логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Секое последователно разгледување на „човековите права“ неизоставно вклучува и посеопфатно сфаќање за тоа што претставува човекот. Прашањето што претставува човечкото битие зазема централно место во религиските истражувања, особено во христијанската мисла. Јасно е дека религиозната свест и верата играат важна улога, како директна така и посредна, во формирањето на погледот кон човековите права и во спремноста на луѓето да ги прифатат тие ставови. Се разбира, меѓународните декларации за правата на човекот и самиот специфичен јазик што е употребен за разгледување на тие проблеми се современа појава. Сепак, црковната историја и православната богословска мисла можат да имаат значаен придонес во разгледувањето на овие суштински прашања.

Архиепископ Анастасиј Јанулатос



Некои општи согледувања во врска со постоечките декларации за правата на човекот


Разгледувањето на соодветните декларации, меѓународни договори и други документи поврзани со човековите права, покажуваат определена флексибилност во начинот на толкување на поимот „човекови права“. Постојаното додавање на нови дефиниции само уште повеќе ја истакнува неговата неодреденост.

Доколку споменатите документи ги наредиме хронолошки, можеме да разграничиме три последователни слоја. Првиот ги содржи примарните основоположнички документи, кои служат како темел за сите слични декларации – од најстарата до најновата; тие ја изразуваат верата во индивидуалната слобода, во еднаквоста на сите без исклучок и во човечкото достоинство. Вториот слој опфаќа документи кои наведуваат специфични граѓански и политички права, ставајќи акцент врз слободата на сознанието, слободата на мислата, слободата на изразување, слободата на медиумите, правото на сите граѓани да се кандидираат за јавна служба, неприкосновеното право за лична сопственост, правото на заштита на личноста и на разликата помеѓу јавната служба и општествениот суверенитет. Документите од третата група се најнови и содржат исцрпни дефиниции на економските, социјалните и политичките права на човекот.


Примарната задача на декларациите за правата на човекот беше да се заштитат граѓаните од своеволната злоупотреба на власта од страна на државата. Во документите после тоа, таа задача сепак беше проширена, така што таа вклучува и заштита на државата од групи и поединци кои бараат власт.

Како илустрација на сегашнава дискусија ќе ја разгледаме Општата декларација за правата на човекот како основен документ. Таа декларација е зрелиот плод на едно продолжено трагање и богат историски опит од еден подолг период на социјален и политички смут, почнувајќи од Американските декларации од 1776 година и Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот усвоена во Франција во 1789 година. Опсегот и аспектите на Општата декларација се очигледно глобални и таа служи како основа за разгледувањето на човековите права и во следните документи.

Православната мисла не секогаш се согласува во потполност со сето она што понекогаш се става под темата „човекови права“. Се разбира, постои неоспорна согласност и апсолутна потврденост во однос на суштинските сфаќања за слободата, еднаквоста и човечкото достоинство. Повеќето од идеите за човековите права се преземени од православната мисла како заклучоци од нејзините сопствени ставови за човечката природа. Сепак, постојат и доста прашања во однос на кои Православието претпочита да не зазема став, дозволувајќи им да останат отворени за истражување во рамките на човечката мисла.

Кога расудуваме за она со коешто православното мислење се согласува и она кон кое има подозрение, не треба да забораваме дека погледите на декларациите за човековите права и погледите на религијата имаат различни претпоставки. Споменатите декларации се обидуваат да го регулираат човечкиот живот врз основа на сфаќањето дека луѓето се политички суштества и следствено потчинети на власта на владетелот; декларациите за правата на човекот се занимаваат со врската помеѓу поединецот и државата. За Православната црква, пак, она „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога“ (Матеј 22,21) оцртува јасна граница која ја одделува сферата на религијата од сферата на државата, Христијанската вера започнува и завршува со Бога. Православието никогаш не го востановува или восприема социјално политичкиот систем, онака како што, на пример, тоа се обидува да го направи исламот; никогаш не ги објавува земските институции за апсолути. Тоа секогаш се обидува да ги постави овие институции во контекст на нашиот живот во Христа и во Светиот Дух.

Има и друга јасна разлика во начинот на којшто декларациите и религијата се стремат да ги постигнат своите цели. Декларациите се обидуваат да ги наметнат своите погледи преку правни и политички форми на принуда, додека христијанската порака е насочена кон мислата и совеста на луѓето, ползувајќи го убедувањето и верата. Декларациите по принцип ја истакнуваат надворешната потчинетост, додека Евангелието настојува на внатрешно восприемање, духовна преродба и преобразба. Секој обид да се разгледаат правата на човекот од православна гледна точка бара јасно разграничување на овие две перспективи.


(Продолжува…)

 

https://bigorski.org.mk/etika/pravoslavieto-i-chovekovite-prava-part1/

 

 

 

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…
Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 4522
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 4292
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 3799
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…