логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Старец Силуан

За разликата помеѓу христијанската љубов и човечката правда

За повеќето луѓе правдата е јуридички поим. Преземањето на одговорноста за туѓата вина, тие го отфрлаат како нешто неправедно. Тоа не се вклопува во нивното јуридичко сфаќање. Меѓутоа, духот на Христовата љубов ни зборува за нешто друго. Да се понесе дел од одговорноста за вината на оној што го љубиме, или уште повеќе, да се прими на себе целата одговорност, не само што не е туѓо на духот на Христовата љубов, туку е и потполно природно. Токму преку примањето на одговорност за туѓата вина се изразува вистинската љубов. Ако во љубовта ја бараме само нејзината сладосна страна, каде е тогаш разумноста? Но, кога ние врз себе, доброволно ја примаме вината и тешкотиите на личноста што ја сакаме, тогаш љубовта го достигнува своето сестрано совршенство.
 Многумина не можат или не сакаат доброволно да ги прифатат последиците од Адамовиот првороден грев. Тие велат: „Адам и Ева го вкусија забранетиот плод, и што сум јас виновен за тоа? Јас сум подготвен да одговарам за своите гревови, но само за моите, никако и за туѓите“. Меѓутоа, човекот не сфаќа дека со ваквото движење на своето срце, тој всушност го повторува гревот на праотците. На тој начин, тој грев станува и негов личен грев и пад. Адам одби да ја земе на себе одговорноста, фрлајќи ја вината на Ева и на Бога, Кој му ја даде таа жена, со што го наруши и единството на човечкото битие и неговото единство со Бога. Затоа ние, секогаш кога одбиваме да ја понесеме вината за општото зло, за делата на своите ближни, го повторуваме истиот тој грев, и на ист начин го нарушуваме единството со Богочовекот. Господ најпрвин му постави прашање на Адам, а потоа и на Ева. Претпоставуваме дека и судбината на човештвото би била поинаква, доколку Адам не се оправдуваше, туку ја земеше на себе одговорноста за заедничкиот грев - наместо да ја отфрли. Животот на човештвото и сега може да појде во друг правец, ако ние доброволно ја примиме на себе вината на нашите ближни.
 Човекот секогаш може да најде оправдание за своите постапки. Ако, пак, внимателно се задлабочи во своето срце, тој ќе забележи дека зад секое самооправдување се крие лукавство. Човекот се оправдува, пред сè, поради тоа што не сака да признае дека барем делумно е виновен за злото во светот. Потоа, тој се оправдува, зашто не е свесен за својот дар на боголика слобода, туку себеси се смета за некоја појава, за некое битие од овој свет, од кој и зависи. Во ваквото сознание постои многу големо ропство. Затоа и самооправдувањето е ропско и им приличи на робовите, а не на синовите Божји.
 Кај старецот не забележавме склоност кон самооправдување. Чудно е што таквиот став, т. е. преземањето на одговорност за туѓата вина, како и барањето прошка – многумина го сметаат за израз на ропски карактер. Колку голема разлика постои помеѓу синовите кои Го имаат Духот Христов и недуховните луѓе! На недуховниот, несфатливо му е како може целиот човечки свет да го чувствуваме како едно единствено битие, кое е вклучено во личното битие на секој човек, и кое не ги отстранува и другите лица. Следејќи ја втората заповед – возљуби го својот ближен како самиот себеси – можно е и потребно е општочовечкото битие да го вклучиме во своето лично битие. Тогаш, секое зло што се извршува во светот ќе го примаме, не како нешто туѓо, туку како свое сопствено.
 Ако секоја човечка ипостас – личност, која е создадена по образот на апсолутната Божја Ипостас, е способна во себе да ја смести полнотата на сечовечкото битие, како што секоја Божја Ипостас се пројавува како носител на полнотата на Божественото Битие (а токму таква е длабоката смисла на втората заповед), тогаш секој ќе се бори со злото, со вселенското зло, почнувајќи од самиот себе.
 Старецот никогаш не зборуваше за правдата, туку само за Божјата љубов. Ние, најчесто, намерно започнувавме разговор на таа тема со него. Тој зборуваше отприлика вака:
 „За Бога не може да се каже дека Е неправеден, т. е. дека во Него има неправда, но не може да се каже дека Е праведен, во онаа смисла, во која ние ја сфаќаме правдата. Свети Исаак Сирин вели: „Не се осмелувај Бога да Го наречеш праведен. Зашто, каква е таа правда – кога ние згрешивме, а Он Единородниот Свој Син Го предаде на крст?“ Кон овие зборови на св. Исаак Сирин ние би додале: Ние згрешивме, а Бог ги стави светите ангели во служба на нашето спасение! И уште повеќе, ангелите, исполнети со љубов, и самите сакаат да ни служат, и преку тоа служење, врз себе примаат жалости. Ете, и неразумните животни и сета останата твар, Господ ја предаде на законот на трулежноста, зашто не прилегаше таа да остане слободна од тој закон, кога човекот, заради кого сета твар е создадена, поради сопствениот грев стана роб на трулежноста. Според тоа, некој доброволно, а некој и неволно, но сета твар заедно воздивнува и тагува до сега, по зборовите на апостолот (Рим, 8, 22), сочувствувајќи со човекот. Тоа, значи, не е закон на правдата, туку на љубовта.
 Христовата љубов, како Божја сила, како Дар на Светиот Дух, Единиот, Кој дејствува во сите луѓе, онтолошки ги соединува сите во една целина. Оној кој љуби, го усвојува животот на саканото битие. Оној кој Го љуби Бога – се вклучува во Божествениот живот, а оној што го љуби братот, во своето битие го вклучува животот на братот. Оној што го сака целиот свет, со својот дух го опфаќа сиот свет.
 Возвишената молитва (а со таква се молеше старецот Силуан), доведува токму до вакво сфаќање, подобро кажано, до сознание за онтолошкото единство на своето лично битие со сечовечкото битие. Доколку може да се каже, како што тврдат многу современи философи, дека сетилната перцепција на еден одреден предмет не е само субјективен психолошки акт, одвоен од објективното битие на самиот предмет, туку е и самиот тој предмет, кој со своето реално дејство влегува во нашата свест, со што се воспоставува општење во битието, дотолку повеќе е потребно да се зборува за единство на битието, таму каде што дејствува единствената, сеопфатна Божја благодат на Светиот Дух – Творецот на сè!

 Извор: Бигорски манастир

 

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 2765
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1942
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…