логоFacebookTwitterYouTubeeMail

           Ве известуваме дека жири комисијата за избор на национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“ во состав д-р Александар Прокопиев, претседател, д-р Ермис Лафазановски, член и д-р Елизабета Шелева, член, одлучи годинашен македонски претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“ да биде романот „Невидливи љубови“ од Владимир Јанковски      

            Во образложението на комисијата се вели:            На состанокот, одржан на 4 септември 2016 год., жирито едногласно одлучи – во потесен избор за овогодинешната награда да влезат романите „Враќањето на козите“ од Луан Старова, „Невидливи љубови“ од Владимир Јанковски и „Телото во кое треба да се живее“ од Петар Андоновски. По спроведената расправа околу компаративните вредности и доблести на посочените дела, жири комисијата донесе едногласна одлука – романот „Невидливи љубови“ од Владимир Јанковски да биде избран за национален претставник од Македонија, што ќе влезе во конкуренција за наградата на меѓународната фондација „Балканика“.            Најголемата предност на оваа романескна проза се состои во нејзината афористичност, концизност, перцептивна свежест – што придонесува, на оригинален начин, одново да ја откриеме и доживееме денешната стварност и светот, кој цврсто нѐ стега во сопственото менгеме и императивот на баналноста. Покрај тоа, не помалку важен квалитет на прозата на Јанковски е што, наспроти вообичаениот и помодарски дух (или, императив) на цинизмот и нихилизмот со својот став и јазик, таа ја негува вербата во неприкосновената чистота и благородност на човековите пориви.      

      „Невидливи љубови“ е апологија на преобразбата, што ја овозможува вистинската и несебична (односно, неутилитарна љубов) – при што, Марко, еден од централните ликови во оваа проза, е по свој избор подготвен – себеси постојано да се преобразува/претвора, макар и во некаков предмет, само за да остане поблиску до неговата сакана. Уморен од „напорот постојано да бидеш ти“, овој млад човек ја покажува спремноста да го раз-власти (и стави настрана) својот персонализиран идентитет, што претставува суптилна критика на денес доминантниот егоцентричен и нарцистички „модел“ на субјектот.            Токму овој, неконсумеристички и непоседувачки модел на љубовта, проникнат со исконската верба во чистината и невиноста на чувствата како вредност по себе – денес, во времето на заглушувачкиот маркетинг и владеењето на парите (профитот) – ни дозволува да заклучиме, дека наспроти сѐ, духот и присуството на Малиот принц и понатаму не исчезнуваат.        

    Особено – доколку во ризичниот (денес често и блазиран) потфат на пишувањето, заедно со извонредните естетски дострели – ќе се внесе и неретко заобиколениот етички принцип, алтруизам и посветеност, како што тоа го прави Владимир Јанковски во романот „Невидливи љубови“. * * *                       „Балканика“ е најреномирана книжевна награда во Балканскиот регион, како и една од позначајните во Европа. Основана уште во 1996 година, претставува редок пример на одржлива културна соработка меѓу државите од регионот. Во Фондацијата „Балканика“ членуваат по една реномирана издавачка куќа-претставник (кои се избрани од страна на самата Фондација) од секоја од државите-членки: Македонија, Бугарија (каде што се наоѓа седиштето на Фондацијата), Србија, Албанија, Грција, Романија и Турција. Секоја земја-членка на Фонда­цијата конкурира со книжевно дело – национален претставник за наградата. Наградата ја избира стручно седумчлено жири составено од по еден член од секоја од државите членки. Лауреатот се преведува на сите јазици на земјите-членки во Фондацијата, а не ретко и на многу други јазици, со што добитникот на наградата, како и државата која ја претставува, се стекнуваат со голема афирмација.   

         Номинирани за оваа значајна книжевна награда досега биле бројни значајни македонски автори, меѓу кои Митко Маџунков, Ермис Лафазановски, Лилјана Дирјан, Димитрие Дурацовски, Луан Старова, Томислав Османли, Кица Колбе, Димитар Башевски, Оливера Николова и др., а двајца македонски автори ја имаат добиено меѓународната наградата „Балканика“: Венко Андоновски за романот „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев за збирката раскази „Човечулец“.

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie