логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

 svklimentlet2015 01

 svklimentlet2015 2

„Чудесниот Климент - великата труба на Вистината, денес ги повикува сите празникољупци на веселие. Сите верни, светло да го пречекаме торжеството, со песни славејќи го добриот пастир, неговите свештени подвизи, та со неговите молитви да примиме од Христа милост голема“ (литиска стихира на Вечерна на свети Климент Охридски).
svklimentlet2015 5
 
Празнувањето на овие големи празници, започна ден претходно, на 08.08.2015 година, со свечена Вечерна богослужба во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосветенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереј Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната, Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните верници со пригодна беседа, која подолу ви ја пренесуваме во целост. А по кратката пауза од Вечерната служба, пред моштите на нашиот покровител, светиот Климент Охридски, беше прочитан и Акатистот на светителот.
 

Свечените торжества проролжија утредента, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Струмички г. Наум, Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритите Нектариј и Партениј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоерејот Игор Никовски, свештениците Никола Христоски, Димче Азески и Владо Недески, еромонахот Доситеј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. За време на Литургијата, свештеникот Никола Христоски, актуелен секретар на Дебарско-кичевската епархија и в.д. архиерејски намесник на Охрид, поради заложбите за Епархијата, од рацете на Митрополитот Тимотеј, беше произведен во чин протоереј. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Пимен се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодно слово, а потоа беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. На Литургијата присуствуваше и Неговата екселенција, Претседателот на Р. Македонија, г-дин Ѓорѓе Иванов со семејството.

 

Овој ден, торжествен самиот по себе, стана уште поторжествен и пославен, со благословот на нашиот надлежен архиереј, Митрополитот Тимотеј, да додели уште три нови Ордени на Св. Наум Охридски од Прв ред. Имено, поради своите огромни заслуги, со ваков Орден се закитија:

svklimentlet2015 22

    архимандритот Нектариј (Најдоски) - поради огромниот монашки придонес во возобновувањето на манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид
    архимандритот Партениј (Фидановски) - поради огромниот монашки придонес во возобновувањето на манастирот „Св. Јован Крстител - Бигорски“, како и поради заживувањето и обновувањето на монашкиот живот во истиот манастир и
    монахот Бенедикт (Божиновски) - поради огромниот придонес во обнововувањето на манастирот „Пресвета Богородица“ во Манастирец, Македонски Брод.
svklimentlet2015 23

svklimentlet2015 24

 


 

Во продолжение ви ја пренeсуваме беседата на Митрополитот Тимотеј од Вечерната богослужба.

 svklimentlet2015 7

Митрополит Тимотеј
 
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 
Често пати, во нашите свети цркви и манастири, од страна на свештенослужителите, се употребуваат зборовите благодатта Божја нека пребива со вас. Сосема е природно, на денешниот ден, да кажеме неколку зборови за нивното значење. Денот кога го прославуваме големиот учител, просветител и покровител на овој свет манастир, на градот Охрид и на нашата света Македонска православна црква, светиот Климент, Охридскиот Чудотворец.


Самиот збор благодат, доаѓа од грчкиот термин харизма. Како таков тој не е изум на самото христијанство, туку, овој термин е познат уште во Стариот завет. Означува дар и милост на оној што дава и на оној што прима. Но, вистинско значење во полната смисла на зборот, го добива во Новиот завет, поточно преку Господа Исуса Христа со новиот домострој за спасение на човечкиот род. Тој е дар Божји, кој ги содржи сите дарови преку Синот Божји (Рим. 8, 32). Тој е дар којшто во изобилие ги дарува милостите Божји врз сите твари. Бог ја дава благодатта, и оние што ја примаат, ја наоѓаат Неговата милост и Неговата добрина.


Оваа Божја благодат, на различни начини се пројавувала во Стариот завет. Милоста Божја се излива „врз секое тело според Својот дар, а најмногу ги дарува оние што Го љубат" (Сир. 1, 10). Таа се излива врз Божјите избраници, на царевите, на првородените итн. Со доаѓањето, пак, на Господа Христа, таа се пројавува како Божја милост. Божја милост што ни Го дава и Својот Единороден Син (Рим. 8, 32). Изворот на оваа несфатлива пројава на благодатта се изразува преку соединувањето на човекољубието, верноста и милосрдието, со кои Господ, Сам Себе се определува. Во Новиот завет добива посебно именување, односно, благодат Божја, во лицето на Исуса Христа, којашто благодат и вистина преку Него нам ни се јавува (Јован 1, 17). Ние ги видовме, и со тоа, сами Го познавме Бога во Својот Единороден Син (Јован 1, 18).


Благодатта Божја, треба да знаеме, е енергија, односно сила, која извира и штедро се дава на луѓето. На оние кои се подготвени, со исправен и свет живот, тие енергии и сили Божји да ги воспримат. Ние, суштината на Бога, никогаш, ниту можеме да ја видиме, ниту, пак, да ја спознаеме, бидејќи: „Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во пазувите на Отецот – Тој Го објави" (Јован 1, 18).


Ако сакаме да направиме една споредба на Божјата суштина со Неговите енергии, односно со благодатта, би можеле, како пример да ги земеме силата и суштината на сонцето. Ние, сонцето никогаш не можеме да го согледаме целосно во неговата суштина. Тоа претставува една огромна маса на лава, којашто, ако се обидуваме да продреме во нејзината суштина, е штетна и опасна по нашиот живот. Но, ние ги ползуваме нејзините енергии. Односно ја ползуваме сончевата светлина, којашто е корисна, благородна, но, не само за нас луѓето, туку и за севкупниот жив свет на оваа планета. Нешто слично е и со суштината на Бога, којашто ние не можеме да ја спознаеме. Но, неговите енергии, или благодатта што ни се дава, неа ја ползуваме за наше спасение, за наше сознание, за наше просветлување и соединување со нашиот Создател и Спасител.


Благодатта Божја, ние, ја примаме со нашето свето крштение, преку кое постануваме членови на едната, света, соборна и апостолска Црква. Преку тоа, добиваме право да ги ползуваме и останатите свети тајни на Црквата Христова, односно другите благодати коишто ги раздава светата Црква. Посебна благодат, секој еден верник добива во светата тајна Евхаристија, кога ние, преку лебот и виното, Го примаме Господа Христа. Односно, по благодат се соединуваме и се обожуваме, се осветуваме и се облагородуваме. Но, само доколку сме достоинствено подготвени да ја примиме таа благодат Божја.


Бог е љубов и од таа огромна Негова љубов, Го испраќа Господа Христа на оваа земја за да нè спаси. Но, ние, како слободни битија, потребен е да дадеме и наш влог, наш труд. Не само да се декларираме дека сме верници и исповедници на Христа, туку и дека живееме и делуваме како што бара од нас нашата света вера и светата Христова Црква.


Со посебна благодат Божја биле обдарувани Божјите угодници. Еден од нив е и светиот Климент, Охридскиот Чудотворец. Тој, живеејќи исправен христијански живот, бил обдарен со обилна Божја благодат. Благодарение на таа благодат, можел да ги извршува сите оние обврски и задачи, просветувајќи го нашиот народ со словото Божјо. Покрај тоа што ги учел своите ученици да читаат и да пишуваат, тој развивал и многу други дејности, како што се градинарството, медицината, архитектурата, музиката итн. Сето тоа тој можел да го постигнува само со поткрепа, односно со богатата благодат Божја којашто била со него за време на неговиот овоземен свет живот.


Да се поучиме од животниот пат и дело на свети Климент, Охридскиот Чудотворец. Да се потрудиме да живееме исправен христијански живот и да се удостоиме да ја примиме милоста Божја и Неговата благодат да се излие врз нас. Па така поткрепени, да можеме да го живееме подостоинствено, поисправно и почесно нашиот живот. По молитвите на св. Климент, Бог нека ги услиши нашите молитви и нека ни ја даде Неговата обилна благодат за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин.
 

Вечерна на „Св. Климент Охридски"
08.08.2015 год.
Манастир „Св. Климент и Пантелејмон" - Плаошник

svklimentlet2015 8

svklimentlet2015 9

svklimentlet2015 10

svklimentlet2015 11

svklimentlet2015 12

svklimentlet2015 13

 svklimentlet2015 15

 svklimentlet2015 16

svklimentlet2015 17

 svklimentlet2015 18

 svklimentlet2015 19

 svklimentlet2015 20

 Извор; http://www.dke.org.mk/index.php/2823-2015-08-10-17-44-51

 

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Беседи

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Струмички Наум: Воздвижение на Чесниот Крст (26.09.2022)

Митрополит Струмички Наум: Воздвижение на Чесниот Крст (26.09.2022)

Ако некое страдање (Крст) ни предизвикува очај наместо радост, тоа е знак дека треба да го смениме нашиот однос со Бог, односно знак дека нашиот однос со Бог сигурно е...

Беседа на г. Дамаскин, Митрополит на Додимотихо, Орестиада и Суфли

Беседа на г. Дамаскин, Митрополит на Додимотихо, Орестиада и Суфли

Како што видовте на Светата литургија, на двата јазика, сите заедно ја служевме оваа литургија без да постои прекин или пречка. Познато ми е за да дојдеме до овој момент,...

Митрополит Струмички Наум - Напразно потрошено време

Митрополит Струмички Наум - Напразно потрошено време

Што правиме ние? Најчесто, не се трудиме доволно да ги извршуваме нашите дневни обврски во послушание, свесно и согласно Божјите заповеди – во слава Негова и за добро на ближните,...

арх. Андреј (Конанос) - Јас имам нешто добро, а тој- не!

арх. Андреј (Конанос) - Јас имам нешто добро, а тој- не!

Непријателот веќе не го попречува духовниот живот, но настојува да го оскверни, а потоа и да го уништи тоа што е стекнато на тој пат. Тој ти всадува славољубие и...

Митрополит Струмички Наум – Рождество на Пресвета Богородица (2022)

Митрополит Струмички Наум – Рождество на Пресвета Богородица (2022)

Освен ова благодатно проникнување, проземање, друг начин на постоење и спасение за нас, христијаните, е невозможен, и незамислив. Ние не сме етичко тело, ние сме Тело Христово – еден со...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Св. Фотиј Велики - За Рождеството на нашата Пресвета Дева Богородица

Св. Фотиј Велики - За Рождеството на нашата Пресвета Дева Богородица

Девата се раѓа од неплодна утроба, но дури и да била плодна, рождеството пак би било чудесно. О, големо чудо! Штом времето на сеење поминало, тогаш жетвата дошла; штом огнот...

Митрополит Струмички Наум: Компатибилност на човечкиот со демонскиот разум (Архива)

Митрополит Струмички Наум: Компатибилност на човечкиот со демонскиот разум (Архива)

 Знаењето на умот е љубовното познание на Бог (како просветленост или обоженост), додека, пак, знаењето на разумот – само по себе е познание на практичниот опит во овоземните науки и...

« »