логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 


НЕКОЛКУ ЗБОРОВИ НА ВЛАДИКАТА НИКОЛАЈ ВЕЛИМИРОВИЌ ЗА КНИГАТА НА ЈЕРОМОНАХ СОФРОНИЈ И ЗА СТАРЕЦ СИЛУАН, СО КОГО ПОВЕЌЕ ПАТИ ЛИЧНО РАЗГОВАРАЛ

Кога некој ќе ја посети Света Гора и ќе ги види смирените монаси, може да помисли дека тие водат досаден и бесмислен живот. Тоа така изгледа од страна, бидејќи тешко кој може да проникне и да сфати каква непрестајна и страшна борба се води во нивните души. Таа борба е натприродна, невидлива и тоа не е борба само против демонските сили, господарите на темнината, туку исто така, барем за почетниците е - и против крв и месо, т.е. против телесните копнежи и страсти. Ова е кратка содржина на првата книга.


Во својата книга отец Силуан опишува како таа борба го довела до очај и скоро до самоубиство. Пресвета Богородица му се јавила во моментот на неговата најтешка борба со страстите и го очистила од нечистите телесни желби и помисли. Му се јавил Христос и му дал сила да ги надвладее земните мисли и злите духови. И така, после четвртина век тешка и напорна борба, стасал до победа. Богобарателот станал богопознател, а ученикот-учител.


Старец Силуан беше и мој учител. Еднаш го прашав: „Отче Силуане, дали ова мноштво на луѓе ве вознемирува во вашето размислување и во вашите молитви? Зарем не би било подобро за вас да отидете во испосницата во Каруља и таму да живеете во мир како отец Теодосиј, Артемиј, Доротеј, Калиник или пак, да живеете во некој пештера, како отец Горгониј?"


„Јас живеам во пештера" - одговори отец Силуан. „Моето тело е пештера за мојата душа, а мојата душа е пештера за Светиот Дух. И јас го сакам и му служам на Божјиот народ без да ја напуштам мојата пештера".
И покрај неговата подготвеност да му служи на секого како и неговата чудесна скромност и услужлива љубезносп за Божјите работи зборуваше со достоинство и сила. За Бог; зборуваше со заносно воодушевување, со интимност и  блискост, онака како што би зборувал за пријател. „Јас Го знам Бога. Он е љубезен, благ, услужлив", - ќе кажеше старец Силуан. Еден монах, отец Теофан со страв го слушаше тоа и помисли дека старец Силуан го изгубил стравот Божји. Подоцна кога ги читаше записите на старец Силуан, Теофан го смени своето мислење и рече: „Отец Силуан се воздигнал и застанал во редот на црковните отци".


Јас мислам дека текстовите на отец Силуан би требало да се стават во учебниците по психологија, ако не за друго, барем за потврда на еден духовен борец од XX век и како потврд за вистинитоста на се што православните црковни отци учеле и пишувале. Постои нешто ново и во поуките и во животот на отец Силуан. На пример, Христовото предупредување кога тој слушнал: „Држи го својот ум во адот и не очајувај", претставува еден совет и опомена против гордоста.


Јас лично никогаш претходно ги немав слушнато тие зборови. Голема е и другата изрека: „Љубовта е над разбирањето". Тоа беше секојдневно и основно учење на Силуан. Неговата љубов со солзни молитви ги простуваше гревовите на грешниците, ги поправаше лошите, ги охрабруваше малаксаните, ги лечеше болните и смируваше бури. Сведоштво за ова може да се најде во оваа книга.
Тоа е книга која е неопходна за нашата генерација. Ова е книга за еден обичен човек со веродостојно духовно искуство топла и многу впечатлива.
(од 13 книга на „Собрани дела" од владиката Николај стр. 560).



† † †

„Господ нас неискажливо не љуби", секому му велеше отец Силуан. „О, колку не љуби Он!" При тие зборови секогаш очите ќе му се наполнеа со солзи. А очите му беа црвени од плач. Тој најмногу зборуваше за љубовта Божја кон луѓето. Ако некој се жалеше на некое страдање или искушение, отец Силуан го тешеше и храбреше со љубовта Божја. „Знае Господ дека ти страдаш, но Неговата љубов светли над тебе како сонцето над светот. Не плаши се, тоа е за твое добро". Тој не беше строг кон туѓите гревови, без разлика колку и да беа големи. „Кога би престанале да го осудуваме Бога, би престанале да ги осудуваме и Неговите созданија, посебно луѓето", - велеше Силуан со солзи во очите. „Но, ние Него го осудуваме за сите тешкотии во животот, па затоа ги осудуваме и Неговите созданија. Ние Го осудуваме Бога затоа што не ја чувствуваме љубовта Божја. Тоа и јас го правев. Еднаш заминав од манастирот за Дафни. Застранив од патот и залутав помеѓу шимширите. Темнина ја покри земјата. Јас се налутив. Всушност- на Бога се налутив. Викнав: „Господи, зарем Ти не се грижиш што лутам и пропаѓам. Спаси ме!" Тогаш слушнав глас: „Оди само десно!" Мене ми затрепери душата. Никаде жив човек. Јас тргнав да одам десно и само десно се додека не стасав до Дафни. Таму цела вечер плачев. Го почувствував живо присуството на Бога и јас недостојниот ја почувствував Неговата љубов. Оттогаш не дозволив никаква неволја да застане помеѓу мене и љубовта Божја". Отец Силуан ни раскажуваше и за некој образован младич кој дошол на Света Гора да Го „бара Бога". Тој не му кажал на игуменот дека не верува во Бога, туку дека само сака неколку месеци да остане во манастирот заради одмор и духовни поуки. Игуменот го предал на грижа кај некој духовник. Но, младичот веднаш му исповедал на духовникот дека не верува во Бога и дека пристигнал на Света Гора за да Го „бара Бога". Духовникот се налутил и исплашил, па започнал да му вика на младичот, колку е страшно тоа да не се верува во Бога Создателот и како на безбожниците не им е местото во манастир. Младичот се подготвил да го напушти манастирот. Го сретнал отец Силуан и започнал да разговара со него. Откако од младичот слушнал што го измачува и зошто дошол на Света Гора, отец Силуан благо му одговорил: „Па тоа не е ништо страшно. Тоа обично и се случува со младите луѓе. Така беше и со мене. Кога бев млад човек, јас се двоумев, се сомневав, но љубовта Божја го просвети мојот ум и го омекна моето срце. Бог тебе те знае, те гледа и неизмерно те љуби. Тоа ти со текот на времето ќе го почувствуваш. Така беше и со мене". Од овие зборови кај младичот започнала да се засилува верата и тој останал во манастирот. Некој монах, пак, се пожалил на отец Силуан како чувствува дека не може да се спаси на Света Гора, па затоа решил да ја напушти и да замине во светот. На тоа отец Силуан заплакал и му одговорил: „И мене понекогаш ми доаѓаше таква мисла. Но се молев на Бога за совет. Ги засилив молитвите. И љубовта Божја ми даруваше вакви помисли: Толку свети луѓе Му угодија на Бога и ги спасија своите и туѓите души на Света Гора, а ти не можеш?" Друг пак, му се жалел дека игуменот во манастирот не го сака. „Ти сакај го него", - му одговорил отец Силуан. „Ти секој ден усрдно моли се за својот игумен и вели: „Јас го сакам својот игумен, јас го сакам својот игумен". Кога љубовта во тебе ќе се разгори кон твојот игумен и игуменот ќе почне да те сака".


Тој работеше тешка работа во манастирот. Беше магационер и работеше со сандаци. Еднаш му кажав, како руските монаси многу се возбудуваат поради болшевичката тиранија над Црквата Божја во Русија. А тој ми одговори: „И јас на почетокот се возбудував поради тоа и по многу молитви ми дојдоа вакви мисли: „Господ неискажливо сите ги љуби. Тој ја знае целта на се и роковите на се. Заради некое идно добро Он го допуштил ова страдање на рускиот народ. Јас тоа не можам да го сфатам и прекратам. Ми останува само љубовта и молитвата". Така и јас им велам на возбудените браќа: „Вие можете да и помогнете на Русија само со молитва и љубов. Лутината и напаѓањето на безбожниците не ги поправаат работите".

 

Извор:

 https://drive.google.com/file/d/1sJbWHPBVDltq7YyWmFP8mWln5qIc4iHy/view

 

 5ти мај 2018 лето Господово



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1122
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1242
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1121
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…