логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 3 септември 2015 година (четврток), во 20,30 часот, ќе биде отворена самостојна изложба на Марија Сотировска Богдановска под наслов „Условен круг“.

 
Марија Сотировска Богдановска е родена во 1983 година во Скопје. Дипломира во 2006 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методи“, отсек сликарство, со насока конзервација и реставрација под менторство на проф. Благоја Маневски. Во 2011 година магистрира сликарство на истиот Факултет.

Добитник е на втората награда на Студентското Интернационално Арт Биенале,  Музеј на град Скопје (2005). Член е на ДЛУМ од 2006 година. Во 2009 година во соработка со повеќе ликовни уметници ја оформуваат уметничката група АРТ И.Н.С.Т.И.Т.У.Т., која истовремено станува уметнички културно – алтернативен центар во Скопје сè до 2011 година. Во 2012 година станува дел од женската уметничка група МОМИ, кои сè уште делуваат со нови креативни проекти на македонската ликовна сцена. Изложбата под наслов „Условен круг“ е нејзина шеста самостојна изложба, а учествувала на бројни значајни групни претставувања во Македонија и во странство. Исто така, во рамките на уметничките групи АРТ И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. И МОМИ има реализирано повеќе презентации во и вон земјава.

 

Од текстот за изложбата (Маја Чанкуловска-Михајловска):

Изложбата Условен круг на Марија Сотировска-Богдановска формално се состои од четири одвоени целини низ кои е претставена интимна приказна што допира до привидот и до содржината на различните социјални, општествени и родови системи на вредности.... Цикличното повторување на нашето постоење, категориите време и простор, перцептивното и визуелното се повторно присутни и во најновиот проект Условен круг, со вметнување нов елемент - везот, кој со својата директна релација со народниот вез и со женскиот принцип во традицијата ја почнува и ја завршува целата родова приказна на кружна условеност. ...

Кај Сотировска доминираат нетрадиционална везбена орнаментика и геометриски мотиви во повеќе бои и нијанси; авторката осовременувајќи ја оваа вештина, го видоизменува и благо го иронизира овој значаен облековен елемент во одредувањето на општествениот, економскиот и родов статус на носителот. ...

Како и досега, комплексноста на оваа навидум едноставна приказна се исчитува не само во третманот на сите набројани елементи, туку и во нивната функционална поставеност - овие интимни ситуации, изложени пред очите на јавноста, добиваат својство на исповед, но и на непрестајно преиспитување и критика на родово-социјалните-општествени позиции. И повторно, делото конечно цели кон ослободување од конзервативните традиционални општествени влијанија и сугерира отфрлање на стегите, стереотипите и лажните морални обележја на културната историја и културниот идентитет, кои условно се наследени од општествената поддреденост....


Со почит,

Национална галерија на Македонија



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie