Каде почнува вистината?
Слушајќи го зборот и словото на мојот дедо Наум, сè повеќе сфаќам дека сите, на еден или друг начин, сме во прелест. И тешко е човек да не се согласи со тоа. Затоа, и ова што го пишувам, и ова што го објавувам преку различните медиуми, може да биде некаков облик на моја лична прелест.
Што е прелеста?
Прелеста е духовна измама во која човекот ја заменува Божјата вистина со својата.
Прелеста е состојба во која човекот мисли дека гледа јасно, а всушност е заслепен од своето самољубие.
Прелеста е најопасната духовна болест, затоа што човекот не знае дека е болен.
Прелеста е тивката лага што човекот најнапред си ја кажува себеси.

Најчесто, дали она што го пишуваме или објавуваме е добро, или сме почнале да скршнуваме од вистинскиот пат, се препознава преку нашите чувства. Какви чувства ни раѓаат нашите мисли и постапки? Дали нè водат кон мир, смирение и љубов, или кон немир, суета и самооправдување и самопромовирање? Но, исто така, тоа се гледа и преку односот со луѓето околу нас. Ако постојано влегуваме во конфликти, ако имаме проблеми со многумина, тогаш вреди искрено да се запрашаме дали во нас нема некаква прелест што не ја забележуваме.
Сепак, постојат неколку работи што се сигурна и непроменлива основа на човечкиот, а особено на православниот духовен живот: биди милостив, биди добар, помогни секогаш кога можеш и кога е побарано од тебе, не одмагај никому, не оговарај и не гради претпоставки за нешто што не си го видел и не си го доживеал. Не создавај во својата глава приказни што ги претставуваш како вистина.
Зафаќај се со дела што можеш чесно да ги исполниш и преку кои нема да повредиш никого. Работи што ќе те изградат тебе, но и ќе донесат добро за другите. Ако не за пошироката заедница, тогаш барем за оние што Бог ги поставил покрај тебе.
Токму овие едноставни нешта се сигурна почетна точка од која треба да го градиме нашиот начин на размислување, нашиот живот и нашиот однос кон луѓето.
Живееме во многу тежок општествен период. Периодов лично бев сведок на ситуации во кои се испреплетуваат толку ниски страсти, толку завист, суета и неморал, што човек тешко може да поверува до каде е способен да оди човекот само за да зачува некаква позиција, некакво право да биде во право или некаква привремена корист. Да не претерувам, но ме уплашија многу ситуации и луѓе, како да го отвараат пред тебе сето ѓубриште што може една душа да го собере во себе и да го стави на местото на Бог. Зошто ? А притоа, никој од нас нема гаранција ни дека ќе го дочека утрешниот ден.

Затоа, ако воопшто постои некаков сигурен знак дека се оддалечуваме од прелеста, тогаш тоа е кога правиме добро на луѓето околу нас; кога сме милостиви, кога имаме добар збор, кога знаеме да го подигнеме паднатиот, да внесеме мир таму каде што го нема и да придонесеме за помирување наместо за поделба.
И ако понекогаш треба да ги примиме и навредите, и неправдите, и негодувањата, нека биде така — само ако преку тоа постои можност да се спаси барем една човечка душа.
Симеон Стефковски


























