логоFacebookTwitterYouTubeeMail

    Обновено       


Митрополит Струмички Наум

naum.sredenie.jpg


Заради соединувањето според Ипостас, Богочовекот Христос немаше потреба, Он лично како Бог – како една сложена Божествена Ипостас која во себе содржи две природи неразделно, неслиено, неразлучно и непроменливо соединети – да исполнува ниту едно правило или обичај од старозаветниот Закон. Ниту имаше потреба од обрезание во осмиот ден, ниту од претставување пред Бог во храмот на четириесеттиот ден, ниту од принесување на жртви за очистување, ниту од послушност кон родителите, ниту од што било кое според Законот требаше да се исполнува.

Но, зошто да зборуваме за старозаветниот Закон? Па, Он лично немаше потреба ниту од Крштение, ниту од Преображение, ниту од Тајната вечера, ниту од Распетие, ниту од смрт и Погребение, ниту од тридневно Воскресение, ниту од Вознесение! И природно, логички се наметнува прашањето: зошто тогаш се случува целата оваа Божествена Икономија (Домострој), оваа Божествена интервенција меѓу луѓето во светот и времето? Одговорот е ист како што читаме и во Симболот на верата: „заради нас и нашето спасение“...! Од љубов сме создадени и од љубов, после падот, сме спасени.

Последиците од падот, во човековата природа, не би можеле да се исцелат доколку таа не стана и природа на Синот Божји и доколку на тој начин не го помина целиот човеков животен пат од раѓањето, преку страдањето, до самата смрт и воскресение. Богочовекот Христос и самата смрт ја посвои за да ја уништи со Своето Воскресение. Но, Христос ги презеде само непропадливите (нетрулежните) страсти на човековата природа, последици од Адамовиот грев и пад: гладот, жедта, заморот, напорот, страдањата, солзите, стравот пред смртта и самата смрт и сите останати кои по природа им припаѓаат на сите луѓе. Богочовекот зеде сè освен гревот, односно подложноста на грев.

Отец Јован Маендорф, согласно свети Леонтиј Ерусалимски, вели: „Предвечниот Логос е субјектот [на кое било страдање и] на смртта Христова, зашто во Христос нема друг личен субјект освен Логосот – единствено ‘некој’ може да умре, а не ‘нешто’ или природа или плот.“ Синот и Логосот Божји е субјект на страдањата, но своеволно, а не заради самата страдалност на човечката природа. Овој персонален аспект на православната Христологија секогаш треба посебно да се нагласи.

Затоа, Богочовекот Христос е Тој Кој нè спасува, пред сè со Својата Личност, како Богочовек, и како таков, со сите Негови богочовечки и спасоносни дела и случувања од Неговиот живот: со раѓањето, со крштението, со преобразувањето, со распнувањето, со смртта, со воскресението, со вознесението и испраќањето и своеволното слегување на Светиот Дух Господ; и со основањето на новозаветната Црква како Тело Христово.

            Како што вели светилникот на Православието, свети Григориј Палама: „Човечката природа на Исус во ипостасна смисла е едно со Логосот, и во неа божествените енергии, кои го имаат Логосот за свој извор, проникнуваат во создадената природа и ја обожуваат.“ И, како што научивме пак од овој свет Отец, ова соединување според Ипостас и ваквото обожение на човечката природа на Исус Христос им станува извор на божествениот живот и обожението на сите оние што се во Него, на сите оние што се во Црквата и што живеат во нејзините свети Тајни и со нејзините свети добродетели.

            Читав негде одамна кај авва Јустин Ќелиски – ако добро се сеќавам, дека ние православните Христијани сме Христос продолжен низ сите векови, дека Христос го живее нашиот живот и дека ние го живееме Неговиот живот. Среќавајќи се постојано во нашиот живот со Тајната Христос и живеејќи ја таа Тајна, забележуваме дека Богочовекот Христос преку Својот живот нѐ води и ни ги покажува трите степени на духовниот развој. Низ нив, нормално, ние треба да поминеме, а не дека Он ги поминувал.

Од Своето Зачнување и Рождество па сѐ до Своето Крштение ни го покажува степенот на очистување на срцето од страстите. И што уште ни покажува? Ни покажува многу јасно и силно дека ако сакаме правилно и без пречки да го поминеме и надминеме овој степен, не ќе можеме на друг начин освен, главно, преку апсолутно послушание на својот духовен отец. Гледајте Го Христос, Кој иако Бог, колку до совршенство им е послушен на Својата Мајка и на Праведниот Јосиф како и на правилата на Законот, и тоа до Својата триесетта година. Што да кажам за нас денеска кои доаѓаме во манастир и како да немаме појма што ни се случува, а камоли нашиот ум доброволно да го предадеме во потчинетост односно под духовно раководство на нашиот духовен отец?! После сакаме умносрдечна молитва и високи духовни дострели? Како да не, утре сабајле...! Башка што сме во прелест дека нешто знаеме и дека имаме некаква просветленост. Башка што цело време духовно се самораководиме, па уште сакаме и други да раководиме... А за композицијата од прелести што потоа се налепува сега немам ни време ни место да зборувам. Ги гледаме сегде околу нас...

Од Своето Крштение па до Своето Погребение Христос ни го покажува степенот на просветлување на умот. И што уште ни покажува? Ни покажува многу јасно и силно дека ако сакаме правилно и без пречки да го поминеме и надминеме овој степен, не ќе можеме на друг начин освен, главно, преку многустрадалната љубов кон непријателите и преку секојдневно повеќечасовно погребување на нашиот ум во длабочините на нашето срце.

Од Своето Воскресение па сѐ до Своето Вознесение ни го покажува степенот на обожение на нашата личност, и на душата и на телото. И што уште ни покажува? Не знам, ќе видиме...

Деца, на нас останува да покажеме дали сакаме Христос да Го сретнеме и примиме во нашите прегратки на крајот од нашиот живот; или, сакаме да Го сретнеме и примиме во прегратките на нашето срце уште во нашата младост, како извор на непоматена радост, светлина и сила; или, сакаме како Апостолот со неизглаголива радост да воскликнеме: „и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме засака и Себеси се предаде за мене“ (Гал. 2, 20)...

(според записот на сестрите)

  Лето Господово 2008                                                                                                                                     Посети:{moshits}



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 3013
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 2264
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…