Меѓу ритуалот и Животот

Православната Црква носи во себе една длабоко спознајна и неизмерно раскошна тајна, содржина што повеќе од две илјади години го оживува човекот и го држи светот во постоење. Тоа е Светата Литургија – изворот на животот, допирот со Возвишеното, местото каде човекот се преобразува, се обновува и се соединува со Бога. Таа е срцето што непрестајно отчукува и му дава живот на целото тело на светата Црква.
Токму затоа, тешко ми е да премолчам кога ќе ги видам световните карикатури кои под превезот на религиозност се продаваат како „православна“ традиција, а во суштина се одвоени од Литургијата – од она што е јадрото, мајката, домот на нашата вера. Надвор од Светата Литургија, нема ништо што суштински може да се нарече православно христијанско.
Земете го за пример поздравот „Честит Бадник“. Бадник, сам по себе, не е празник што се честита. Тоа е вечер на будност – духовна стража пред Христовото Рождество. Како ќе Го дочекаме Христа, ако не со пост, молитва и литургиско учество? Во тоа е суштината на денот пред Божиќ и во ништо друго. Ако не сме постеле, ако не сме присуствувале на Литургијата во текот на постот, од што точно бараме полза? Од вибер сликички, ритуали, обичаи без срце?
Исто се случува и со славите. Се отвораат книжулчиња за „која слава ќе ти се падне“, па сè се сведува на тоа да се однесе лепчето „да го испее попот“, ритуално и без никакво внатрешно учество. А славата, ако не е поврзана со литургиско присуство на денот на светителот и со причестување со Светите Тајни, станува само празен обичај, душевна сенка на нешто што би требало да биде духовна светлина.
Не престанувам да се чудaм што по толку векови православна традиција, нашите медиуми и понатаму емитуваат и пропагираат „правилни магиски ритуали“ што наводно припаѓале на нашата вера. Тоа не е ниту битно, ниту суштинско, ниту спасително. Сè што не се вкоренува во литургискиот живот – останува само прашина. Навистина, мене тоа повеќе би ме плашело наместо да ме приближува и радува.
А оној кој е во Црквата, кој живее со Литургијата, нему ништо од тие надворешности не му е потребно. Зашто Црквата има полнота, има духовен раскош, има бесценети светители; таа поседува богатство на духот какво никаде во светот го нема. Што ќе ни е бижутерија, кога во рацете го држиме самиот бисер?
Еве, да споменам уште нешто. Последниве години денот пред Духовденската задушница – петокот – ни го направија неработен ден. Но која е неговата суштина? Кое е неговото значење? Апсолутно никакво. Нам ни е потребен неработен ден за Педесетница – денот кога Црквата се роди, денот што литургиски го чествуваме, денот кога Светиот Дух слезе врз светот. Тоа е празник. Тоа има смисла.
Лани еден колега од друга вероисповед ме праша: „Добро, а што славите денес? Како да ти честитам?“ А јас немав што да му кажам. Зашто навистина – што славиме во петок пред задушница?

Бог не бара од нас ритуали, не бара форми без живот. Бог го сака нашето срце, нашата лична и соборна молитва, нашето соединување со Него во Светата Причест. Само тоа. Сè друго е човечки шум.
Можете на празници да чистите, да работите, да пеете, да се смеете – сето тоа е дозволено и сето тоа е благословено, ако самите себе, еден со друг и сиот свој живот на Христа Бога сме Му Го предале...
Симеон Стефковски


























