логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


ПОХВАЛНО СЛОВО ВО СПОМЕН НА СВЕТИТЕ И ПРЕСЛАВНИ УЧИТЕЛИ НА СЛОВЕНСКИОТ НАРОД, КОИШТО МУ СТВОРИЛЕ ПИСМО И ГО ПРЕВЕЛЕ НОВИОТ И СТАРИОТ ЗАКОН НА НЕГОВ ЈАЗИК, НА БЛАЖЕНИОТ КИРИЛ И НА АРХИЕПИСКОПОТ ПАНОНСКИ МЕТОДИЈА

sv.KiriliMetodij.jpgБидејќи Бог наш и спасителот наш Исус Христос со своето големо и неискажано човекољубие го помилува човечкиот род, не можејќи да истрпи неговата творба да биде обземена од ѓаволско лукавство, се подложи на доброволно смирение и се овоплоти од Светиот дух и од пречистата и славна Богородица и секогаш девица Марија, се покажа на земјата и поживеа меѓу луѓето, и како што беше создаден според ликот на нашето тело со својата плот, одреди да оживеат во Христа тие што умираат во Адама. Оти тој е светот наш којшто воедно обете ги прибрал и ги разрушил преградите на непријателството и со крстот ја уништил омразата. Тој прв стана од помеѓу мртвите и го поведе човечкиот род по патот на бесмртноста. Кога се вознесе на небо, седна од десната страна на величествениот престол, на вишини, и му даде заповед на поучениот човечки род сакајќи, кога ќе дојдат крајните времиња, да дојде да им суди на живите и на мртвите и секому да му плати според неговото дело, како праведен судија. Зашто тој не сака смрт за грешникот, туку негово обраќање и покајување. Зашто милостивиот Бог не го остава своето создание, и не го заборава делото на своите раце, но и за тие години и времиња одбра мажи и им ги покажа делата нивни и нивните подвизи на луѓето, за да најдат вечен живот станувајќи им ним слични. И по нив беа пророците, а по пророците апостолите, по апостолите мачениците, и праведните мажи и учителите. А тоа стана и во овој наш век, оти тие рекоа: слепите ќе прогледаат, глувите ќе го чујат зборот на книгата и сите ќе проговорат на различни јазици за божјото величие.

Во градот Солун имаше некој маж по име Лав, човек непорочен, којшто и вистината и Бога ги почитуваше, и којшто се пазеше од секакво зло и ги исполнуваше сите Божји заповеди, според Јов, живеејќи во смирение и страв Божји. И тој имаше седум деца/како Јов, за кого и пророкот кажува: „Блажен е мажот што се бои од Бога, што силно се грижи заради неговите заповеди, силно ќе биде на земјава семето негово, родот на праведните. Ќе биде благословена славата и богатството во неговиот дом, и правдата негова ќе биде во сите векови". Оти од тој корен светнаа два ластара, кои носеа на себе од Бога даден плод и кои имаа уште од детинство непорочен живот. Тие премудроста си ја направија сестра и со неа си ги украсија и душата и умот, со љубов и со вера еден друг се надминуваа, цутејќи постојано со премудрост, како благомирисни цутови.

Помлад беше блажениот Константин, но со ум и со добродетели високо леташе како орел со духовните крилја: со богозрачната светлина на умот, просветен бидувајќи, стана избрано гласило на Светиот дух, па зрачејќи им на сите со философското учење, стана неисцрпна ризница. И како извор исполнувајќи ја сета вселена, ги напои жедните за Божји збор, како што кажа самиот наш Господ Бог Исус Христос, „на тој што верува во мене, како што кажуваа книгите, од утробата ќе му потечат реки како жива вода“, то ест дарови на животворниот дух. Оти тој зовре во него, се изли низ усните негови и ја развесели сета вселена со сладост, расејувајќи збор на секој народ, според неговиот разум. Нему му беше дадена духовна дарба, како на апостол, да зборува на различни јазици.

А пак неговиот постар брат, преблажениот Методиј, од млади години започна да прима световни почести. Со мудроста тој беше како благомирисен цвет во цутење и беше сакан од сите владетели. Оти во говорот се покажуваше како Соломон, изнесувајќи чудесни приказни и поуки и прашања од дното на срцето, и во службата на сите им беше мил, и во војна се појавуваше како крилат, како Самсон и како Гедеон и се покажуваше страшен како Исус Навин. Затоа и доби војводски чин и во него помина малку време и, откако го сфати овој многуметежен свет, дека поминуваше бесполезно како сенка, и бидејќи словото Господово го прими во своето срце како стрела, тој рече: „Каква полза има човек и сиот свет да го добие, а душата своја да ја испразни или да ја погуби? Што ќе добие човек во замена за својата душа?" И откако го смени земното за небеско, и отфрлајќи го од себе со презир временото, тргна во вечното. И отиде во Олимп, се замонаши во црна риза, чекајќи да прими бела и вечна ангелска облека. И им се повинуваше на сите со покорност и смиреност, во бдение и молитва, во служба, во редовно постење, во постојана трезност, во духовно очистување, во  благо  плачење,  испуштајќи како река  од изворот на очите, и со неа го измиваше сето свое тело. Ни малку не знаеше за телесен умор, туку секоја ноќ стоеше од зајдисонце до изгрев, без сон на своите очи и без дремка  на  клепките  свои,  ни покој  на  веѓите, поучувајќи се во псалми и пеење духовни песни. Се трудеше да ги достигне житијата на светите отци, едни да ги надмине со кроткост и молчење, а други уште повеќе со пост и бдеење и со молитва и смиреност. И така се прочу меѓу сите отци, сличен на великиот Арсениј и Антониј и Сава, остварувајќи ги во себе животите на сите нив. А милостивиот Бог, кога го виде како живее во таков порив, направи во срцата на братијата, коишто го видоа неговиот необичен подвиг во служењето на Бога, да му се восхитуваат помеѓу себе и да го слават Бога којшто дава одозгора благодат на секој што се труди заради Него. Така беше се додека патријархот, кога чу за неговиот подвиг, почна да го наговара да го постават за митрополит на чесно место, и не можејќи да го убеди во тоа, го поставија за игумен во манастирот наречен Полихрон, во кој имаше осумдесетмина отци. И кога се нафати за тоа, престојуваше таму како бестелесен, постојано во молитви - служејќи секому секако, за да ги придобие сите.

Светите книги за таквите пеат пофално зборувајќи: ќе се изнајде премудроста на древните, поживејте во пророштвата, зачувајте ги повестите на знаменитите мажи, и излезете во симболите на приказните, послужете меѓу големците и јавете се пред игумените; минете преку земјите на туѓите народи, и доброто и злото во луѓето ќе биде искушано низ вас.

Своето срце од рано го дадоа да биде на Господа којшто ги создал. И пред Вишниот се помолија и ја отворија својата уста за молитва. И се помолија за своите гревови, а ако посака великиот Бог, ќе се исполнат со разумен дух, оти тој ќе источи збор и мудрост низ нив. Тие во молитва му се исповедаа на Господа, а тој ќе го објави нивниот збор и нивното учење. И се пофалија во законот на заветот и мнозина ќе го возвеличаат нивниот разум и до века нема да престанат и нема да отстапат од нив, па нивното име ќе живее од колено на колено. Нивната мудрост ќе ја прикажуваат народите и црквата ќе им искажува похвали, зашто тие беа нејзини цврсти следбеници и непоколебливи столбови, основани врз цврстиот камен на верата, следбеници на праотците со верата и со подвигот, нивните дела и нивните напори самите ги окончаа. Како и големиот патријарх Аврам, со верата преселник и дошлак во туѓа земја, што беше наречен другар на Бога, и заради верата го прими заветот на обрезанието и се нарече татко на многу народи.

А овие свети и преславни отци и учители со иста вера беа украсени и истите добродетели ги украсуваа. И тие беа преселници од својата татковина и дошлаци во туѓа земја. И закон примија од Бога, не за своето племе, како Аврам, туку за народ кој не ја разбираше божјата десница, ни левица, но кој ќе претечеше кон него, нему му се потчинуваше и му се поклонуваше  како на Бога, - на делото, место на Творецот. Тие примија завет не по пат на обрезание, како Аврам, туку по пат на крштевање заради опростување на гревовите, којшто трае низ вековите, така извршен и предаден од Господа нашиот Исус Христос. И Мојсеј исто така, со Арон меѓу своите свештеници, стана бог за фараонот. Откако го измачи Египет со различни маки, Божјите луѓе ги изведе од нивното ропство, дење со помошта на облачен столб, а ноќе со помошта на огнен столб. И кога го раздели морето, по суво ги проведе низ пустината, а противниците ги потона в бездна. Во безводната пустина ги напои пресекувајќи камен и ги нахрани со ангелски леб и го прими измолениот од Бога закон, напишан со прстот Божји врз камена плоча и им го предаде на луѓето на чување и на послушување.

А овие двајца преблажени и богоугодни луѓе по ништо помали од оние, со ист дух одозгора напоени, удостоени со двојна благодат, ги изведоа луѓето од многумрачното ѓаволско море, мисловниот фараон го потонаа и ја истребија сета негова сила. А наоружани со вера и со сила на крстот, не ги воведоа луѓето в пустина, туку ги упатија кон богоразумна светлина. Не изведоа вода од камен, како тие, но им дадоа на верниците, заради нивното спасение, вечна храна и бесконечен живот, источената крв и вода од пречистите ребра на нашиот Господ Исус Христос.

И откако го преведоа двојно Законот Божји, му го предадоа на новиот народ, создавајќи му букви. Тоа што беше се сокрило од премудрите и од разумните, им се откри на децата во последниот век со нивна помош. Тоа не беше напишано на камени плочи, туку беше извезено на плочите на срцата, не беше кажано ни низ облак, ни низ магла, ни низ бура, туку извршено и предадено од самиот Господ Исус Христос. Тие не беа слуги на темнината, туку беа проповедници на вистината; тие не штркаа со крв од јунци и јариња, туку попрскуваа и ја очистуваа нечистотијата со Свето Крштение, заради телесна чистота. И не го очистуваа само телото, туку во нивата на срцата на сите им посеаа душевна свеќа што им светнуваше на сите. Тие не беа проповедници ни служители на закланата жртва, туку слуги и извршители на бескрвна и мирна духовна служба, сојузници на апостолите, зашто заради тоа и беа избрани.

Откако свесно примија крст на плеќите, ја зајдоа сета вселена исполнувајќи ја со поука. А во оние места во кои не се запреа или поради долгиот пат, или поради мноштво други околни земји, во нив се растурија како сончеви зраци осветлувајќи го со светлината на благоразумноста сиот свет, и по нивните стапки одеа и беа напоени од Бога со истиот дух, и беа проповедници на истиот збор и нови апостоли, кои не го построиле своето дело врз туѓи темели, туку од наново го замислиле новото писмо и го вклопиле во нов јазик. А после светнаа како утринска ѕвезда, која примајќи светлина од сонцето станува посјајна.

Како аргати на лозје, откако ја споделиле дневната мака и горештина заедно со оние што дошле во единаесеттиот час, што беа удостоени во иста мера со Божја благодат, така во последниот век, на истото дело дојдоа овие двајца нови проповедници и светила на сета вселена, и тие, опашани со добар подвиг и со цврста вера, поминаа како сонце, осветлувајќи ги темните места со своите стапки, и ја разгонуваа со духовен оган секоја еретичка и паганска магла, не поштедувајќи ги ни своите тела, ни своите души, секогаш борејќи се за правата вера слатко да ја испијат Христовата чаша.  
Меѓу Сарацените и Козарите беа непобедени, но како некогаш Давид што го совладал туѓоплеменикот, вкротувајќи ја неговата горделивост и претчувствувајќи ги Светите тројца во своите три камења, и му ја пресекол главата со својот меч, па примил пофалба во темнината од синовите израилски, - така и овие отци, слуги на трисушното божество и негови проповедници, се најдоа на соборите сараценски и еврејски. Тие со своите книги и говор како со духовен меч ги пресекоа Махметовите лаги и еврејската злоба и ги истребија како пиреј и ги изгореа со духовна благодат, а словото Господово го посеаја како пченица во нивата на срцето и сите луѓе ги насладија со медоточни зборови.

Тие го исповедаа јасно триж вечното божество и објаснуваа дека во единствено суштество и во еднаков блесок се Таткото и Синот и Светиот дух. И така ги фатија како риби во словесната мрежа и ги крстија чесните чеда меѓу Козарите, двестемина луѓе, без жени и деца. И добија тројна пофалба од сета црква.

Оттука поминаа на западните страни благовестувајќи му го словото Божјо на новиот народ. И сиот црковен закон го преведоа од грчки и им го предадоа со нивниот јазик. Откако ја побија тријазичната заблуда, ја уништија и како какол од пченица ја исфлија, па и предадоа на црквата чисто и свето жито. Во западните, и во панонските и во моравските земји светнаа како сонце, разгонувајќи го мракот на гревот, ги просветуваа луѓето низ писмо, а учениците ги научија да го исполнуваат црковниот чин.

И така го свршија патувањето, откако стасаа на римскиот пат, за да му се поклонат на римскиот престол, носејќи со себе духовен плод за просветување. Кога чу, апостолскиот намесник Адријан им излезе во пресрет далеку од градот Рим и ги пречека како ангели Божји. И бидејќи го засака нивното учење, го постави блажениот Методија за свештеник и учениците нивни.

Се наближи времето да прими покој пресветиот и преблажен отец наш и учител Константин Философ. Кога го виде знакот од Бога за своето упокојување, се облече во црни ризи, и го претскажа денот на своето преминување и остана до тој, педесеттиот ден, веселејќи се и славејќи го Бога. И така почина во летото Господово 6377 и им се придружи на своите отци, пророци и апостоли, маченици и сите светители. И го положија во црквата на свети Климент, каде што започнаа да се случуваат многу исцеленија од неговиот чесен гроб; слепи веднаш започнаа да прогледуваат, немошни да оздравуваат, зли духови да излегуваат. Кога го видоа тоа Римјаните, уште повеќе се приклонија кон неговата светиња и го посветија пречесниот и богоносниот Методија за архиепископ на престолот на светиот апостол Андроник, еден од седумдесеттемина, во Панонија. И го испратија во словенските земји да го поучува нивниот народи, вака беше напишано посланието до кнезовите од тие земји, Растислав и Сватоплук и Коцељ:
„Адријан епископ, раб на сите раби божји, до Растислава и до Сватоплука и до Коцеља, слава му на Бога на вишини, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја.

Бидејќи чувме од вас за духовните радости што ги имате заради своето спасение, ви го испраќаме нашиот чесен брат Методија, посветен за епископ, во вашите земји, како што не молевте, да ве поучи преведувајќи ги книгите на вашиот јазик. Нека се исполни пророчкиот збор што е кажан: „Фалете го Господа сите незнабошци и прославете го сите луѓе, и секој народ нека го исповеда Исуса Христа како Господа, во славата на Бога, амин". И во евангелието Господ вели, испраќајќи ги своите ученици: одете и научете ги сите народи крстејќи ги во името на Отецот  и на Синот и на Светиот Дух, учејќи ги да прават се што сум ви наредил, зашто јас сум во вас во сите дни, се до крајот на векот, амин. А вие, чеда возљубени, послушајте го учењето Божје што ви е дадено во последен час заради вашето спасение. Учејќи се разумно да створите достоен плод и ќе примите вечен венец, во овој и во идниот живот, со сите светители на веков, амин."

Кога Методиј дојде во моравската земја, сите луѓе со радост му излегоа во пресрет. И така го пречекаа како ангел Божји. И им се отворија очите на слепите и ушите на глувите, и омаѓосаните незнабошци проговорија за славата Божја. И низ истата уста, со која порано му се правени поклони на нечестивиот и насекаде се хулело на Бога, низ таа уста децата започнаа да вршат за целиот свет разумна и чиста служба на Бога. И на секое место се прослави името Божје на новиот јазик, на кој му се јави проповедник и нов апостол, откако светна како сонце, разгонувајќи ја маглата на незнаењето и просветлувајќи ги сите срца со богоразумна светлина. Со кроткост и со сладост и со љубов сите ги привлече кон себе. Така ја изврши својата задача, верата ја дочува, црквите ги украси со песни и духовно пеење и така почина во летото Господово од создавањето на светот 6394 и им се придружи на своите отци, патријархот Аврам, Исак, Јаков, се уподоби на сите, образот на сите го понесе врз себе, на едните рамен, од други помал, а други надминувајќи ги со сила и со благодат и со подвиг. Огреа како сонце со своите лачи, со своето излагање и проповед. Кога ќе си спомнам за неговите медоточни зборови, нема со што да ги споредам тие духовни сладости.

Затоа, каква похвала да ви оддадам вам што сте се труделе толку заради Христа во источните и во западните и во северните земји, не барајќи ништо времено и ништо што гние, туку вечно и бесконечно. Крстот Господов мажествено го примивте и со тоа замрзнатата во гревови земја ја одмрзнавте и посеавте духовно семе, и на црквата и принесовте чисто жито, - учење што сјае со дневна светлина. Со него светите како светилници по целиот свет, прогонувајќи ѓаволска хула и секаква ерес.

Вие бевте големи столбови на Христовата црква.
Небесни луѓе, а земни ангели, вие стекнавте бестелесен живот во телото. Блажена е утробата што ве носела и што издоила два класа многуплодни, со кои ги наситивте гладните народи, и жедните ги напоивте со животворно питие: неисцрпна храна им источивте на сите.

Кој може да ви искаже достојна похвала? Вие се појавивте рамни на небото и се поднебесно изодивте со своите стапки и сиот свет го огреавте.
Благословен да е вашиот јазик со кој сте ги посеале духовните зборови, за спасение на безбројните народи. Вие сте примиле од Бога боговдахновени дарови, темнината на незнаењето од секаде сте ја растерале, на сите сте им покажале пример со себеси, од устата духовна сладост сте источиле.
Вие станавте рушители на сето паганство, непријатели на еретиците, прогонители на бесовите, светлина на помрачените, учители на децата, неисцрпна храна на гладните, непресушен извор на жедните, даватели на изобилна облека на голите, поткрепа на сиромашните, домаќини на патниците, посетители на болните, утешители на тажните, заштитници на нападнатите, помошници на вдовиците и на сираците, на слепите дарители на светлина; котва на оние што се зафатени од брановите на животното море, ѕид и покрив на оние што се приклонуваат кон вас, противниците на Евреите, исповедници на Света Тројца, извршители на волјата Божја, служители на Божјото величие, извори на Божјо слово, неразрушливи столбови на Христовата црква, печат на правдата, штит на верата, шлем на спасението, клас многуплоден, лоза медоточна.

Вашите зборови се саќе медно со кое ја осладивте сета вселена. Како бисер многуценет вие ги источивте сокровиштата Господови. Вие сте престојувалиште на Божјата волја, одбран сосуд, што го пренесовте името Христово по сета земја, крст понесовте врз себе, временото го презревте и ја примивте насладата на вечното.

Секогаш преподобни и вистински пастири, молете се усрдно за стадото што сте си го одбрале. Одгонувајќи ги страстите и избавувајќи од беди и напасти, ни ги просветивте очите на нашето срце, и умот ни го закрепивте, достојно да одиме по вашите стапки. Примајќи ги нашите слабости подајте ни сила одозгора, живеејќи достојно во Христа, да станеме наследници на вашиот труд и проповедници на вистинската вера што ни ја пренесовте.

Сите едногласно да го прославиме трисветото божество, Отецот  и Синот и Светиот дух, сега и секогаш и во сите векови, амин.

Извор:Св. Климент Охридски-Похвали и поуки

Табернакул

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5814
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6631
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6419
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5612
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Најново од духовност

Православен календар

 

20/04/2024 - сабота

Велигденски пости; (на масло)

Св. Георгиј Исповедник; Преподобен Нил Сорски; Св. маченик Калиопиј; Преп. Данило Перејаславски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.Христов исповедник Георгиј Митиленски митрополит 7 април / 20 април 2024

Тропар на св.Христов исповедник Георгиј Митиленски митрополит 7 април / 20 април 2024

Пастироначалниче на скитското подвижништвово степите руски непроодни,Ниле ученику Христов облагодатен,денес и во веки Бога преку тебе Го прославуваме,и твоите подвизи...

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Словото Божјо, слово земно подаде,кое ти Свети епископе Методие во слава Негова го раздаде,а Он Началникот на животот устрои заради...

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Вистина непоколеблива имајќи во срцата вашиАгатоподе и Теодуле,познавте дека земниот живот е суета, сенка и сон,а верата во Љубовта го...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная