
ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ
ГЛАВА ОСУМНАЕСЕТА
За молитвата – четврт дел

Молитвата не завршува со утринското правило. Таа треба да трае во текот на целиот ден, без разлика на тешкотиите што ќе се појават. Владиката Теофан им советува на почетниците да изберат еден краток молитвен стих од Псалтирот, како на пример: „Господи, побрзај да ми помогнеш“; „Боже, создај во мене чисто срце“; „Благословен си, Боже“, или некој друг. Псалтирот нуди голем избор на вакви пократки или подолги молитви. Потоа, како што минува денот, држи ја оваа молитва во умот и повторувај ја што е можно почесто — во себе, шепотејќи или, најдобро, наглас кога си сам и никој не те слуша. Во автобус, во лифт, на работа, за време на јадење — секој пат кога ќе се укаже можност, повторувај ја молитвата и сета своја внимателност насочи ја кон содржината на нејзините зборови. Така целиот ден ќе ти стане проникнат со молитва, сè до читањето на вечерното правило во момент на тишина пред легнување.

Ваков вид молитва е погоден и за оние кои немаат можност за надворешна осаменост, неопходна за утринското и вечерното правило, зашто може да се изговара на секое место и во секое време. Во такви случаи, внатрешната самотија станува замена за надворешната која недостасува.
Важно е честото повторување: со брзи и постојани замави, птицата може да се искачи до облаците; пливачот мора повторно и повторно да ги прави истите движења за да стигне до брегот. Ако птицата престане да лета, ќе мора да живее во магла; ако пливачот запре, под него демне мрачната и опасна длабочина.
Моли се така, од час во час, од ден на ден, без да се откажуваш. Моли се едноставно — без занеси, без роптање, без прашања. „Не грижи се за утрешниот ден“ (Мат. 6:34). На сè ќе ти биде одговорено кога ќе дојде времето.

Авраам го послуша Господа и тргна во непознатата земја без да праша: „Каква е таа земја, Господи, што ќе ми ја покажеш?“ Тој едноставно тргна: „И така тргна Авраам, како што му рече Господ“ (1 Мојс. 12:4). Така постапи и ти. Авраам го понесе со себе сето богатство што го имаше; така направи и ти — понеси го целото свое битие со себе на твоето духовно патување. Не оставај зад себе ништо што би можело да го врзе твоето срце за земјата што ја напушташ, за земјата на многубоштвото.
На Ное му беа потребни сто години за да го изгради ковчегот; трупец по трупец, дрво по дрво, ги носеше на местото на градбата. Така прави и ти: ден по ден, трпеливо и во тишина, гради ја својата духовна градба и не обрнувај многу внимание на опкружувањето. Запомни: Ное беше единствениот човек во своето време кој „по волјата Божја живееше“ (1 Мојс. 6:9), што значи — живееше молитвено. Замисли го метежот, темнината, смрдеата во која живееше, додека не можеше да излезе на свеж воздух и да изгради жртвеник на Господа. Свежиот воздух и жртвеникот ќе ги најдеш во себе, вели св. Јован Златоуст — но само ако по своја волја одиш по тесниот пат по кој одеше Ное.
Така прави сè што Бог ти заповеда (1 Мојс. 6:22), и со секоја молитва и секоја прозба(Ефес. 6:18) гради мост што те одведува од твоето телесно „јас“ и од твоите расеани земни грижи — кон полнотата на Духот. Со доаѓањето на Единиот во твоето срце, исчезнува секое мноштво, вели Василиј Велики. Деновите стануваат цели, чувани од раката на Оној Кој го држи целиот свет во Својата десница.
Тит Колиандер
Подготвил С.Стефковски
28.11.2025
Друго:
Подготвил С.Стефковски
06.11.2025

За Преминпортал подготвил С.Стефковски
04.11.2025 лето Господово

- ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ ГЛАВА ДЕСЕТТА
- ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ ГЛАВА ЧЕТИРНАЕСЕТТА
- ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ Петнаесетта глава
-
ПАТ НА ПОДВИЖНИКОТ ГЛАВА ШЕСНАЕСЕТТА

- ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ ГЛАВА СЕДУМНАЕСЕТТА