
Со особена радост ве известуваме дека, со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, од печат излегоа две духовно значајни книги во издание на Издавачката дејност на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“: „Павле – апостолот на народите“ и реиздание на книгата „Невидлива борба“.
Книгата „Павле – апостолот на народите“ е духовно и поучно дело посветено на животот, апостолското дело и мисијата на светиот апостол Павле, еден од најзначајните проповедници на Христовото Евангелие и апостол на народите.
Преку страниците на ова дело читателот се запознава со животниот пат на светиот апостол Павле, неговото чудесно преобраќање, неговиот подвиг, страдањата и неуморната проповед на Евангелието Христово. Неговиот живот сведочи за силата на верата, љубовта кон Христа и целосното посветување на човекот на Божјата служба.
Делото е од свети Инокентиј Херсонски, а од руски јазик на македонски јазик го преведе ѓаконот Петар Петковски.
Реизданието на книгата „Невидлива борба“ од свети Никодим Агиорит доаѓа како одговор на големиот интерес на читателската публика и желбата на многубројните читатели повторно да ја имаат оваа драгоцена духовна книга достапна.„Невидлива борба“ е духовно-поучно дело посветено на внатрешната борба на човекот со страстите, искушенијата и слабостите, но и на начинот на кој христијанинот, преку верата, молитвата, духовната будност и Божјата благодат, може да им се спротивстави на искушенијата и да напредува во духовниот живот.
Книгата претставува драгоцено четиво за секој христијанин кој сака подлабоко да го разбере духовниот подвиг и борбата што се одвива во срцето и умот на човекот, насочувајќи го кон духовно усовршување, надминување на сопствените слабости и стекнување добродетели кои го преобразуваат срцето и го приближуваат човекот кон Бога.
Цената на двете книги е идентична, односно 350 денари.
Книгите можете да ги нарачате во Издавачката дејност на Повардарската епархија: 043 221 231; info@povardarska-eparhija.org.mk или со порака на нашата Фејсбук страница.
Нека овие духовни дела бидат на радост и духовна полза на сите читатели и поттик за продлабочување на верата, молитвата и христијанскиот духовен живот.


























