логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НИКОЛАЈ
ЧУДОТВОРЕЦ АРХИЕПИСКОП НА ЛИКИСКИОТ
ГРАД МИР

ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА


На Господи, повикав, стихири на 8, глас 2.


Свети Николае, кој поживеа во (градот) Мир телесно, навистина се покажа како миро, откако се помаза со духовното миро, светителу Христов, и ги миросуваш лицата на оние што со вера и љубов го прославуваат твојот сеславен спомен, ослободувајќи ги од секакви неволи, несреќи и беди, отче, со твоите пред Бога молитви.


Свети Николае, кој навистина го носиш името победа, пред верните луѓе се покажа крепок во неволјите, светителу Христов, оти, каде и да си повикан, бргу им излегуваш во пресрет на оние што со љубов ја бараат твојата закрила, зашто ти, јавувајќи им се на верните и дење и ноќе, ги спасуваш од несреќи и неволји.


Ти им се јави на сон на царот Константин и на Авлавија и, заплашувајќи ги, им рече вака: Ослободете ги веднаш оние што ги држите врзани во затворот, зашто тие на смрт невино се осудени. Ако, пак, не ме послушаш, пред царот ќе те обвинам тебе, молејќи Му се на Господа.


Свети Николае, ти си голем и топол застапник на оние што се наоѓаат во беда, на земја или на море, близу или далеку, славен свети Николае, свештенопроповеднику Христов, зашто си мошне милостив и силен молитвеник! Затоа, собрани заедно, пееме: Моли Му се на Господа, да се избавиме од секаква неволја.


Со какви похвални венци да го украсиме светителот Николај, кој телесно живееше во градот Мир, а духовно стигнуваше при сите што чисто го љубеа; тој на сите им беше заштитник и застапник, и на сите нажалени утешител, на сите кои се во неволја – прибежиште, столб на набожноста, бранител на верните. Заради него, горделивоста на вразите ја победи Христос, Кој има милост голема.


Со какви песнопеења да го пофалиме светителот Николај, борецот против беззаконието и заштитникот на благочестието, претстојателот на Црквата, големиот застапник и учител, кој ги посрамува сите нечесни, истребувачот на Арија и на неговите помошници. Христос, Кој има милост голема, заради него, ја победи горделивоста на аријаните.

Со какви пророчки песни да го пофалиме светителот (Николај), кој го гледаше однапред и она што е далеку, и вистински го претскажуваше она што е на растојание и ја надгледуваше сета вселена; кој му се јави на сон на богомудриот цар, за да ги избави од неправедна смрт порано затворените, и кој дарува милост голема.


Слава, глас 6:


О, празникољупци, собрани заедно, со песни похвални да го воспееме украсот на светителите, славата на отците, изворот на чудеса и големиот застапник на верниците, говорејќи: Радувај се, престојателу чесен и чувару, и неподвижен столбу на Црквата во (градот) Мир! Радувај се, светилнику сесветол, кој со чудеса ги просветлуваш мирските предели! Радувај се, божествена радост на бедните и топол застапнику на онеправданите! И сега, себлажен Николае, не престанувај да се молиш на Христа Бога, за оние што со вера и љубов го чествуваат твојот секогаш радосен и сепразничен спомен.


И сега, на претпразненство, глас 6:


Пештеро (витлеемска), украси се добро, оти доаѓа Овцата која во утробата Го носи Христа! И вие, јасли, примете Го Оној што со Својот збор нѐ разреши нас грешните од неразумните дела! Пастири, свирејќи сведочете за страшното чудо, а вие, мудреци персиски, принесете Му на Царот злато, ливан и смирна, зашто се јави Господ од Мајка Дева, Кому таа, како мајка и слугинка, се наведна и Му се поклони, и Му велеше на Оној, што Го држеше во своите раце: Како се насеа во мојата утроба? Или, како никна во мене, Избавителу мој и Боже.


Стиховни стихири, глас 5.


Радувај се, главо свештена, чисти доме на добродетели, правило на божественото свештенство, пастиру велики, светилнику најсветол, кој го носиш името на победата и на тие што се молат си милостив исполнител, кој внимателно гледаш на барањата на немоќните. Подготвен избавителу, спасоносен пазителу на сите оние што со вера го слават твојот свет спомен! Моли Го Христа, преблажени, на светот да му испрати милост голема.

Стих: Скапа е во очите на Господ смртта на Неговите светии.

Радувај се, свештени уме, чисто живеалиште на Света Троица, црковен столбу, тврдино на верните, помош на поразените, ѕвездо која со твоите од Бога примени молитви постојано ги разоруваш опасностите и мракот на болките, светителу Николае; тивко пристаниште во кое се спасуваат оние што ги носи животната бура: Моли Го Христа, да им даде на душите наши милост голема.


Стих: Твоите свештеници нека се облечат во праведност; Твоите светии нека се зарадуваат.


Радувај се ти, кој се исполни со ревност божествена, и ги избавуваш оние што неправедно на смрт се осудени, со твоето страшно застапништво и со закани на сон; извору кој излеваш изобилно миро во градот Мир, и ги напојуваш душите, а ја прогонуваш непријатната миризба на страстите; меч кој ги сече плевелите на прелеста; лопата која ги развејува Ариевите плевелни учења. Моли Го Христа, преблажени, да им испрати на душите наши милост голема.

Слава, глас 6:


Од монах Јован: Човеку Божји, и верен слуго, Господов служителу, сакан мажу, избран саду, столбу и тврдино на Црквата, наследник на Царството, не престанувај да се молиш за нас на Господа.


И сега, глас 6:


Византиева: Немажена Дево, од каде си дошла? Кој е тој што те родил? Која е мајката твоја? Како Го носиш Создателот на раце? Како не ти се распадна утробата? Големи, преславни и страшни тајни гледаме како се извршија на земјата на тебе, Сесвета, и го подготвуваме она што треба и што е достојно за тебе: на земјата пештера, а од небото бараме да ја даде ѕвездата; и мудреците доаѓаат од источните земји кон западните, за да го видат човековото Спасение, во јасли со пелени повивано.

Тропар, глас 4:

Правило на верата, и пример за кроткоста, и учител на воздржанието, те покажа пред твоето стадо вистината на твоите дела. Поради тоа, со смирение си ја придобил возвишеноста, со сиромаштвото – богатството, отче, свештеноначалниче Николае. Моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.

 

 

Подготви: Т.С

 

Друго:

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1375
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1670
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1506
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…