логоFacebookTwitterYouTubeeMail



 

Скопје, 16  октомври (МИА) - Семејството, најблиските, пријателите, фановите од Македонија и Балканот денеска ќе одбележат една година од трагичната смрт на македонската музичка икона Тоше Проески, миленикот на сите генерации.

Поп ѕвездата го загуби животот на 26-годишна возраст во сообраќајна несреќа на 16 октомври минатата година кај Нова Градишка - Хрватска на пат кон Загреб.

Македонската јавност денеска на неговиот вечен дом на Гумење во Крушево, повторно ќе пролее солзи кои не престануваат ниту по една година без него. На одбележувањето на првата годишнина од смртта на Тоше ќе присуствува и владина делегација - министрите за образование и наука и за информатичко општество Перо Стојановски и Иво Ивановски, и заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, кои ќе положат цвеќе на неговото  почивалиште.

Меѓународната ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ во спомен на својот долгогодишен  пријател ќе организира специјална изложба на околу 30 слики со ликот на Тоше, која ќе биде отворена пред Националната галерија на „Мал битолски Монмартр“ во битолската чаршија. Во спомен-домот на Мајка Тереза во Скопје, пак, Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“ во спомен на хуманоста на Тоше ќе промовира аудио цеде со репортажи, во кое  за Тоше Проески говорат стотина музички ѕвезди и авторитети од земјава и од светот.  

 Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година како второ дете во семејството на мајката Доминика и таткото Никола. Учел во ОУ „Никола Карев“ во својот роден град. Како петтоодделенец првпат настапува јавно на „Златно славејче“ и на влашки јазик ја пее „Јас и дедо ми“. Љубовта кон музиката го носи во клупите на средното музичко училиште во Битола, а подоцна на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Со победата на тинејџерскиот фестивал „Мелфест“ (1996) и со дебито на штипскиот „Макфест“ идната година со „Пушти ме“ започнува неговиот пат до славата.

Македонската легенда во текот на својата музичка кариера издаде седум соло албуми - „Некаде во ноќта“, „Синот Божји“, „Ако ме погледнеш во очи“, „Ден за нас“, „По тебе“, „Божилак“ и „Игри без граници“, а изведе и голем број странски хитови. Поп иконата покрај статусот на балканска ѕвезда беше и амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ и постхумно прогласен за почесен граѓанин на Македонија.

Во 2004 година со песната „Лифе“ Тоше ја претставуваше Македонија на Евровизискиот избор во Истанбул и заврши на 14 место. Со концертот на 29 јуни 2004 година тој беше првиот македонски изведувач кој го наполни Градскиот стадион во Скопје. Тоше соработуваше и со странски продуцентски куќи, а освои и многу интернационални награди. Договорот со англискиот менаџер Ричард Енглард и композиторот и продуцент Енди Рајт требаше да му ја отвори кариерата во Европа и патот до светските ѕвезди.

Секаде каде што настапуваше во и надвор од Македонија беше проследен со преполни сали, стадиони и бурни аплаузи. Неговата несебична љубов, како и познатата изрека „Ве сакам сите“ навистина беше без граници. Токму поради сите негови квалитети и човечки особини, неговата голема хуманост и искрена насмевка, Тоше беше омилен кај сите генерации.

Последниот концерт го одржа на Градскиот стадион во Скопје на 5 октомври минатата година пеејќи пред околу 25.000 публика. Тричасовниот концерт беше од хуманитарен карактер, а средствата беа наменети за обнова на училиштата во земјава.

Македонската икона на последниот концерт пред домашна публика посака повторно да ги види сите живи и здрави, обвиени во неговото ѕвездено небо.

По една година, желбата на Тоше се исполни на истиот датум годинава. Дваесетина музички имиња и над 40.000 илјади луѓе од земјава и регионот скоро четири часа пееја за него, во негова чест, на големиот меѓународен хуманитарен концерт насловен „Те сакаме сите Тоше“. Петти октомври да стане ден на хуманост и музика е пораката што преку концертот беше пренесена низ целиот свет.

Во негова чест на концертот настапија Калиопи, Симон Трпчески, Аки Ракимовски, Адријан Гаџа, Руслана, Синтезис, Биља Крстиќ, Марија Шестиќ, Бојан Маровиќ, Гоца Тржан, Тони Цетински, Нина Бадриќ, Жељко Самарџиќ,..., оркестарот на Македонската опера и балет под диригенство на Саша Николовски - Ѓумар, како и бендот на Тоше.

На 5 октомври годинава, покрај ѕвезденото небо кое присутните со запалки и мобилни телефони неколку пати го направија за Тоше, беше исполнета уште една негова желба - на концертот премиерно беше пуштена изведбата на дуетот на англиски јазик со неговиот внук Кристијан.

Неговата верност и посветеност кон Бога го инспирираа да почне со сопствени средства да го обновува манастирот „Св.Преображение“ во Крушево. По неговата смрт, многу познати и непознати ликови, институции, фирми и фондации донираа за доизградба на манастирот и исполнување на уште една негова желба. Со донација од Владата на Република Македонија изграден е патот до светиот храм. Сега „Св.Преображение“ е пред крајот на своето обновување.

По смртта на македонскиот непребол за зачувување на ликот, делото и за продолжување на неговата хуманост во Крушево е оформена Меѓународната фондација „Тоше Проески“. Тој и самиот важеше за голем хуманист. Тоше постојано и несебично донираше средства за лицата на кои им беше најпотребно.

Една година по кобното утро во скопското Обвинителство се комплетира обвинителниот акт против Ѓорѓи Ѓорѓиовски, другарот на Тоше, кој го управуваше џипот марка „Туарег“. Откако обвинителството ги прими и проучи вештачењата од Машинскиот и Техничкиот факултет, реши да покрене обвинение против Горѓи, бидејќи го управувал џипот со поголема брзина од пропишаната на автопатот и доцна започнал да го претекнува камионот пред него. Во „Туарегот“ со Ѓорѓи и Тоше беше и неговата менаџерка Лилјана Петровиќ, која во несреќата помина со полесни повреди.

Генерациите кои живееја со неговата музика, како и оние постарите секогаш ќе се сеќаваат на неговиот лик и дело. По една година од неговата смрт луѓе со солзи во очите дојдени од целиот свет постојано го посетуваат неговиот вечен дом во неговото сакано и родно Крушево. лѓ/паг/8:37



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie