логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Глава 5

 

Мнозина се обраќале со писма кон старецот Јосиф, знаејќи од опит, дека со негов благослов се напредува во се добро. Особено голема коренспонденција тој имал со разни машки и женски манастири. Неговите писма - одговори, отпосле биле пронаоѓани, собирани и чувани како скапоцено богатство, кое чекало благопријатно време да му биде покажано на светот. Тие писма се прости по стил, но, во нив се крие духовна сила и мудрост, како и во усното давање совети од старецот. Самиот проникнат од духот на светоотечкото и старечко учење, баќушката Јосиф го спроведувал тој благодатен дух во своето усно и писмено општење со своите духовни чеда.
Пред монасите, тој, на највисоко место го поставувал послушанието и самоукорувањето, бидејќи тие две добродетели го раѓаат смирението, кое, пак, Го вселува Бога во душата на подвижникот и го дава она, што е загатнато од Спасителот со зборовите: Царството Божјо е во вас внатре (Лука, 17, 21).
Старецот никому и никогаш не разрешувал да се откажува од своето послушание, велејќи: „Кој до самиот свој крај го носи даденото послушание, тој се удостојува со блажена смрт." Неретко, старецот го приведувал примерот со оној јеромонах, кој никогаш не се откажувал да го исполнува својот долг и кој, бидејќи болен, не барал друг да го замени во свештенослужењето. За време на Литургијата, тукушто се причестил, тој неочекувано починал мирно и тивко во самиот олтар, како што бил облечен во своите свештенички одежди.
Кога некои послушаници се поплакувале од тешкотијата на даденото послушание и од својот мачен монашки пат, лицето на старецот, кој самиот го поминал својот живот во најголеми тешкотии, се озарувало од радост, во очите му греела нежна татковска љубов и тој воодушевено велел:
- Штом е така, ќе станете маченици!
Тој се трудел да внушува на сите непрестано трпение во се, при сите околности, до крај.
- Што ти е наложено - велел тој, - тоа исполнувај и се трпи што и да ти се случи. Но, не го напуштај своето послушание, туку секогаш укорувај се себеси и ќе се спасиш.
Некој му пренел на старецот еден слушнат од него разговор, дека, божем, поранешните старци не ги принудувале особено многу своите ученици кон телесни подвизи, а барале од нив да создаваат во себеси „внатрешен монах." На тоа баќушката одвратил:
- А ти, кажи ми: Ако дрвото не порасне, откаде ќе добиеш плодови? А дрвото, на кое израснува внатрешниот монах, се подвизите: пост, секаков вид воздржание, посетување на црковните служби, телесните трудови итн. Го има ли тоа, тогаш ќе порасне и плодот – внатрешниот монах.

* * *

Еднаш го запрашале баќушката за некој духовник, како е можно, при неговата необразованост, од неговите писма да исходи таков духовен разум, така што, тие проникнуваат дури до длабочините на душата? - Баќушката одговорил:
- Како што сончевиот зрак не може да проникне преку маглата, така и зборовите на човекот, кој имал само образование, но не ги победил страстите, не можат да дејствуваат врз душата. А оној, кој ги победил своите страсти и придобил духовен разум, тој и без надворешно образование, може да има пристап до срцето на секого.

* * *

Една духовна жена кажала на баќушката:
- Вие ќе ми дадете секојдневно молитвено правило, но јас се плашам, дека ќе ми биде тешко да го исполнувам.
- Наложеното е секогаш тешко - одвратил старецот.
И притоа, раскажал за оптинскиот игумен архимандрит Исаакиј, кој уште како мирјанин, се подготвувал да го прими монаштвото, вршејќи извесни подвизи во светот. Така, секој ден, тој правел по 1000 поклони. Откако пристапил во манастир, тој, ова му го доверил на старецот Леонид. Последниот, наместо 1000 поклони, му наложил да прави само по 50 поклони. Поминало извесно време. Тој дошол кај старецот и му рекол:
- Простете, баќушка, срам ми е да признаам, но не знам зошто не
можам да ги правам наложените 50 поклони.
Старецот му наредил да прави по 25 поклони. По некој ден, послушаникот пак се јавил и му кажал, дека му е сосема несфатливо, зошто како светски човек правел по 1000 поклони, а тука во манастирот не може да прави дури ни по 25 поклони на ден. Тогаш старецот Леонид му појаснил:
- Во светот непријателот (ѓаволот) ти помагал. Ти си правел многу поклони и си се гордеел со нив. А тука, ти правиш поклони не по своја волја, а по послушание, ја гледаш својата немоќ и се смируваш. Ете зошто ти е тешко.

* * *
Еднаш, насобраните околу старецот Јосиф монаси, го запрашале:
- Баќушка, ќе бидеме ли ние на оној свет со Вас? Ке ни помогнете ли? И ќе одговарате ли за нас?
- Да - одговорил старецот, - но само оние ќе бидат со мене и само за оние јас ќе одговарам, кои, покорно ме слушале во се.

* * *

Една жена кажала на старецот Јосиф:
- Баќушка, многу ми е мачно, што немам пари и што треба да се трудам да ги заработам, а меѓутоа, често ми се сака да си купам де едно, де друго.
Старецот и одвратил:
- Барајте го најналред царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде (Мт. 6, 33). Со таква умна расположба живееле поранешните монаси, и Господ ги снабдувал со се неопходно и им давал дури и повеќе од неопходното. Еве на пример, нашиот скит. Кога јас дојдов во него, никој од монасите немаше свој самовар, а имаше само кај игуменот еден за сите во скитот. По Светата Литургија, браќата таму пиеја чај еден по друг на ред. И сите беа задоволни и среќни. Така беше и со сите други потребни работи. Браќата, пред се, се трудеа да ги исполнуваат црковните служби и своите послушанија и заради таа нивна ревност, Господ се им дополнуваше, и тие немаа потреба од ништо. А сега приста-пуваат во манастир со слаба желба за послушание и само мислат за облекло и за храна. Затоа и Господ помалку ни дава на нас грешните.

* * *

Кон една монахиња старецот ги упатил следните совети: „Кога постапките и гревовите на ближните те вознемируваат и ти го нарушуваат душевниот мир, ти, раководи се од следното:
а) Ако гревовите на твојот ближен, кого ти сакаш да го поправиш, го нарушуваат твојот душевен мир и те раздразнуваат, тоа значи, дека и ти грешиш (со раздразнетост и со нетрпеливост) и според тоа, не ќе можеш да ги исправиш гревовите со гревови. Тие се исправаат со кротост.
б) Ревноста, која сака да го истреби секое зло, самата е големо зло.
в) Помни, дека во твоето око има греда, а ти ја забележуваш сламката во окото на ближниот (Лука, 6, 42).
г) Има неизбежни несовршенства, а има и такви полезни. Понекогаш преку злото се утврдува доброто.
д) Примерот на Божјото долготрпение треба да ја совладува нашата нетрпеливост, која ни го одзема душевниот спокој.
е) Примерот на Господа Исуса Христа ни покажува со каква кротост и трпение треба да ги поднесуваме човечките недостатоци и, ако не сме поставени да ги раководиме луѓето, треба да гледаме со кротост на злото во другите.
ж) На сите ни се чини голема онаа грешка на ближниот, која нас самите не изобличува во нешто.
з) Ништо не може така да не успокои и помири со гревовите на ближните, како молчанието, молитвата и љубовта.

* * *
Некој, говорејќи за еден свој роднина - самоубиец, започнал да докажува, дека Бог може и на него да му прости.
- Не е наша работа да мислиме по тоа прашање - одвратил старецот. - Господ навистина може и да му прости. Меѓутоа, нашиот долг е да ги исполнуваме повелбите на законот. Тоа е како со земниот суд. Судиите се должни да ја определат казната на престапниците по законот, а царот може и да ги помилува. Еден свет маж (св. Василиј Велики), се помолил за незнабожечкиот цар Трајан, но чул глас: „Не се дрзнувај да се молиш затакви!"

* * *

Еднаш старецот Јосиф разговарал со своите посетители за исповедта и меѓу другото рекол:
„Ако не можеш усно да ги исповедаш своите гревови, исповедај ги писмено, откако ќе ги запишеш на хартија." Во поткрепа на тоа, тој раскажал, како една жена ги напишала своите гревови на ливче и го подала на св. Василиј Велики, молејќи го да ја разврзе од нив. Но тој ја упатил кај преподобен Ефрем Сирин. Последниот ја ослободил од сите гревови, освен од еден, со кој, повторно ја упатил до светителот. Откако пристигнала во градот, жената дознала, дека архиепископот починал и дека сега го погребуваат. Со голема тага и со многу солзи таа паднала пред неговиот ковчег и таму ја положила хартијата со своите гревови. Тогаш оние, кои стоеле наоколу почнале да ја прашуваат, зошто така горко плаче. Таа им ја раскажала својата тага. Во тоа време, еден од свештениците го земал ливчето од ковчегот и го одмотал. Се покажало, дека тоа е сосема чисто. Сите гревови биле избришани.

* * *

Старецот поучувал: „Совеста на човекот е подобна на будилник. Кога будилникот заѕвони и те потсети, дека треба да отидеш да го исполнуваш наложеното послушание, ако ти станеш веднаш, тогаш во иднина, секогаш ќе скокнуваш при неговиот ѕвон. Ако, пак, неколкупати по ред не станеш веднаш, велејќи си: ќе си полежам малку, - тогаш, на крајот од краиштата, ќе престанеш и да се разбудуваш од неговиот ѕвон."

* * *

„Посилно од се друго, во човекот дејствува духот на противречноста. Следејќи ја својата желба, човек може понекогаш да изврши дури и нешто многу тешко. Но, ако му кажеш да изврши макар и нешто лесно, тој ќе се намурти и растрои. А треба да бидеме послушни, макар и да ни се чини, дека неправилни нешта ни се наложуваат. Кај еден старец дошле петмина ученици, за да пристапат кај него во манастирот. Тој ги испратил да садат лук со корените нагоре и со лисјата во земјата. Двајца од нив започнале така да садат, како што старецот им порачал, а другите тројца почнале да размислуваат: Така не се сади! - и започнале да садат како што мислеле, дека е подобро. Старецот дошол да ги види како работат. Тој ги земал во својот манастир оние, кои саделе според неговите упатства, а другите не ги примил."

* * *

Еднаш,  придружувајќи  го  старецот  во  неговата прошетка низ шумата, некои му кажале:
- Во некој манастир има монаси, доброволни затвореници.
Баќушката одвратил:
- Тој духовен пат е опасен. Кога човек е во осаменост, страстите му растат, како што тревата расте густо таму, каде што не се гази. А каде што постојано се оди (на пример, по патиштата), таму трева не расте ... Мнозина одат во осаменост, поттикнувани од својата нетрпеливост. А за нас е полезно, кога не туркаат и не онеспокојуваат. Она дрво, кое постојано е разнишувано од ветрот, пушта подлабоки и поздрави корени. А дрвото, кое расте на завет, при бура може одеднаш да се кутне.

* * *

Една монахиња му рекла на старецот:
- Баќушка, благословете, уште отсега да си го осигурам мојот вечен дом!
Отец Јосиф одвратил:
- Подобро е за тебе да си осигураш трпение! Зашто е кажано: Со трпение спасувајте си ги душите! (Лука 21, 19). Без трпение не може да се изгради дури ни времено живеалиште, а камоли, пак, вечно. Трпението раѓа утеха, и таа утеха е вистинска. А ние го бараме она, што е полесно. Но, да запомнеме: она што е лесно за телото, е неполезно за душата, а што е полезно за душата, тоа е тешко за телото.   Со труд се придобива Царството небесно (Мт. 11, 12).

* * *

Еднаш старецот Јосиф, заобиколен од свои духовни чеда, се шетал низ шумата. Некои од нив му рекле:
- Да се надеваме дека ќе ни живеете подолго, баќушка!
Старецот им одговорил:
- Ке поживееме, додека новото духовно одејание не е приготвено, Господ не го одзема старото.
Но, по ова, лицето му станало сериозно и по кратко молчание тој додал:
- Но секој треба сам да се труди да живее христијански. Инаку, поради нашето непослушание, Господ ги зема духовните наставници и никого од нив не остава.

* * *

Некои му кажале на старецот:
- Ете, пак настапи неродна година!
- Да - потврдил тој. - Мал е приносот на храна, зашто гревовите ни се многу. Бог казнува со слаба реколта затоа, што луѓето сосема престанаа да ги запазуваат постите, та, дури и простодушноста. Затоа, не сакајќи да постиме доброволно, ќе треба да постиме по неволја.

* * *

По друг повод, старецот рекол:
„Во нашето време, честите самоубиства произлегуваат не само од неверие, но и од нетрпение. Луѓето не сакаат веќе ништо да трпат. И ако Бог не беше вложил во човекот природна желба да живее, тогаш сите, речиси, би посегнале по својот живот... Треба да се поднесува се што се случува. И светителите измолувале од Бога за себеси трпение. Значи, и тие имале потреба од трпение."

* * *

Некои, пред старецот ја искажале желбата, тој самиот да им ги открива криените при исповед гревови. Баќушката одговорил:
- Не, тоа не треба да се случува. Секој човек треба сам да си ја излива душата и да се кае. Инаку, нема да има полза. За заборавените, пак, и неизјавени гревови, тој треба да трпи се, што ќе му се случи. И баќушката Амвросиј никогаш сам не ги откривал гревовите на оние кои се каеле, освен во многу ретки и особено важни случаи, кога гледал, дека човекот може да умре сосема без покајание.

* * *

Еден човек се поплакал пред отец Јосиф, дека постојано боледувал. Старецот му рекол:
- Нема друг излез. Јасно е, дека Бог сака да се спасиме и затоа преку страдањата не исчистува од гревовните нечистотии. Макар и да не е лесно да трпиш обгорувања (на пример, зрачење со ласер - м.в.), но, заради здравјето на душата се треба да поднесуваш. Ако живееме непристојно, тогаш, барем, да го принудуваме своето срце кон скрушеност и покајание. И Господ ќе го види ова и нема да не лиши од Својата милост.

* * *

„Маките - велел старецот - се наш пат. Да врвиме по него, додека не стигнеме до нашата определена татковина - вечността! Светските луѓе имаат повеќе маки, отколку ние, монасите. И ние ги имаме, но утешувачко е, дека ги носиме заради Бога. Само едно е жално - што малку се грижиме за вечноста и не го трпиме дури ни најмалиот укор, направен со збор. Ние сами ги зголемуваме своите маки со своето негодување. Во се ни е потребно трпение, како што на бродот му е неопходна котва, за да не се разбие од камењата за време на бура."

* * *
„Како се придобива целосно бестрастие?" - го запрашале некои старецот. А тој одвратил: „Со целосно смирение."

* * *

На отец Јосиф му раскажале за една жена, дека починала без да се причести. Бидејќи за парохискиот свештеник се зборувале многу неубави работи, таа не сакала да прими Причест од таков свештеник. Старецот воздивнал од срце за покојната и рекол, дека таа не требало да се вознемирува од гревовите на свештеникот, бидејќи, при Светите Тајни, пред се, дејствува благодатта, која ја извршува тајната. Притоа, тој раскажал, како еден отшелник смртно заболел и посакал да прими Свети Тајни. Најблискиот свештеник, кого требало да го повикаат, водел мошне порочен живот, така што, мнозина мислеле, дека тој недостојно го носи свештеничкиот чин. Отшелникот многу се вознемирил, откако го чул ова, но, надминувајќи ги своите осудувачки мисли, сепак го повикал. При причестувањето, Господ го удостоил со прекрасно видение: му било откриено, дека Ангели го причестувале!

* * *

Некој добар свештеник му пишувал на отец Јосиф, дека една млада, неодамна умрена покојница, често се јавувала на една своја пријателка - сосема младо, чисто и невино девојче по име А-ија. Свештеникот прашал, дали може такво јавување да се смета за благодатно? - Старецот му одговорил, дека блажениот Диадох (познатиот древен свет отец) советува да не веруваме дури и на вистинските благодатни јавувања. Господ нема да не суди за такво претпазливо недоверие, бидејќи гледа, дека луѓето го прават тоа не од потценување кон Бога, туку со цел да не би попаднале под некоја ѓаволска измама. По тој повод, старецот го раскажал следното. Еден киевопечерски подвижник во својата ќелија видел ангел како се моли и почнал мошне наивно и незрело да размислува: „Ако овој ангел беше испратен од лукавиот, тој не би се молел." Тогаш тој, божемен ангел, почнал да го советува монахот: „Ти, веќе не се моли , зашто отсега натаму, јас ќе се молам за тебе." Подвижникот го послушал и паднал во духовна прелест (т.е. бил измамен од ѓаволот). Молитвите на препо-добните киевопечерски отци едвај го избавиле од погибелните замки на лукавиот.
Откако му го напишал сето тоа на свештеникот, старецот Јосиф додал, дека живата девојка А-ија може да каже на покојната пријателка што и се јавувала: „Покрај тоа што ти се молиш, јас не можам да ти верувам. Те молам, не ми се јавувај, зашто јас сум голема грешница и не сум достојна за благодатни јавувања!" А самата А-ија требало, по советот на отец Јосиф, усрдно да Го моли Бога да ја избави од такви јавувања, оти во нив се крие голема опасност. Старецот го запрашал и следното: „Нема ли А-ија за себеси истенчено мислење, дека живее многу пристојно. Ако има такво мислење, тоа е причината, ѓаволот да постапува кон неа со такво опасно искушение. Сите големи старци се сметале себеси за најгрешни и подолни од сите луѓе на земјата. Само со такво смирение, тие станале угодни на Бога. А пак, дека умрената се јавувала во небесна оде-жда и во светлина - тоа е празна работа" (спореди 2. Кор. 11, 14 - самиот сатана се преобразува во ангелна светлината).

* * *

На истиот свештеник, старецот му испратил и второ писмо со таква содржина:
„Вие пишувате, дека таму кај вас, некои се занимаваат со лекување на каснати од змија, употребувајќи за таа цел и некакви молитви. - Вие треба да ги прегледате тие молитви. Зашто има и бесмислени молитви и дури такви, кои се измешани со хулења. Такви 'молитви' само ги радуваат бесовите, од кои може и да доаѓа некаква 'помош.' Меѓутоа, ние треба да се молиме со молитвите, прифатени од Светата Црква за општа употреба. Притоа, треба да ги чита свештеник, а не мирјанин."

* * *

Извадоци од едно писмо на старецот Јосиф, односно, расеаните молитви.
„Вие ме молите да Ви дадам упатство, како да се избавувате од постојаната расеаност во време на молитва - сосема да не се расејуваме при молитва е невозможно за нас грешните луѓе. Но сепак, треба да се трудиме по можност, да го собираме својот ум и да го сосредоточуваме во зборовите на молитвата. Тоа значи, дека треба да проникнеме во секој збор на молитвата. Не треба да се вознемируваме од својата рамнодушност и скаменетост, туку треба да продолжуваме да се самопринудуваме кон молитва, сознавајќи, дека сме недостојни за утеха и сочувство. Ако молитвата е рамнодушна, од тоа не следи да заклучуваме, дека таа е неугодна на Бога. Понекогаш таква молитва се смета на чове-кот дури како подвиг, доста е, тој, само да се смирува и на секој начин да се самоукорува пред Бога."

* * *

Еден ученик верен на старецот пишува во својот дневник:
„...Господи, благослови ме да ги запишувам за полза на својата душа поуките на мојот старец, баќушката отец Јосиф, по неговите свети молитви!
Еднаш баќушката ми рече: „Внимавај над себеси, и тоа ти е доволно!" Тој ме советуваше често да се самоукорувам, во се да пројавувам трпение и да благодарам на Бога за се, што ме снаоѓа. Притоа, за поука, старецот ми го раскажа следното:
„Еднаш еден св. Отец слушал, како еден бедник се самоукорувал. Било зимно време, а тој полугол лежел врз куп ѓубре, едвај покриен со рогозина и се тресел од студ. Покрај ова, тој себе се укорувал: „Ова ли не сакаш да го претрпиш, грешнику? Светите маченици многу повеќе трпеле - зимно време страдале од студ, биле лишени од слобода и затворени во темници, нозете им биле стегнати во клада. А ти можеш слободно да си ги простираш нозете и дури да се покриваш со рогозина..."
Овој расказ многу го закрепнал младиот послушник во подвигот на трпението.
Другпат, тој се поплакал од себеси пред старецот:
- Баќушка, јас често сум победуван од мрзливоста. Знам, дека тоа е грев, но покрај тоа, пак и се препуштам.
Старецот му кажал:
- Во Евангелието е напишано, дека силните го грабаат Царството Божјо (Мт. 11, 12). Тоа значи, дека треба сам себеси да се присилуваш кон се добро, и особено тоа - да ги пресекуваш своите страсти уште од почеток, додека се уште млади. Тогаш ти личат на мали кученца кои џавкаат. Ке ги исплашиш ли, тие побегнуваат од тебе. Ако, пак, ги оставиш да закрепнат и да надвладеат над тебе, ти бргу ќе се видиш немоќен да се бориш со нив, зашто тие ќе станат силни како лавови.
- Баќушка - рекол послушникот, - понекогаш имам ревност кон секакво добро дело, а другпат, ме опфаќа таква мрзливост, што немам желба за ништо. Тогаш само спијам, јадам без мерка, не сакам да се молам и го изоставам своето ќелијно правило. - Што да правам во такви случаи?
- Ете токму тука - одвратил старецот - треба да се самопринудуваш кон секое добро дело, а особено кон молитва. Тоа себепринудување зависи од тебе - сам да ја присилиш својата волја кон молитва во време на безволност и мрзливост. А кога ќе се појави во тебе ревност кон секое добро дело, тоа веќе е од Бога. Не го припишувај на твоите усилби.
- Баќушка - пак запрашал послушникот, - откаде да почнам барем малку да се сосредоточувам во себеси? Дали оттаму - нигде да не одам, освен во случај на крајна неопходност?
Старецот одговорил: - Ете оттука почни! Седи си во ќелијата (т.е., не оди по туѓите ќелии, не општи без потреба со луѓето и не разговарај на празни теми со нив!). И ќелијата ќе те научи на се. Меѓутоа, вооружи се со трпение. Твоите помисли ќе те тераат да излезеш од својата ќелија. Но, ти не им се препуштај! Сите светци - монаси оделе по тој пат. Прочитај кај св. Теодор Студит: тој не дозволува при излегување од црквата да се запираш и да разговараш со браќата празни приказни. И во уставот е кажано истото. А ние сме го искривиле редот на монашкиот живот и оттаму се во нас тргнало наопаку.
Старецот Јосиф често напомнувал, дека старецот Леонид имал пишувано на една духовна ќерка: „Еве ги твоите три оружја во духовната борба: смирение, трпение и самоукорување. Со нив победувај!"
На прашањето на послушникот, може ли да дава на некои милостина? - старецот одговорил: „Може, ако имаш нешто излишно, но не и манастирско, за кое, не ти е даден благослов да го даваш." „А може ли монахот да зема, кога му подаруваат нешто?" - прашал послушникот и го добил следниот одговор: „Може да прима. Тоа е знак на смирение, како што вели авва Доротеј. Но, ако немаш потреба, подобро е, се разбира, да не земаш!"
- Баќушка - рекол послушникот, - одамна една мисла ми говори:
„Не барај ништо за себе, како што учат светите оци."
Одговорот на старецот бил: „Имај што ти е потребно и неопходно, но не собирај ништо излишно. Ако ништо немаш и поради тоа започнеш да жалиш, каква е ползата за твојата душа? Најдобро придржувај се за златната средина. Може и да имаш некои нешта, но не се занесувај кон ништо и биди како оние, кои, макар и да имаат, но не бараат повеќе за себе. Светителите придобиле таков однос кон нештата (св. ап. Павле - 1. Кор. 7,30-31).
- Баќушка - рекол послушникот, - со Исусовата молитва не стојам добро. Таа, на прв поглед, изгледа нешто просто, и дека можеш да ја употребуваш каде и кога посакаш. Ама не е така. Човек ја заборава и занемарува.
Старецот одвратил: „Да, на изглед таа е нешто просто, а не можеш да ја задржиш. По неколку пати ја кажуваш по зрната на бројаницата, а ете таа се извлекла од твојата свест. Си доаѓаш на себеси, повторно ја произнесуваш неколку пати и пак те освојува расеаноста. Преку денот ќе ја прошепнеш 100 пати, и си вообразуваш, дека се молиш со Исусовата молитва. Затоа, во почетокот е неопходно, обврзно да ја кажуваш, водејќи сметка за бројот, додека добиеш навика да се молиш со неа.
По едно причестување, послушникот му кажал на својот сакан старец:
„Баќушка, како би сакал секогаш да бидам непоколеблив во моето звање, во исполнување на своите монашки завети и воопшто во сите мои дела и постапки пред Господа! Моето срце, понекогаш, гори како да е од љубов кон Бога, и јас се чувствувам подготвен да ја исполнувам Неговата волја. Меѓутоа, штом ќе се решам да почнам внимателен живот, ѓаволот веднаш ме ограбува. Мојата душа тажи поради таа безволност и се прашувам: „Кога ќе почнам да живеам исправно? Времето лета!..."
Старецот одговорил: „Што да се прави?! Ние секогаш сме неисправни пред Бога. Затоа треба усрдно да се молиме. Ти знаеш што пишува св. Макариј Велики: „Без стеснување и срам треба да викаме кон Бога, додека Он се смилува и Самиот ни помогне. Зашто, со своите сили ние сами по себеси не можеме да направиме ништо добро. Меѓутоа, ако често се молиме и досадуваме на Бога, ако се молиме без стеснување и со големо смирение, Господ ќе ни помогне."
Понатаму послушникот опишува, како баќушката се разболел и извесно време никого не примал, но него го примил, учејќи го на вистинската молитва. Меѓу другото, тој му заповедал да не ја изоставува, т.н. Петстотница. Кон тоа додал: „Ако не си во состојба да ја исполниш со поклони, може да ја кажуваш и без поклони. Штом не си здрав, или си силно изморен, можеш да си ја кажуваш и седејќи. Но, ако си здрав, треба да ја кажуваш, стоејќи прав и да правиш поклони."
- Баќушка - се пофалил еднаш послушникот, - со Вашите молитви јас - слава на Бога! - привикнувам полека кон молитвата, се разбира, надворешната.
Старецот одговорил: „Тоа е добро, покрај тоа што молитвата ти е надворешна. При неосетливо исполнување на ќелијното правило ќе се породи желба дури и надвор од молитвените правила да се занимаваш со Исусовата молитва.
Баќушката го учел својот послушник, Исусовата молитва да ја произнесува одделно. „Што се однесува, пак, до помислите за време на молитва - му објаснувал тој, - тие се јавуваат под ѓаволско влијание, за да се одвлече вниманието од молитвата. Но, токму тука е нужно човек уште поусрдно да се задлабочува во молитвата; тогаш самиот ѓавол, попарен од страшното за него Исусово име, ќе побегне."
По овој разговор, старецот до краен степен го восхитил својот послушник со својата прозорливост. Токму тој се канел да му изрази една своја мисла, и старецот, во одговор на неа, додал:
- А понекогаш ѓаволот го уловува срцето, те раздразнува со омраза кон некого и те принудува да го осудуваш.
Послушникот токму тоа мислел да го сподели, оти имал непријателски чувства кон некој.
Еднаш старецот му рекол: „Има многу кои плачат, меѓутоа тие плачат не за тоа, што е нужно. Ги има многу кои тажат, но не за своите гревови. Има многу на изглед смирени, ама тие немаат вистинско смирение. За да напредуваш во Исусовата молитва, треба да се смируваш во се: во својот поглед, во своето чекорење, во својата облека."
Старецот говорел, дека Исусовата молитва принесува голема полза на оној, кој ја врши, и дека човек треба да навикнува да ја кажува. Таа особено ќе го утешува во време на боледување. Штом некој привикнал да ја употребува секогаш, тој ќе ја врши и при боледување. И тогаш нема да му е здодевно. Молитвата ќе го утешува. Ако, пак, човек, кога е здрав, не се занимава со молитва, тогаш и кога ќе заболи, не ќе биде во состојба да се моли, поради недостигот на навика. И тогаш тешко ќе ја поднесе болеста. Затоа секој, додека е здрав, треба да се учи да се моли и често да се вежба во Исусовата молитва. Макар и да го прави тоа не наполно чисто, но сепак со смирение тој ќе повторува: „Господи, помилуј ме мене грешниот!" А во Псалтирот е речено, дека Бог нема да презре срце скрушено и смирено (Пс. 50, 19)!"



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5792
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6611
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6390
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5587
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Најново од духовност

Православен календар

 

18/04/2024 - четврток

Велигденски пости; (строг пост)

Светите маченици Агатопод и Теодул; Преподобен Марко Трачески; Преподобна Теодора Солунска;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Словото Божјо, слово земно подаде,кое ти Свети епископе Методие во слава Негова го раздаде,а Он Началникот на животот устрои заради...

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Вистина непоколеблива имајќи во срцата вашиАгатоподе и Теодуле,познавте дека земниот живот е суета, сенка и сон,а верата во Љубовта го...

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Славен и прославен е Господ од целиот род човечки,што изнедри таква фиданка како тебе о, Јосифе,рако продолжена на Духот Свети,поттикнат...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная