Мисионерски писма
4. Писмо

До богословот што се жали на неверието на некои луѓе
Во твоето писмо има многу горки вистини. Но, очајот нека биде далеку од нас. Очајот е мираз на смртта, што неверниците го примаат кога се венчаваат со неа.
Имало потешки времиња за Христовата Црква, но ниту борците се предавале, ниту битката била изгубена. Читај само кај Св. Василиј Велики за состојбата во Црквата и светот – црна слика како темна ноќ на бурно море. Изгледало дека крајот на светот е близу и дека Судот Божји е на прагот. Но, од тогаш поминати се околу 16 века. Христијанската вера не само што не угаснала, туку го опкружува целиот земен глобус и го осветлува секој агол од светот. Иако не подеднакво, нејзините зраци стигнале насекаде, директно или индиректно.
Пред неколку дена кај мене беше професорот Менг од Њујорк. Богата душа, полна со светско знаење и вера истовремено. Го прашав за верата меѓу американските студенти.
– „Знам дека христијанската вера е непобедлива сила“, одговори тој. „Како жива во барометар, таа сила се крева и спушта, но никогаш не слабее. Плитките и необразовани луѓе многу се лажат кога предвидуваат пропаст на христијанството. Пред сто години, кога природните науки штотуку добивале замав, на Универзитетот П. имало само пет студенти на богословскиот факултет. Чујте, само пет! И кога тие петмина се запишувале, другите студенти им се потсмевале велејќи: 'Зарем не гледате дека со верата е готово?' Денес, по сто години, на истиот универзитет има неколку стотици студенти на богословијата.“
Така говори Американец за Американците. А ти, Србине, погледни колку богослови има само во вашата богословија! Преку две стотини. Дали неверието на тие две стотини татковци и мајки и на вас ве доведе во таа духовна школа, или верата? Несомнено – верата.

Зошто некои од христијаните отпаднале од верата, за кого е тоа несреќа освен за нив самите? Дали нивното неверие ќе ја укине Божјата вера? Така се прашувал херојскиот апостол Христов во првите денови на историјата што сега има 19 века. Овие многубројни векови го потврдиле неговиот светол поглед кон иднината. Прифати го и ти тој апостолски светол поглед кон иднината на христијанството. Обиди се да напишеш есеј за Црквата под наслов: „Триумфалната колесница Христова “.
Твојата болка за неверието на некои луѓе ја покажува твојата љубов кон Господа. Знаеш и сам дека болката е еден од најчестите изрази на љубовта.
Но внимавај добро да не ги замрзиш оние што не веруваат. Тоа би ти било судбоносно, а за нив бескорисно. Наместо тоа, гледај ги со сожалување, како патници нападнати од скриени разбојници на патот и ограбени. Сожали ги како што сожалуваш бедници на улица.
И моли се на Бога за нив. Ти ќе бидеш мисионер. Нека првото правило на мисионерството ти биде – да се молиш на Бога за отпаднатите од верата.
Свети Николај Охридски и Жички
Подготвил Симеон Стефковски
08.12.2025
Друго:

