логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Неговата омраза – Иван Илин
In Uncategorized on Март 28, 2013 at 4:34 pm

Колку тешко, речиси неподносливо е тоа чувство, дека „тој мене ме мрази“… Какво чувство на сопствена немоќ загосподарува со душата… Сакаш да не размислуваш за тоа; и ова понекогаш успева. Но и да не размислуваш, сепак во духовниот етер ја чувствуваш таа струја, тој тек на туѓата одбивност, презир и зли намери. И не знаеш што да започнеш; и не можеш сосема да заборавиш; и го носиш на себе тоа проклетство низ животот.

Секој човек – без разлика дали го знае тоа или не – е жив емитувачки личен центар. Секој став, секој збор, секоја насмевка, секоја постапка зрачи во општиот духовен етер на битието посебна енергија на топлина и светлина, која сака да дејствува во него, сака да биде примена, допуштена во туѓите души и да биде признаена од нив, сака да ги повика и да започне со нив жив поток на позитивен, конструктивен разговор. И дури тогаш, кога човекот, очигледно, во ништо не се покажува или едноставно отсуствува, ние ги чувствуваме испратените од него зраци, толку посилно, толку посигурно и поинтензивно, колку што е позначајна и пооригинална неговата духовна личност.

Ние ја добиваме првата перцепција на туѓата антипатија, кога чувствуваме дека испратените од нас животни зраци не се примени од другиот човек, како да се одбиваат или упорно тој не им дозволува да дојдат во него. Тоа е веќе непријатно и тешко. Тоа може да предизвика во нас самите некој револт или, пак, дури и збрка. Во душата се појавува чудно чувство на неуспех, или на лична неумешност, или, пак, неумесност на своето битие; волјата за комуникација се пресекува, зраците не сакаат да се излачуваат, зборовите се губат, животниот елан прекинува и срцето е подготвено да се затвори. Затворените и некомуникативни луѓе неретко предизвикуваат такво чувство кај комуникативните и експанзивни луѓе дури и тогаш, кога за антипатија не може ни да стане збор. Но антипатијата, кога еднаш ќе се појави, може да се заостри до непријателство, „да се згусне“ во одвратност и да се задлабочи со омраза, и притоа, потполно независно од тоа, дали сме ја заслужиле таа омраза со било што конкретно или не…

Оној, што еднаш видел очи разгорени од омраза, никогаш нема да ги заборави… Тие зборуваат за личната злоба и навестуваат неволја; а оној, кој ги гледа и се чувствува себеси во центарот на тие зраци, не знае што да прави. Зракот на омраза е зрак, зашто тој гори и блеска, тој е полн со енергија, тој е упатен од едно огниште кон друго. Но огништето на омразата како да гори со црн оган и неговите зраци се мрачни и страшни; и нивната енергија не е животворна, како во љубовта, туку е смртоносна и уништувачка. Зад нив се чувствува заледениот грч на душата; измачувачко непријателство, кое сака на другиот да му причини мака и веќе ја носи со себе. И кога ќе се обидеш да сфатиш, што е тоа што го мачи оној што мрази, тогаш со ужас ќе се увериш дека тој мечтае да те види тебе како пропаѓаш во маки, и се измачува бидејќи тоа сè уште не се исполнило… Јас ги гледам тие очи полни со омраза и гледам дека „тој“ мене не ме поднесува; дека „тој“ со презирачка одвратност ги одбива моите животни зраци; дека „тој“ повлекол гранична линија помеѓу себеси и мене, и ја смета таа линија како знак на дефинитивен прекин: од таа страна на линијата – тој со неуморна злонамерност, на оваа страна – јас, ништожниот, одвратниот, презрениот, вечно недопогубен, а меѓу нас – бездна… Наоѓајќи се во ќорсокакот на својата омраза, тој се ожесточил и ослепел, и ете, го пресретнува секој животен знак од моја страна – со убиствено „не“. Со тоа „не“ се заситени сите негови зраци, насочени кон мене, а тоа значи дека тој не ги прима зраците од мене, не ми го простува моето живеење и не го трпи моето постоење – воопшто и никако. Кога би можел, тој би ме изгорел со својот поглед. Тој е обземен речиси од манијакална идеја – да ме искорени: јас сум осуден, потполно и засекогаш, јас немам право да живеам. Како што вели Лермонтов: „На земјава нема место за нас двајцата[1]“… Општо земено – духовна рана, изопаченост, трагедија…

Од каде сето ова? Зошто? Со што ја заслужив оваа омраза? И што треба да правам? Како да се ослободам од ова скаменувачко проклетство, кое ми навестува секакви неволји и ми се заканува со предумислено погубување? Можам ли јас да ја игнорирам неговата жестокост, да поминам покрај него и да се потрудам да заборавам на таа црна злоба? Имам ли јас право на тоа? Како да се избавам од таа свест што ме притиска, затоа што моето постоење предизвикало во некого некаква духовна болест, таква згрчена одвратност?

Да, но зарем можеме да ги контролираме туѓите чувства? Зарем е можно да се проникне во душата на својот непријател и да се угасне или преобрази неговата омраза? И ако е можно, тогаш како да се пристапи кон тоа? И од каде да се најде доволнo сила за ова и духовно искуство?…

Кога се среќавам во животот со вистинска омраза кон мене, тогаш во мене се буди пред сè чувство на голема несреќа, потоа огорченост и чувствување на својата немоќ, а по ова доживувам упорна желба да избегам од својот мразител, да исчезнам од пред неговите очи, никогаш повеќе да не се сретнувам со него и ништо да не знам за него. Ако ми успее ова, тогаш јас брзо се успокојувам, но веднаш потоа забележувам дека во душата останала некаква потиштеност и тежина, зашто црните зраци на неговата омраза сепак ме стигнуваат, проникнуваат во мене преку заедничкиот етер. Тогаш почнувам принудно да се забележувам во неговата душа која мрази и се гледам себеси во нејзините црни зраци – како предмет и нивна жртва. Тоа чувство тешко се поднесува долго. Неговата омраза не е само негова несреќа, туку и моја, слично на тоа, како што несреќната љубов е несреќа не само за оној кој љуби, туку и за љубениот. Од неговата омраза страда не само оној кој мрази, туку и јас – омразениот. Тој е веќе понижен од својата состојба, неговото човечко достоинство веќе пострадало од неговата омраза; сега тоа понижување треба да ме зафати и мене. Со ова јас не можам да се согласам. Јас треба да се зафатам со тоа, да го разјаснам, да го надминам и да се потрудам да ја преобразам и облагородам таа болна страст. Во духовниот етер на светот се формирала рана; треба да се исцели и да заздрави.

Се разбира, ние не можеме да ги контролираме туѓите чувства; и навистина, воопшто не е лесно да се најде вистинскиот пат и соодветната духовна сила за да се разреши таа претешка задача… Но за едно сум сигурен, имено, дека тој мрачен оган треба да се изгасне. Тој треба да ми прости мене и да се смири со мене. Тој треба не само „да ми подари живот“ и да се помири со моето постоење; тој треба да доживее радост од тоа што јас живеам во светот, и да ми даде можност да се радувам на неговото битие. Зашто, според зборовите на великиот православен мудрец Серафим Саровски, „човек на човека – радост“…

Пред сè, јас треба да сфатам и да востановам со што и како јас ја заслужив таа омраза? Како можеше неговата потенцијална љубов кон мене да се претвори во одвратност, а неговата здрава почит кон мене – во презир? Та не сме ли сите ние родени за меѓусебна љубов и повикани кон меѓусебно почитување… Нема ли и моја вина во тоа што ние и обајцата сега страдаме, тој што мрази, и јас, омразениот? Можеби јас неочекувано сум допрел некоја стара, незарасната рана на неговото срце и сега врз мене се истури наталоженото наследство на неговото минато, неговите стари навреди и непростени понижувања? Тогаш може да помогне само сочувственото, љубовно разбирање на неговата душа. Но, можеби, јас некако незабележано сум го заразил со мојата лична, скриена омраза, која живее во мене, заборавена, која се излачува од мене несвесно? Тогаш јас пред сè треба да ја очистам својата душа и да ги преобразам остатоците од мојата заборавена омраза во љубов. И доколку мојата вина е сосема незначајна и ненамерна, дури и тогаш јас треба да почнам да ја признавам и да ја отстранувам; макар и да дојдам до тоа – искрено и љубовно – да добијам прошка од него.

 

 

По ова јас треба да му ја простам неговата омраза. Јас не треба, јас не смеам да одговорам на неговиот црн зрак со ист црн зрак на презир и отфрлање. Треба да ја пресретнам неговата омраза лице в лице и да ì дадам духовно правилен одговор со срце и со волја. Отсега јас ќе го пресретнувам зракот на неговата омраза со бел зрак, јасен, кроток, добар, кој простува и добива простување, слично на зракот, со кој кнезот Мишкин го пресретнал црниот зрак на Парфен Рогожин. Мојот зрак треба да му вели: „Брате, прости ми, јас веќе сè простив и покрив со љубов, помири се со моето постоење онака, како што јас со љубов го пресретнувам твоето битие“… Токму со љубов, зашто да простиш – значи не само да не се одмаздуваш, не само да ја заборавиш раната, туку и да го засакаш оној, на кого си му простил.

Два човека секогаш се поврзани еден со друг со две нитки: од него кон мене и од мене кон него. Неговата омраза ја прекинува првата нитка. Доколку таа се скине, тогаш страдаат обајцата: тој – бидејќи неговото срце грчевито се стегнало и се ожесточило, и јас – бидејќи јас треба да гледам како тој поради мене се мачи; и уште, поради тоа што јас, самиот, замразен од него, страдам поради него. Оваа состојба може да се спаси само вака: да ја поддржувам втората нитка – од мене кон него – да ја укрепувам и преку неа да ја обновувам првата. Нема друг пат. Јас треба да го убедам дека јас не одговарам со омраза на неговата омраза; дека јас не му ги припишувам нему неговите непријателство и злоба; дека јас ја признавам својата можна вина и се трудам да ја искупам и да ја изгаснам; дека јас го разбирам, страдам заедно со него и подготвен сум да му пристапам со љубов; и, најглавното, дека на мојата духовна љубов ì е доволно за да го издржи напорот и огнот на неговата омраза, за да ја сретнам духовно и да се потрудам да ја преобразам. Јас треба да се однесувам кон мојот мразител онака, како што се однесуваат кон тешко болен човек, без да го подложувам на нови, дополнителни страдања. Јас треба да му упатувам во моите зраци разбирање, простување и љубов дотогаш, додека тој не ја обнови од него прекинатата нитка, што води кон мене.

Се разбира, не е лесно да се направи тоа; веројатно, неговата омраза ќе биде упорна и не ќе сака толку лесно да се смири и да се преобрази. Но јас ќе бидам упорен и ќе бидам уверен во победата; тоа е залог за успех. Омразата се исцелува со љубов и само со љубов. Зракот на вистинската љубов ги скротува дивите ѕверови; она што по овој повод се раскажува за светителите – не е фантазија и не е побожна легенда. Зрачењето на љубовта дејствува смирувачки и разоружувачки; напнатоста на злобата исчезнува; лошиот инстинкт се губи, отстапува и се вовлекува во атмосферата на мир и хармонија. Сето ова не се само празни зборови: љубовта ги преколнува бурите и го смирува духовниот етер на универзумот; и дури ни вратите на адот не можат да ì попречат. А доколку еднаш се случи, неговата омраза да се преобрази и раната на духовниот етер да се исцели и да зарасне, тогаш ние двајцата ќе се радуваме со радост од избавувањето и ќе слушнеме како високо над нас сè се радува и празнува до самото седмо небо, бидејќи Божјата ткаенина на љубовта е единствена и целосна во целиот свет.

Извадок од книгата „Срцето што пее“.

[1] Зборови на Грушницки. Лермонтов М. Ј. Херој на нашето време, Соб. дела: Т.4. – М

Извор: Ортодоксија и отопраксија

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1264
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1473
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1342
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…