логоFacebookTwitterYouTubeeMail

TViTer97b

ЕВАНГЕЛИЕ ЗА ПРОСТУВАЊЕТО


Кога Господ Исус Христос умираше на Крстот, Он и во смртните маки се трудеше да им биде од корист на луѓето. Не мислејќи за себе, туку за луѓето, Он издивнувајќи изрече една од најголемите поуки што воопшто му ги дал на човечкиот род. Тоа е науката за простувањето. Оче, прости им, зашто не знаат што прават! Никогаш од ниту едно губилиште до тогаш не се чул таков збор. Напротив, оние кои до тогаш гинеле на губилиштата, без разлика дали биле прави или виновни, ги призивале боговите и луѓето за освета.

     „Освети ме“, тоа е зборот кој до Христа најчесто се слушал на губилиштата, а за жал, и денеска се слуша меѓу многу племиња, дури и кај оние кои се крстат со светиот Крст Христов. А Христос, при последниот здив, им простува на Своите потсмевачи, мачители и убијци, Го моли Својот Отец небесен да им прости и Он, и уште врз тоа наоѓа и извинување за нив – не знаат, вели, што прават!
Зошто баш оваа поука за простувањето ја повтори Господ на Крстот? Од безброј други поуки, кои Он на земјата им ги даде на луѓето, зошто ја избра токму оваа поука, а не некоја друга, за да ја изрече со Својата божествена уста на крајот, токму на самиот крај? Без сомневање, затоа што особено сакал оваа поука да се запамети и исполни. Во незаслужените маки на Крстот, повеличествен над секое величество од светот и возвишен над царевите и судиите земни, над мудреците и учителите, над богатите и сиромашните, над друштвените реформатори и бунтовници. Господ Исус со пример за простување го запечати Своето Евангелие. За да покаже со тоа дека без простување ниту царевите можат да царуваат, ниту судиите да судат, ниту мудреците да мудруваат, ниту учителите да учат, ниту богаташите и сиромасите да живеат живот човечки, а не скотски, ни жестоките реформатори и бунтовници било што користно да направат. А пред сé и после сé да покаже дека без простување луѓето не можат Неговото Евангелие ниту да го разберат ниту – уште помалку – да го исполнат.Со зборовите за покајание Господ ја започна својата наука, а со зборовите на простување ја заврши. Покајанието е семе, простувањето е плод. Никаква похвала нема семето, кое не вродува со плод. Никакво покајание нема вредност без простување. Што би било општеството на луѓе без прошка? Еден ѕверилник среде природен ѕверилник. Што би биле сите закони човечки на земјата, освен неподносливи синџири, ако не ги ублажува простувањето? Зарем без простување може мајката да се нарече мајка, и братот – брат, и пријателот – пријател, и христијанинот – христијанин? Не, простувањето е главната содржина на сите овие називи.
       Да не постојат зборовите: прости ми! и: нека ти е простено!, човечкиот живот би бил сосема неподнослив. Нема таква мудрост на земјата која би можела да основа ред и утврди мир меѓу луѓето, без примена на простувањето. Ниту има такво училиште и такво воспитување, кое би можело да ги направи луѓето великодушни и племенити без вежбање во простувањето. Што му помага на човекот сета негова светска ученост, ако тој не е во состојба да му прости на својот ближен еден навредлив збор или еден навредлив поглед? Ништо. И што му помагаат на човекот сто ока масло пред олтарот, ако секоја ока не е сведок барем на една простена навреда? Ништо.
       О, кога ние би знаеле колку нам премолчувајќи ни се простува секој ден и секој час, не само од страна на Бога, туку и од страна на луѓето, и ние со срам би побрзале на другите да им простиме! Колку невнимателни, навредливи зборови исфрлуваме ние, на кои се одговара со молчење; колку јаросни погледи; колку неприлични движења; па дури и недозволени дела! И луѓето минуваат преку тоа, не враќајќи ни око за око и заб за заб.
        А што да речеме, пак, за простувањето Божјо? За ова е недоволен секој човечки збор. Потребен е божествен збор за да се опише неизмерливата длабочина на Божјото милосрдие и Божјото опростување. Таков збор ни искажува нам денешното евангелие. Кој друг на небото и на земјата би можел да го искаже и опише она што е во Бога, освен единиот Господ Исус, предвечниот Син Божји? Никој не го знае Отецот освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие (Мат. 11:27). Безмерното простување Божјо, Господ Исус го изразил во приказната за големиот должник. За тоа му даде повод апостол Петар, кој Го праша колку пати треба да прости на навредите на својот брат, дали до седум пати? На ова Господ одговори со познатите зборови: не ти велам до седум пати, туку до седум пати седумдесет. Споредете ги и овие два исказа и ќе ја видите разликата меѓу човекот и Бога. Петар мислеше дека го допрел врвот на милоста кога рече до седум пати. Господ Исус одговара – до седум пати седумдесет! И бидејќи Му се чинела и таа мера недоволна, Господ, за да биде појасно, ја раскажа следнава приказна. Царството небесно е како човек цар, кој намисли да се пресмета со своите слуги. Небесното царство не може да се искаже со зборови ниту со бои да се опише; тоа може да се уподоби донекаде на она што се случува во овој свет. Господ говори во приказни, затоа што е мачно подруго да се изрази она што не е од овој свет. Овој свет е помрачен и изобличен од гревот, но тој сепак не ја изгубил сосема сличноста со оној вистински свет. Овој свет не е дупликат на оној свет – далеку од тоа – туку само бледа слика и негова сенка. Оттука и можат да се прават уподобувања (споредби) меѓу тие два света, како меѓу тварта и нејзината сенка.
        Да побрзаме, браќа, да им ги простиме на сите гревовите и навредите, за и нам Бог да ни ги прости безбројните наши гревови и навреди. Да побрзаме, додека смртта не затропала на вратата и не викнала: доцна е! Зад вратата на смртта ниту ќе можеме веќе да простуваме, ниту нам ќе ни се прости.


    Свети Николај Велимировиќ

 

 

 Избор од фб профил на

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 3108
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 2943
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…