
Кога неправдата не ја гаси љубовта
Секоја година, на овој ден, кога се празнува Свети Нектариј, моите мисли се задржуваат на болката на овој човек. На осаменоста на клеветата. На страдањето кога те прикажуваат како нешто што не си, ти припишуваат намери што никогаш не си ги имал и за твојот живот зборуваат луѓе кои не ги познаваат ниту твоите рани, ниту твоите молчења.
И нема да кријам од вас дека овој Светител длабоко ме трогнува. Зашто, колку повеќе стареам, толку повеќе разбирам колку е тешко да ти се нанесува неправда, а да не се исполниш со горчина. Да бидеш повреден, а да не посакаш да ја возвратиш болката. Да немаш постојана потреба да докажуваш кој си.
Не знам дали јас би имал таква сила како него. Знам само колку лесно една рана може да ни го затвори срцето.
А сепак, Свети Нектариј не им дозволил на луѓето што му нанесувале неправда да му Го украдат Христос. Не дозволил клеветата да стане начинот на кој отсега ќе гледа на светот.
И си мислам дека можеби токму тоа е најтешката лекција на светоста. Не да не бидеш повреден, туку да не ја изгубиш љубовта затоа што си бил повреден.
Токму тоа би сакал и јас да го научам од Свети Нектариј. Да немам потреба да омаловажувам никого за да се одбранам себеси. Мојата горчина да не стане поголема од мојата вера.
Зашто, на крајот на краиштата, не е мала работа кога луѓето ти нанесуваат неправда, а ти и понатаму наоѓаш место за нив во својата молитва.
Зошто толку многу го сакаме Свети Нектариј?
Силниот одѕив на краткиот текст што го напишав за Свети Нектариј ме поттикна да размислам колку длабоко овој Светител се вкоренил во срцата на луѓето. Во Грција, но и во целиот православен свет.
И мислам дека знам зошто. Затоа што во Свети Нектариј не гледаме само еден светител. Во него препознаваме дел од сопствениот повреден живот.
Кој од нас не доживеал неправда? Кој не почувствувал дека другите погрешно го разбираат, дека му припишуваат намери што никогаш ги немал, дека го осудуваат без да го сослушаат? Кој не легнал некоја вечер со грутка во градите, прашувајќи се зошто луѓето можат да бидат толку сурови?
Свети Нектариј ја познава таа болка. Затоа не ни изгледа далечен. Тој е еден од нас. Пријател кој поминал низ нашите темнини и кој може да нè држи за рака додека минуваме низ нив.
Но, има и нешто подлабоко. Во неговиот живот гледаме дека Бог никогаш не го поистоветува човекот со сликата што другите ја создаваат за него. Таму каде што светот гледал виновник, Бог гледал светител.
И можеби токму тоа е најголемата утеха што ни ја дарува Свети Нектариј: вистината за тоа кои сме не се крие во устите на оние што нè осудуваат, туку во срцето на Оној Кој нè познава.
Затоа толку многу го сакаме. Затоа што, гледајќи како тој ја дочекал правдата, се осмелуваме да се надеваме дека ниту нашата болка нема да биде залудна.
Зашто, можеби луѓето никогаш нема да дознаат кои сме навистина. Но Бог знае. А тоа, во некои ноќи, е доволно за да продолжиме да живееме и да сакаме.
Отец Харалампиј Пападопулос
Подготви С.Стефковски
13.11.2026
pp























