логоFacebookTwitterYouTubeeMail

АКТО Фестивалот за современи уметности, кој годинава слави десет години постоење, ќе се случи во периодот од 14 до 16 август 2015 год. во Битола.


Насловот на ова издание е АКТО 10: Врвна колекција на АКТО сеќавања и иднини 2006-2015 вол.2 и се однесува на меморијата и важноста на анализирањето кое може да води кон креирање на нови реалности а од друга страна и ја преиспитува релевантноста на своето постоење како фестивал на современи уметности преку темите кои досега ги отворил. Куратори на фестивалот се Ивана Васева и Филип Јовановски.

- Да се одржи континуитет во организирање на фестивал за современа уметност  претставува голема тешкотија особено кога ќе земеме предвид дека современата уметност и култура и не се некаков приоритет на доминантните позиции на моќ кои ја креираат културната политика на државата.
Но сепак, сметам дека АКТО успеа изминатите 9 бурни години во македонското општество да ги преброди цврсто и со тоа покажа дека македонскиот културен контекст има голема потреба од современа уметност и култура и дека токму таа современа култура и уметност е една од алатките преку кои можеме активно во соработка со публиката да влијаеме и да го менуваме општеството на подобро – вели Филип Јовановски.

Годинава АКТО ќе го сочинуваат повеќе уметнички проекти, театарски претстави и перформанси, филмски проекции и предавања и дискусии. Оваа година исто како и претходната ќе биде пренесена во Битола Мобилната / монтажна галерија на ЦАЦ – Центарот за современи уметности од Скопје, кадешто ќе се случува поголемиот дел од програмата.

Некои од гостите на фестивалот се Славен Тољ, уметник со интернационална репутација и моментално директор на Музејот на современа уметност од Ријека, уметничката група со огромен подем во својата кариера Фокус група од Хрватска, Игор Грубиќ реномиран мултимедијален уметник и перформер познат по своите акции во јавен простор а фестивалот го градат и повеќе уметници од Македонија како Никола Узуновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Климент Попоски, Викторија Илиоска, Тања Рибарска и други. Соработката со режисерот и активист Борис Бакал и организацијата „Фрлачи на сенки“ (Бацали сјенки) од Загреб ќе се прошири и на АКТО фестивалот во чии рамки ќе се одржат повеќе содржини.

Исто така, дел од програмата е и претставата „Ибзеновиот непријател на човекот, како Брехтова поучна драма“ во режија на Златко Паковиќ а во продукција на Центарот за културна деконтаминација од Белград.

Во основата на фестивалот е изложба составена од архивата и документацијата на АКТО која колективно ја изработуваат десетина учесници од Битола како Благојче Цветковски, Христијан Атанасовски, Кети Талевска,  Михајло Џима, Ана Џима, Вера Христовска, Наташа Бошкова, Елена Ѓорѓиевска, Барбара Петруловска, Сташа Божиновска, Андријан Наумовски и Димитра Јовановска.
       
Музичката програма на Акто Фестивалот ќе се одржи на повеќе локации на кои се одржувал фестивалот во претходните девет години, пред дуќанот Божиновски на Широк сокак, пред куќата Алхамбра, мезе бар „Јагода“, Мобилна/монтажна галерија со артисти како Паднатите од Марс, Мирко Попов, Мартчин, Андреја Анчевски, Васо, Александар Танчевски, Соња Исмаил, Дејан Декс, Виктор Ристевски, Миле Гроздановски и други македонски артисти.

Акто транспорт – журка во воз традиционално и оваа година ќе се одржи во возот на релација Скопје-Битола, што уште еднаш го потврдува културниот туризам кој го одржува Акто фестивалот во годините наназад.

АКТО Фестивалот за современи уметности се организира од 2006 год.  како најобемна активност на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФРУ) од Битола. Досегашните теми на фестивалот се: АКТО_1 Фестивал за современи уметности, АКТО_2 Уметност и Храна, АКТО_3 Брзина, АКТО_4 Поколенија, АКТО_5 Свадби, АКТО_6 Работи (никогаш), АКТО_7 Публика, АКТО_8 Час по природа и општество и АКТО_9_ЧЕКАН НЕ ОГЛЕДАЛО.
Здружението за култура и уметност ФРУ - Факултет за работи што не се учат функционира како платформа за проекти од областа на современата култура и уметност, со фокус на  продукција на настани чија цел е да создадат критички однос и активно учество на граѓаните во креирањето на јавниот ангажиран политичко - социјален и уметнички дискурс во заедницата. 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie