логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Во првиот член од Символот на верата исповедаме: Верувам во Едниот Бог Отец, Седржител, Творец на небото и на земјата, на сè видливо и невидливо. Според библиско-христијанското учење, светот не е вечен (не постои отсекогаш), ниту, пак, неговото постоење се должи на случајот. Светот е создаден од ништо од страна на Бог Творецот. Во Создавањето учествувале сите три Лица на Пресвета Троица, за што имаме многу укажувања уште во Стариот завет: Преку Словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни (Пс 32,6), а и во почетокот на Битие (Шестодневот): Отецот говори, Словото на Отецот твори, а Духот лебди над водите (1Мојс гл.1; сп. Јн 1,2). Св. Иринеј вака се изразува за содејството (заедничкото творештво на Тројцата) во Создавањето: Словото и Духот се две раце на Отецот. Или вака: Отецот приведува во битие, Словото го осмислува творението, Духот го приведува во совршенство создаденото.

Зошто Бог го создал светот? На ова прашање светоотечкото предание одговара: поради преголемата љубов, сакајќи и друго нешто, освен Него, да учествува во радоста на постоењето.

Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата. Небо и земја – целото создание (и духовната и физичката реалност). Под небо, во светоотечкото поимање, се подразбира создавањето на духовниот свет, ангелите (оти небо е символ на духовното: Оче наш, Кој си на небесата…како на небото, така и на земјата…). Пред видливиот свет биле создадени ангелите. За нив често се говори во Библијата (ангел на грчки значи весник), но немаме подетални описи на ангелскиот свет. Од Светото писмо знаеме и за некои нивни имиња (Михаил, Гавриил, Рафаил итн.). Тие се бестелесни разумни битија, личности, нематеријални умови, духови, но „материјални“ во споредба со Бога Кој единствено е Дух, во онаа највозвишена неискажлива смисла. Она нешто што ѝ е откриено на Црквата за ангелите е изложено во делото „За небесната ерархија“ припишано на Дионисиј Ареопагит. Во тој духовен свет постои ерархија, поредок. Ангелите не се сите еднакви по достоинството и близината кон Бога. Има три ангелски ерархии (степени) од која секоја се дели на три чина. Првиот и највисок степен: серафими, херувими и престоли; вториот: господства, сили и власти; третиот: начала, архангели и ангели. Во суштина, ова е некакво непотполно знаење, неслично подобие или неслична сличност на духовната реалност.

Како што во иконографијата ангелите се со човечки лик и крилја (но тие, всушност, се бестелесни, тие се умови, се прикажувале на луѓето како такви, како антропоморфни битија), во таа смисла, и откровението за небесните чинови не ни кажува многу, но ни дава на знаење дека постои некаква ерархија, поредок, во духовниот свет (невидливото е неискажливо со човечки зборови). Сепак, ние немаме потполно знаење за духовната реалност.

Девет ангелски чинови

Според Дионисиј Ареопагит, највисоките чинови се озаруваат со Божествената светлина и се приопштуваат кон Божествените тајни непосредно од Света Троица, а пониските посредно од повисоките чинови. Некои тајни остануваат на повисоките и не се предаваат на пониските чинови. Небесната ерархија преминува на земната, црковната (епископите, свештениците и ѓаконите) која со посредство на небесната ерархија се приопштува кон Божествената тајна.

Бидејќи се личности, разумни битија, ние можеме и општиме со ангелите преку молитвата. Според црковното учење, секој човек има свој ангел пазител.

За злото

Во самата зора од постоењето на создаденото битие, пред создавањето на видливиот свет, по создавањето на ангелите, во духовниот свет се случила една грандиозна катастрофа. Еден дел од ангелите отпаднале од Бога и станале непријатели на доброто и светлината. Водач на тоа отпаднато небесно воинство бил Еосфор, Луцифер или по наше – Светлоносец, во чие име се крие идејата дека првично е создаден добар, но потоа по слободна волја станал зол. И ангелите, како разумни битија, биле обдарени со слободна волја, а тоа значи возможност да се приклонат или кон доброто или кон злото. Слободата Бог ја дал за доброто да не биде нешто дадено однадвор, туку да биде сопственост на личноста. Ако доброто било наметнато од Бога како неопходност, живите разумни суштества не би можеле да станат полноцени слободни личности. Во оваа сторија, всушност, се дава одговорот во христијанското Откровение на дамнешното прашање за потеклото на злото. Бог не создал ништо лошо, сè е добро само по себе, сè е допрено од Божјата рака… Злото нема суштина, како темнината и студот, кои претставуваат отсуство на светлина и топлина. Злото се крие во слободната волја и во таа смисла злото е поврзано со личноста. Сè што е сушто, создадено, е добро. Злото нема суштина, не постои само по себе, туку своето битие го има во личноста, која е носителка на суштината, која по себе е само добра. Значи, злото е изопачено добро, заради слободниот избор на личноста. Затоа во молитвата „Оче наш“ се молиме да бидеме избавени не од лукавото, од злото, туку од лукавиот, од конкретна личност, која слободно го избрала злото.

Злото постои, но не е од Бога, бидејќи Бог апсолутно ја почитува слободната волја, оти без неа би немало полноцени личности, ниту љубов (ако разумните битија, ангелите или човекот, не можеле да згрешат, тогаш тие се сведуваат само на ниво на бесловесните животни). Бог го менаџира, распределува злото што ние го создаваме, како педагог, го употребува љубовно како таткото кон синот (кого го љубам, него го карам и казнувам – вели Он), некогаш да нè освести или да нè запази од поголемо зло (секое лошо за добро е – вели народот, и во тоа се крие голема вистина, а зошто и како не знаеме точно сега, оти ја немаме Божјата перспектива, целата слика). Моите мисли не се ваши мисли и Моите патишта не се ваши патишта – вели Господ (Ис 55,8). Книгата Јов говори за ова сложено прашање (постоењето на злото и страдањето на праведните), но тоа е друга тема за разгледување…

(продолжува)

Г.Г.

Извор:

http://mistagogia.mk/sozdavanjeto-na-duhovniot-i-materijalniot-svet-za-potekloto-na-zloto/



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1127
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1067
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…