7 декември 2025 година
Свети великомаченици Екатерина и Меркуриј
(XXVI Недела по Педесетница) Евангелие: Лука 13, 10-17; зачало 71
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Благочестиви христијани,
Во денешново Евангелие ја слушнавме приказната за излекувањето на подгрбавената жена и овој денешен текст, пренесен до нас од светиот апостол и евангелист Лука, сло'бодно можеме да го наречеме Евангелие за подгрбавеното тело и подгрбавените души.
Имено, апостол Лука опишал едно од низата чуда направени од Господ Исус Христос, поточно излекувањето на жената која осумнаесет години била болна. Во описот на ова чудо мораме да разликуваме две состојби: Подгрбавеното тело во коешто страдала исправената душа на жената и подгрбавената душа на лицемерниот старешина на синагогата. Како што е опишано во Евангелието, жената, којашто и Самиот Господ Исус Христос ја нарекува ќерка Авраамова, страдала од згрбавеност и речиси две децении гледала во земјата, во земниот прав, и поради својата жална состојба била отфрлена од луѓето и никој, освен ако не морал, не се доближувал до неа. Но, внатре во себеси, оваа жена не се разликувала од било која друга жена- таа, соочена со болеста, не ја губела надежта дека, еден ден, ќе може да го види светот како што би требало секој човек да го гледа; таа одела во Божјиот дом, во синагогата, и таму принесувала молитви на Семоќниот Бог да ја ослободи од страданијата. Молитвите на оваа страдалничка се исполниле со силата на зборот на Богочовекот Христос Кој ја ослободил од болеста. Во својата скромност згрбавената жена дури и не Му се обратила на Спасителот, туку, како што опишал апостол Лука, "штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: Жено се ослободуваш од болеста своја." (Лк. 13, 12) "Ѝ ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога." (Лк. 13, 13)
Но, како реакција на ова чудесно исцеление, веднаш се појавила една згрбавена душа во исправено тело - старешината на синагогата. Овој формалист, кој очигледно сметал дека саботата е поважна од човекот, бил во исправено тело, но душата негова била длабоко заринкана во калта на себичноста и себељубието.
Браќа и сестри,
Во денешно време се водат кампањи за рамноправен третман на лицата со посебни потреби од типот на оваа подгрбавена жена. Но дали ние не сме тие кои покрај овие луѓе поминуваме со исправено тело, но со згрбавена душа. Размислете само колку пати сме поминале покрак хендикепираните лица без воопшто да помислиме како им е на тие луѓе; колку пати сме го отргнале погледот од овие страдалници, сметајќи се себеси за подобри и подостојни од нив. Уште еднаш ќе ве потсетам дека богољубието и човекољубието се двете основни граници меѓу кои се движи суштината на нашиот живот и можноста за нашето спасение. Од богољубието доаѓа себељубието - од чувството на Божјата благодат доаѓа смирението. Секое човекољубие без богољубие, и обратно, е лажно. Љубејќи се само себеси, човекот не Го љуби ниту Бога, ниту ближниот, тој не се љуби вистински ниту себеси, туку го љуби само своето препотентно мислење за себеси. Затоа, себељубието воопшто не е љубов, туку прераснува во болест.
Но, Христос, Богочовекот, ги повикува сите чијшто дух, душа и ум се искривени и згрбавени. Он е Единствениот што може да го исправи она што овој свет, под влијание на пеколните сили, го искривил. Затоа, нека Му е слава и благодарност на Христа Спасителот, заедно со Отецот и Светиот Дух, постојано, сега и секогаш, и во вечни векови.
Амин.
Скопје,07.12.2025 - Божествена Литургија во хрмот на св.вмч.Димиртиј


























