логоFacebookTwitterYouTubeeMail

o.metodij.jpg

(Обновено)

По прашањето на убиството и чедоубиството пропишани се и црковни и државни закони. Секое цивилизирано општество се сообразува со нив по мерата на своите концепции и ориентации. Што се однесува до христијанските канони, тие јасно го третираат абортусот како убиство со умисла или соучество од користољубие, за оној што го извршува


Да не беше темата толку алармантна и чувствителна, а и постојано актуелна, веројатно немаше да постојат толку емотивни реакции на неа. Многу навреди и празни надмудрувања се изрекуваат, а тоа не е цел ниту на заложбите кои се обидуваат да го осудат, ниту на оние што се обидуваат да го оправдаат чедоубиството. И сето тоа го дефокусира вистинскиот проблем. Губиме енергија во бесконечни расправии, а животот или поточно животите си одат. „Не лажете се“, вели свети апостол Павле, „Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи!“

Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи. Се спомнаа мирисни цветчиња, крвави бебиња, сластољупци и среброљупци, фетуси, инквизиции, распуштени жени, џипови, стереотипи и општи места од кои, наместо решение, може само да добиеме мигрена, а правото на избор или правото на живот да се претворат во логичката дилема за кокошката и јајцето. Многу е наивно да очекуваме спорот да се реши преку ноќ. Конечно, затоа тој постои со векови. Но, некаде секако треба да се почне и тоа со конструктивен пристап.

Ако инсистираме на правото на избор, тогаш тоа треба да важи за сите. Со сила никого не можеме да го натераме да не греши. Конечно, и Бог апсолутно ја почитува нашата слобода да чиниме добро или зло. За санкциите е резервиран есхатолошкиот план. Оној, пак, што има избор, има и одговорност. Да се послужиме со обратна перспектива во аргументите. Ако жената има право на избор да абортира, велиме ако, ако брачниот консензус е прифатлив во ставот да го екстерминира својот пород од хигиенски или концептуални причини, ако дури и советот на родителите или поискусните треба да се земе за валиден, тогаш правото на избор треба примарно да им се посочи и на оние што се подготвуваат професионално да се занимаваат со оваа гранка на медицината уште во процесот на образованието.

А истото подоцна да им се овозможи и низ лекарската практика. Која Хипократова заклетва би се противела на ставот тој или таа да одбие да го изврши абортусот. Имено, во ваква ситуација медицинското лице ја добива можноста и да поучува. Да бидат учители за психофизичкото здравје. Мислам дека со феноменот избор треба малку посериозно сите да се зафатиме.

Луѓето секогаш ќе имаат различни ставови за ова, како и за многу други прашања. Но ако се инсистира на право на избор, тогаш сите треба да се залагаме за фер плеј. Оној што го прави изборот, оној што совеста ја обременува или ја олеснова со тој избор, да биде добро упатен во сите аспекти на она што го презема. Ако аргументите ни служат само за заплашување или за правење паника, за релативизирање или за терање вода на својата воденица, тогаш тоа не е ниту полезно ниту морално оправдано. Па зарем личност која е ставена пред дилемата дали да го сочува или да го убие животот во себе не е веќе доволно во паника, страв и во конфузија?

Тоа е она што како заедничка цел и ориентација можеме да го направиме. Да дадеме можност човекот ставен пред дилемата на животот да резонира по силата на слободната волја, имајќи ги в рака сите аргументи и аспекти, консеквенции и искуства. Потоа секој ќе го понесе својот дел од одговорноста. Зашто одговорни сме и за она (зло) што сме го направиле, подеднакво како и за она (добро) што не сме го направиле. Луѓето во својата природа не се монструми, но незнаењето може да предизвика монструозни последици. Зарем може да претпоставиме дека некој мирно ќе спие по касапница од некаков медицински потфат, дури и минорен? Прашајте ги хирурзите што вршат ампутации? Тие искуства бараат огромни емотивни или духовни компензации.

За прашањето на убиството и чедоубиството пропишани се и црковни и државни закони. Секое цивилизирано општество се сообразува со нив според мерата на своите концепции и ориентации. Што се однесува до христијанските канони, тие јасно го третираат абортусот како убиство со умисла или соучество од користољубие, за оној што го извршува. Ваквиот навидум строг став потекнува од цврстата увереност дека Духот на животот пребива уште во репродуктивните клетки преку чие оплодување се зачнува човечкиот ембрион. Стадиумот на развојот на ембрионот, во таа смисла, не игра пресудна улога.

Животот е живот. Како што веќе рековме, санкциите му припаѓаат на вонвремениот (вечносниот) контекст, па затоа и во овој случај тие се сосема доволни и целисходни, ако се сфатат сериозно и се почитуваат. Покајание, оглашение (или поучување) и повеќегодишна епитимија во форма на одлачување од евхаристиското единство, одлачување од светотаинскиот живот на црквата: 10 години за оние што се согласуваат на чедубиство, а 20 години за оние што заради материјална добивка го извршуваат или учествуваат во извршувањето на истото. Ваквото долгогодишно поучување и покајание се во функција човекот да има доволно време да се соочи со одговорноста и последиците од својот избор. Истиот морален закон е содржан и како една од Десетте Божји заповеди, поточно шестата.

Светските закони, од друга страна, оперираат со староста на ембрионот како начин сепак да се контролира прекинувањето на бременоста, бидејќи некаква граница и критериум сепак мора да постои. Освен ваквата законска определба, во некои држави е пропишан и посебен закон за забрана на абортусот. Навидум, тоа изгледа како конечна победа на приврзаниците на право на живот. Но, многугодишната практика од примената на ваков закон, рака на срце, покажува дека тој како таков најчесто, а ако не и по правило, е контрапродуктивен. Во таа смисла, закон за забрана на абортусот е најпогрешниот начин да се реши проблемот. Тој само може да произведе добро разгранета псевдомедицинска мафија. Дури и со алармантниот број абортуси, каков што е денес во светов, и со целата идеологија на хиперлиберализам, сите се единствени и противниците и оправдувачите на абортусот, дека дивите „клиники“ за абортуси се врвот на ужасот и крајна инстанца на примитивизам и декаденција на едно општество.

Со донесување закон за забрана на абортусот, практично целата работа само се става во рацете на џелати-профитери, вештерки и убијци, кои тоа ќе го прават за многу пари (а тоа значи брзо ќе станат одлучувачки фактор во општеството), а ризикот убиството да биде двојно (и мајката и детето) стократно се зголемува. Замислете си ја таа концентрација на пари и неморал која ќе одлучува за сите витални, буквално витални, процеси во една држава!? Наместо забрани и бирократски паравани, и на прашањето на абортусот, како и на многу други прашања, кои како етос или како општествен феномен се нуспродукт и симптом на една многу подлабока криза треба да им се пристапи детаљно и сеопфатно.

Да заклучиме. Тоа што ни е примарно потребно е без страсти и надитрување да ги дефинираме приоритетите во заедничкиот ангажман за решавање на ова, повторно ќе кажеме, витално прашање. Семејството, религиозната мисија, медиумите, училиштето (особено веронауката), програмите на политичките партии, националните стратегии, сите треба да имаат соодветен удел. За едни тоа секогаш ќе биде грев, а за други хигиена, но за мнозина тоа и понатаму останува несфатлива дилема. Во ставовите треба да се поучуваме во полза на животот и во полза на иднината. Инстант-решенијата и брзоплетоста нема да ни помогнат, ни во законите ни во практиката. Зашто, конечно, абортусот е инстант-решение пар екселанс. Најлесниот избор најчесто е најпогрешниот.

Митрополит Методиј Златанов

Извор: Мистагогија



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 2748
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1928
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…