логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Браќа, дојде празникот на Христовиот воин и страдалник Димитриј, кој со вера светло ги озарува сите и со љубов ги поттикнува на вечен подвиг.

Овој преблажен маченик Христов од младоста израсна како лоза доброплодна, која со духовна сладост ги напојува сите, а разумот му процвета како благомирисен крин, кој со љубов ги влече сите кон Христовата вера. Украсен со извонредната добрина Христова, со убавината на лицето болскаше како ангел, а со мудроста бликаше како живоносно сокровиште. Тој беше далеку од секаква нечистота и телесна похот, насочувајќи го својот ум кон возвишеното и барајќи го прадедовското место и достоинство, од коешто испадна прадедото Адам. Од рани зори своето срце секогаш го предаваше на молитва кон воплотеното Слово Божјо, поучувајќи се постојано во псалми и пеења и духовни песни, говорејќи: Ќе те возљубам, Господи, крепост моја! Господ е моја тврдина и мое прибежиште, мој Избавител[1]. На Него се надеваше срцето мое, и Он ми помогна, и срцето мое се зарадува; телото мое процвета, и ќе Го прославам со волјата моја[2].

Моштите на Свети Димитриј – се наоѓаат во Грчката православна црква на Свети Димитриј во Солун, Грција.

А сите, восхитувајќи се на извонредната светлина на лицето негово, гореа од љубов, сакајќи да се доближат до него и да ги  вкусат живоносните зборови што како мед излегуваа од неговата уста. Тој, пак, со духовна радост ги примаше сите и со кроткост ги учеше, говорејќи: Вие, возљубени браќа, не лажете се, гледајќи ги овие цареви богомрасци, кои се помрачија од бесовската измама и се одвратија од Бога, Кој ги создаде небото и земјата, и од непостоење приведе сè во постоење. Тие се одвратија од Него и се прелажаа, се поробија како обични луѓе и си направија идоли. Видете, впрочем, дека уста имаат, а не зборуваат, очи имаат, но не гледаат, уши имаат, но не слушаат, нозе имаат, но не одат. Слични на нив нека бидат оние што ги прават, и сите оние што се надеваат на нив.[3] А вие, браќа, познајте Го Бога, Кој не живее во ракотворни храмови, ниту прима служење од човечки раце, туку е неискажлив по своето божество и сила. Тој не можеше да го гледа човечкиот род поробен од бесовите и, поради тоа, ги преклони небесата и слезе, откако прими тело од Пречистата Дева, и стана сличен нам, обновувајќи ја земната природа. Откако се воплоти бессемено, стана истовремено и Бог и човек, за да ги избави луѓето од ѓаволската измама. Он заради нас благоволи да претрпи распнување и смрт, умртвувајќи ги нашите прегрешенија. Бидејќи е бесмртен по природа, Он воскресна од мртвите, се вознесе на небесата и седна оддесно на Отецот. Он востановил и определил ден во којшто ќе дој де да им суди на живите и на мртвите, и секому ќе даде според неговите дела.[4]

Со такви учења упатувајќи ги сите во верата, тој се покажуваше уште посветол, сјаејќи со духовна сила повеќе од сонцето. Такви се поуките на тој блажен Димитриј, такви се кажувањата на неговиот богогласен јазик, такви се говорите на неговата љубезна душа. Затоа и Господ го дарува со привлечна убавина, и посака неговата пречесна глава да ја овенча со двоен венец, и му рече: „Добар и верен слуго, во малку ми беше верен, над мнозина ќе те поставам, влези во радоста на својот господар!“[5]

Прободен со копје, се овенча со победнички венец

Се приближи и времето на неговото венчание (со маченички венец). Царот Максимијан Херкул[6] ги покори Готите и Саврамтите под Римјаните, и слезе во градот Солун. Бидејќи беше почитувач на бесовите и богохулник, тој почна да ги принудува сите да принесуваат жртви на нечистите бесови. Му соопштија и за блажениот Димитриј, велејќи дека тој не само што хули на нашите богови, туку постојано го бунтува целиот град, и дека почитува друг Бог – Исуса. Демонопочитувачот Максимијан се разгневи и заповеда да му го приведат, и му рече: „Твојата красота и изразот на твоето лице ме тераат да те сакам. Но ако принесеш заедно со мене жртва на моите богови, на коишто им служат сите болјари, тогаш ќе бидеш прв во мојата палата и ќе добиеш чин повисок од сите“. Блажениот Димитриј одговори и рече: „Пишано е, царе, боговите што не ги создале небото и земјата, ќе исчезнат,[7] зашто тие се ракотворни идоли: очи имаат и не гледаат, уши имаат и не слушаат, глас не пуштаат од грлото свое. Затоа, нека им бидат слични и оние што ги почитуваат“.[8] Царот го измени изразот на лицето и заповеда да го затворат во темница. И таму, прободен со копје, тој се овенча со победнички венец.

Откако го заврши доброто исповедање (на верата)[9] и подвигот,[10] со крсната победа го утврди и Христовиот воин и светлозарен свој сопатник – Нестор.[11] Десницата на Севишниот ги овенча и двајцата со силата на Пресветиот Дух, а со нивните чудеса духовно ја развесели вселената.

Собрани сега во нивен спомен, едногласно со нас да им изречеме светла похвала, велејќи:

Радувај се, Димитрие, светлозарно сонце, којшто го изгонуваш гревовниот мрак од оние што со топла љубов те почитуваат!

Радувај се, незаоден зраку, кој ги просветлуваш сите со благочестие!

Радувај се, пресветол страдалнику Димитрие, кој со добро исповедање на верата го заврши пресветлиот подвиг и со нераспадлив венец достојно се украси!

Радувај се, сечесен богоугодниче Христов, маченику Димитрие, кој се уподоби, со прободувањето на ребрата, на Христа, Прободениот за целата вселена!

Радувај се, топол застапнику за сите ожалостени, кои прибегнуваат под твоја закрила!

Радувај се, извору кој вечно бликаш, кој излеваш потоци на исцеленија за сите оние што се зафатени од душевни и телесни страдања!

Радувај се, цврст темелу на својата татковина, кој, како вистински пастир, секогаш ја полагаш својата душа[12] за стадото Христово, велејќи: „Или заедно со спасуваните ќе бидам спасен, или заедно со тие што гинат ќе загинам!“[13] Зашто таква беше твојата пречесна желба, со љубов да го запазиш Христовиот збор неизменет, како што рече Он: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а не можат ништо лошо да и сторат на душата. Туку плашете се повеќе од оној што може и душата и телото да ги фрли во пеколот. Од него плашете се!“[14]

Затоа и ти, пречесен Христов страдалнику Димитрие, моли се прилежно за нас, кои го почитуваме твоето пресветло успение, просејќи милост и прошка на гревовите, со вера и љубов заштитувајќи нè од сите страдања, та пазени со твоите молитви, во твој спомен да го славиме името на Пресветата и Чесна и Животворна Троица – Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков, амин.

Извадок од книгата: Свети Климент Охридски. Собрани дела: слова, поуки, житија, Скопје 2012, 49-53.


[1] Пс. 17, 2-3.

[2] сп. Пс. 27,7.

[3] Пс. 113, 13-16.

[4] Мт. 16, 27.

[5] Мт. 25, 21.

[6] Римски император, III век.

[7] Ер. 10,11.

[8] Пс. 113, 12-16; 134, 15-16

[9] 1Тим. 6,12.

[10] 2Тим. 4,7.

[11]  Нестор е младо момче, маченик. Подучен од св. Димитриј, тој излегол на двобој со незнабожечкиот гладијатор Лиј, и го победил. Неговиот спомен се слави на 27 октомври (стар стил).

[12] сп. Јн. 10,11.

[13] Од житието на св. Димитриј.

[14] Мт. 10,28; Лк. 12,2-5.

Извор: Бигорски манастир



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 408
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

БEСEДА за расудувањe пo тeлoтo и пo духoт

БEСEДА за расудувањe пo тeлoтo и пo духoт

Така им рeкoл Сeзнајниoт Гoспoд на Eврeитe: “Виe судитe пo тeлo”, бидeјќи тиe фатилe вo прeљуба eдна жeна и сакалe да ја камeнуваат заради тeлeсниoт грeв. Нo Гoспoд ја сoглeдал...

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (8)

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (8)

За големото мнозинство на верни луѓе Великиот Пост - тоа, пред се, е кратката молитва, позната под името молитва на Ефрем Сирин, еден од источните христијански учители од ИВ век...

Месопусна недела: Страшниот суд

Месопусна недела: Страшниот суд

Христијанската љубов е „возможна невозможност“ да се види Христос во секој човек, кој и да е, човекот што Бог, по Својата вечна и тајна промисла, решил да го воведе во...

 о. Горан Стојчевски:  МАЈЧИНСКАТА ЉУБОВ И СИНОВСКИОТ ОДНОС

о. Горан Стојчевски: МАЈЧИНСКАТА ЉУБОВ И СИНОВСКИОТ ОДНОС

Во Светото Евангелие, како и на фреските и иконите што ги доловуваат сите искупителни и спасителни моменти од сведоштвото на Богочовекот, преку кои човекот и светот се спасени, наидуваме и...

Отец Методиј Митановски: ЗА БЛУДНИОТ СИН

Отец Методиј Митановски: ЗА БЛУДНИОТ СИН

Кога го слушаме Евангелието за блудниот син најголем проблем е што го поврзуваме со други луѓе а не со самите нас.Така секогаш се сеќаваме на некој мал човек што прокоцкал...

Митрополит Европски Пимен: Беседа за Блудниот син

Митрополит Европски Пимен: Беседа за Блудниот син

Но да си споменеме и дека има браќа (како братот од денешната парабола) кои ќе стојат на вратата и ќе роптаат кон таткото зошто нè примил и кои ќе се...

Беседа за блудниот син (втор дел) (29.02.2020)

Беседа за блудниот син (втор дел) (29.02.2020)

Да дојдеш на себеси е да видиш дека без Бог си гол и бос, и дека без Бог си никој и ништо, и дека без Бог си ветер и магла,...

Беседа за блудниот син (прв дел) (16.02.2020)

Беседа за блудниот син (прв дел) (16.02.2020)

 Бог и Отец на секого од нас подеднакво, без збор и без услов, ни ја дава полнотата на Својата благодат. Од нас самите, од нашата слободна волја зависи како ќе...

Св.  Григориј Палама - Беседа за блудниот син

Св. Григориј Палама - Беседа за блудниот син

Ќе настане глад - рекол Пророкот, оплакувајќи го Ерусалим - но не глад за леб и вода, туку чулен глад за словото Божје (Ам. 8, 11). Глад, тоа е состојба...

« »