логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Во рамки на дискурзивно-едукативната програма „Совршениот уметник“, која се одвива во склоп на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник до 35 години, викендов во Кино Култура се одржа панел-дискусијата „Отворени образовни курикулуми – критички единки и колективи“ која се фокусира на образовниот процес на уметничките академии во Македонија. На дискусијата учествуваа професори од државните универзитети кои со младите уметници дебатираа за внатре-институционалната политика и кадровска организација, капацитетите во образованието и мотивацијата на студентите, како и можностите за вработувањето на младите кадри во визуелните уметности по завршувањето на студиите.
Ладислав Цветковски, професор по графички дизајн и дигитални технологии во уметноста на ФЛУ – Скопје истакна дека неговата катедра работи со мали групи со цел за поголема мотивација.  „Она што студентите на ФЛУ го имаат се изложбите уште во текот на студирањето за да се соочат со публика и критика, односно да се излезе од стандардниот модел на дејствување“, вели Цветковски.
Јана Јакимовска, доцент на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, предочи  дека ликовната акдемија како посебна единица во оваа установа постои од 2014 година, па предметите се ротираат по потреба поради малубројниот кадар, додека како позитивно го истакнува гостувањето на професори надвор од Македонија. „Секогаш се трудам во предметите кои ги предавам да вметнам и дополнителни нешта, да бидам практична и се обидувам да пополнам некои дупки во образованието кои ги имаат студентите“, истакна Јакимовска
Слободанка Стевчевска, доцент на катедрата за сликарство при скопската ликовна академија истакна дека дел од студентите кои се запишуваат имаат и малку предзнаење од историјата на уметноста или немале претходно формално уметничко образование.
„Како наставник тргнувам од она што го работам и како уметник. Уметноста е постдисциплинарна и затоа со студентите секогаш тргнуваме од почеток и се трудам да не бидам анахрона. Најбитна е довербата во класата и ги поттикнувам да почнат да размислуваат и гласно да ги кажуваат работите, бидејќи општеството аоздава многу граници во секое поле, па така и во уметноста и затоа сакам да го изместиме она што се очекува од нив“, вели Стевчевска.
Во однос на тоа каде е границата помеѓу занаетот/едукативното и општественото, односно политичкото и како се соочуваат студентите со општествените текови во Македонија, сметаат дека ниту студентите, ниту професорите не можат да бидат изолирани од она што се случува околу нас.
„Таа граница е тенка и најлошо што може да се случи е да направите свој клон. Ние сме дел од од сето она што се случува и затоа ги охрабрувам преку дискусија да зборуваат и да не се плашат да ги искажат своите ставови. Можностите за младите уметници се навистина оскудни, но тоа е и голем предизвик за мене како професор, бидејќи тоа ми дава поголема слобода во креирањето на програмата“, смета Цветковски.
Јакимовска  додаде дека со оглед на малиот фонд на часови и имајќи предвид одредено предзнаење на студентите, имаат многу занаетски работи кои треба да се научат, но уште веднаш треба да се соочат и со грешки и дека надвор од факултетот никој нема да ги штеди од критика. „Можностите за вработување после завршувањето на студиите по уметност се речиси невозможни и затоа ги поттикнувам да научат што повеќе споредни работи од други области. Тука се поставува и прашањето дали и колку се прави компромис на работното место кај оние кои добиваат шанса за вработување. Важно е да излегуваат надвор од Македонија за да почувствуваат и поинаков образовен систем“, вели Јакимовска.
„Апсолутно имаат право да разговараат за идеолошкото, за општествено-политичкиот и историскиот контекст бидејќи се свесни индивидуи и треба да постои дискусија меѓу студентите со  различни позиции. Тукашната политика ни ги окупира животите, но тоа е и добро, бидејќи сега е време да го кажеме она што сме го премолчувале и да го победиме стравот кој нèограничува“, смета Стевчевска.
Љуљзиме Лека Мулаку, професорка на факултетот за ликовни уметности при Државниот универзитет во Тетово ги предава предметите Методика на ликовната уметност, како и концептуална уметност вели дека не може да се побегне од политичките и историските прилики.  „Во последните две години видов дека треба поинаку да ги опфатиме и решаваме проблемите, а  концептуалната уметност зборува токму за релацијата уметник-општество“.
Што се однесува до желбите и потребата за промени, Цветковски вели дека најбитна за него е соработката и врската на образовните институции со граѓанскиот сектор и приватните компании. „Сакам да работам со млади луѓе, а на крајот на краиштата затоа и станав професор, сакам да си создадам конкуренција“, завршува Цветковски.
„Би сакала студентите од Ликовната акдемија во Тетово да не бидат изолирани како досега, да имаат контакти и да изложуваат“, вели Мулаку.
„Најпрво би ги вратила демостраторите и асистентите на факултетите, а би вовела и и стручњаци во пракса и секако, повеќе финансии за образованието“, вели јакимовска.
„Посакувам поголем проток на луѓе, гостувања, да не е општеството толку затворено и повеќе никогаш ниеден родител да бара врски во едукативниот систем“, завршува Стевчевска.
Дискурзивно-едукативната програма „Совршениот уметник“ за првпат се случува годинава и е курирана од Ивана Васева и иницирана како една од програмските целини на организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат, во партнерство со Центарот за современи уметности – Скопје и Фондација Фридрих Еберт – Канцеларија Скопје. Првиот семестар од програмата „Совршениот уметник“ продолжува до 25 јуни и вклучува локални, регионални и интернационални гости на три локации во Скопје: Кино Култура, Мобилна галерија и киното на Железничка зграда.



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie