логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 3.angeli.so.truba



Дијагноза и терапија (28.04.2020 18:15)

Се појави потреба да разјасниме уште некои подробности.

Секој еден христијанин кој ќе ја дознае и разбере класификацијата на душевните разболувања според нивните степени, како и класификацијата на степените на духовниот развој; и кој ќе ги разликува, барем теоретски, одредниците на границите меѓу степените на душевното разболување, како и меѓу степените на духовниот развој; таквиот, не може а да не сфати, колку е битно да си ја знае состојбата и колку е битен подвигот на восогласување на начинот на неговиот живот со степенот од духовниот развој или со степенот на душевното разболување на кое се наоѓа. Едноставно, без точна дијагноза, нема ни точна терапија.

Јасно е дека секоја неподобност и невосогласеност на начинот на живот, или подвиг, со степенот на болната душевна состојба или со степенот на духовниот развој е прелест. Прелеста, голема или мала, дефинитивно го попречува душевното заздравување или духовниот развој. Што значи, ако некој душевно страда, таквиот ќе го прилагоди своето однесување со потребите за заздравување, кои пак, ќе бидат во согласност со тежината и со видот на душевното страдање. Додека, пак, ако некој духовно расте, таквиот ќе го прилагоди своето однесување со потребите на духовниот напредок, кои пак, ќе бидат во согласност со стадиумот на духовната зрелост. Со други зборови, без точна терапија, нема исцеление.

Уште едно восогласување христијанинот треба да има предвид, а тоа е восогласувањето на начинот на неговиот живот и со местото и улогата што ги има во општеството или во Црквата. Секоја позиција и секоја улога во општеството, како и во Црквата, си имаат свои задачи и цели, свои привилегии, но и своја одговорност, кои е невозможно да се превидат. Секоја појава на невосогласеност и во овој дел, а во комбинација и со потребата од првото восогласување, е не мала прелест. Но, второво восогласување е просто невозможно без првото восогласување, затоа и не го обработуваме подетално, преку примери.

Пример за првото восогласување: ако некој се наоѓа на степен од религиозна невроза, а е сепак од оние со добронамерен подвиг (пости, се моли, се исповеда, се кае, се причестува), сепак, не може да си дозволи (кога веќе ги знае границите) да мисли дека го чисти своето срце од страстите или дека е некој просветлен или, не дај Боже, обожен. Затоа што, колку е поголема разликата меѓу она што некој е и она што си мисли дека е, толку е поголема прелеста.

Исто така, многу внимателни треба да се и христијаните, од претходно наведениот пример, кои покрај добронамерниот подвиг имаат и некакви свештенички позиции во Црквата, а со тоа и некои посебни дарови (за проповед, за пишување, за советување, за организирање итн.). Таквите треба да знаат дека тие дарови се, пред сѐ, за надградување на Црквата, и ни случајно не смеат да си ги припишат на своите способности, затоа што ќе навлезат во областа на прелеста. Не смеат ни оние што се избориле за нив, а камоли оние што не...                         

Итн., итн., духовниот живот е многу едноставен за оние што се смирени...

Што се однесува до духовниот раководител, односно психотерапевт, треба да се знае дека: според учењето на учителите на Црквата, оној што е на степен на очистување може да му помогне на оној што го вознемируваат неврози; оној што е на степен на просветлување, покрај на невротичните лица, може да им помогне и на психопатите и социопатите; а оној што е на степен на обожение (чудотворец – исцелител) може да им помогне, односно да ги исцели, покрај првите два вида, и лицата со психоза, како и демоноопседнатите.

Кога зборуваме за психоза од аспект на христијанската психотерапија, подразбираме четири состојби: прва, декомпензација на его силите и механизмите на одбрана со губење на тест на реалноста, односно губење контакт со реалноста; втора, истото тоа, само поврзано со религиозни мотиви; трета, отворена и јасна демонизираност (демоноопседнатост); и четврта, суптилна демонизираност, како свесно исполнување на демонската волја. Со тоа што првите две состојби најчесто спаѓаат во класична душевна болест, иако и кај нив може да се појави (или крие)  демонизираност, додека суптилната демонизираност нема речиси никаква врска со класична душевна болест (иако и така може да заврши) – дури таквите поединци може да се и исклучително интелигентни и функционални во социјалниот сетинг. Суптилната демонизираност ја класифицираме како најтешка душевна болест, затоа што да му служиш свесно на демонот, народски кажано, а и од аспект на есхатонот, е исто што и да се мрднеш од умот. Отворената демонизираност е најлесна психоза за лекување.

Демонот може да се сретне на сите степени од душевното разболување, но и на сите степени од духовниот развој на личноста. На оние од степените на душевно разболување, преку помислите и однесувањето по навика (заробеност), се обидува да ги задржи во актуелната состојба и да ги повлече подолу, кон полоши состојби. На таквите воопшто не им помага да се на високи позиции во Црквата или во општеството. На оние од степенот на очистување на срцето од страстите ги напаѓа однатре, преку помислите, затоа што срцето им е сѐ уште заробено од страстите и затворено за умно-срдечната молитва. На оние од степенот на просветленост на умот – со дарот на молитвата на срцето, не може да ги нападне однатре, па ги напаѓа клучно однадвор – преку луѓето, негови слуги, во обид да ги активира недопреобразените страсти на срцето. На оние од степенот на обожение, покрај надворешениот напад од луѓето, и самиот им се појавува и пробува да ги уплаши или опрелести, та самите да направат нешто лошо.  

И уште ова: свесната демонизираност (демоноопседнатост) христијанската психотерапија ја класифицира во третиот степен на душевно разболување, додека пак, несвесната демонизираност (демоноопседнатост) ја класифицира во растројство на личноста, односно психопатија или социопатија.

Клучно во борбата со  демонот е да освестиме дека: нашата борба не е против крв и тело…, туку против духовните сили на злото од поднебесјето (види: Ефес. 6, 12), како и дека ние сме секогаш виновни за сѐ, поради немањето сила на злото да одговориме со добро, односно поради нашата нељубов, односно поради нашата несличност со Богочовекот Христос. Демонот секогаш се труди да се сокрие и, преку помислите, да нѐ убеди дека за сѐ е некој друг крив, а никогаш ние (посебно, не демонот – тој не постои), како и дека нашата борба треба да е против тој друг човек, кој е виновен, односно против крв и тело. Лесно се разликува првиот од вториот случај.

Христос Воскресе!

Митрополит Струмички Наум

http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7276

 

   

Прирачна психоанализа (26.04.2020 12:47)

Многубројните деструктивни поделби меѓу православните, во рамките на една и иста Православна Црква, се индикатор на различни психопатолошки состојби. Поделбите се, самите по себе, дијагноза. Исто така, и социјалните мрежи се идеална платформа за експлицитно демонстрирање на сите можни болни душевни состојби. Односно, пројавените психопатолошки феномени, на разните лични профили од социјалните мрежи, сакале или не, претставуваат соодветна манифестација на индивидуалната психичка состојба, како свесна или несвесна индивидуална проекција.

Знаете дека православната психотерапија го дели начинот на човековото постоење во две категории: на противприроден и природен начин на живот.

Во противприроден начин на живот, на човек кој себеси се претставува како верник, спаѓаат три болни душевни состојби кои, од помалку лоша до најлоша, модерната психологија и христијанската психотерапија ги степенуваат и означуваат како: религиозна невроза, религиозно растројство на личноста (психопатија и социопатија) и религиозна психоза, односно демонизираност.

Религиозна невроза му се случува на оној што не ги контролира своите мисли и чувства. Религиозно растројство на личноста му се случува на оној што не ги контролира своите зборови и дела – таквиот го карактеризира и голема бесчувствителност. Додека, пак, демонизираност му се случува на оној што, свесно или несвесно, ја исполнува токму демонската волја – таквиот го карактеризира крајна бесчувствителност. Трите состојби можат да бидат и често се суптилни.

Во природен начин на живот на христијанинот спаѓаат три духовни состојби кои, од начелно исцелителна, преку архетипна, до совршена – по подобие, Светите отци во христијанската психотерапија ги степенуваат како: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот – со дарот на умно-срдечната молитва, и обожение.

Аскетската умно-срдечна молитва е Божјиот дар што го одвојува вториот од првиот степен на духовниот развој, а благодатната, односно непрестајната умно-срдечна молитва е Божјиот дар што го одвојува третиот од вториот степен на духовниот развој.

Запаметете го и ова: која било појава од кој било степен на душевното разболување може да се забележи кај кој било од наведените степени на духовниот развој, и обратно; но сепак, клучните одредници на границите меѓу кои и да било од наведените степени остануваат непоместени, а најчесто и самите степени на кои се наоѓа човекот. На пример: кај обожениот може да се случи лоша мисла, многу тешко лош збор, а речиси невозможно е лошо дело, ама сепак, може. Или, кај демонизираниот може да се случи добро дело, добри зборови за друг, како и навидум добра замисла за општо добро, ама тешко и крајната цел да е добра. Можни се и сите други комбинации на појави, од сите, на сите наведени степени – намерно и ненамерно. Тоа кај неопитните, кај оние што не ги разликуваат границите меѓу степените, секако ќе направи забуна, која може да се манифестира на различни начини (како озборување, осудување, соблазна или, пак, како пофалба, следење, воодушевување и сл.) кон лица и кон состојби кои тоа не го заслужуваат.

Јасно ли е сега, на пример, зошто толку често се случува светители да бидат осудувани, а лажни пророци да бидат следени. Или, зошто толку многу отсуствува расудувањето, денес, при чисти и јасни знаци за нештата. Или, зошто често се промашува големата слика, а од нејзините мали делови се проектираат големи лаги. Односно, зошто на луѓето повеќе им омиле темнината... (види: Јован 3, 19).

Исто така, знаете дека, преминот од противприроден во природен начин на живот се случува само доколку човек стане жив член на Црквата – Воскреснатото Тело Христово (тоа е првиот услов), и доколку влезе во целосрдечно послушание, односно под духовно раководство на духовен отец (тоа е вториот услов). Значи, и послушанието е conditio sine qua non – услов без кој не се може. Подвигот на послушание кон духовен отец трае сѐ додека не се достигне степенот на просветлување на умот – со дарот на умно-срдечната молитва, не и потоа.

 Општопознато е дека, од различни причини – најчесто субјективни, вториот неопходен услов (послушанието) од духовниот православен живот, малкумина го исполнуваат; затоа – да не должам, ситуацијата е таква каква што е: прво, голем број христијани се наоѓаат во религиозна невроза, некои од верните и многумина од свештенството се наоѓаат во религиозно растројство на личноста (религиозна социопатија или психопатија), а за жал, некои од нив и во религиозна психоза (демонизираност). Во овие последните спаѓаат оние што, на пример, во време на подмолен прогон на христијанството, без некои сериозни канонски причини, не признаваат цела Помесна жива Црква, а што е најстрашно – ниту ги интересира решавањето на нејзиното прашање. А за одличен пример на социопатија би ги истакнал оние што шират апокалиптични вести, со кои, пак, ги плашат оние што се наоѓаат во религиозна невроза – како Апокалипсата да зависи од некој надворешен фактор, а не од нас; оние што јавно осудуваат и навредуваат личности, наместо, доколку имаат некој духовен основ (просветлување на умот), да критикуваат гревовни состојби и дела; како и оние кои не сочувствуваат со страдањата на своите ближни и не им помагаат. Има и многу други несоодветни однесувања за показ...

Работите не се црно-бели, како што веќе напоменав, но ги објаснувам школски и накратко. На пример, постои и една посебна и многубројна категорија христијани кои, иако се наоѓаат во религиозна невроза, со некоја добронамерна идеја се трудат во духовниот подвиг (се исповедаат, постат, се причестуваат, се молат, се покајуваат и плачат), дури достигнуваат и до делумно очистување на енергијата на умот, но поради неисполнување на вториот услов – послушанието, доживотно остануваат во една падни-стани состојба, во едно постојано мачење, без да ги вкусат плодовите од својот труд. Понекогаш Бог и на таквите им дава некои посебни дарови поради посебните позиции и служби во Црквата, и што е најважно – поради самата Црква, но тоа не ја менува нивната состојба на религиозна невроза; и слично... Следствено, никој не треба овие дарови да ги сфати како основ за утеха, оти тоа би било прелест која би го запрела стремежот вистински да се допре до Бог. Инаку, ако некој правилно премине од противприроден во природен начин на живот и зачекори по патот на очистувањето на срцето од страстите, нема како а да не стигне и до просветлување на умот и дарот на умно-срдечната молитва. Господ не е неверен, туку верен, не се кае за Своите дарови, сака да стигнеме до мерата на полната возраст на Христовото совршенство, и волјата Негова е да ни го дарува Царството Небесно (види: Рим. 3, 4; 11, 29; Ефес. 4, 13; Лука 12, 32).

Барањето на светиот апостол Тома да го допре местото на Христовото Тело прободено од копјето, не е ништо друго туку токму тој стремеж вистински да се допре до Бог, односно преку молитвениот опит на благодатна заедница со Бог во срцето – да Го познае Бог, а не само да слуша нечии проповеди за Него. Потоа немало потреба кој било друг да му сведочи за Бог, затоа што Тома самиот ќе стане Негов верен Апостол и сведок, до маченичка смрт. Ова за денешниот христијанин би значело, преку опитот на послушание кон духовниот отец да го оствари преминот кон вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот со дарот на умно-срдечната молитва, односно, преку распнување и смрт на паднатата логика (разум) на крстот од послушанието, да достигне до воскресение на умот и гледање на несоздадената Божествена светлина.

Христос Воскресе!

P.S. Драг читателе, сето ова што го напишав нема за цел да навреди некого, туку должен сум да поучам, ако не поради тагата од постоечката ситуација, тогаш барем по службена должност; да не ми биде речено после – дадено ти беше, а не го сподели. Православната психотерапија е цела една наука, подложна на испитување и проверка; забележана од Светите отци на Црквата, со свој предмет на изучување, со свои задачи и цели, со своја методологија и систематизација, со свој јазик, во една Божествена хармонија. Жално е некој да се труди да биде и да се нарекува христијанин, а да не ги знае и разликува барем основните поими на својот подвижнички живот.

P.P.S. Текстот е дел од студија, во серијата научни трудови, за меѓународен конгрес, подготвена под наслов: „Класификација и краток опис на душевните заболувања од аспект на христијанската психотерапија“.

Митрополит Струмички Наум

 http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7275

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5755
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6571
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6356
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5551
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Најново од духовност

Православен календар

 

15/04/2024 - понеделник

Велигденски пости; (строг пост)

Преподобен Тит Чудотворец; Светите маченици Амфијан и Едесија;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Христов исповедник преподобен Никита 3 април / 16 април 2024

Тропар на светиот Христов исповедник преподобен Никита 3 април / 16 април 2024

Исповедниче на православието,пастиру на овците словесни,велик молитвенику, од Никифора преподобниотдуховно роден, од Тарасие Патријархотсо оклопот на свештенство облечен,

 Тропар на преподобниот отец наш Тит чудотворец 2 април / 15 април 2024

Тропар на преподобниот отец наш Тит чудотворец 2 април / 15 април 2024

Небесата сведочат за твоите подвизи,преподобен оче наш Тите,земјата те восфалува со сведоштво на твоите ученици,кои по делата на верата твоја...

Тропар на светата преподобна мајка Марија Египетска 1 април / 14 април 2024

Тропар на светата преподобна мајка Марија Египетска 1 април / 14 април 2024

Пустината се напоисо твоите топли солзипесокта ја претвориво молитви кон Бога непрестајниветрот ја пренесе милоста Божја по твоите молитвидо оние...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная