логоFacebookTwitterYouTubeeMail


 

Ниеден пророк не е мил во земјата своја

 

И сите Му посведочија, и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови, што излегуваа од устата Негова и велеа: „Не е ли Овој синот на Јосиф?“

А Он им рече: „Секој од вас сигурно ќе Ми приговори: Лекаре, излекувај се Сам! Направи го и овде, во Твојот роден крај, она што чувме дека се случило во Капернаум“. Па им рече: „Вистина ви велам: ниеден пророк не е мил во земјата своја.

Навистина ви кажувам: имаше многу вдовици во Израилот, во деновите на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја; и при ниедна од нив не беше пратен Илија, но само кај вдовицата во Сарепта Сидонска; и мнозина беа лепрозни во Израилот, при пророкот Елисеј, и ниеден од нив не се очисти, освен Сириецот Нееман“.

А кога го чуја тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев; па како станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора. Но Он си помина меѓу нив и си отиде (Лука 4, 22-30).

Вообичаено е, оној што нема личен опит на покајание, оној што грчевито се фатил и се држи за овој свет, да не верува ниту во покајанието на својот ближен. Главно заради неверувањето на своите сонародници Богочовекот Исус Христос не направи многу чуда во својот роден крај.

Што условно значи, личен опит на покајание? Велиме условно затоа што, прво, покајанието нема крај за нас во ваквиот свет и во овој век. И затоа што, второ, сакам да нагласам дека постои посебна цел на покајанието на секој од степените на духовниот развој. Значи, за личен опит на покајание на првиот степен се смета заокружениот процес на чистење на срцето од страстите. Покајанието на првиот степен од духовниот развој се заокружува со отворањето на срцето, со откривањето на местото на срцето, со дарот на умносрдечната молитва, со аскетското соединување на енергијата и суштината на умот и со започнување на процесот на просветлување на умот. Сето ова што го набројав е опфатено и се подразбира во зборот преумување. Изворниот грчки збор μετάνοια кој ние го преведуваме како ‘покајание’, всушност дословно значи ‘преумување’. А нема поубав збор со кој можеме да го опфатиме и опишеме процесот во кој нашиот ум од горд, расеан и затемнет, со помош на Божјата благодат го претвораме во смирен, молитвено собран во срцето и просветлен. 

Исто така, во личен опит на покајание може да се смета и реалниот опит стекнат во послушание, во процесот на чистење на срцето од страстите. Многу е важно за нас што првите плодови од опитот на покајанието, на православниот духовен живот, можеме да ги забележиме и што тоа дополнително нè мотивира во подвигот. На пример, ако веќе ги забележуваме плодовите од првото гледање на несоздадената светлина, односно од чистењето на енергијата на умот, тогаш можеме да насетиме какви ќе бидат плодовите од чистењето на суштината на умот. Или, на пример, ако ни е толку убаво во периодот кога ја добиваме првата благодат која потоа се сокрива од нас, тогаш, колкава ли постојана утеха и светлина ќе имаме од благодатта на просветлувањето, која релативно постојано пребива со оние што ја добиле на дар. Опитот е голема поткрепа и поттик за секој подвижник, и кога благодатта отворено му помага и кога се крие. Штом, значи, имаме духовен отец кој будно го следи нашиот подвиг и штом имаме знаење кое произлегува од опит, веќе посигурно можеме да се движиме во правец на освојување на нови внатрешни духовни простори кои ни се откриваат преку очите на верата. Но, како што реков, оној што нема личен опит на покајание, тешко ќе поверува во покајанието на својот ближен.

 Да ги оставиме сега оние што не веруваат и да го свртиме нашето внимание кон оние што велат дека веруваат, а сепак немаат личен опит на покајание. Проблемите во Црквата од нив произлегуваат.

Оној што нема личен опит, иако може и да се нарекува христијанин, сепак плодовите на покајанието, како и патот до нив, не ги препознава. Произволниот и недефиниран духовен живот кој соодветствува на нашата голема идеја за самите себе, на нашата гордост и суета, посебно е карактеристичен за светот во којшто живееме. Недефинираното и магловитото општо поимање на духовниот живот е одлична атмосфера во која може да се сокрие нашата индивидуална духовна сиромаштија; и тоа им одговара на мнозина. И не само да се сокрие туку со помош на посебната облека или со свештеничките чинови или со запазување на некој надворешен црковен ред или со својата интелигенција и разни титули, духовно слепи луѓе успеваат дури и да се самопромовирааат како доблесни и примерни. Ретки се тие што одат по тесниот пат. Следењето на Христос и сведочењето на Христос во овој свет бара многу саможртвување и многу самоодрекување. Затоа, ретки се тие што сакаат да го проверат својот духовен живот според описот на степените на духовен развој од Отците, кој опис сега го имаме собран и систематизиран – затоа што ќе треба да го променат.

Секој, пак, што правилно духовно се подвизува и сака да остане во тој подвиг, постојано се проверува во светлината на преданието на светите Отци. И обратно, оние што сакаат, свесно или несвесно, само да импровизираат и имитираат духовен живот а истовремено остануваат заробени од страстите, ниту се проверуваат ниту сакаат да знаат дека постои некој ред и хармонија во духовниот развој; затоа што, светлината на Преданието таквите ги разоткрива. Па дури, тие самите се доведуваат до таму, и да ја мразат таа светлина: „Светлината дојде во светот, но на луѓето им омиле повеќе темнината отколку светлината, зашто делата им беа зли. Зашто, секој кој прави зло ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави. А оној кој ја твори вистината оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бог извршени“ (Јован 3, 19-21). Значи, мнозина не ги препознаваат плодовите на покајанието ниту го знаат патот до нив затоа што постојано се самозадоволуваат со лажниот духовен живот и прелеста во која се наоѓаат.

Оној што нема личен опит на покајание, не само што не го препознава покајанието кај својот ближен туку таквиот опит кај ближниот, најблаго речено, и му пречи. Му пречи затоа што секогаш, да не должам, од една страна светоотечкиот пример открива како треба да се живее побожно во Црквата, а од друга страна, открива како не треба. Можеби нема критична маса луѓе што може свесно да го препознае тоа, но секогаш има критична маса што може да го почувствува тоа: ете, светот тргна по Него (Јован 12, 19). Суетата, пак, заради пуста желба за човечка слава, кај оние што се сметаат за духовни величини, е најголема. Нивната суета е или задоволена со присвоената човечка слава или повредена со изгубената. Сега јасно ли ви е, зошто лесно го прифаќаме и фалиме покајанието на светителите прочитано во нивните житија од оваа временска дистанца, а покајанието на нашиот ближен, современик – не?! Или зошто ја прифаќаме и фалиме духовната величина на оние што просторно живеат далеку од нас (Русија, Србија, Света Гора), а духовната величина на нашиот ближен кој живее со нас – не?! Од истите причини, ниту еден пророк не е признат во својот роден крај. 

Сите сме жртви на суетата, помалку или повеќе. Од една страна, мислиме дека луѓето ги знаеме: Не е ли Овој синот на Јосиф? – и можеме лесно да ги судиме. Од друга страна, пак, забораваме дека гревот што го „препознаваме“ кај нашиот ближен, според светите Отци, постои и во нас. Затоа Христос и вели: „со каков суд судите, со таков ќе бидете судени“ (Матеј 7, 2). Дури го судиме ближниот и според она што ние самите го гледаме како грев: зошто со грешници јаде и пие? (Марко 2, 16). Тежнееме да го оценуваме и судиме човекот според претпоставениот или вистински сторениот грев повеќе отколку да го вреднуваме според покајанието. Ако таквиот суд за кој било човек ни е конечен, тоа е сигурен знак дека немаме опит на покајание. Живееме како едвај да чекаме некој од оние што ѝ сметаат на нашата суета нешто да згреши, според Божјиот закон или според нашите критериуми. Дури сакаме да веруваме и во неговите наводни гревови и падови, а оној што ја пренесува или измислува таквата лажна информација заради додворување и самопромоција го сметаме за наш пријател.

Пророкот не може да ни биде непријател, туку само пријател. Вистинскиот непријател на нашата душа е лажниот сведок. Тој ќе ја затемни нашата душа и нашиот ум преку лошите помисли против пророкот секојпат кога ќе му поверуваме; и постојано ќе се обидува да нè излаже, се додека не ја постигне својата цел (или додека не се покае). Но, дали, и кога, ќе биде убиен пророкот, тоа не зависи од лажните сведоци и од оние што сакаат да го нема, туку од Бог: А кога го чуја тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев; па како станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора. Но Он си помина меѓу нив и си отиде. Исто, и светиот пророк Илија, на пример, не беше убиен од своите современици, напротив...

Секогаш кога постапуваме според заповедта на љубовта, нашиот ближен ќе го оправдаме, а вината ќе ја најдеме во себе. Кога не постапуваме според заповедта на љубовта, секогаш ќе се оправдаме себеси, а вината ќе ја најдеме кај нашиот ближен. Треба да се запрашаме, дали нашиот ближен – секој еден што секојдневно го среќаваме во нашиот живот – не е еден од Бог пратен пророк за нас кој ни ја претскажува нашата иднина во зависност од нашиот однос кон него. Вистинскиот пак Божји пророк, што и да направи, тешко ќе ги отвори кон милост суетните срца на самонаречените духовни величини: Зашто дојде Јован Крстител, кој ниту леб јаде, ниту вино пие, а вие велите: „Бес има“. Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: „Еве човек што многу јаде и пие, пријател на митниците и грешниците!“ (Лука 7, 33-34).

Деца, денешново евангелие е убава поука и потсетник да не се надеваме многу на нашето христијанско или монашко име, туку да се потрудиме да покажеме христијански или монашки дела, затоа што: многу вдовици имаше во Израилот, во деновите на Илија  и мнозина беа лепрозни во Израилот, при пророкот Елисеј... И затоа што: не е Јудеец оној кој е тоа надворешно, ниту е вистинско обрезание она што е надворешно – врз телото – туку Јудеец е оној кој е тоа во внатрешноста; а вистинското обрезание на срцето е по Дух, а не по буква. Неговата пофалба не е од луѓето, а од Бога (Рим. 2, 28-29).

Свети Божји Пророци, молете Го Господ за нас...!

Митрополит Струмички Наум

 

Посети: {moshits}


Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Беседи

Митрополит Струмички Наум: Како одат работите... (22.11.2020)

Митрополит Струмички Наум: Како одат работите... (22.11.2020)

Носењето на негативен заклучок многу лесно се надоврзува на трите посебно опасни илузии што ги имаат прифатено „христијаните“, во текот на својата историја, кои ги одделуваат од Вистината Христос, од...

Митрополит Струмички Наум: Ангелите се светлина (пример) за монасите; монасите се светлина (пример) за луѓето...“

Митрополит Струмички Наум: Ангелите се светлина (пример) за монасите; монасите се светлина (пример) за луѓето...“

Кога говориме за фанатизмот, отсекогаш ме воодушевувал примерот на светиот архангел Михаил. Некогаш, во кризниот момент на општото отпаѓање на ангелите, излажани од дотогаш најсветлиот и најбли- скиот ангел до...

БEСEДА за вoздигнувањe на чoвeкoт прeку вoскрeснатиoт Христoс

БEСEДА за вoздигнувањe на чoвeкoт прeку вoскрeснатиoт Христoс

Eвe ја висината дo кoја Бoг гo вoзвишил чoвeчкoтo битиe! Бидeјќи oвдe нe станува збoр за бoжeствeната прирoда Христoва, туку за чoвeчката, нe сe збoрува за вeчнoтo Слoвo Бoжјo, туку...

Митрополит Струмички Наум: Што е разликата помеѓу опсесија, илузија, прелест и помисла?(15.11.2020)

Митрополит Струмички Наум: Што е разликата помеѓу опсесија, илузија, прелест и помисла?(15.11.2020)

За разлика од демонските, мислите што ни доаѓаат од Божјата страна се суптилни, смирени, срамежливи, не сакаат да ја нарушат нашата слобода, а ни носат, главно, смиреност, покајание и плач....

Митрополит Струмички Наум: Со кого може да се разговара и за што (08.11.2020)

Митрополит Струмички Наум: Со кого може да се разговара и за што (08.11.2020)

 Тоа што е очигледно, за секој нормален, е дека, во овој период, против Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија се води специјална војна чија цел е растурање на нејзиното единство....

БEСEДА за срцeтo пoдгoтвeнo за Бoга

БEСEДА за срцeтo пoдгoтвeнo за Бoга

Пoдгoтвeнo e срцeтo мoe, Бoжe, спрeмнo e срцeтo мoe (Пс. 56:7). Блазe му на oнoј, браќа, кoјштo мoжe така да Му рeчe на свoјoт Гoспoд! Блазe му на oнoј чиe...

Митрополит Струмички Наум: За оние што се мислат безгрешни, пречисти и сигурно спасени, па сега ќе ја спасуваат и Црквата (30.10.2020)

Митрополит Струмички Наум: За оние што се мислат безгрешни, пречисти и сигурно спасени, па сега ќе ја спасуваат и Црквата (30.10.2020)

Пак ќе те прашам, уште ли се гледаш како чист!? Уште ли се гледаш како безгрешен!? Уште ли се гледаш како правоверен!? Уште ли се гледаш како спасен!? Гледаш, сега,...

Митрополит Струмички Наум:  Секташки дух (25.10.2020)

Митрополит Струмички Наум: Секташки дух (25.10.2020)

Секташкиот дух не го познава и признава покајанието. Тој дух во луѓето бара зло, вистинско или привидно, и на тоа се задржува. Се фаќа за еден збор, наместо за илјадници...

Беседа во спомен на Преподобен Теофил Струмички и Св. мч-ци Евлампиј и Евлампија

Беседа во спомен на Преподобен Теофил Струмички и Св. мч-ци Евлампиј и Евлампија

Нема ништо поблажено, возљубени, од тоа постојано да се предаваме на волјата Божја, постојано да живееме испитувајќи што навистина е според волјата Божја. Но тоа предавање и тоа испитување не...

« »