логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

 „На Гората Света гледајќи го Твоето Вознесение, Христе, Светлино на славата на Отецот, го воспеваме светлоносниот изглед на Твоето лице, се поклонуваме на Твоите страдања, го почитуваме Воскресението, славејќи го славното Вознесение, помилуј нè“ (стихира на Господи повикав... на голема вечерна на Вознесение Христово).



Уште во времето пред да претрпи страшни страдања и да биде распнат на Крстот, нашиот Спасител, Господ Исус Христос, им го навести Своето Вознесение на учениците, но и слегувањето на Светиот Дух, велејќи им: Добро е Јас да си заминам, оти, ако Јас не си заминам, Утешителот нема да дојде (Јн. 16,7). Но, и откако славно воскресна, им се јавуваше  на Своите ученици и ги поучуваше, апо четириесет дена Он се вознесе и седна од десната страна на Бога Отецот. Со тоа, Он ја вознесе и човековата природа, давајќи и неискажлива големина, зашто созданието седна оддесно на Создателот. Толку многу Бог го возљуби човекот.

На овој светол и возвишен празник, кој оваа година го прославивме на 29.05.2014 година, во манастирот „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) во с. Г. Лакочереј, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, свештениците Никола Христоски, Горан Ставрески и Владо Недески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а беше извршена и литија до светиот Крст, поставен во овие прекрасни планински предели.  Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројните верници со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, по Своето воскресение, 40 дена престојува на земјата, јавувајќи им се на Своите ученици. Во тој период, Он им сведочи за големата победа над смртта, за тоа големо чудо, за кое уште многу одамна пророкувале старозаветните пророци. Спасителот воскреснал имајќи го преображеното тело, односно она тело кое ќе го имаме сите ние во идното царство. Он не можел да остане во овој свет, кој е подложен на распадливост, односно на трулежност. Затоа и денот кога Господ ја оставил оваа земја, бил неизбежен.

Ние знаеме колкава била радоста на севкупното создание, во моментот кога Господ Исус Христос дошол на овој свет. Сите ние доживуваме радост и за рождеството на Богородица, и за Благовештението и за Христовото Преображение. Сите овие празници нè водат, нè поучуваат и нè упатуваат кон спасението на нашите души. Празникот е радосен, бидејќи Господ нè удостои, и покрај сите наши слабости, да дојде и да живее помеѓу нас во овој грешен свет. Он проповеда и се вознесува на небото и седнува на Своето место, односно од десната страна на Бога Отецот. Кога ние ги празнуваме големите празници, секогаш се трудиме да ја разбереме духовната смисла на тие настани. Ние сакаме подобро и подлабоко да ги разбереме, за да можеме да извлечеме и посилна поука и духовно да се надградиме. Големите празници имаат голема смисла: Рождеството на Пресвета Богородица е почеток на  нашето спасение. Исто така, и Рождеството и Преображението Христово, како и останатите празници, се поврзани со нашето спасение. Но, кога го прославуваме празникот на Вознесението на Господ Исус Христос, од нас се бара посебен напор и труд, односно духовно размислување, за да можеме да го разбереме значењето и духовноста на овој настан. Празникот е исклучително голем и во него силно се чувствува Божјата благодат.

Светите отци ни оставиле поука за овој празник, нарекувајќи го Празник на радоста, според онаа радост којашто ја чувствувале апостолите, и покрај тоа што Спасителот ги напуштил. Празникот особено го потенцира почитувањето на човекот, бидејќи Спасителот се вознел на небото со Своето тело, со она тело кое го примил на земјата. Тоа човечко тело сега се вознело на небото и во тоа се состои големата тајна: човечкото тело се вознело и сега седи оддесно на Бога Отецот. И покрај тоа што ова човечко тело е преобразено, тоа е вознесено од земјата на небото, а тоа вознесување, св. отци уште го нарекуваат и обожување. Затоа нам ни останува голема духовна одговорност, која нè задолжува да го задржиме нашиот земен живот чист, па да бидеме удостоени  и со духовен живот. Ние треба да се очистиме од секакви страсти и слабости, знаејќи дека еден ден ќе настапи смртта, а потоа и ние ќе бидеме горе на небото. Затоа потребно е и духовно и телесно да се подготвуваме овде на земјата за тој пат.

Кога ние, пак, размислуваме за овој настан, се радуваме, бидејќи знаеме дека нашиот Спасител, и со божествената, но и со човечката природа е на небото. Не треба да заборавиме дека телото што Господ Исус Христос го вознесе на небото, е телото коешто беше прободено со копје и со клинци и кое претрпе страдање и распнување на крст. Тој ист Богочовек - Христос и денес претрпува страдања, секогаш кога ние со нашите гревови повторно Го прободуваме и Го рануваме. Од светото Евангелие, знаеме дека по Воскресението апостолот Тома постанал сведок, ставајќи ја својата рака во раните од ребрата Негови. Тоа значи дека и по Воскресението, Господ Исус Христос го имал истото тело, коешто го примил како Богочовек. Ние како христијани сме должни да се покаеме, да се исправиме и да не го рануваме повторно нашиот Спасител со нашите гревови. Ние не зборуваме само за некогаш, туку знаеме и сигурно веруваме дека Господ се распнува секогаш кога ние грешиме. Прославувајќи го денешниот празник на радоста, знаеме дека Духот Утешител ќе слезе на нас, бидејќи и ние сме членови на Црквата, на мистичното тело Христово. Св. Дух слегол на апостолите и ќе слезе и врз нас, затоа ние сме должни да бидеме единствени, како што биле и апостолите. Тогаш сите маки, страдања и искушенија ќе можеме да ги надминеме со благодата на Св. Дух.

Денеска, кога го прославуваме Воснесението Господово, треба да знаеме дека еден ден сите ние ќе бидеме вознесени, но не телесно, туку со нашата душа. Затоа да се подготвуваме за тој час, нашата душа да биде очистена, исповедана и преобразена, зашто само таква ќе биде вознесена и ќе се најде од десната страна на Бога. Само тогаш душата ќе биде подготвена да влезе во Царството Небесно.

Ви посакувам радост и никакви земни непријатности, болести, маки, страдања и искушенија да не ја намалат радоста што толку векови пред нас ја доживеале апостолите. Да испросиме Божја помош, за да можеме и ние радосно да го прославиме славното Христово Вознесение и да ни послужи за спасение на нашите души! Амин!

 

Вознесение Христово
29. 05. 2014 година
ман. „Св. Спас“ - с. Горно Лакочереј


Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Беседи

Митрополит Струмички Наум:  Умно-срдечната молитва – критериум на вистинско богословие (07.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум на вистинско богословие (07.07.2020)

Теологија без умно-срдечна молитва е повеќе технологија, т.е. умешност, односно техника на составување и вообликување на мислата и на зборот, отколку богословие, отколку Божјо слово; повеќе знаење што произлегува од...

 Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Во духовната пустина на овој суетен свет, на ова место на нашето исконско туѓинување, огромна е човечката жед за љубов. Дури и се навикнуваме да живееме без внимание кон себе...

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Да си споменеме за да поверуваме во она дека сė што е соединето со Бога е спасено, та освестеното да го примениме во нашите животи. Да престанеме да ги распнуваме...

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Исто така, извршен e и Литургискиот (Евхаристиски) збор, и тој е збор во сила; извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот; затоа што Христос е...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥  (03.07.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥ (03.07.2020)

Свети Наум бил мудар учител, единствен раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Тој постојано работел на преводи на светото Писмо и другите богослужбени книги од грчки на...

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Кој им е проблемот на фарисеите, тогашни, денешни и на сите времиња? Тоа што постојано бараат грешка; но не баш кај секој, туку посебно кај оној на кого се фиксирани....

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

И најважно од сѐ е – на секое зло да враќаме со добро, со љубов. За да ни биде дозволено да ја кажуваме оваа молитва треба и во мислите и...

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

Важно е да напомнеме дека и покрај големите и епохални откритија на науката, животот на денешните луѓе не ѐ подобар. Напаротив создаден ѐ кај луѓето страв и немир, наместо радост...

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

И така, не оди да се причестуваш со Светите Тајни Христови ако не си побарал прошка од братот свој, ако не си му одговорил со љубов или ако не си...

« »