логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


ПРВ ДЕЛ

ЗА ВЕРАТА И ОТКРОВЕНИЕТО


I. За верата

1

 monasinja.Plaosnik.jpgКолку и години да поминуваат, и не само години, а векови, необичните зборови на “Пророкот” на Пушкин остануваат како епиграф за судбината на човекот на земјата. “Од жед на духот барав спас...” Една по друга се менуваат цивилизации, се менуваат формите на животот, се менува лицето на земјата - но неискоренлива, постојана останува духовната жед: драгоцен, но и мачен дар, даден на земјата само на човекот, како знак и како суштина на неговата човечност. Драгоцен поради тоа што го устремува човекот кон горе, не му дава да се успокои само во животната среќа, го приопштува кон возвишеното, кон радоста која со ништо не може да се спореди. Мачен, затоа што толку често противречи на неговите земни инстикти, целиот негов живот го прави да биде борба, трагање, тревога.

Речиси се во светот како да му говори на човекот: откажи се од духовната жед, одречи се од неа, и ќе бидеш сит, здрав и среќен. Како што во зората на овој век, во една од своите најпечални песни пишува Блок, “бидете задоволни со својот живот, потивко од водата, пониско од тревата...” И ете се појавуваат цели идеологии, изградени на откажување и одрекување од духовната жед, на омразата кон неа; идеологии кои со сите сили се стремат кон тоа, човек во себе да го задуши изворот на оваа жед, да ја признае за илузија и прелага и да се вклучи во градењето на животот, веќе сосема лишен од каква и да е потрага. Ако со нешто, во длабочина, не само на површината, нашиот ЏЏ век е различен од претходните, се разбира, пред се, тоа е - преку крајното заострување на две спротивни восприемања на човечкиот живот и самиот човек. За едното од нив, човекот е по тоа човек што во него постои духовна жед, потрага, возвишена тревога. За другото - само убивајќи ја истата, човекот ја започнува својата човечка судбина. Се останато во таа борба, која се води во современиот свет, на крајот на краиштата, е второстепено. Бидејќи само од ова длабоко, прво прашање произлегува се останато: политиката, економијата, културата, се она за што толку страстно спорат и во име на што, еден со друг, се борат луѓето.

И затоа - сакале луѓето или не сакале, го сознаваат тоа или не, но во срцето, во самиот центар на современоста стои религиозното прашање. Бидејќи религијата, по својата суштина, и е појава и присуство во светот на духовната жед. Како што чадот сведочи за тоа дека некаде гори оган, дури и ако ние не го гледаме, така и постоењето на религијата во светот, какви и да се нејзините форми, е несомнено сведоштво, дека во човекот не престанува да живее духовната жед, духовната потрага... 

На нас, навистина, се трудат да ни докажат дека религијата - тоа е успокоеност, откажување од борбата, промена на човекот во себе самиот, дека таа е - мртов и неподвижен догматизам, кој одведува од острите прашања и од потрагите, а сепак, тие кои го тврдат тоа, неизменливо ги премолчуваат зборовите кои ја сочинуваат срцевината на религиозниот опит и религиозната вера: “блажени се гладните и жедните”. “Барајте и ќе најдете...” “Не дојдов да донесам мир, а меч...”

Се гледа дека борбата со религијата кај оние кои ја мразат, секогаш е заснована на елементарна, груба лага и без таа лага нивната борба не може да постои ни еден единствен ден. Но таа лага денес е толку очигледна што, можеби, за неа веќе и не треба да се зборува. А ете, за таа духовна жед, за тоа каква е таа жед, како може да се угасне, по што трага - ете, за што е неопходно да се зборува, бидејќи, повторувам, во светот денес нема поважна тема. Денес светот стои на таа раскрсница, за која говори поетот:

Од жед на духот барав спас,
Низ пустината талкав тажна,
И шестокрилен ангел вчас
На распаќето ми се кажа.

Во светот со голема сила се судруваат разните повици обрнати кон човекот. Се совпаѓаат и се разминуваат разни патишта. И се пострашен, и се повпечатлив е отсјајот од нечуени катастрофи, силни земјотреси. “Кој има уши да слуша, нека чуе...”
Веќе не може да се извлечеме од се тоа со делумни мерки, со закрпи на материјата која се распаѓа и гние. Повторно започнуваме да сфаќаме, зошто за спасението, имено за спасението возвестува Евангелието, зошто се обраќа кон грешниците. И Христос говори: “Дојдов да донесам оган на земјата, и колку сакам, тој веќе да се запали”. Ние ја немаме силата на шестокрилниот ангел кој му се јавил на пророкот на распаќето. А сепак, секој во мерата на силите свои денес е повикан да сведочи за главното.

Религијата само тогаш е религија, кога таа е за главното. Кога таа истовремено е и пројава на духовната жед на човекот, и одговор на неа, оган - и очистување и преобразба со овој оган на нашиот слаб и срамен живот. Новиот Завет се завршува со страшни, но и радосни зборови: “Кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен, нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште. И еве, ќе дојдам скоро... И кој е жеден нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум...”.
Само да не ја промениме духовната жед која ни е дадена, само да ги отвориме очите и ушите за тој дожд на светлина, љубов и убавина, кои од вечноста се излеваат на нас. Нека на сите нас Бог ни помогне да бидеме верни и цврсти, смирени и љубовни. Тогаш не ќе може да се сокрие светлината, која од вечноста свели во светот, спасението - кое му е дадено на светот...

2

Пред неколку години едно француско издаваштво се обрна на повеќе познати луѓе - писатели, философи, уметници - со молба да напишат мала книга на темата “Во што јас верувам”. Повеќето од овие луѓе беа верни, и при тоа - членови на католичката Црква, то ест на Црква која помалку од другите го дозволува таканареченото слободно мислење, а тоа значи - во суштина, потребниот конформизам.
И ете, без разлика на тоа, одговорите на прашаните се покажаа длабоко различни, и секој од нив, човек може да го чита со голем интерес. Едната и иста вера, се прекршува во личниот опит, личното восприемање и преживување, станува нова и лична, а истовремено не престанува да биде една и заедничка.

Почнав да зборува за тоа, бидејќи денес многу често зборуваат за верата, за религијата, за христијанството, пред се, на безличен, објективен, догматски план. Не само непријателите на религијата, но и верните, се навикнале да размислуваат за тоа, како и на што поучува христијанството, што и како тврдат верните. Меѓутоа, верата, по својата природа и суштина, е нешто длабоко лично, и само во личноста и во личниот опит таа живее вистински. Само тогаш кога ова или она учење на Црквата, оваа или онаа, како што велиме, догма, то ест тврдење на некоја вистина, станува моја вера и мој опит, и според тоа, главна содржина на мојот живот, само тогаш - таа вера живее. Ако се загледаме и размислиме како се пренесува верата од еден човек на друг, најочигледно ќе се покаже тоа, дека вистински убедува, вдахновува и обраќа имено личниот опит. Во христијанството тоа е особено важно, затоа што христијанската вера во својата длабочина е некоја лична средба со Христа, на крајот на краиштата, примање не само на ова или она учење или догма за Христа, а на самиот Христос. Христијанството, со други зборови, е крајно лично. Тоа воопшто не значи дека е индивидуално, бидејќи луѓето се сретнуваат, го спознаваат, го љубат едниот и ист Христос. Но Христос се обрнува кон секого, и секоја вера, верата на секој човек, бидејќи вкоренета во заедничката вера, со тоа е - и единствена. Да си споменуваме за тоа е многу важно, затоа што денес непријателите на верата се обидуваат спорот за верата и за религијата да го сведат на некаков научен спор, да ги разбијат верните со научни аргументи, како да станува збор за објективно спознавачка појава на природата, макар што на овој научен, подобро е да се каже - лажно научен план, се она што христијаните тврдат дека е содржина на нивната вера, навистина не се докажува. Сепак, за нив, тоа и нема потреба од никакви докази, бидејќи тоа е во нивниот опит, тие непосредно ја знаат реалноста на овој опит, како што човекот во себе ја знае реалноста на љубовта, восхитот, жалоста, сострадувањето... А тоа значи, дека ако верата е неопходно да се докаже, за неа треба да се раскаже. Таков расказ за верата, а не научно сведување на фактите, всушност, е самото Евангелие. Тоа е раскажување на оние кои го виделе и слушале Христа, и Му поверувале, и Го возљубиле така што Тој станал нивен живот - имено нивен опит. Затоа Евангелието за вечни векови останува живо, затоа и погодува директно во срцето, додека философските и богословските трактати често умот и срцето ги оставаат ладни.

Повеќе од се, на нашиот ладен и жесток век му е неопходен расказ за живата вера, не пренесување едноставно на фактите, а на самиот опит на верата. Секој од нас, верните, нека знае цврсто и без сомнеж, дека верата му е - слаба, недоволна, дека и на него се однесуваат зборовите на Христос: “О вие, маловерни!” - но сепак, во подобрите мигови, го доживуваме овој опит, единствен и со ништо неспоредлив, бидејќи ако тој не постоел кај сто илјади луѓе кои живееле пред нас - како ние би поверувале, од каде би знаеле дека пред две илјади години во светот се случил тој настан кој има непосредно, решавачко значење за нашиот живот сега. А токму во тоа и се состои верата - во тајната увереност, дека се тоа што направил и рекол Христос, го направил за мене, ми рекол мене, всушност, тоа дека Тој не е оддалечен од мене со векови, ни со простор, со ништо освен со мојата маловерност, мојот заборав, моите безбројни изневерувања на Него.

Ете така, би сакал овие беседи да ги посветам на верата, но не само такаречено, на нејзината објективна и “богословска” содржина, но пред се - на нејзиното лично 'ртење во душата. Што би одговорил, ако ме прашаат: што за вас значи Бог, што всушност, разбирате вие, кога го произнесувате ова таинствено и истовремено толку познато и секојдневно слово? Што, кој е за  вас Христс? Ете, христијаните велат дека Тој умрел за нас, дека Тој воскреснал од мртвите, дека во Него смртта е победена; ете во вашите Цркви пејат “и ниеден мртовец не е во гробот”, а околу нас продолжува да царува смртта. Што значи се тоа - не само на зборови, не само во цитатите извадени од книгите, што значи тоа во реалниот и жив живот на еден човек? Вие секогаш зборувате за Црквата, но во што е нејзината смисла? Вие говорите за Троица, за Светиот Дух, за благодатта и тајните, за простувањето на гревовите. Но зад сите тие зборови треба да стои некој жив и личен опит, инаку - што значат тие? А сите знаеме, во нашиот свет, кој многу се оддалечил од верата - колку е тешко да се пробиеме до него, до овој опит, толку и е тешко “на душата” да проговори за него.
За време на триесет години од кога сум свештеник, сфатив дека најтешкото во светот е - да се говори за наједноставното, за најнасушното. Многу е полесно да изложуваш туѓи мисли, да се повикуваш на туѓ опит, да зборуваш со туѓи зборови. И толку е тешко да го направиш тоа - зборувајќи од срцето свое на друго срце.

3

Јас верувам во Бога... Но што е верата? Ако се замислиме што значат овие зборови, ако го разгледаме ова тврдење - “јас верувам во Бога” - некако од страна, тоа ни се чини таинствено... И без разлика на тоа како ни изгледа - ние го сфаќаме.

Се разбира, пред се, очигледно е дека верата не е исто што и знаењето, во секој случај - не е знаење во вообичаената, секојдневна смисла на зборот. Ако велам: “Јас верувам во Бога”, т.е. јас знам Кој е Бог - ова знаење никако не е слично на она знаење со кое знам дека во мојата соба има маса, а зад прозорецот паѓа дожд. Ова знаење кое го нарекуваме објективно, не зависи од мене, тоа влегува во моето сознание покрај мојата волја, покрај каков и да било слободен избор. Тоа навистина е “објективно”, и јас - то ест субјектот, личноста во мене - можат само да го примат, да го направат свое. Кога велам дека верувам во Бога, ова тврдење бара избор, решение; со други зборови, претпоставува некое многу лично учество на целото мое суштество. Веднаш штом ова лично учество, овој избор ќе исчезне - станува мртва, фактички не постои мојата вера. Ние навистина воопшто не веруваме секогаш, бидејќи верата никако не треба да се претвори едноставно во објективна, секогаш сама по себе еднаков дел на моите убедувања, на мојот поглед на свет.

Многу луѓе се обрнуваат кон Бога во страв, во несреќа, во страдање, но кога ќе поминат тие мигови, и луѓето се враќаат на животот, немајќи никаков однос кон верата, и живеат така како никаков Бог и да не имало. Уште повеќе луѓе веруваат не толку во Бога, иако тоа чудно ќе ни изгледа, колку - во религијата. На нив едноставно им е добро, удобно, спокојно во храмот, многумина од нив од детство навикнале на таа “свештеност” на храмот и обредите. Овде се е убаво, длабоко, таинствено - го нема она што е изопачено и зло, она што го сретнуваме во секојдневниот свет. Всушност, луѓето никогаш не замислувајќи се и не задлабочувајќи се, се држат за оваа “религиозност”. Но тоа речиси и нема однос кон “реалниот” живот. Религиозноста дава добри и чисти “преживувања”, помага да се живее. Сепак, религијата овде е самата за себе, животот сам за себе.

Најпосле, постои трета категорија на луѓе. Тоа се оние кои сметаат дека религијата е полезна и неопходна за човечкото општество, за нацијата, за семејството, за децата, за оние кои се на смртна постела и за болните, за подржување на чесноста и моралот, кои, со други зборови, ја сведуваат религијата на ползата која таа ја носи. Се сеќавам, кога бев млад свештеник, мајките ми се обрнуваа - при исповед - молејќи ме кај нивните деца да ја искоренам оваа или онаа неприлична наклоност. “Кажете му на моето дете, дека Бог се гледа, ќе се засрами и не ќе го прави тоа и тоа...”
Религијата е - помош и утеха. Религијата е - еден вид на задоволство од свештеното и возвишеното. Религијата е еден вид на полза. Ќе забележам дека во се тоа има некое делче на вистина. Но сепак, сведена само на ова религијата не е таа вера, за која апостол Павле во зората на христијанството рекол: “Верата е остварување на она што го очекуваме и увереност во невидливото”.

Да се замислиме над тие чудни зборови: “остварување на она што го очекуваме, увереност во невидливото”. Чудни затоа што секој од нив, како што се гледа, во себе содржи противречност. Бидејќи ако јас нешто очекувам, тогаш тоа се уште не се остварило, инаку не би го очекувал... И како може невидливото, то ест она што не може да биде проверено, да биде увидено, дознаено, во мене да стане увереност, то ест сигурност, реалност, сопственост? А меѓутоа, преку овие парадоксалности апостол Павле ја определува верата. Пред се, ќе забележиме дека во ова определување го нема зборот Бог. Овој збор се појавува понатаму, во следните стихови од неговото послание. Тука тој зборува за верата, како за посебна, својствена состојба на човекот, за некој дар кој тој го поседува.

Што е тој дар? На ова прашање може да се одговори вака: стремеж, тежина, очекување на нешто што се сака, претчувство на нешто за што вреди да се живее.

И ете што е чудно: речиси исто така го определува човекот безбожникот-философ Сартр: човекот, вели тој, “е бесполезна страст”. Тој оваа страст, овој стремеж го нарекува “бесполезен”, затоа што, според неговото убедување, тие се илузорни и всушност, на човекот му е својствено некаде да се стреми, нешто да очекува, по нешто да жедува. Но важно е тоа што и тој во човекот го наоѓа очекувањето и жедта. Значи, според апостол Павле, верата и е знаење на она, средба со она, што човекот, можеби и не знаејќи го, го очекува; стремеж и жед, кои и се неговиот живот. Ако ја нема таа жед, тоа очекување, не би постоела и средба. И ако го нема она по што човек жедува, не би го имало ни ова очекување. И во оваа средба невидливото - станува увереност, то ест поседување и реалност.

Се ова значи дека во христијанскиот опит на верата, оваа последната не е плод и пројава само на знаењето, не е заклучок од размислувањата и проверување, не е умствена пресметка, и не е едноставно религиозна емоција, која сега ја има, а по некоја минута, можеби, ќе ја нема, бидејќи ќе исчезне, туку верата е - средба, реална средба со нешто најдлабоко во човекот, некое очекување својствено за него, земајќи го предвид и тоа кон што очекувањето е усмерено, дури и ако човек не знае. За оваа средба за ова “остварување на очекуваното” и “увереност во невидливото” подобро од се кажал блажени Августин: “За Себе си не создал Ти, Господи, и не ќе се успокои срцето наше во нас, додека не Те најде Тебе”. А ова не доведува кон третото, најтаинствено слово на нашата исповед на верата: “Јас верувам во Бога” - тоа не доведува кон словото Бог.

4

“Бога никој не го видел”. Тоа не го кажал некој атеист ниту некој верен кој се сомнева во својата вера ниту некој едноставно - жител /малограѓанин/, зафатен со своите работи и таков кој за возвишени нешта нема време. Тоа го кажал апостол Павле, чија страстна, огнена вера низ вековите го запалува секого кој во рацете свои ги држи неговите посланија.

“Бога никој не го видел”. Но што тогаш значи таа од вечност вера? На што, на кого е таа упатена? Што вложува човек во ова таинствено, логички најнеобјасниво од сите слова создадени од човекот? До сега, зборувајќи за тврдењето “јас верувам во Бога”, говорев за двата први зборови на ова тврдење, за “јас”, со кое ова почнува, и за верата, која ова “јас” ја исповеда. Јас говорев за верата, дека таа, пред се, е некое враќање на себе, или - враќање кон себе, но која само затоа и само тогаш е возможна кога човек го спознава, дознава тоа на што се враќа, слично како што љубовта се разгорува во душата истовремено со појавувањето на љубениот. Но љубениот го гледаме, и гледајќи - го знаеме, и узнавајќи го - го љубиме. А Бога “никој никогаш не Го видел”. Значи ли тоа дека ние Го чувствуваме?

Овде се разоткрива скудноста, недоволноста, беспомошноста на зборовите, кога со нив треба да го изразиме најглавното и затоа до крај неискажливото. Бидејќи, потполно е очигледно дека зборот “чувство, чувствување” може да означува само разни состојби, движење на умот, настроенија, на него не ќе ја изградиш верата ниту од него ќе ја изведеш. Да, се разбира, чувство, но чувство на најдлабок начин различно од сите други чувства, навистина, во однос на нив - туѓо. Бидејќи за чувствата може да се каже тоа, дека често зборуваат за вкусовите: “За вкусовите не се спори” - на еден му се допаѓа едно, на друг - друго. Еден чувствува така, друг инаку. И ако верата е - само едно од таквите краткотрајни чувства, ако таа зависи од нашите минливи емоции, тогаш, навистина за неа не треба да се спори. А на такво “чувство”, на таква субјективна емоција и ја сведуваат верата оние кои се борат со неа. Еден, велат тие, верува во таинствената и зла цифра 13, друг - во баење и вражање, трет - во света вода, четврт уште во нешто, и излегува дека за верата не треба никакво цврсто знаење (бидејќи “Бога никој никогаш не Го видел”), дури ни единородно чувство, бидејќи чувствата се засновани на емоционалниот менталитет на секој човек. Затоа, повторувам, зборот чувство е недоволен, или тој треба да биде прецизиран, очистен од се што во него не е вера.

Така, ете во што е единственоста, апсолутната посебност на ова чувство и состојба кое ние го нарекуваме вера? Се разбира, во тоа што таа е одговор, а одговорот не го претпоставува само присуството на оној на кого му одговараме, но и и го потврдува ова присуство.
Верата е возвратно движење не само на душата, а на целиот човек, на целото негово суштество - кое одненадеж нешто слушнал, одненадеж нешто видел и се препуштил на тоа движење. На јазикот на христијанството тоа може да се изрази вака: верата е од Бога, од Неговата иницијатива, од Неговиот повик. Таа секогаш е одговор на Него, препуштање на човекот на Оној кој се дава себе. Колку восхитувачки рекол Паскал, “Бог ни говори: не би ме барал, ако веќе не си ме нашол”. И затоа што верата е - одговор, возвратно движење, во неа секогаш останува и потрагата, и жедта, и стремежот. Во себе, во својот опит, во своето чувство барам одговор на прашањето - зошто верувам? И ете, не го наоѓам.

Што е Бог за мене? Објаснување на светот и животот? Не, бидејќи како прво, мене ми е очигледно дека не верувам во Него заради ова објаснување, и како второ, дека мојата вера во Бога и не “ги објаснува” рационално сите тајни и загадки на светот. Ми се случило не еднаш во животот да стојам крај постелата на дете кое умира во страшни маки. И што? Можам ли јас да им ги објаснам на блиските на тоа дете, да им ги докажам, да им ги оправдам, “религиозно”, како што се вели, овие маки и оваа смрт? Не. Јас само можам да кажам: Бог е овде, Бог постои. Можам само да ја исповедам целата неизмерливост на ова присуство во споредба со нашите скрбни земни прашања. Се разбира, не од неопходност да ја објаснам верата. Но тогаш поради што? Поради страв од задгробните маки, поради страв од потполното исчезнување, на крајот на краиштата, од вложената во мене страстна и егоистична желба да не исчезнам? Не, бидејќи како детско брборење ми се чинат тогаш најумните философски расудувања за задгробниот свет, вечноста и така натаму.

Што знам јас за се тоа? И што можам да му кажам на другиот? И не верувам во Бога затоа што сакам задгробен живот и вечност, а верувам во живот вечен затоа што верувам во Бога. Но тогаш на прашањето пред сите прашања - зошто јас верувам? - можам да одговорам само вака: затоа што Бог ми ја дал таа вера и цело време ми ја дава. Ми ја дал како дар, како подарок, во што ме уверува радоста која апсолутно не зависи од ништо во светот, мирот кој го чувствувам во себе - мир апсолутно независен од ништо во светот и животот - о! - не секогаш, ретко, некогаш во оние мигови кога словото Бог престанува да биде слово, а станува како водна акумулација од која се излева лавина на светлина, љубов, убавина, се излева самиот живот.

“Радост и мир во Светиот Дух” - така рекол апостол Петар, и нема други зборови, бидејќи, кога веруваш и живееш со верата, веќе и зборови не се потребни, и тие се речиси невозможни... Но тогаш ќе ме прашаат: зошто секому не му е даден овој дар, овој подарок на верата? Зошто едни веруваат, а други не веруваат? Што е тоа - да се биде избран? И зошто постојат оние кои верувале, па ја загубиле верата? Се ова се важни, главни прашања.

5

Во тврдењето “јас верувам во Бога” ние го распознавме, чувствуваме, “допирот во душата”, иако нејасно - пред се, како некој дар, подарок одозгора. Јас не пристапувам на верата во Бога толку спознавачки, дедуктивно, разумно, колку што ја наоѓам во себе, ја наоѓам со восхит, радост и благодарност. Ја наоѓам како присуство, таинствено, но толку јасно забележано, на Оној Кој целиот е - мир, радост, тишина, светлина. Ова присуство не може да биде од мене, бидејќи ни во мене, ни во светот кој ме опкружува - ја нема оваа радост, ни светлина, ни тишина. Од каде се тие? И ете, говорам слово кое се тоа го изразува, се тоа го именува, и кое одвоено од овој опит, од увереноста во ова присуство нема никаква смисла: го кажувам словото “Бог”. Не би можел да го кажам ова несфатливо слово, ако во мене го нема овој опит, сепак, произнесувајќи го, јас како да го ослободувам овој опит, ова чувство од неговата субјективност, минливост, неопределеност. Го нарекувам содржина и со самото тоа го примам овој дар и како возвратно движење му го предавам целото мое суштество.

“Јас верувам во Бога”. И ете, се покажува дека оваа вера која ја најдов во самата длабочина на својата душа, не е само моја, не е само мој личен, непренослив, неискажлив опит, а дека таа - на нов начин ме поврзува со луѓето, со животот, со светот, се покажува како ослободување од осаменоста, на која, во оваа или онаа мера, се осудени сите луѓе. Бидејќи ако е радосно наоѓањето на верата во себе, во својата душа, во своето сознание, не помалку радосно се покажува наоѓањето на истата таа вера, на истиот тој опит и во другите. И не само сега, тука, околу мене, кај луѓе слични со мене, - туку и низ вековите, низ просторот. Ете, отворам една стара книга, напишана пред повеќе од илјада години пред нашата ера, во свет кој речиси воопшто не личи на нашиот, сегашниот, и читам: “Господи! Си ме испитал и знаеш. Ти знаеш, кога седнувам и кога станувам. Ти ги разбираш моите помисли оддалеку. Одам ли, се одмарам ли - Ти ме опкружуваш, и моите патишта Ти се познати. Се уште не се појавило словото на јазикот мој - Ти, Господи, веќе го знаеш. Од назад и од напред Ти ме опфаќаш, и ја ставаш на мене раката Своја. Прекрасно е за мене водството Твое - високо! - Не можам да го постигнам! Каде ќе појдам од духот Твој и од лицето Твое каде ќе избегам? Ако одам на небото - Ти си таму; ако слезам во адот - и таму си Ти. Ако ги земам крилјата /на зората?/ и се преселам на крајот на морето - и таму раката Твоја ќе ме најде, и ќе ме задржи десницата Твоја. Ако речам: можеби темнината ќе ме сокрие, и светлината околу мене ноќ ќе се стори. Но темнината не ќе ти затемни Тебе, на Кого и ноќта му е светла како ден: како темнината, така и светлината. Бидејќи Ти си ме создал и си ме образувал во утробата на мајката моја. Те славам, зашто прекрасно сум устроен. Прекрасни се делата Твои, и душата моја го сознава ова... Колку се возвишени за мене помислите Твои, Боже, и колку е голем нивниот број! Ако започнам да ги пребројувам, ќе ги најдам побројни од песок; кога се будам пак сум со Тебе... Испитај ме, Боже, и узнај го срцето мое; испитај ме и узнај ги помислите мои; да не сум на пат опасен - и упати ме на патот вечен”.

Тоа е 138 псалм, кој е напишан пред неколку илјади години. Но ете, јас го читам и се восхитувам: Господи, да е се токму така како што јас чувствувам и преживувам, тоа е мој опит, тоа е за мене и од мене кажано, и дури овие детски зборови, ова пелтечење, кое се обидува да го изрази, “да го испие” тоа што е над зборовите, - и тоа е мое. И значи верата живее со векови, значи милиони луѓе го чувствувале истото, и срцето се полни со радост, кога од изобилието на верата се разгоруваат овие восхитувачки зборови: “но темнината не ќе Те затемни Тебе, на Кого и ноќта му е светла како ден: како темнината, така светлината...” Во оваа светлина јас, на нов начин, го гледам светот: без разлика на целата негова темнина, тој свети за мене со првосоздадената светлина: навистина “прекрасни се делата Твои и душата моја го сознава тоа...” На нов начин се гледам и сознавам себе, грешниот, слабиот, плашливиот, заробениот, и ги повторувам зборовите на псалмот: “Те славам Тебе, зашто прекрасно сум устроен...” Затоа што ми е даден оној таен орган на знаење на внатрешното, затоа што можам да го узнаам она што е возвишено и прекрасно и славно, можам да посакам високо водство и висок живот, можам да правам разлика меѓу патот опасен и патот вечен.

И најпосле од таа вера дознавам дека се во светот говори за Бога, го пројавува Бога, се свети преку Него: како лачезарното утро, така ноќната темнина, како среќата и радоста, така и страдањето и маката. И ако многумина не го видат ова, тоа е затоа што јас - и сличните на мене верни - се премногу слаби сведоци на верата, затоа што од самото детство го опкружуваме човекот со малечкавости, лаги, му внушуваме да не ја бара и да не жедува по длабочина, а да сака малечка и призрачна среќа и малечок призрачен успех, затоа што му го заковуваме вниманието на суета и залудност. И ете, се заболува во него тајниот орган на светлина и љубов и се исполнува светот - со лепливата темнина на неверието, скепсата, и понатаму - егоизмот, омразата и злобата. Но и во таа темнина, и во тој страшен пад и промена не не оставил Бог. И моите слаби зборови за верата во Бога би биле празни, ако на крајот, јас не ја исповедав верата веќе не едноставно во Бога, а во Оној единствениот Човек, во Кого Бог дошол во светот, а во светот - кај секој човек, за да го спаси и роди. “Јас верувам во Бога”. Но Бог - во полнотијата на радоста и владеењето - се открива во Христа.

 

(Продолжува)

Подготви: А. И.

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5843
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6650
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6451
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5637
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Беседи

БEСEДА  за пoбeдата над пoслeдниoт нeпријатeл

БEСEДА за пoбeдата над пoслeдниoт нeпријатeл

Прв нeпријатeл на чoвeкoт e ѓавoлoт, втoр e грeвoт, а трeт e смртта. Гoспoд Исус ги пoбeдил ситe oвиe три нeпријатeли на чoвeчкиoт рoд. Сo Свoeтo пoнижувањe гo пoбeдил гoрдeливиoт...

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

 Спознанието на вистината, на лично ниво, не е интелектуално човечко достигнување, туку, пред сè, е Божји дар на просветленост на умот и обожение на личноста; дар Божји кој се добива...

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

Таму, на нeбoтo, e вистинскoтo Христoвo царствo и вистинскиoт Христoв живoт бeз примeси на грeв и смрт. Нo љубoвта на Синoт Бoжји кoн луѓeтo нашла дeка e пoпoтрeбнo да бидe...

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

Милoстињата штo сe прави oд цeлиoт ум, гo чисти чoвeкoвиoт ум. Сo eдeн збoр внатрeшната милoстиња гo исчистува цeлиoт чoвeк. Акo e милoстињата самo oд рака, таа нe ја чисти...

Месопусна недела: Страшниот суд

Месопусна недела: Страшниот суд

Христијанската љубов е „возможна невозможност“ да се види Христос во секој човек, кој и да е, човекот што Бог, по Својата вечна и тајна промисла, решил да го воведе во...

 Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Што се случува со оние кои Страшниот суд ги затекнува во грев и пад? Тоа што Богочовекот Христос воопшто стапува во дијалог со нив, колку и да звучи тоа страшно...

Митрополит Тимотеј: † БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА ЦАРИНИКОТ И ФАРИСЕЈОТ

Митрополит Тимотеј: † БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА ЦАРИНИКОТ И ФАРИСЕЈОТ

Параболата за цариникот и фарисејот претставува длабоко проникнување во човековата душа, и за нас е многу важно да го задржиме нашето внимание врз ова кажување. Оваа парабола нема во предвид...

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Каква умилна слика ни претставува Сретението Господово! Старецот Симеон во раце Го држи Младенецот, спроти него – праведниот Јосиф и Пресветата Дева Богородица; во близина – пророчицата Ана, постничка и...

Дејан Трајков: Оддалечување од Христа и од христијанските идеали

Дејан Трајков: Оддалечување од Христа и од христијанските идеали

Современиот човек брза по светските суети, бега од скромниот живот и во празните и лажни авантури бара да ја заборави душевната горчина, која му ја создава свеста за безбожните дела....

« »

Православен календар

 

26/04/2024 - петок

Велигденски пости; (строг пост)

Светиот свештеномаченик Артемон; Светиот маченик Крискент; Светата маченичка Томаида;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.Христов новомаченик Димитриј Пелопонески 13 април / 26 април 2024

Тропар на св.Христов новомаченик Димитриј Пелопонески 13 април / 26 април 2024

Исповедник на верата Христова постана,откако Спасителот Го повика кога се најде сред морските бранови,о Димитрие новомачениче.Надеж стана за паднатите кои во...

Тропар на преподобниот отец епископ Паријски Василиј 12 април / 25 април 2024

Тропар на преподобниот отец епископ Паријски Василиј 12 април / 25 април 2024

Василие, преподобен оче наш,верата во Христа ти ја сочува,иако велијар во безумие кон тебе поита,стадото Христово по твоите молитви Господ...

Тропар на светиот Христов свештеномаченик Антип Пергамски 11 април / 24 април 2024

Тропар на светиот Христов свештеномаченик Антип Пергамски 11 април / 24 април 2024

Велик те направи Спасителот тебе Антипопомеѓу ѕвездите небесни,и возвишено стана името твое во Црквата,на која како семе одбрано и послужии...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная