедар ливански и ќе прима добро во чесната старост". Затоа што доброчесната старост со богочестието сјае во светот како сонце и во црквата на Вишниот за молба и за благослов ја отвора својата уста, светејќи им на замрачените со чесен живот, управувајќи ги како кораб неразумните, принесувајќи му духовни жртви на Вишниот како кандило. Таков беше по достоинство и овој богочестен пророк Захарија, којшто процути како крин со чудеса и добродетели, упатувајќи ги на разум народите со чист живот, сличен со Бога, цутејќи како ливан благомирисен, живеејќи го животот без соблазнувања, како Арон и пророкот Самоил и Мелхиседек71, којшто му престоја на олтарот како да е бестелесен, вршејќи служба во светилиштето според Ароновиот закон, вознесувајќи го благомирисното кандило нагоре кон Вишниот, како миро добромирисно ширејќи пријатна миризба; издигнувајќи се како кедар во Ливан и како розова градина во Ерихон, како многуплодна маслинка што цути во домот божји; цутејќи од љубов кон туѓинците повеќе од злато и скапоцени камење, со кроткост стивнувајќи ги животните бури, скротувајќи ја Божјата јарост со пречесни молитви, со праведност и безлобност пристапувајќи кон светилиштето, со духовна сладост привлекувајќи го народот кон законот на Вишниот.

Сега е време да го спомнеме и евангелистот Лука, исповедувајќи ја неговата светост.72 Тој рече: „Во дните на царот Ирод имаше некој свештеник по име Захарија, кој до старост ги поминал своите богочестиви денови, чувајќи ја чистотата и очекувајќи духовно процветување; и неговата жена Елисавета ги мина своите дни во добра старост. И немаа чедо зашто Елисавета беше неплодна, но обајцата се помирија со својата неплодност. О, блажена врсница на ветувањето која очекува и благодатно процутување! О, пречудесен пророку, кој дише со божествен никулец! О, чудесен проповеднику, кој станува јасен проповедник на скриена тајна! О, преблажена неплодност која дише со благовештение и расцутува седумплоден плод! О, божествена неплодност која дише со архангелско ветување и ја отвора неплодната утроба! О, тајно, затаена од ангелите и архангелите, а огласена од Гаврила кон Захарија, за идењето на Христа и за неговиот претходник! О, тајно затаена, само со едно јавување јавена од архангелот, која ја обнови утробата снеможена од неплодност! О, промисла повисока од умот, навестена првин од Исаија, а окончана заради Христа, како што кажа Господ известувајќи преку Исаија: „Еве, јас ќе ви го пратам мојот ангел, што ќе го подготви мојот пат", што значи во вода. Ој, чудесна тајна создадена со вода и со дух! Ој, чудесна тајна создадена со крштавањето! Ој, чудесни нешта! Како престарената крв на Захарија заради младенецот Христос заедно со други млади ја пролеваат, така што нема да се уништи се додека не дојде нејзиниот одмаздник!"

И се случи така што кога служеше Захарија според правилата на својот ред, пристапи тој кон олтарот за да ја покади со темјан светињата на светињите. И ете, му се јави ангел од десната страна на олтарот. И го обзеде ужас и трепет неискажан, кога го замисли неискажаното привидение; и си зборуваше во себе: „Што е ова страшно чудо, полно со гроза и трепет? Не се досетувам зошто е оваа појава и страшната служба. Да не дошол за откривање на моите гревови? Или за да ја казни човечката злоба? Или со војна и помор, или со глад застрашувајќи, да го казни ова неказнето племе? Оти неговиот лик е полн со ужас, а го гледам неговиот човечки облик, но ги гледам и неговите страшни крилја. Како ли да почнам со него? Со кој ли збор да го прашам? Што ли да одговорам на неговиот страшен поглед? Оти не сум видел ангел во човечки лик како служи пред олтар; или пак, како некогаш Ева што ја премамила змијата, таков пораз и мене ли ќе ме стигне?"

lit.sv.dimitrija6.jpg

Додека тој силно трепереше, му рече ангелот: „Не бој се, Захарија, и не се вџашувај,ниту пак, помислувај такви нешта; не сум дошол за тоа што мислиш. Сум ти дошол за радост, да ти кажам што ќе стане на радост на сите луѓе. Ке зачне Елисавета и ќе роди дете заради кое ќе се израдуваат сите народи и сите племиња ќе дојдат кај него за совет. Не бој се, Захарија; дојдов да те ослободам од неплодноста. Не бој се, Захарија: оти дојдов да те венчам за радоста. Не бој се, Захарија: оти дојдов да те наречам пророк. Не бој се, Захарија: оти јас сум благовесник испратен од Бога за твоето расцутување. Па затоа, не бој се, Захарија, и не страши се: јас сум Гаврил, архистратиг на силите Господови и сум испратен да ти соопштам за Христовиот преттеча и да те ослободам од неплодноста, како што кажал пророкот одамна: „Развесели се, неплоднице, ти која не раѓаш; оти те правам многуплодна, па ќе зачнеш во утробата и ќе му кладеш име на родениот Јован."

 

Помолчи Захарија и му одговори на ангелот: „Не, Господи; не го мами слугата твој, и не ме фрлај во гнев Божји. Зашто јас сум стар и жена ми го минала времето кога се раѓаат деца. Староста ме свила и го снеможила моето тело; крајниците ми се умртвени, на мојата врсничка и е запустена и исцедена утробата и поминало времето за раѓање". Ангелот му одговори на Захарија: „Не влегувај во таква помисла! Оти јас сум архистратиг на Божјите сили и сум испратен да ти го соопштам ова. Но, бидејќи не ми веруваш, да бидеш нем до времето на раѓањето, додека да се исполни тоа. Клади му име на родениот Јован што значи благодат Господова. Тој ќе биде голем пред Бога, и вино и сикер73 не ќе пие, а ќе се исполни со Светиот дух од утробата на својата мајка". И откако го кажа ова, ангелот отиде од него.

 

А надвор имаше Евреи што стоеја и го чекаа целивањето на Захарија и се чудеа на неговото забавање. Кога излезе за целивање, не можеше да им говори; и мноштвото разбра дека видел привидение во црквата божја.

Тогаш во овенатата утроба про'рти благомирисен цвет. Кога? Не ли кога рече архангелот: „Елисавета ќе зачне и ќе роди син и мнозина ќе се израдуваат за неговото раѓање?" О блажено 'ртење, о неискажано известување, о златозрачно зачнување! Не ли избега неплодноста? Не се обнови ли природата? Не се обнови ли староста? Не про'рти ли неплодницата богат плод со ракатки нудејќи? Не про'рти ли многуплодната земја со цвет благомирисен? Оти на Елисавета и дојде време да роди и таа роди син и многумина се израдуваа заради неговото раѓање. И се собраа сите што живееја околу неа и нејзиниот пород и го наречуваа детето со името на татка му Захарија. Елисавета им рече: „Не, туку да му се кладе име Јован". Му мавнаа на татко му Захарија, за да го викнат. И побара штичка и напиша зборувајќи: „Јован му е име". Со тие зборови му се отвори устата и јазикот му се упати и се наполни со Светиот дух, па рече: „Благословен да е Господ Бог Израилев затоа што не посети и ги избави своите луѓе. На детето ќе му речат: Ти, дете, ќе станеш пророк на Севишниот; оти ти идеш пред лицето Господово, за да му го приготвиш патот". О, пророку, ти што дишеш страшно со пророчки печат! О, ослободителу на затворениците и подновувач на природата! О, пророку, предвеснику на скриената тајна и поглед на неискажаното! Ој, чудесни нешта пророчки предвестени се збиднаа за идењето на Христа! Оти тогаш, рече, Ирод разлутен го узбуни сиот Ерусалим и нареди да ги истепаат сите деца што беа во Витлеем и во сета негова околина, од две години и помали - по времето што го испита преку врачеви. И испрати луѓе кај Захарија, божјиот служител: „Прати ми го синот твој Јована". А Захарија му одговори: „Јас секогаш сум до олтарот Божји; не знам каде е син ми". А тие рекоа: „Нам ни е наредено: ако не го даде сина си, да го изведат од олтарот и да го бијат". А тој рече: „Ако ја пролеете мојата крв, духот мој ќе го прими Владиката". Во мугрите Захарија беше убиен, но телото негово не се најде, а неговата крв беше како камен; и се чу глас од олтарот: „Захарија е убиен и нема да се очисти неговата крв додека не дојде неговиот одмаздник". Елисавета пак, го зеде Јована и избега в планина и извика кон Бога: „Горо божја, прими го детево и неговата мајка!" И ги огреа светлина што не зајдува.

А Ирод, исполнет со лутина, сметаше дека Христос сака да царува место него, и заради тоа остреше оружје да ги исколе децата. О, Ироде пророкоубиецу! Што грев имаат децата, та што ги убиваш? И не само децата, туку го уби и пророкот Захарија, и неговата крв нема да се исчисти од тебе, се додека не се сврши твојата злоба. О, Ироде! зошто така без закон се гневиш на Христа? Не знаеш ли за кого пророците мислат, зборувајќи ти в уши секој ден: „Кажете и на ќерката Сионова: еве, иде твојот цар, кроток, јавнат на магаре и ждребе младо", сакајќи да ја излекува твојата скотска болест? Не ли си ти пророкоубиец и маж кој пролева крв? А Христос е син божји дојден да го спаси човечкиот род. Ти си од нечиста смеса, а тој има двојно раѓање: едното, од единствениот татко пред векови се роди без мајка на небеси, а другото раѓање ќе му биде без татко на земја и без примеса, од пречиста девица, навестено од Гаврила - не од тело и не од телесна похота, туку како и самиот тој што знае, и првото негово раѓање е чудесно и неискажано - тој е Бог роден од Бога, единствен татко, слово божје без почеток. Затоа, рече пророкот, небото се зацврсти. Та тоа ли го бараш, о Ироде, со кое небото се закрепи? Навистина си безумен, кога велиш во неразумност: „Нема Бога". Тој е оној за кого зборува пророкот Исаија со духот свет: „Ќе излезе гранче од коренот на Јесеј и од него ќе се издигне цвет и на него ќе почива духот на премудроста, духот на разумот, духот на стравот божји?" И пак уште рече Исаија: „Еве, девица ќе зачне во утробата и ќе роди син и ќе му кладат име Емануил, што значи: Бог е со нас". И уште вели Исаија: „Ке востане господар над народите, и неговиот покој ќе биде чист". А Еремија рече: „Пред да роди, девицата ќе избегне болест". И други пророштва се кажани за идењето на Христа, што не можеш да ги скриеш. Ако можеше да му се противиш на Бога, Ироде, зошто не можеш да ја дострелаш и ѕвездата што ти ги доведе мудреците од Персија? Зошто не го ставиш Гаврила в темница кој му благовести на Захарија - првин за раѓањето на Јована, а потоа на света Богородица Марија и рече: „Радувај се, о израдувана, Господ е со тебе! Благословена си меѓу жените и благословен е плодот на твојата утроба; радувај се оти си ја потиснала клетвата на Адама во твојата пречиста утроба!"  

Откако ќе сфатиме се што станало, убаво е, и пречистото успение на Захарија почитувајќи го, со похвала да извикаме: „Радувај се, Захарија, на окончувањето на пречистиот дух. Радувај се, Захарија, бесценет бисеру што сјае со Христовата благодат. Радувај се, Захарија, дека процути златнозрачната лоза, претскажана од пророците. Радувај се, ти орлу, што го параш небото, зашто со духовните очи го догледа овоплотувањето на Христа. Радувај се, Захарија, ти што кипиш од плодност, што со медоносни цветови го одгледа Христовиот преттеча."

Угледувајќи се на богоугодниот живот на овие свети преблажени пророци, да си помагаме еден со друг чинејќи добар подвиг; да не го чуваме овој малувремен имот, кој бргу, како сенка ќе одмине и по смртта ќе не дави како клетва, велејќи: „Овој човек со клетва ме притискаше, со завист ме собра, со лихва и со неправда ме доби". Но, ниту сираци онеправдувај, ниту вдовици осиромашувај со својата ненаситност грабејќи лихва, туку место тоа, со други добродетели да даваме пример: да се стремиме кон братољубие, љубов кон бедните, гостоприемство, чесност, кроткост, воздржување. Оти така не учи овој голем преттеча Јован. Кога дошле кај него Евреите да го прашаат и му рекле: „Учителе, што да сториме за да се спасиме?", тој им рекол: „Кој има две кошули да му даде на тој што нема; кој има храна, да направи исто".74 Дојдоа и војници и рекоа: „А ние што ќе правиме?" Им рече: „Не навредете ниту клеветете, туку бидете задоволни со вашата плата". А ние, чеда возљубени, и од нашиот дел да им подадеме на тие што немаат, а не да го презираме убогиот што умира зиме и страда од голема сиромаштија: ако им дадеме на тие, на Христа Господа му даваме. А до кога ќе не придружува оваа суета? До кога ќе бидеме ненаситни на богатство скоро минливо? Да помислиме и за тие што биле пред нас богати: не ли се поминало како сенка, или паднало како цвет? Па каде е сега изминатата слава на тој што бил порано богат? Никој не ја знае, ни познава! Многу цареви и болјари кои живееле во богатство без вера, без успех умреле и загинале во вечна мака, бидувајќи виновни. Не им помогнале ни домовите со злато оковани, ни бесцената облека, ни полни со изобилство одаи, зашто се било подложно на грабеж. А ние сето наше богатство да му го поднесеме на Христа, дека од него сме го добиле, како што кажа божјата премудрост низ устата на Соломона: „Мое злато и сребро е мојата крепост, и моја слава; со мене царевите царуваат и силните ги владеат народите". Но ако сакаш да видиш чудесни и прекрасни дворци, погледни го небото украсено со ѕвезди по зајдисонце, зашто заради тебе е створено такво. Но ќе речеш дека тоа не е твој покрив. А не е ли овој твој, вели Господ? Така, заради тебе и земјата ја основав, заради тебе и реките од бездна ги источив, заради тебе се од непостојно во постојно претворив, заради тебе ги создадов сонцето и месечината, за ти, чудејќи се на ова, да ме прославиш мене, твојот творец. Заради тоа ти го создадов и овој дом, украсен со ѕвезди, за да се вселиш во овој храм со небесните првенци. Жедни за тоа живеалиште, браќа, да погледнеме кон животниот извор, кој излегувајќи од ребрата на Спасителот, ги напојува верните со бесмртност. И ние ја завршуваме похвалата на крајот од пресветлиот пророк Захарија, читајќи ја со сласт оваа поука. Затоа што тој беше завршок и крај на пророците, тој е застапник на новиот завет, и соучесник во бессеменото раѓање на Бога, и него со похвали да го прославиме. Оти неговиот спомен е посладок од мед и неговата сладост е повеќе од медно саќе. Оти тој се насити со мудрост како Фусон и како Тигар во време на клас. Оти тој го излеа кажувањето како пророштво и го остави во вечните родови. Оти круна на староста е знаењето и неговата пофалба е стравот од Господа, а неговото чудесно наследство од колено на колено ќе сјае вечно како сонце. Оти во заветот сеевте негово семе и неговата слава нема да се уништи. Неговото тело било погребано во мир, а неговото име живее од колено на колено. Неговата премудрост ја толкуваат луѓето, а неговата похвала ќе ја излее црквата. Неговите коски нека се расцутат во свето место и неговото име ќе трае со славата на небеси. Оти тој беше познат со зборовите за неговото веродостојно видение, со верата беше проверен меѓу пророците и верата му беше запознаена со видението негово. Пред неговото успение вечно беше засведочуван пред Бога и со Христа. Оти тој на празниците им даде блага убавина и ги украси времињата до конечниот крај со духовни песни, за да се пее секогаш за името Господово. Оти кога ја примаше облеката на славата, се облекуваше за искажување пофалби, за влегување во светиот олтар за да ја украси жртвата на Вишниот Седржител, кому му припаѓа похвалата и честа со Таткото и со пречистиот и животворен Дух, сега и секогаш, во вековите.
_________________

71 Личности од Стариот завет: Самоил  бил израилски мудрeц, народeн учитeл и препородитeл на еврејскиот народ; Мелхиседек  бил наречен „крал на правдата", еврејски првосвештеник и цар на Ерусалим во врсмето на Аврама.
72 Евангелие од Лука гл. 1, ст. 5 и сл.
73 Сикер е алкохолна пијачка: медовина, јаболковина и др., само не е вино.
74 Евангeлие од Лука 3,10-14

Извор:

Св. Климент Охридски-ПОХВАЛНИ ПОУКИ

Радмила Угринова- Скаловска

Издавач: Табернакул

Посети:{moshits}



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Јули 01, 2019

„Осаменоста не е во тоа што сме сами, туку во тоа дека не постои ништо по кое копнееме.“

Јас сум академски сликар и наивен писател. Учев да бидам сликар, но писател – не. Впрочем, каде се учи за тоа? На пример, Толстој по занимање бил гроф, Чехов - лекар, Сент Егзипери, авијатичар – а да не го споменеме Чарлс Буковски, кој бил поштар“.
Мај 28, 2019

Свети Леонтиј Струмички, патријарх Ерусалимски

Живеејќи во покаен плач и солзи се издвојуваше по особеното почитување и љубов кон нашиот Господ и Неговата Пресвета Мајка. Иако сè уште млад, Преподобниот презема на себе еден тежок подвиг: одеше по улиците на царскиот град правејќи се дека не е со здрав ум,…

Акатист кон свети Нектариј Егински

Ное 25, 2018 Полезно и Потребно 1215
КОНДАК 12Трудејќи се, си ја умножил благодатта дадена од Бога, рабу Божји, добар и верен…

Житие на преподобна Параскева – Петка (Епиватска или Трновска)

Окт 30, 2018 Житија 1760
Света и преблажена маченичко Христова Параскево, убавино на девственичките, пофалбо на…

Светскиот првак Адам Ондра во посета на Бигорскиот и Рајчичкиот манастир

Окт 28, 2018 Настани 1173
Деновиве нашите две свештени Обители, Бигорски и Рајчица, ги посети во светски рамки…

Беседи

БEСEДА за Слoвoтo - Синoт Бoжји

БEСEДА за Слoвoтo - Синoт Бoжји

Тoј пoчeтoк e вo Слoвoтo Бoжјo, вo Синoт Бoжји. Oн гo запoчнал и сoздавањeтo на свeтoт и спасeниeтo на свeтoт. Кoј и да сака да гoвoри билo за сoздавањeтo на...

Архимандрит Партениј Бигорски- Претечевиот глас и денес од Радика повикува

Архимандрит Партениј Бигорски- Претечевиот глас и денес од Радика повикува

Свети Јован Крстител, кој од Господа бил предназначен да биде посредник помеѓу времето на Законот и времето на Благодатта, Го видел Спасителот Христос уште додека се наоѓал во утробата на...

Мирополит Струмички Наум - СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ

Мирополит Струмички Наум - СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ

Во денешното евангелско четиво (Марко 6, 14–29) ни се открива кои се главните човекови страсти и какви се нивните основни меѓусебни влијанија во нас самите. Страста е болна – до...

Постои ли вистински авторитет за младите?

Постои ли вистински авторитет за младите?

Мислам дека кризата на авторитетот, мили мои, денес е најголемиот проблем во нашево совремие. Погледнете што се случува насекаде околу нас. Сите авторитети се разрушени, сè е така нихилистички релативизирано....

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Најголемото богатство

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Најголемото богатство

Како може животот покрај Христос за некој да биде извор на страдање и извор на тага? Како може на монахот животот во манастирот да му биде извор на страдање, извор...

БEСEДА за Христoвиoт карактeр какo штo гo прoрeкoл Исаија

БEСEДА за Христoвиoт карактeр какo штo гo прoрeкoл Исаија

Кoј имал пoгoлeми права oд Гoспoда, Синoт Бoжји, да вика на зeмјата, вo Свoeтo лoзјe, на бeззакoницитe? Кoј имал пoгoлeми права да ги наврeдува грeшницитe кoи Гo наврeдуваа Бoга и...

Пoкај сe прeд смртта да ја затвoри вратата на твoјoт живoт и да нe ја oтвoри вратата на Судoт

Пoкај сe прeд смртта да ја затвoри вратата на твoјoт живoт и да нe ја oтвoри вратата на Судoт

“Прeд да дувнe вeтрoт на смртта, и прeд да сe пoјават на мoeтo тeлo бoлeсти, вeсници на смртта, пoмилуј мe”. “Прeд да зајдe вeличeствeнoтo сoнцe на висoчината за мeнe, пoмилуј...

 Викарен Епископ Јаков Стобиски: Братот мој е мојот живот

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Братот мој е мојот живот

На ничиј живот немаме право да носиме суд, ниту пак, такво нешто примивме во Црквата од апостолите и од учењето на Светите отци. И сржта на нашиот подвижнички живот –...

Архимандрит Партениј Бигорски: Благословениот подвиг носи телесно здравје и духовна радост

Архимандрит Партениј Бигорски: Благословениот подвиг носи телесно здравје и духовна радост

Според светите отци на Црквата, едно вакво целовечерно стоење во молитва и во благодарност кон Бога, заменува цел четириесетдневен пост – се разбира, доколку човек се подвизува во будноста, трезвеноумието...

« »