логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Излезе од печат книгата „Внатрешен човек: Огледи за мирјанското православно богопознание“ од проф. д-р Венко Андоновски (16.12.2021 11:36)

Деновиве, со благослов на Митрополитот Струмички г. Наум, излезе од печат книгата „Внатрешен човек: Огледи за мирјанското православно богопознание“ од проф. д-р Венко Андоновски, во издание на манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, Велјуса.

Му пожелуваме многу здравје и успех, во слава Божја!

 19042009

ЗБОР-ДВА ЗА ВНАТРЕШНИОТ ЧОВЕК


 

Книгава што стои пред вас е всушност показ на тоа како се развивало моето богопознание и богољубие. Текстовите што се печатат се главно објавувани во списанието Премин, во еден подолг период, или како поговори и предговори на сјајните книги (беседи и слова, неретко и есеи) на мојот духовен отец, Владиката Наум. Само еден текст, првиот во оваа книга, е изговорен како реферат на симпозиум организиран од МПЦ и Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

            Би сакал да дадам неколку појаснувања во врска со ова издание. Најпрвин, морам да кажам дека будењето на моето богопознание и богољубие започна некаде во гимназиските години, кога првпат се сретнав со романите на Достоевски. Притоа, забележав дека многу мал број мои соученици се интересираат за прашањата за Богочовекот од една, и за прашањата за острастениот денешен „човекобог“ од друга страна. И нашите професори по книжевност повеќе ставаа акцент на „внатрешната психолошка драма“ на ликовите на Достоевски, отколку на драмата на богопознанието и богоотфрлањето кај нив. Веројатно затоа што доминантна идеологија беше марксизмот, во програмата беше ставено само делото Злостор и казна, во кое познанието на Бога најмалку се гледа и се сведува главно на мирјанско „гризење на совеста“ кај убиецот Раскољников. Но јас веќе ги имав читано Браќа Карамазови и Идиот, и веќе добро ја знаев срцевината на Достоевски – верата во Христа. Ја знаев и уште тогаш ја користев неговата максима: и кога би ми докажале дека вистината е надвор од Христос, јас и натаму би останал со него, а не со вистината. Ја користев повеќе од суетната потреба да покажам дека сум пред моите врсници во нешто, отколку како верна молитва на моето срце.

            Потоа дојдоа студиите по книжевност, кои поминаа во речиси целосно секуларни опсесии и предмети на проучување. Посебно бев обземен со методите на проучување на книжевниот текст, од кои мојот интерес најсилно го привлекоа формализмот, структурализмот и подоцна, деконструкцијата, која одеше рака под рака со постмодерната, на која како млад писател ѝ се воодушевував, без да знам дека постмодернистите се следбеници на Ниче. Читав писатели, врвни егзистенцијалисти, модернисти и посмодернисти, на кои заедничко им беше – леењето студени (не ретко и восочни) солзи во реквиемот над бесмислениот свет. Тоа беше опасна точка на богоотфрлање, и не знам како, но токму во тој миг во мојата библиотека влетаа две книги: едната, Духовна градина (збирка мудрости на отец Мелентиј Хиландарецот), ми ја подари моја пријателка, исто така студентка по книжевност, која се дружеше со тогаш еден „мистериозен“ круг млади луѓе од Скопје (главно облечени во црно), кои имаа некаков духовен опит и беа религиозни, а од обичните луѓе беа нарекувани „секта“. Ова ми е денес многу симпатично и можеби еднаш и ќе напишам роман на оваа тема, зашто многумина од нив потоа навистина станаа „внатрешни луѓе“, а некои и се замонашија, па станаа дел од нашата православна црква. Таа книга ми го смени животот, зашто секоја мудрост беше по една капка мед која оживуваше по едно саќе, по едно веќе заборавено прашање од романите на Достоевски. Освен тоа, таа книга стана праматерија на она што подоцна го напишав во Папокот на светот. Втората книга дојде од никаде: не се сеќавам ни кој ми ја даде, но стануваше збор за книга-земјотрес, книга која со една нога стоеше во секуларната, а со друга во православната филозофија (антропологија): За човековото ропство и слободата, од Николај Берѓаев. Велам „во секуларната филозофија“, бидејќи Берѓаев во таа книга покажува одлично познавање на сета историја на секуларната филозофија, од Аристотел и Платон до Кант, Хајдегер, Бергсон...

           19042009 Од таа книга, на еден посреден начин и го изведувам насловот на оваа моја колекција текстови: внатрешен човек. Да не беше Берѓаев, немаше да дојде ни до оваа книга, ни до некои нешта во мојот живот кои и ме профилираа како писател кој претпочита да говори за духовниот опит со Бога, дури и во романи и драми кои навидум имаат целосно секуларен карактер (на пример, драмата Генетика на кучињата или романот Ќерката на математичарот). Неговата „филозофија на персонализмот“, како што знаат да кажат неговите секуларни толкувачи, која е напротив, длабока православна христијанска филозофија, најпрвин ме научи да се вардам од колективитетите. Уште Сенека велеше да не одиме таму каде што одат сите, зашто тој пат е и лесен и погрешен, туку да одиме по тесниот пат на личноста. Како и оној на Христос, за кој Сенека не можел да знае, па сепак бил, бар во оваа своја мисла – Христолик. Еве што вели Берѓаев, а јас уште го знам фрагментот наизуст: „Колективните личности, надличните личности, во однос спрема човековата личност се само илузија, плод на екстериоризација и објективизација. Нема објективни личности, има само субјективни личности. Во извесен поглед кучето и кокошката се повеќе личности, и поскоро ќе го наследат вечниот живот, отколку нацијата, општеството, државата, светот во целина. Никаква целост, тоталитет, универзалност нема надвор од личноста, ги има само во личноста, надвор од неа е само делумниот свет на објектите“.

            Со тоа, оваа книга дефинитивно ме оддалечи од општеството и тоа во години кога човек најмногу се интересира за јавните работи и кога копнее и за јавни почести. И навистина: и тогаш а и подоцна неколку пати добивав примамливи понуди за јавни и политички функции кои ги одбивав, така што моите пријатели отворено мислеа дека нешто не е во ред со мене. Но јас верував и верувам (пред сѐ како уметник) дека светот не се сведува на стварноста и „објективизацијата“ и дека мора да има нешто мистично зад него, дека тој по онтологија е мистерија на Создателот, зашто во спротивно – навистина би бил бесмислен свет, како кај Ками и неговиот расчовечен (и обезбожен) Мерсо. Светот има смисла, ако се допушти Бог во човека, најкратко кажано. Светот нема смисла ако се сфати како конечност и материја: „сѐ што не е вечно е неподносливо“, вели Берѓаев. Оваа книга ме научи дека личноста е сѐ и во светот на мирјаните, и во светот на верниците, а подоцна од православната литература научив дека односот со Христос може да биде само личносен (тоа не го исклучува литургискиот концепт на спасение).

            Наједноставно кажано, таа книга ме упати кон цело едно море христијанска православна литература (се сеќавам дека меѓу првите беше Лествица на Јован Лествичник), а понекогаш и кон важни теолошки расправи од подрачјето на католичкиот свет (посебно кога ја пишував Вештица, околу темата инквизиција, и драмата посветена на Мајка Тереза). Така, се насобра некое скромно знаење за богопознанието воопшто, што може да се види и од мојата книжевност, но и од моите текстови собрани во оваа книга.

            Поентата на сите овие текстови е во тоа да се упатиме кон себеси, кон внатре, кон сопствената личност и кон Божјото зрно посеано во секој од нас, за да изградиме единствено можен, внатрешен човек, а да се одлепиме од „надворешниот човек“, човекот на нашето време, кој сите вредности ги гледа надвор од својата личност, во објективниот и материјален свет. Да се одлепиме и вардиме од тој острастен, осилен, агресивен антропоцентрик што во име на своја, човечка правда знае да истрела и револуционерен куршум во тилот на својот клекнат брат со раце врзани одопаку, во кој гледа идеолошки непријател. Зашто, нашето време, како можеби ретко кое до сега, ги избриша (претенциозно „научно“ кажано ги деконструираше) границите меѓу сите идентитети, дури и меѓу доброто и злото, па создаде мимикрија на доброто, негови совршени симулакруми кои во суштина се еманација на чистото зло. Живееме во галаксија на слики, екстерни, а сѐ помалку имаме слики во нашата душа; сеќавањата ги сведовме на помнење поими и броеви, а не на помнење чувства или барем мириси, бои и звуци. Никогаш внатрешниот човек во нас не бил посиромашен од денес. Затоа и оваа книга. Ако со неа успеам да убедам некого дека не мора секој да биде монах, ама секој може да биде внатрешен човек, сум постигнал сѐ.

            Велам: не мора (и не може) секој да биде монах. И не мора дури секој да биде верник, за да биде внатрешен човек. Изгледа противречно, ама не е. Берѓаев вели: „Кога бесмртноста на човекот ја поврзувам со Христос, јас воопшто не сакам да кажам дека бесмртноста постои само за оние што свесно веруваат во Христос. Проблемот е подлабок. Христос постои и за оние кои не веруваат во него“.

            Ете, затоа оваа книга.                                                        

од предговорот на авторот

 3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

 

http://www.mpc.org.mk/mpc/se/vest.asp?id=7519&fbclid=IwAR2ruLd1h_9xu41wmecdhiaqQSYOuEn11jnk9EWNmAtMzL1My_6oowYUUgg

 

 

 

 

 

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 3403
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 3239
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…