логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Bogorodica.Markov.freska.jpgV. ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ВО СВЕТОТО ПРЕДАНИЕ

Православната црква се држи до она што е речено во Светото писмо и во Светото предание за Пресвета Богородица и секојдневно ја прославува во своите храмови, молејќи од неа помош и заштита.
Не само оние што веруваат, туку и оние што не веруваат во Бога, знаат колку е значајно и сосема посебно местото, што во христијанската вера и во животот (преданието) на Црквата го зазема почитувањето на Дева Марија. Од најраните времиња, црковното предание Дева Марија Ја нарекува: Мајка Божја, Богородица, Пречиста, Сесвета.
Навистина, во Светото писмо, иако постојат бројни старозаветните пророштва и праслики, во Новиот завет релативно малку се кажува за Дева Марија. Но затоа, пак, во Светото предание, што за Црквата претставува усно Свето писмо, се кажува многу за нејзиниот живот. И нам не треба да ни е чудно зошто во Светото писмо нема многу податоци за Пресвета Богородица; зашто Светото предание и Светото писмо се подеднакво важни, подеднакво неопходни, подеднакво незаменливи.
Од Светото предание познато е дека Марија била ќерка на престарените Јоаким и Ана и дека Јоаким потекнувал од Давидовата царска лоза, а Ана била од свештенички род. Но, иако од познат род, тие биле сиромашни. Мегутоа, не била сиромаштијата она што ги жалостело; туку фактот дека не можат да имаат деца и дека не можат да се надеваат дека нивните потомци ќе го видат пророкуваниот Месија. Презрени и отфрлени од Евреите, поради нивната неплодност, светите богоотци се оддале на молитва; и ете, ангел Господов им се јавил и им соопштил дека тие ќе зачнат и ќе родат ќерка. 
Преданието, пак, за Воведението, исто како и другите предание за животот на Пресвета Богородица, сочувани се кај разни отци и писатели на Црквата и во многубројни црковни песни. Бидејќи светите Јоаким и Ана Му ветиле на Бога дека ако имаат дете ќе Му го посветат Нему, така Богородица, како тригодишно дете била однесена во Ерусалимскиот храм. Ова црковно предание за воведението почнало да се запишува веќе од II век во т.н. апокрифни евангелија, а во IV и V век тоа е познато, веќе, во целиот христијански свет.
Податоците за животот на Пресвета Богородица по Вознесението Христово, во Светото писмо се доста оскудни. Но Светото предание ни сведочи дека пред разделувањето на апостолите, тие фрлиле ждрепка кој каде да го проповеда евангелеието. Свети Јован Богослов отишол, заедно со Богородица, во Ефес. Оттаму Богородица, според Преданието, го посетила св. Игнатиј Богоносец во Антиохија, воскреснатиот Лазар, епископ Кипарски, и светата Гора Атонска, која ја благословила. Потоа, Дева Марија повторно се населила во Ерусалим, во домот на св. Јован Богослов, поминувајќи ги деновите во молитва и посетување на местата коишто Нејзиниот Син ги осветил со Своите пречисти нозе и каде што се случиле најважните настани од животот на Спасителот, како: Витлеем, Гетсиманија, Елеонската Гора, Голгота и Гробот Христов. Во ова имаме основа за христијанскиот аџилак. Јудејците, омразата кон Воскреснатиот Христос, ја пренеле и на Богородица. Бидејќи знаеле дека Богородица секој ден доаѓа на Голгота, на Гробот Христов, поставиле на Гробот стража за да не пуштаат никого да влезе, а кога ќе дојде Дева Марија, да ја убијат. Бог им испратил на стражарите слепило, за да не можат да видат кој доаѓа на Гробот. И кога еднаш, поклонувајќи се, се молела на Елеонската Гора, за да го види крајот на Својот живот и за Господ да ја земе кај Себе на небо, заедно со неа се поклонувале и маслиновите дрвја, воздавајќи ѝ слава. А пред неа стоел архангел Гавриил и ѝ објавил дека за три дена ќе отиде при Бога. Во знакот на победата на смртта и телесната нераспадливост, архангелот ѝ дал рајска гранка, која требало да се носи пред нејзиниот одар, при погребот. Кога се случило успението, сите апостоли на чуден начин биле грабнати и одведени во Ерусалим за последен пат да го видат пречистото тело на Богомајката. Единствено, по Божја промисла, задоцнил апостолот Тома и дошол на гробот на Богородица дури третиот ден по Нејзиниот погреб. Кога апостолите го отворил гробот, за да се поклони и апостол Тома, не го нашле пречистото тело во гробот, туку само погребната плаштаница, која ширела благоухан мирис. Апостолите од ова поверувале и ја научиле сватата Црква да верува дека Пречистата Мајка Божја, во третиот ден по погребот, била воскресната од својот Син и земена со своето тело на небото. Потоа апостолите влегле во гробот и ја зеле оставената плаштаница, како сведоштво дека Богородица станала од гробот и се населила во станот небесен.
Од преданието на апостолите и нивните ученици дознаваме за нејзиниот лик и нејзиниот карактер. Така, св. Дионисиј Ареопагит, уште додека била жива Богородица, дошол од Атина во Ерусалим да ја види. Тој му напишал за својата средба со Богомајката на својот учител, светиот апостол Павле: „Сведочам пред Бога, дека освен Самиот Бог, нема друго битие кое е исполнето со таква духовна сила и благодат. Никој не може целосно да го сфати она што го видов. Исповедам пред Бога: Кога, во присуство на свети Јован, кој светеше меѓу апостолите како сонце на небото, бев доведен пред ликот на Пресвета Дева, доживеав нешто неискажливо. Ме озари некаков силен духовен блесок, кој ја пронижа мојата душа. Почувствував благоухание со неискажлива миризба и бев исполнет со такава радост, што во самото свое тело почувствував слабост, а мојот дух едвај можеше да ги поднесе овие зраци и белези на вечна величенственост и небесна моќ. Благодатта од неа ми го обзеде срцето и го потресе мојот дух. Да не ги имав на ум твоите упатства, ќе ја сметав неа за Бог.“ 
Нашата вера не е ниту од човек, ниту преку човек, туку преку откровението на Исус Христос, која светите апостоли ја проповедаа, свештените Вселенски собори ја потврдија, најголемите и најмудри учители на вселената ја пренесоа преку нивното учење и светите маченици ја потврдија со нивната крв. Го чуваме чисто преданието кое го примивме. Не можеме да го негираме животот на Црквата, тој „непрекинат синџир.“ 
Затоа сè што ни кажува Светото предание за Мајката Божја, го чуваме како најголема светиња од која црпиме благодат, бидејќи таа е наша застапничка пред Бога; и самото спомнување на нејзиното име ни ја радува душата. Но и целото небо и целата земја се радуваат за нејзината љубов.
Еден наш современ православен егзегет, говорејќи за св. Ап. Лука, вели: „Свети Лука во своите записи го отсликува целиот Исток. Тој е добар сликар и со зборови и со бои. Лука бил и иконописец. Тој мирен и урамнотежен човек, добро Го опишал со зборови Господа Исуса Христа, а со бои Пресвета Богородица, изработувајќи ја нејзината прва света икона. Мирната и сигурна рака на докторот, апостол, евангелист и уметник, со сигурност ги држела: перото, за пишување на Светото евангелие и Делата на светите апостоли; скалпелот, за хирургија; и четката за светата икона на Богородица.“  
Имајќи визуелна потврда во иконите на светиот апостол Лука, но и во сведоштвото на апостолите, а најверојатно и во кажувањата на мнозина кои биле во директен контакт со Богомајката, Светото предание, кое во своите дела го запишал црковно-историскиот писател Никифор Калист, дава ваков опис на надворешниот изглед на Пресвета Богородица: „Богомајката беше со среден раст, или, како што некои кажуваат, малку повисока од среден раст, косата ѝ е златовидна, очите живи, со боја на маслинка, веѓите ѝ се долги и умерено црни, носот подолг, усните како ружа, полни со слатки зборови, образите не ѝ се сосем округли, но не се ниту долги, туку се долгнавести, рацете и прстите ѝ се долги“.    
 
 
VI. ЗАКЛУЧОК

 Сумирајќи го значењето на празникот Благовештение, во својата Беседа, посветена токму на овој ден, Никола Кавасила вели: „Воплотувањето не било само дело на Отецот, преку Неговата сила и преку неговиот Дух, туку било, исто така, на волјата и верата на Дева. Без согласноста на Непорочната, без согласноста на нејзината вера, планот бил исто толку неостварлив, колку и без интервенцијата на Трите Божествени лица“  Пресветата Дева е првото обожено суштество, преку неа јасно се сведочи Божјиот план во однос на човештвото, зашто Дева го претставува совршеното единство на човечкото и божественото. А тоа е остварливо единствено, потенцирајќи го она што претходно го наведовме кај Кавасила, преку сопственото слободоумно прифаќање на Бога, односно преку смиреното предавање на неговата волја.
 Колку е значајна Пресвета Богородица за човечкиот род и зошто таа се нарекува почеток на Новиот завет, сведочат следниве епитети со кои ние ја овенчуваме: Првина на Царството, Небесна Порта, Небеса, Божји храм, Порта на спасението на светот итн.
 Зошто ја нарекуваме Дева – врата на Новиот завет? Современиот црковен мислител, Павле Евдокимов, одговара: Давајќи му ја својата плот на Христа, Неговата Мајка станала Негов род. Литургиските текстови непрестајно повторуваат дека во плотта која таа Му ја дала на Христа, сите човечки суштества почнале да учествуваат во божествената природа на Словото. Он (Христос) е единствениот, Девата е првата, онаа што оди пред човештвото и сите ја следат. Таа го раѓа Патот. Таа е претставена како права насока. Како огнен столб што нè води до Новиот Ерусалим
 Пресвета Богородица со своето смирение и своето послушание, со своето дество, земено и во духовна и во телесна смисла, е архетип и на православното монаштво. Можеме слободно да кажеме, дека таа е родоначалник на „крвотокот на Црквата“, како што се нарекува монаштвото. 
 Од друга страна, пак, од тоа колку високо Црквата ја поставува Богомајката, јасно се гледа и односот на Црквата кон жената. А, Црквата, Богородица ја слави како почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. Пресвета Богородица е Мајка на Христа и е Мајка на Црквата.

 

Друго:

 

 

Diplomska.Josif.jpg

ДИПЛОМСКА РАБОТА

БОГОРОДИЦА - ПОЧЕТОК НА НОВИОТ ЗАВЕТ

Ментор:   Протоѓакон  Проф. д-р Ратомир Грозданоски

Diplomska.Josif.jpg

Кандидат:    Еромонах Јосиф Тодоровски

Diplomska.Josif.jpg

Скопје, 2011


 


 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 2598
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 2392
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Митрополит Струмички Наум: Обрезание во срцето, по Дух (13.01.2022 17:42)

Митрополит Струмички Наум: Обрезание во срцето, по Дух (13.01.2022 17:42)

Ако внимателно ја погледнеме оваа молитва, во неа ќе ги препознаеме историските периоди на Стариот и Новиот Завет, како и бесконечниот период на Царството Небесно, кој веќе е и уште...

ВИСТИНСКИ БОЖИК - СТАРЕЦ ГЕОРГИЈ КАПСАНИС (06/01/2022)

ВИСТИНСКИ БОЖИК - СТАРЕЦ ГЕОРГИЈ КАПСАНИС (06/01/2022)

Смирената наша молитва од Света Гора е да се подвизуваме сите против нашето самољубие, со цел да дојди во нашите срца, во нашите семејства, во татковината ни и во светот...

БEСEДА  за Рут

БEСEДА за Рут

И Бoг нарeдил сo Свoјата прoмисла, Рута да излeзe на нивата на бoгатиoт Вoз за да сoбира класјe. А Вoз ја видeл Рута и ја пoбарал за сoпруга кај Нoeмина....

Митрополит Струмички Наум: Различни блаженства (18.12.2021)

Митрополит Струмички Наум: Различни блаженства (18.12.2021)

Гледаме дека Господ се поистоветува (дури и најмногу) со секој еден страдалник. Затоа, секогаш кога со своето богатство ќе му помогнеме на еден од овие најмали Христови браќа што страдаат,...

Митрополит Струмички Наум: За мачеништвото (10.12.2021)

Митрополит Струмички Наум: За мачеништвото (10.12.2021)

Активирањето на благодатта со чинот на самото Свето Крштение редовно се случувало во првата Црква: кога луѓето се крштевале возрасни и кога пред тоа Крштение имало тригодишна подготовка. За време...

БEСEДА  за цeлта на раздeлувањe на дарoвитe, службата и звањeтo

БEСEДА за цeлта на раздeлувањe на дарoвитe, службата и звањeтo

Затoа Свeтиoт Дух ги раздeлил дарoвитe и направил eдни апoстoли, други прoрoци, трeти благoвeсници, пастири и учитeли, та свeтиитe, oднoснo христијанитe, да сe усoвршат. Какo штo сe пoдeлeни чeста и...

Жарко Ѓоргиевски: ЕВАНГЕЛИЕ ЗА ЗЕМНИТЕ ГРИЖИ

Жарко Ѓоргиевски: ЕВАНГЕЛИЕ ЗА ЗЕМНИТЕ ГРИЖИ

  Господ Исус Христос донел со Себе и претставил пред луѓето безбројни и незамисливи богатства небесни и ги поканил сите да земаат без мерка, јавно и слободно, но само под...

Митрополит Струмички Наум: Кој се допре до Мене? (04.12.2021)

Митрополит Струмички Наум: Кој се допре до Мене? (04.12.2021)

  На првиот степен од духовниот раст вистинско допирање до Христос е очистувањето на срцето од страстите преку исполнувањето на Неговите заповеди, во рамките на целосрдечното послушание. На вториот степен...

« »