Убавината што тивко го менува светот

Постојат луѓе кои го разубавуваат светот без да прават врева. Не им се потребни многу зборови, ниту впечатливи дела, за да шират светлина. Самото нивно присуство станува утеха, нивната тишина непрестајна молитва, а нивниот живот пример за живеење.
Таква е Пресвета Богородица.
На празникот на нејзиното Успение, не стоиме само пред тајната на упокојувањето на една Мајка. Стоиме пред убавина што не пропаѓа. Пред убавината на една душа која научила да сака без да бара, да има доверба без да поставува услови, да молчи без да се оддалечува, да страда без да се стврдне.
Убавината на Богородица не била надворешна. Таа пред сè била внатрешна: кроткоста на нејзиниот поглед, чистотата на нејзиното срце, нејзиното смирение кое ја направило способна да каже „да“ на Божјата волја, дури и тогаш кога не го разбирала целиот пат и неговата цел.
Тоа била нејзината љубов, која во себе ја примала и радоста и болката, и Раѓањето и Крстот, и присуството и загубата.
Дај Боже и ние да стекнеме нешто од нејзината кроткост, кога светот околу нас станува суров.
Нешто од нејзиното трпение, кога одговорите доцнат.
Нешто од нејзиното смирение, кога нашиот егоизам нè повикува на конфликт.Нешто од чистотата на нејзиното срце, кога во нас има премногу стравови, злоби и опсесии.
Нешто од нејзината доверба, кога патот пред нас не се гледа.
Богородица не бара од нас да станеме нешто туѓо на она што сме. Таа ни покажува што може да стане човекот кога ќе дозволи неговото срце да се исполни со Бога.
Да станеме малку потивки во себе.
Малку понежни кон луѓето.
Малку пообилни во простувањето.
Малку поискрени во љубовта.
Малку поспремни и ние, среде тешкотиите на животот, да кажеме едно: „Нека биде.

“И можеби малку послободни од „кутиите“ што самите сме ги создале и во кои често го стеснуваме сопствениот живот.
„Кутијата“ на: „Морам секогаш да бидам силен.“
„Кутијата“ на: „Луѓето мора да се однесуваат онака како што јас очекувам.
“„Кутијата“ на: „Ако не се случи онака како што сум замислил, тогаш сум неуспешен.
“„Кутијата“ на споредувањето, во која го гледаме животот на другиот и забораваме да бидеме благодарни за нашиот.
„Кутијата“ на совршенството, која не ни дозволува да си простиме ниту самите на себе.
„Кутијата“ на туѓото мислење, која често нè тера да живееме живот што е туѓ на нашето срце.
И уште онаа најдлабока „кутија“: нашата потреба сè да биде средено, предвидливо и под контрола.
А сепак, животот не може секогаш да се смести во кутии.
Ниту односите.
Ниту љубовта.
Ниту радоста.
Ниту болката.
Ниту Бог.
Можеби токму затоа Богородица нè учи на уште нешто: слободата на верата, односно слободата на довербата.
Да немаме потреба однапред да го знаеме целиот пат, сите станици, сопатниците, непријателите и пријателите.
Да можеме да оставиме малку простор за неочекуваното, за различното, за чудото.
И тогаш можеби ќе почнеме да дишеме послободно и поискрено.Архим.
Павел Пападопулос
Подготви С. Стефковски
15.08.2026


























